• петок, 21 јуни 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

17 мај 2024 

Скопје - „Здравјето во фокусот на жената“ е меѓународниот симпозиум што ќе се одржува од денеска до недела во рамки на Неделата на женското здравје 2024. 

Симпозиумот е наменет за специјалисти и специјализанти по гинекологија и акушерство. Учесниците ќе дискутираат за: ХПВ вакцина, вакцинација во бременост, улогата на дебелината во бременоста, презентација на Стандардната оперативна процедура на Центрите за жртви од сексуално насилство.

Пред отворањето на симпозиумот ќе се одржи прес-конференција на која ќе се обратат: Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, Глигор Тофоски, претседател на Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари,  Ламбе Крстески, матичен гинеколог во општина Шуто Оризари.

Куманово - Во Куманово во урбаната месна заедница „Панче Пешев“ утре и задутре со почеток во 12 часот ќе се одржи шестиот „Графити фест“, најавија организаторите, „Форма Куманово“.

На фестивалот ќе цртаат уметници од повеќе држави, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Турција, Хрватска Словенија, Германија. Организаторите велат дека се обидуваат на секој начин да го разубават градот и да поттикнат да се развие оваа современа уметност и дел од урбаната култура.

Младен Трендевски од „Форма Куманово“ ги повика кумановци да го проследат „Графити фест“, на кој покрај уметници-цртачи, ќе има и целодневна музичка програма на која ќе настапат македонски диџеи, ќе има промотивни штандови и забава за сите генерации. Цртачите ќе цртаат на слободна тема на површини во урбаната заедница. Шаренилото од бои и контрасти ќе го разбие сивилото во градот, сметаат организаторите.

Крива Паланка - Националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа рефлектираше нова димензија уметничка интерпретација со изложбата "Нова перспектива / Трансформер продукција", скулптури и макети од академските уметници, Анета Стојчевска од Крива Паланка и Елизабета Тошевска од Скопје. 

Главната концепција на изложбата се различните  перспективи на уметноста преку иновативни трансформации на форми, мотиви и принципи, а обете авторки со својот уметнички израз претставија нов визуелен приказ уметнички дела што ја импресионираа кривопаланечката публика.

-Инспирацијата доаѓа од уметницата Рејчел Вајтрихт и мојата поставка се макети огледала што претставуваат нов просторен концепт, преосмислен и репродуциран преку сериско производство. Користејќи негативи креирам нови димензии на просторот, привлекувајќи го набљудувачот на  интерактивен дијалог со изложените дела, рече Анета Стојчевска, истакнувајќи дека особено ѝ е драго што изложбата е дел од манифестацијата "Крива Паланка -Град на културата".

Елизабета Тошевска го истражува концептот на женската фигура и времето преку интимни разговори со себе. Нејзините дела ги претставуваат личните размисли за поимање на идентитетот, отворајќи го разговорот за времето и неговото влијание врз личноста.

Кавадарци - Ансамблот за народни игри и песни ,,Танец", одржа концерт синоќа во домот на култура ,,Иван Мазов - Климе“ во  Кавадарци. 

- Извонредна и ретка можност да се види на сцена во Кавадарци. Основан во март 1949 година во Скопје, ансамблот веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура и недвосмислено, еден од главните темели на македонската државност. Формиран со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните инструменти и носии и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претстави највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ, тој е денес една од најблескавите страници на македонската културна историја, споделија од културниот дом. 

Оттаму нагласија дека благодарение на сите генерации што ја градеа и реализираа јасно поставената програмска активност на основачите, ансамблот низ годините се развиваше и прерасна во институција за почит, издигнувајќи се на нивото на уметничка извонредност и симбол на културна раскош пред публиката ширум светот. 

Скопје - Поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, денеска без електрична енергија ќе останат дел од корисниците од скопските општини Илинден и Кисела Вода, соопшти РЦУК - Скопје.

Во периодот од 08:30 до 09:30 часот без електрична енергија ќе бидат корисниците од улицата „34“ во населбата Илинден, а од 09:00 до 13:00 часот корисниците од улицата „Востаничка“ во општина Кисела Вода.

Скопје -  Нова акција за собирање на кабаст отпад ќе се спроведе во општина Кисела Вода. Како дел од активностите за заштита на животната средина, во периодот од 27 мај до 07 јуни во сите месни и урбани заедници на територија на општината, ќе бидат ангажирани одговорни лица и сезонски работници кои бесплатно ќе го подигаат кабастиот отпад од пред домаќинствата или колективните згради, информираат од Општина Кисела Вода.

Пријавувањето почнува денеска и ќе трае до 23 мај. Секој жител на општина Кисела Вода кој поседува кабаст отпад и сака тој да биде подигнат и депониран на соодветна локација, ќе може да закаже термин на телефонскиот број 02/2785-427, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.

Скопје - Кавадаречката полиција ноќеска околу 1 часот по полноќ го лишила од слобода Д.А. (36) од Кавадарци, кој бил баран по централна потерница издадена врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна во времетраење од две години.

Како што информираат денеска од МВР, лицето било спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Гевгелија за издржување на казната.

Скопје -  Регионалниот центар за управување со кризи - Штип денеска информира дека вчера во 12.30 часот во полициската станица во Берово било однесено неексплодирано убојно средство, за кое се претпоставува оти потекнува од Првата светска војна. Веднаш било преземено од страна на пиротехничар од ДЗС - Берово за негово уништување, појаснуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

- Ваквата постапка можеби изгледа правилна, но тоа е само делумно, зашто е контактирано со Полицијата и сепак од безбедносен аспект, е несоодветна. Граѓаните заради своја безбедност и на околината околу нив, треба да постапуваат согласно безбедносните препораки при вакви случаи. Кога ќе пронајдат какви било неексплодирани убојни средства или остатоци од минатите војни, препорака до граѓаните е да не ги фаќаат и поместуваат, туку едноставно да се јават на 112 во ЦУК. Ќе се постапува според стандардните оперативни процедури за вакви случаи од страна на професионалци  - пиротехничари, безбедно за нив и за сите во нивната околина, апелираат од ЦУК.

Скопје - Во Скопје утре ќе се одржи првиот „Dog Fest", настан замислен како дружба за сите љубители на кучињата. Целта е да се подигне свеста за милениците и за одговорното сопствеништво. 

Настанот ќе почне во 12 часот и ќе трае до 16 часот, а организаторите најавуваат забавни игри за милениците и едукација на голем простор специјално опремен со реквизити за кучиња. „Dog Fest” ќе се одржи во „Hera Happy friendly dogs”, спроти црквата Пантелејмон во Долно Нерези.

Остани поврзан