• четврток, 11 јули 2024
МИА Општински пул

17 мај 2024

Гостивар - Општина Гостивар во соработка со невладината организација МАМ и Црвениот крст од Гостивар спроведоа заедничка активност „Генералка за викенд 2024 година“.

Вработени во општинската администрација, јавните претпријатија и ученици се вклучија во едно часовната акција за собирање на отпадоци од кејот на Вардар, центарот на градот, и пред гостиварската гимназија.

Од општината кажаа дека акцијата има за цел да ја подигне јавната свест за потребата од собирање и рециклирање на отпадот и позитивно да влијае на заштитата на животната средина.

Штип - Нема листа за чекање за операции на деца кои имат срцеви аномалии, изјави денеска во Штип на третиот студентски конгрес на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев" (УГД) Штип, Владимир Чадиковски. Посочува дека  годишно се оперираат околу 150 деца. Дополнително бројот се зголеми откако Македонија, стана еден од регионалните центри на Балканот, за извршуваање на ваков тип на операции, истакна единствениот лиценциран кардиохирург за деца д-р Владимир Чадиковски.

- Во моментот бројката на операции зависи од бројот на новородени деца и се движиме со операции на околу 150 деца годишно. Сега почнавме и регионално и бројката се зголеми и од Косово имаме повеќе од стотина бебиња оперирано. Ваков тип на центри има само во Белград, Атина и Софија. Значи, регионално ги решаваме проблемите кога се работи за деца, изјави Чадиковски, супспецијалист по детска кардиохиругија.

Струга - Вработените во Општина Струга предводени од градоначалникот Рамис Мерко, ученици од основните и средните училишта во градот и други граѓани денеска се вклучија во чистење на повеќе локации долж струшкото крајбрежје во рамките на акцијата „Генералка викенд“.

Изразувајќи задоволство што е дел од еколошката акција, Мерко ги повика стружани заеднички да ја чуваат околината и да обезбедат чиста и здрава животна средина за себе и идните поколенија.

- Нашиот град се познава по убавата природа, чистиот воздух и животната средина, но ова не значи дека ние и понатаму не треба да вложуваме и да се трудиме за подобра иднина. Покревање на свеста кај граѓаните за зачувување на животната средина е многу битно, затоа сум сигурен дека оваа акција освен што ќе придонесе на чистење на крајбрежјето во Струга, ќе пренесе до стружани, но и пошироко дека ние сами треба да ја чуваме околината и да обезбедуваме чиста и здрава животна средина, рече Мерко.

Куманово - Кумановските ученици и професори, екипи на комуналното претпријатие денеска на локалитетот Спомен Костурница во Куманово во рамки на „Генералка викенд“ организираа акција „Мен енд маунтен“ во соработка со стратешки партнери и општини.

- На акцијата учествуваат секторите за образование, за животната средина, ученици од средни училишта. Генерално, задоволни сме од акцијата, но секогаш може и подобро. Важно е да се вложуа во животната средин. Конкретно за оваа акција колку толку санкции, ќе се насадат, изјави претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Куманово во акцијата учествува по четврти пат.

Скопје - Во заедничка акција со раководството на Централна Кооперативна Банка, денеска градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски садеше дрвца во паркот во 11 Октомври Бараки. Беше поставена и нова урбана опрема, информираат од Општината.

- Нашата јасна визија и ангажман за зголемување на зелените површини и урбаната опрема во општина Кисела Вода е евидентна преку изградбата на 15-тина паркови и спортско-рекреативни центри во овие 2,5 години и ова е нешто што ќе продолжи да се случува со зголемена динамика на работа. Сакам да се заблагодарам на Централна Кооперативна Банка за нивниот придонес кон унапредувањето на  квалитетот на живот на нашите жители. Се надевам дека оваа соработка, како чин на општествена одговорност ќе биде инспирација и за останатите деловни субјекти и дека ваквиот начин на вложување во развојот на општината, во иднина. ќе стане стандард за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор, истакнал Ѓорѓиевски.

Дебар - Од Дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и општина Маврово и Ростуше, годинава во посета на светите места Мека и Медина, каде се реализира петтиот столб на исламот-аџилакот ќе заминат 100 верници, што е најбројна група досега.

- За исполнување на петтиот столб од исламот, од нашето муфтиство ќе заминат 100 аџии, што е најголема бројка до сега. Со нив во придружба се и четворица водичи за аџиите и еден лекар. Тргнувањето е во две групи на 5 и 6 јуни од Дебар, до скопскиот аеродром, од каде заедно со други верници ќе патуваат со чартер летови, рече за МИА, Решат Качалнику, муфтија.

Во изминатите години бројката била многу помала. Така, минатата година на аџилак заминале 30 наспроти претходната, кога биле 12 верници.

Кавадарци - „Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализација за граѓаните" е темата на работилницата што денеска се реализира во просторите на Општина Кавадарци. Работилницата е во организација на канцеларијата на Народниот правобранител и е дел од  проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“. 

Народниот правобранител Насер Зибери, рече дека соработката на релација народен правобранител - локална власт е од суштинско значење и игра голема улога, пред се во остварувањето на ефикасна заштита на правата на граѓаните. Таа е, нагласи, од суштинско значење и затоа што токму голем број на ингеренции во сферата на урбанизмот, а кои значат создавање на претпоставки за хуман живот, уредување на просторот, живот во чиста животна средина, управување со отпадот, потоа процесот на образованието, како значајна алка во развојот на децата и низа други работи, се во ингеренции на локалните власти.

Тетово - Во Тетово денеска се одбележаа 81 година од смртаа на првоборецот Иљо Антески-Смок. Одбележувањето се одржи пред неговиот споменик во населбата Два бреста каде повеќе делегации положија букети цвеќе, а беше одржан и историски час за негово дело и лик.

-Иљо Антески Смок загина на неполни 24 години и немаше можност и среќа да ја почувствува и да ја дочека слободата во која толку многу веруваше. Тој како член на Мавровско-гостиварскиот одред во април 1943 во битката кај Ново Село, Гостиварско бил заробен заедно со 12 други соборци од балистичките одреди кои служеле на италијанскиот окупатор. Подоцна фашистите го осудуваат на смрт, а на денешен датум 17 мај во 1943 година Иљо е обесен. При бесењето извикува „Смрт на фашизмот-слобода на народот“ и самиот го поттурнува столчето за да биде обесен, беше истакнато во пригодниот реферат од наставникот по историја, Љубиша Марковиќ.

Тетово - Даријан Сотировски, актуелен директор на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, кој е жител на Тетово, преку Фејсбук објави дека повел повеќе граѓански постапки за рушењето на Градскиот стадион во Тетово за што посочува дека претставува уништување на државен имот од страна на Општината.

Поднел претставка до Државното правобранителство како орган повикан да го штити државниот имот, до каде образложил дека незаконска е одлуката на Советот на Општина Тетово околу корисничкото право на стадионот. Тој вели дека сè уште како сопственик на стадионот според имотен лист е државата.

Велес - Народниот музеј од Велес, во соработка со Австриската амбасада во Ликовниот салон во Велес ја отворија патувачката изложбата со наслов „Калиопа Австрија и Северна Македонија, Жените во општеството, културата и науките“ која е претставена на 12 паноа и една слика реплика од Емили Флеге.

Изложбата ја отворија и за неа говореа  Амбасадорот на Австрија во Скопје, Мартин Памер, претставникот на ЕВН во Скопје Волфганг Мајер, чија компанија го финансираше богатиот четиријазичен каталог каде се претставени сите жени од изложбата и директор на Народниот музеј Ангел Коруновски.

Тирана - Македонското друштво „Илинден“-Тирана упатува честитки до првата група студенти кои го завршија првиот циклус по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана. Изразува задоволство што со големиот интерес за македонистиката на Факултетот во Тирана се потврдила исправноста на заложбите што друштвото заедно со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и неговиот тогашен директор проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска ги оствариле во периодот од декември 2022 до септември 2023 година.

-Со беспоштедната посветеност која тогаш ни ја врати вербата во македонска високообразовна институција и со сите чекори што во содејство со Семинарот тогаш се презедоа овозможија да дојде до овој миг кога повторно, на високообразовна институција во Тирана може да се изучува македонистиката. Сепак, изразуваме жалење што по промените на раководството на Семинарот, можностите што се обезбедија до септември 2023 година, македонскиот јазик да може да се изучува и во рамките на самите студии, а не само како дополнителен курс, не се искористиле и што сега, македонистиката се изучува само преку курс, стои во објавата на друштвото.

Скопје - ,,Интимно соѕвездие” беше насловот на поетската вечер посветена на современата македонска љубовна поезија, во Домот на култура ,,Илинден” со која беа заокружени Деновите на културата во општина Илинден. 

Јубилејната 25-та Поетска вечер ја отвори покровителот на манифестацијата, градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој во своето поздравно обраќање истакна дека честа е голема да се биде дел од ваков настан од областа на културата, а посебно да се биде домаќин и да се биде во друштво со толку еминентни автори од земјава и странство. Задоволство е гоемо што оваа манифестација ја организираме заедно со ДПМ.

Скопје - Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците, се дел од 20-те нови дигитални услуги што ги воведе денеска Општина Кисела Вода.

Овие услуги, како што информира, се достапни на новата општинска интернет страница https://opstinakiselavoda.gov.mk/ и со ова продолжува дигитализацијата на општината почната пред речиси две години.  

 

Остани поврзан