• петок, 17 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

29 април 2024

 

Скопје - Работната група на Универзалниот периодичен преглед (УПП) на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) на состанок на 2 мај во Женева, ќе ги разгледува по четврти пат податоците за состојбата на човековите права во Северна Македонија, се наведува во денешното соопштение на Канцеларијата на ОН во Скопје. - Северна Македонија е една од 14 држави што треба да бидат прегледани од страна на работната група на УПП, за време на претстојната седница, што ќе се одржи од 29 април до 10 мај. Првиот, вториот и третиот УПП преглед на Северна Македонија беа одржани во мај 2009, јануари 2014, односно јануари 2019 година, пишува во соопштението. Работната група na УПП се состои од 47 земји-членки на Советот за човекови права, секоја од 193-те земји-членки на ОН може да учествува во прегледот на земјата. 

Скопје - Генерал - мајор д-р Павле Арсоски, носител на Движењето ЗНАМ – за Наша Македонија во Третата изборна едница во интервју за МИА нагласува дека по резултатите од првиот круг претседателски избори е јасно дека без ЗНАМ не може да се формира стабилна Влада. За какви било преговори за идната Влада, Арсовски нагласува дека на сите политички чинители ќе им понудат да потпишат декларација. Во неа, како што посочува, ќе бидат опфатени најважните државни и македонски национални црвени линии.  Тој го повтори ставот на ЗНАМ дека претседателот на државата мора да се избира на непосредни избори, со директно гласање како што се прави сега. ЗНАМ, потенцира, е апсолутно против тоа претседателот на државата да се избира во Собранието. 

Скопје - Народната банка постојано работи на унапредување на регулативата за осигурување на дигиталната отпорност во финансискиот сектор. Започнати се активности за усогласување на домашната регулатива со европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност (англ. Digital Operational Resilience Act − DORA), со што ќе се воспостават унифицирани стандарди за заштита, пријавување и справување со сигурносните инциденти, обезбедување непрекинатост во работењето, поголема контрола на надворешните лица кои обезбедуваат важни оперативни функции и засилена комуникација и координација на сите институции во финансискиот сектор на нашата држава, пишува Горан Јанкоски, главниот супервизор за информациските системи на Народната банка во колумна за билтенот на Македонската банкарска асоцијација.

Скопје - Државното средно училиште Спортска академија – Скопје го објави јавниот повик за потрага по спортски таленти односно термини и локации за проверување на способностите за спортски вештини на учениците кои се заинтересирани да се запишат во прва година во учебната 2024/2025 година. Покрај во Скопје, предвидени се и паралелки во состав на јавните средни училишта во десет општини низ државава. Паралелки за фудбал ќе има во „Ванчо Питошески“- Охрид, „Мирче Ацев” – Прилеп, „Никола Карев” – Струмица, „Кирил Пејчиновиќ“– Тетово, „Кочо Рацин” – Велес, „Гостивар” – Гостивар и „Коле Нехтенин” – Штип. Во средното училиште „Кузман Шапкарев” во Битола ќе има паралелки за фудбал и ракомет, а паралелки за кошарка во „Перо Наков”  - Куманово и „Ѓорче Петров” – Кавадарци. 

Скопје - Меѓународната поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ го распиша конкурсот за доделување на наградата „Антево перо“ за 2024 година. Наградата „Антево перо“ е во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски. Наградата се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис). Ракописите треба да бидат напишани во Times New Roman, фонт 12 и да бидат испратени во електронски формат pdf или word на електронската адреса: antevopero@gmail.com заклучно со 05 август 2024 година. Комисијата својата одлука ќе ја соопшти кон крајот на август 2024 година.

Скопје - Во Зоолошката градина во Скопје се роди двогрба камила од фамилијата Бактријан. - Нашето ново бебе. Во фамилијата Бактријан двогрби камили имаме подмладок, оваа преслатка млада дама, која е второ дете на Карло и Мираи. Се роди на 03 април и по краток карантин со мајката, веќе ужива во пролетните сончеви денови, стои во објавата од Зоолошката градина на Фејсбук. 

Атина – Двајца државјани на Северна Македонија биле уапсени во Грција, а потоа и осудени на затворска казна, откако грчката полиција во петокот при претрес на граничниот премин Дојран кај нив пронашла 599 фалсификувани бланко документи, јави дописничката на МИА од Атина. Од грчката полиција соопштија дека двајцата мажи биле уапсени откако им била извршена проверка при влезот во Грција, а кај едниот, во поставата на јакната пронашле скриени вкупно 440 бланко документи (лични карти, возачки дозволи, дозволи за престој) од разни европски земји, кои биле одземени.

Белград - Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе престојува во официјална посета на Србија на 7 и 8 мај, а домаќин ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ.„Вучиќ ќе биде домаќин на претседателот на Кина, кој ќе престојува во дводневна официјална посета на Србија“, соопшти прес-службата на претседателот на Србија. Програмата и распоредот на посетата ќе бидат објавени подоцна. Си Џинпинг во Србија ќе пристигне од Франција, каде ќе биде во државна посета. „Посетата е по повод 60-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и по посетата на претседателот Макрон на Пекинг и Гуангжу во април 2023 година“, се вели во соопштението на француското претседателство.

Атина – За гласање преку пошта на претстојните европски избори на 9 јуни се пријавиле над 157.000 грчки граѓани, од кои мнозинството, односно 116.000 живеат во Грција, а останатите се од дијаспората, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина. Пријавувањето за поштенското гласање започна на средината на февруари, а завршува вечерва на полноќ. Гласањето преку пошта за првпат ќе се спроведе на претстојните евроизбори, а имаат право да се пријават сите грчки граѓани без разлика дали живеат во земјата или во странство.

Виена - Во Виена денеска почнува дводневна меѓународна конференција за системи за автономно оружје, јави ДПА. Министерството за надворешни работи испрати покани за конференцијата на тема „Човештвото на крстопат: Автономни системи за оружје и предизвикот на регулативите“ откако експертските разговори под покровителство на Обединетите нации во Женева во последните 10 години не доведоа до разговори на дипломатско ниво. На форумот се очекува да присуствуваат претставници од околу 130 земји, како и од Обединетите нации, невладини организации и истражувачки институти. Системите за оружје, кои самостојно таргетираат и ангажираат цели користејќи вештачка интелигенција, се во центарот на дискусијата, особено со оглед на конфликтите во Газа и Украина.

Брисел - Европскиот парламент од денеска започнува кампања за поттикнување на граѓаните на ЕУ да учествуваат на Евроизборите закажани за од 6 до 9 јуни годинава, чија примарна цел е да се зголеми одѕивот на гласачите.  Идејата на кампањата е да се пренесе пораката: „Користете го вашиот глас, не дозволувајте толку лесно да ви биде одземена демократијата. Таа е дадена, вие треба да ја браните“.  Почнувајќи од првите директни избори за европратеници во 1979 година кога одѕивот беше 61,99 отсто, тој беше во опаѓање на секое следно гласање, паѓајќи под 50 проценти на сите избори по 1999 година, за да ја достигне најмалата излезност од 42,61 отсто во 2014 година. На последните избори за членови на Европарламентот во 2019 година, во сенка Брегзитот, одѕивот беше 50,62 проценти.  

Киев - Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко ја обвини украинската влада дека прави премалку во борбата против корупцијата во земјата, јави ДПА. Кличко даде интервју за германски медиуми од групата Функе, кое беше објавено денеска. Запрашан дали владата е на вистинскиот пат во својата борба против корупцијата, тој одговори: „Можете да го поставите тоа прашање на секој граѓанин и сигурен сум дека тој ќе одговори со не“. Кличко изјави дека и тој е „на истото мислење“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано најавуваше дека води тешка битка против корупцијата и злоупотребата на средства во државниот апарат. Пред само неколку дена министерот за земјоделство поднесе оставка поради обвинувања за корупција.

Газа - Најмалку 22 лица загинаа во израелските напади во текот на ноќта врз градот Рафа во јужниот дел на Газа, соопштија палестинските здравствени власти. Меѓу убиените има шест жени и пет деца. Од почетокот на војната, Израел редовно ја изложува Рафа на воздушни напади и се заканува дека ќе испрати копнени трупи, тврдејќи дека тоа е последното упориште на Хамас во крајбрежната енклава. Над еден милион Палестинци избегаа во Рафа, барајќи засолниште во градот, кој се протега на границата со Египет. САД и другите земји го повикаа Израел да не врши инвазија за да избегне хуманитарна катастрофа.

Најроби - Кенија го одложи отворањето на училиштата за една недела поради последиците од големите поплави предизвикани од обилните дождови кои ја погодија оваа источноафриканска земја од средината на март и досега однесоа речиси 100 животи. Се проценува дека 93 лица загинаа во поплавите, а се очекува бројот да се зголеми откако синоќа се преврте брод во северниот округ Гариса. Кенискиот Црвен крст соопшти дека 23 лица биле спасени од чамецот, но десетици се уште се водат како исчезнати. Во соопштението на Министерството за образование се наведува дека во поплавите тешко се оштетени некои училишта. Локалните медиуми објавија дека повеќе од 100 училишта се поплавени, а на многу од нив им се урнати ѕидови и покриви.

Сиднеј - Група тинејџери планирале да набават оружје и да нападнат Евреи само неколку дена по нападот врз епископот на Асирската православна црква во Сиднеј, покажа полициската истрага, објавија денеска австралиските локални медиуми. Петмина тинејџери, на возраст од 14 до 17 години, во четвртокот беа обвинети пред судот во Сиднеј за низа прекршоци, вклучително и заговор за учество или планирање терористички чин. Полицијата соопшти дека сите тие „се придржувале до религиозно мотивирана, насилна екстремистичка идеологија“ и биле дел од мрежата во која беше и 16-годишно момче обвинето за прободување на епископот на Асирската православна црква Мар Мари Емануел на 15 април. Според полициските информации доставени до Детскиот суд во Сиднеј, двајцата обвинети разговарале за купување оружје на 19 април, истиот ден кога е обвинет наводниот напаѓач на бискупот, објави весникот News Corp Australia.

Лондон - Премиер лигата може да воведе ограничување на платата. Се очекува денес клубовите од Англиското фудбалско првенство да гласаат за промената, пренесува „Sky Sports“. Границата нема да биде колку клубовите можат да платат кој било играч, туку колку клубот може да потроши вкупно на тимот во однос на платите, трансферите и агенциските такси. Една опција за лимит би била 4,5 пати поголема од приходите на клубот кој е на последното место во лигата. Доколку таа граница би се одредила според сегашниот пласман, ќе изнесува 466 милиони фунти. 

Остани поврзан