• четврток, 25 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

16 мај 2024 

Штип - Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ втор ден е домаќин на Фестивалот на уметноста под мотото „Ликовна визија“. Во рамките на овој фестивал  скулпторот Ангел Коруновски оддржа предавање на студентите и учениците, се со цел на полесен и побезбеден пат им ги пренесе естетските доживувања.

-Целта на денешната средба на овој ворк шоп, работилница е едукацијата и презентирањето на уметноста во правата смисла. Во смисла дека нашето опкружување е зависно од естетски доживувања и тоа ние треба да го пренесеме кон самите студенти, да они полесно и побезболно сето тоа го прифатат и го восприемат, рече Коруновски.

Студентите и учениците од средните учулишта денеска работеа класично сликарство. Целта на Коруновски е да им го олесни патот на цртежот до современата фигурација.

-Имам студенти од самиот Факултет, имаме од средните школи, бидејќи они работат класично сликарство, целта ми беше да им го олеснам патот на цртежот до современата фигурација, посочи Коруновски

Фестивалот на уметноста започна вчера, а  ќе трае до утре, 17 мај. 

 

Куманово - Јавното обвинителство издало наредба за обдукција на починатиот притвореник во казнено поправната установа Затвор Куманово (К‘шање), соопштија денеска од ЈОРСМ. Притвореникот, осомничен за двојното убиство и убиство во обид за членови на поширокото семејство од кумановското село Габреш бил пронајден мртов во притворско одделение во К‘шање во понеделникот на 13 мај годинава. Според првични информации, станува збор за самоубиство. Од МВР само го потврдија случајот.

-При проверка на бројната состојба на притворените лица, командирот го пронашол безживотното тело на притвореникот. Веднаш е известен судот, полицијата, јавното обвинителство, информираа од Затвор Куманово.

Од ЈОРСМ денеска соопштија дека е дадена наредба за обдукција, со цел да се утврдат причините за смртта и ќе се чекаат резултатите од обдукцискиот наод.

 

Дебар - Во Дебар денеска се одржа локалната конференција „Дебар – Општина посветена на децата“ на која главни говорници беа претстравници на локалната власт, на воспитно – образовни институции, млади и деца од општината.

Целта на конференција беше да промовира инклузивна и поддржувачка средина за децата со споделување на веќе постоечки позитивни практики за детско учество во општината Дебар. 

Како гостин на конференцијата учествуваше и општина Гостивар,  која исто така е вклучена во проектот „Место за растење: Општини посветени на децата“.

Конференцијата беше отворена со поздравен говор од страна на Градоначалникот на општина Дебар, Хекуран Дука, Драги Змијанац - претседател и основач на Прва детска амбасада во светот МЕЃАШИ и Кристина Василеска, директорка на Центар за семејно и детско згрижување КМОП Скопје.

Во првиот дел од конференцијата се обратија повеќе панелисти. 

Претставникот на училишниот парламент, Зог Фетаху даде посебен акцент на начинот на кој тие се вклучени во донесувањето одлуки, колку се важни овие одлуки и искуството од одлучувањето во училишниот парламент.

 

Делчево - Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ од Делчево ги соопшти резултатите од тестирањето на водата за пиење, по неколкуте испитувања на квалитетот на водата од новата филтер станица. Од претпријатието ја информираа јавноста дека согласно сите параметри водата е исправна за пиење.

-ЈКП „Брегалница", Делчево во изминатиот период изврши неколку испитувања на квалитетот на водата од новата филтер станица. На наше задоволство и на задоволство на изведувачот на работите, добиените резултати ги задоволуваат критериумите за бараните параметри за бактериолошка и физичко-хемиска анализа во согласно Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење (Сл.весник на РМ бр.183/18), информираа од делчевското комунално претпријатие.

Испитувањата, како што посочија, се вршени во две лаборатории.

-Тестирањето на квалитетот на вода се испитуваше во две сертифицирани лабаратории: Центар за јавно здравје- Кочани и ФУД лабараторија- Скопје. Во согласност со овие резултати ги известуваме корисниците дека водата од новата филтер станица е исправна за пиење, додадоа од претпријатието. 

Оттаму соопштија дека очекуваат во најскоро време да се изврши примопредавање на новата филтер станица на ЈКП „Брегалница" Делчево.

 

Охрид – Не се одржа денешното рочиште од процесот што пред Основниот суд во Охрид се води во врска со физичкиот напад врз Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид. 

Причина за тоа беше напојавувањето на двајца сведоци на Обвинителството, уредно поканети за денешното рочиште.

Според кажаното во судницата, причина за нивното непојавување било што биле на неодложно деловно патување, на што судијата Бојан Мартиновски што го води процесот реагираше со најава дека ќе побара нивно приведување и стражарно спроведување за наредното рочиште.

Стефан Камишевски, застапникот на оштетениот оцени дека непојавувањето на сведоците е несериозно, притоа забележувајќи дека ваквите појави укажуват дека потфрлаат институциите.

- Секое нефункционирање на било кој државен орган претставува повреда на нашит права како граѓани, во било каква постапка. Тоа доведува до непотребни одлагања, рече Камишевски.

Адвокатот на одбраната, Димитрија Цобоски, од своја страна рече дека недоаѓањето на сведоците е неспроведување на законските одредби од страна на полицијата.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари пред угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Пендиков беше префрлен на лекување во Бугарија, каде доби и бугарско државјанство кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Наредното рочиште од преоцесот е закажано за 12 јуни.  

 

Струга - Струшката полиција поднесе кривична пријава против три лица за повеќе кривиќна дела „измама“, стекнувајќи се против правно со 281.600 денари.

СВР Охрид денеска соопшти дека кривична пријава е поднесена против Б.А.(37) од Скопје, А.В.(33) и И.С.(37), двајцата од Пробиштип.

- Тие, во текот на јануари и февруари оваа година, со јавувале на мобилни телефони на повеќе граѓани од Охрид и Струга, претставувајќи се лажно како вработени во градежни фирми и им нуделе градежни материјали по поевтини цени. На тој начин, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од 281.600 денари, стои во информацијата на СВР Охрид.

 

Штип - Студентите од Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) Штип, се организатори на третиот студентски конгрес, кој ќе се одржи утре и во сабота во просториите на Мултимедијалниот центар во Штип. Ирена Жежова студен на Факултетот за медицински науки при УГД-Штип на денешната прес-конференција изјави дека на конгресот  ќе учестуваат врвни доктори од нашата држава, а  пријавени е и усчество на над 500 студенти.

-Со огромна радост ви го најавуваме и најголемиот настан кој ке ја одбележи оваа академска година за студентите на Факлутетот за медицински науки при УГД. Третиот студентски конгрес на студентите по општа медицина. Иститот ќе се одржи за 17 и 18 мај во просториите на Мултимедијалниот центар. После неколку годишна пауза од последниот конгрес и со макотрпна работа се организира овој конгрес.На конгресот има пријавено над 500 студенти, рече Жежова

Студентите велат дека на конгресот генерално ќе има теми од клиничката област на медицината, со акцент на хирургија, интерна медицина, ортопедија и дерматологија.

На гала вечер на 18 мај  ќе бидат доделени награди за најдобрата орална презентација и постер презентација. Наградата е вредносни ваучери од 500 евра и публикација во списаније.

 

Велес - Невработени млади лица до 29 години со завршено средно образование и евидентирани во Агенцијата за вработување Велес кои немаат работно искуство можат да аплицираат на активната мерка за практиканство, а за што три месеци ќе добиваат финансиска поддршка од 11 илјади денари. Јавниот повик трае до утре 17 мај до 14 часот.

Оваа мерка обезбедува во период од три месеци стекнување на практични работни знаења и вештини кај работодавачите со цел извршување на потребните работни задачи на одредени работни места. Од Центарот за врабитување Велес потенцираат дека местата се ограничени, затоа сите заинтересирани невработени лица можат да аплицираат се до исполнување на предвидениот опфат на корисници. Пријава за учество во мерката може да се поднесе секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот. Исто така може да се аплицира и електронски преку https://e-rabota.av.gov.mk .

Од Агенција за вработување појаснуваат  дека секој кандидат којшто ќе биде избран и вклучен во мерката практиканство ќе добива финансиска поддршка во износ од 11 илјади  денари месечно за периодот додека ја извршува практичната обука. Исто така вклучено е и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход. Правата и обврските помеѓу АВРСМ  и учесниците во програмата ќе бидат уредени со склучување на меѓусебен договор.

 

Дебар - Годинава на аџилак и во посета на светите муслимански места, од земјава ќе заминат над две илјади верници, што е речиси идентична бројка со минатата година, изјави за МИА, Ирсел Јакупи, генерален секретар на Исламската верска заедница.

-Бројката е пополнета согласно квотата што ја одреди Министерството за хаџ на Саудиска Арабија и годинава ќе има 2.020 верници од земјава, кои ќе патуваат кон светите места, иако беа пријавени повеќе. Верниците ќе патуваат од 4 до 10 јуни со авионски чартер летови. Тие се од различни возрасти, додаде Јакупи.

Според него, цената за аранжман за Хаџ 1445/2024 е 6.550 евра, колку што изнесуваше и минатата година, кога петтиот столб од исламот го реализирале 2.030 верници, што беше повеќе од двојно повисока бројка од претходната година, кога во светите места беа 919 верници.

Големиот празник Курбан Бајрам, годинава се паѓа на 16  јуни, а секогаш се слави четири дена.

Остани поврзан