• петок, 17 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

9 април 2024

 

Скопје - Рамазан Бајрам 10 април (среда) е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија, соопшти Министерството за труд и социјална политика. Од Министерството, на граѓаните од муслиманска вероисповед во Република Северна Македонија им го честитаат празникот Рамазан Бајрам. 

Скопје - Кампањата за претседателските избори влегува во шестиот ден. Кандидатите за претседател и денеска имаат закажани митинзи и средби со граѓани на кои ќе ги претстават своите изборни програми.  Двајца кандидати за претседател денеска ќе бидат во посета на тетовскиот крај. Кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова ќе биде во посета на тетовско Теарце и Брвеница, како и во скопската општина Ѓорче Петров, а централниот митинг ќе го одржи во Куманово, додека кандидатот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски ќе има средби со жители на Јегуновце, Теарце, Брвеница и Тетово. 

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ. Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Скопје - Уставниот суд денеска ќе ја одржи 12. седница со  дневен ред на којшто се предвидени 14 иницијативи за оценување на законитоста и уставноста за предмети што Судот ги отворил по сопствена иницијатива. Станува збор за предмети во коишто, како што соопштуваат од Судот, се оспорени одредби од повеќе општини, а се однесуваат на автентично толкување на општините за акти кои самите ги носат.  Од Судот информираат дека судиите дополнително ќе одлучуваат за пет предлози за предмети во коишто веќе е исцрпена дискусијата.

Дебар - Општина Дебар синоќа упати барање до ЦУК итно да помогне во гаснење, од воздух, на пожари што беснеат во близина на селата Татар Елевци и Бомово. -Се обраќаме до Вас за помош во гаснење на пожарот кај селото Татар Елевци на надморска височина од илјада метри од градот Дебар каде е зафатена површина од 10 хектари со голема тенденција за ширење поради ниско стеблата шума. Исто така, потребна е помош и во гаснењето на пожарот во Бомово, каде пожарот беснее два дена, а каде се зафатени и костенови насади, стои во барањето. При тоа се наведува дека ангажирани се 14 пожарникари, колку што брои дебарската Територијална противпожарна единица, од нив осумина во гаснење на пожарот во Татар Елевци, а четворица во Бомово.

Скопје - Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот, при што на територија на град Скопје изречени се вкупно 135 мерки. Од мерките, како што соопшти МВР, шест се за возење повеќе од дозволената брзина, 15 за возење без возачка дозвола, три санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, 23 мерки за прекршоци што ги чинат пешаците.

Скопје - Железници на Република Северна Македонија денеска одбележуваат 151 година од основањето, односно кога на 9 април 1873 е пуштена македонската делница на трансбалканската линија Виена – Солун.  На настанот, што ќе се одржи денеска во Кино салата кај Железничко – патничката станица во Скопје, како што е најавено ќе се обрати директорот на Македонски железници - Инфраструктура Зоран Трифуновски, а ќе биде претставена и визијата за иднината на железничката инфраструктура во земјава.

Кавадарци - Млади од Кавадарци реализираа хуманитарен концерт за поддршка на семејство на самохрана мајка и нејзиното малолетно дете. Настанот се одржа синоќа во основното општинско музичко и балетско училиште „Лазо Мицев Рале".  -Во рамките на програмата ЦКА-ПХВ ( Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности), младите на Црвениот крст Кавадарци кои доаѓаат од ООУ „Тошо Велков Пепето", во соработка со музичкото училиште, го организираа хуманитарниот концерт во концертната сала. Средствата собрани од овој концерт и од други активности на овие деца кои се здружија под името,,Надеж“ ќе бидат наменети за купување на покуќнина и најпотребни работи на социјално загрозено семејство, како фрижидер, маса и слично. Учениците работат под менторство на нивниот дисеминатор Даниела Лазовска од Црвениот крст, како и нивниот наставник од училиштето, Орхидеја Димовска, појасни Димитар Каракулев, претседател на кавадаречкиот Црвен крст.

Скопје - Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, е домаќин на вториот проектен состанок и обуката на наставници, во рамки на меѓународниот „Еразмус +“ проект - „Роботика и инклузија на ученици со попреченост во специјалното образование“, информираат од овој универзитет. Состанокот кој започна вчера а ќе трае до петок, ќе се одржува во Тренинг центарот на УГД - Правен факултет.

Крива Паланка – Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април, во Крива Паланка и Кратово одбележан со креативни активности, изложби и концерт. Во организација на Европската куќа Крива Паланка беше поставена изложба и се одржа креативна работилница, а Националната установа центар за култура Крива Паланка синоќа го организираше концертот „Под сонцето“.

Скопје - Со проекција на анимираниот краткометражен филм „Поглед од балконот“ на Арис Капланидис и на филмот  „Жена-Убиец / Фониса“ на Ева Натена во Кинотеката во Скопје вечер ќе биде затворено четвртото издание на Фестивалот на грчки филм. Повеќенаградениот филм „Жена-Убиец / Фониса “, кој е овогодишен успех во Грција, се базира на истоименото ремек-дело на грчкиот писател Александрос Пападијамантис (1851 – 1911). Романот „Жена-Убиец / Фониса“ се однесува на мачната позиција на жената во 1900 година. Заплетот на филмот се врти околу Хадула, една измачена постара жена, на еден грчки остров, која се доведува до ситуација да убива женски новороденчиња од сиромашни семејства, бидејќи верува дека тоа ќе ги спаси и нив и нивните родители од нивното страдање.

Скопје - Во Културно-информативниот центар во Скопје вечер ќе биде отворена самостојна изложба на слики од Ратко Панчевски. Со оваа изложба Панчевски го одбележува јубилејот 50 години ликовно творештво.

Приштина – Владата на Косово ја повика најголемата партија на косовските Срби, Срспка листа (СЛ) „да не шири дезинформации“ и да не врши притисок врз граѓаните од српската заедница на северот на Косово „кои сакаат да бидат дел од демократскиот процес на 21 април“, за кога е закажано гласањето за разрешување на градоначалниците во четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово. Според административното упатство на Владата на Косово, Централната изборна комисија (ЦИК) за 21 април го закажа гласањето за разрешување на градоначалниците Албанци во општините со српско мнозинство - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Приштина – Европската унија се приклучи на повиците упатени до сите граѓани на Косово да учествуваат во пописот на населението што започна во петокот, додека Србите во четирите северни општини ги повика да гласаат и за разрешување на градоначалниците во тие општини, јави дописникот на МИА од Приштина. Во таа насока, ЕУ изрази жалење поради повиците упатени од најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) и на други претставници на косовските Срби, за бојкот на гласањето и на пописот и ја повика СЛ да ја преиспита својата одлука да не учествува на гласањето за локалните избори закажани за 21 април.

Рим – Папата Франциск ги прими роднините на заложниците кои беа киднапирани и однесени во Појасот Газа пред шест месеци, кога палестинската исламистичка организација Хамас изврши терористички напади врз Израел што ја предизвикаа војната во Газа. Ватикан вчера објави фотографии на кои се гледаат членовите на пет семејства на приватна аудиенција во Апостолската палата кои држат фотографии и постери со ликовите на нивните киднапирани роднини.

Варшава - Главната опозициска сила во Полска, конзервативната националистичка партија Право и правда (ПиС), освои најмногу гласови на локалните избори што се одржаа во неделата. Од друга страна, владејачката либерална Граѓанска коалиција (КО) обезбеди контрола врз повеќето регионални совети, јавуваат британските медиуми. Конечните резултати, објавени вчера попладне од Националната изборна комисија, покажуваат дека ПиС е прв со 34,27 отсто од гласовите, а КО е втора со 30,59 отсто.

Брисел – Заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана денеска ќе отпатува во дводневна посета на Велика Британија. Како што јави дописникот на МИА од Брисел, престојот во земјата Џоана ќе го започне со посета на Сојузничката поморска команда на НАТО (МАРКОМ) во лондонското предградие Нортвуд, каде ќе се сретне со нејзиниот командант, британскиот вицеадмирал Мајк Атли.

Брисел – Европските политички партии денеска во Брисел ќе потпишат Кодекс на однесување за изборите за членови во Европарламентот закажани за јуни годинава, на церемонија чиј домаќин ќе биде потпретседателката на Еврокомисијата за вредности и транспарентност Вера Јоурова. Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со ставањето потпис на Кодексот европските партиски групации се обврзуваат дека ќе ги почитуваат етичките и правните практики на изборната кампања во услови на растечката загриженост за интегритетот на изборните процеси ширум Европа под влијание на внатрешни и надворешни закани.

Абиџан - Франција повеќе не е заинтересирана за „разговор со руски претставници“, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне по неодамнешниот телефонски разговор меѓу министрите за одбрана на двете земји, кој заврши со различни извештаи. „Денес веќе не е во наш интерес да разговараме со руски официјални лица, бидејќи најавите и извештаите што се објавуваат се лажни“, изјави Сежурне за француските медиуми во Абиџан, каде што ја завршува повеќедневната турнеја низ африканските земји.

Лондон – Шефот на британската дипломатија, Дејвид Камерон, ќе се сретне со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на Флорида на почетокот на неговата дводневна посета на Вашингтон, објави Лондон. -Посетата на Вашингтон, денеска и утре, ќе следи по средбата на министерот со поранешниот претседател Доналд Трамп на Флорида, изјави портпаролот на британското министерство за надворешни работи.

Пекинг - Кина сака да ја зајакне својата стратешка соработка со Русија, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на средбата во Пекинг со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.„Кина ќе го поддржи стабилниот развој на Русија под водство на Путин“, рече Ванг Ји. „Пекинг и Москва ќе продолжат да ја зајакнуваат својата стратешка соработка на светската сцена и ќе си пружат сериозна взаемна поддршка. Народната поддршка е извор на напредок за Русија. Верувам дека под решително водство на претседателот Путин, рускиот народ ќе има светла иднина“, додаде кинескиот министер за надворешни работи.

Каиро – Официјалниот претставник на Хамас, Али Барака, во изјава за британските медиуми вчера истакна дека движењето го отфрла израелскиот предлог за прекин на огнот претставен на разговорите во Каиро. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, вчера, исто така, соопшти дека е утврден датумот за почеток на офанзивата на израелските сили (ИДФ) на Рафа, град на самиот југ на Појасот Газа, каде што се побегнати мнозинството палестински бегалци од другите делови на енклавата.

Москва – Украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под руска контрола, вчера соопшти дека украински дрон е соборен над покривот на реакторот број шест. - Денеска над нуклеарната централа беше соборен камиказе дрон. Падна на покривот на единицата 6, соопшти нуклеарната централа, под фотографијата на реакторот број шест. Реакторот број 6 во моментов е исклучен, велат од електраната. Русија објави дека Украина во неделата три пати ја нападнала нуклеарната централа Запорожје и побара од Западот да одговори, но Киев вели дека нема никаква врска со тоа.

Пекинг - Русија и Кина ќе продолжат да соработуваат во борбата против тероризмот во рамките на се посилните односи, изјави денеска во Пекинг шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, по разговорите со неговиот кинески колега Ванг Ји. – И благодарам на кинеската страна за сочувството по терористичкиот напад во близина на Москва на 22 март и за поддршката во борбата на Русија против тероризмот, ги пренесоа руските новински агенции зборовите на Лавров. Џихадистичката група Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во концертна сала во близина на Москва, во кој загинаа најмалку 144 луѓе, но Русија, без никакви докази, смета дека Украина стои зад нападот.

Буенос Аирес – Поранешниот потпретседател на Еквадор, Хорхе Глас кој е во затвор, е однесен во болница поради здравствени проблеми, пренесе ДПА. Глас (54) бил пронајден во неговата ќелија со симптоми на можен васкуларен колапс, се вели во соопштението на еквадорската затворска управа СНАИ. Глас одбиваше да јаде во претходните 24 часа, се вели во соопштението. Тој потоа бил однесен во поморската болница во пристанишниот град Гвајакил и неговата состојба е стабилна.

Каиро – Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Бил Барнс на состанокот одржан во Каиро претставил нов предлог на преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, јави Си-Ен-Ен повикувајќи се на неименуван извор. Американскиот предлог вклучува ослободување на повеќе Палестинци од израелските затвори во замена за 40 заложници кои ги држи Хамас во Газа. Изворот навел дека САД би сакале и на Палестинците од северот на Газа, кои побегнале на југ поради војната, да им биде дозволено да се вратат во своите домови.

Њујорк - Советот за безбедност на ОН одлучи до крајот на овој месец да одговори на барањето на палестинските власти да добијат статус на полноправна членка на светската организација. За ова прашање било разговарано на вчерашната средба. Во септември 2011 година, палестинскиот претседател Махмуд Абас покрена иницијатива за „приклучување на државата Палестина во Обединетите нации“, која никогаш не се оствари. На крајот, палестинската управа доби статус на набљудувач во светската организација во ноември следната година.

Мексико Сити – Милиони луѓе вчера го гледаа реткото целосно затемнување на сонцето, кој привремено го затемни денот од Мексико до Канада пред САД. Луѓето со овации го следеа преносот во живо на НАСА кој се емитуваше од повеќе локации долж патеката на затемнувањето. Настанот почна на пацифичкиот брег на Мексико во 20:07 часот по средноевропско време. Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор уживаше во „незаборавен ден“ во крајбрежниот град Мазатлан.

Техеран - Иранец кој претурал низ контејнер за ѓубре во градот Алигударз во западен Иран, пронашол вреќа со злато и долари, па го побарал сопственикот за да му го врати „изгубеното“ богатство, јавија тамошните медиуми. „Моите родители ме научија дека кога ќе го најдеш туѓи работи, треба да ги вратиш“, изјави за медиумите неименуваниот чесен пронаоѓач. Мажот, 52-годишен, ја пронашол вреќата на 22 март. Вредноста на златото и парите внатре се проценува на 20 милијарди ријали - околу 35.000 евра. Тој, вели, ги чувал скапоценостите кај себе неколку дена, а ја пронашол сопственичката благодарение на банкарската картичка што ја нашол внатре.

Остани поврзан