• сабота, 18 мај 2024
МИА Радио флеш

29 април 2024 

 

- Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во март годинава се пoголеми за процент на месечно ниво и за 0,1 процент на годишно ниво, објави денеска Државниот завод за статистика.  Во март во споредба со февруари годинава продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се повисоки во групите Енергија за 4,9 проценти,  Трајни производи за широка потрошувачка за 0,2 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачи за 1,5  проценти.

 

 - Заклучно со крајот на минатата година вкупниот број на станбени згради кои се управувани од управител или заедница на сопственици изнесува 7 582, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за домување.  Извештајот на РКД за втората половина од 2023 година покажува забележителен пораст на бројот на станбени згради управувани од лиценцирани управители и нивниот број изнесува 5 048 со склучени договори за вршење управувачки услуги за 124.372 посебни делови односно станови и деловни простории. Тоа претставува зголемување споредено со првото полугодие лани, кога со лиценцирани управители беа управувани 4 910 згради со вкупно 117.425 посебни делови односно станови и деловни простории. 

 

-Објавувањето од страна на ВМРО-ДПМНЕ за коалицијата Вреди како посакуван партнер во идната влада пред да се изјасни народот на 8 мај за тоа, според шефот на дипломатијата и претседателски кандидат на ДУИ, Бујар Османи е обид за омаловажување на достоинството на Албанците, но и на граѓаните од заедниците и создава мобилизација невидена подолго време во политиката. - Мислам дека г. Мицкоски последните неколку дена успеа да врати едно сеќавање кај Албанците за 100-годишното ропство, омаловажување, потчинување кај секој Албанец, кај секоја Албанка, во секое албанско семејство да иритира нерв којшто мислевме дека е длабоко сокриен, да врати едно сеќавање од времето на Југославија кога југословенски Белград велеше независно што вие ќе посакате Рахман Морина ви е тој што ќе ве претставува. Рахман Морина цинично се смееше. Мислам дека овој обид за омаловажување на достоинството на секој Албанец, на секоја Албанка, но и на граѓаните од заедниците коишто ја имале истата судбина со Албанците низ годините и децениите го мобилизираше народот. И веќе не е прашање на избори помеѓу Европскиот фронт и помеѓу Вреди затоа што тие резултати завршија на 24 април, народот се изјасни. Сега имаме ситуација на мобилизирање на секој против обидот за рушење на достоинството на народите во оваа држава зборувајќи за влада уште пред да се изјасни народот на 8 мај. Е тоа сметам дека ќе создаде една нова ситуација на 8 мај, затоа што ваква мобилизација јас немам видено подолго време во политиката. Мицкоски успеа тоа да го постигне за два дена и одговорот ќе го видите на 8 мај...Едно сакам да ви кажам. Ова нешто нема да се случи. Волјата на народот не може да се згази ниту денес, ниту утре, ниту кога било, рече Османи на новинарско прашање кој е поаскуван коалициски партнер на ДУИ.

 

– Развој на туризмот со промовирање на природното и културното богатство на државава, мерки за подобрување на инфраструктурата и капацитетите и инвестирање во бањскиот и медицинскиот туризам се некои од приоритетите во „Прогласот за достоинствена Македонија“ на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија. Небојша Захариевски, носител на листа за пратеници на ЗНАМ во Шестата изборна единица, на прес-конференција истакна дека туризмот има важно место во нивната програма зашто овозможува самоодржлив економски развој и просперитет. Како што рече, имаме одлични природни предуслови за максимален раст и развој само доколку правилно и домаќински се менаџира со  процесите. Соопшти дека планираат директно субвенционирање на проекти со кои ќе се афирмира  природното и културното наследство, развивање алтернативни облици на туризмот – планинарење, качување,  велосипедизам, кампување, оф роуд скијање, алпинизам, етнотуризам, како и развој на бањскиот и на медицинскиот туризам на највисоко ниво и субвенционирање на наменски авионски летови за туристички групи кои ќе ги посетат тие локации. Исто така, и инвестиции во инфраструктурата како предуслов за изградба и модернизација на нови бањски системи. 

 

 - До утре на полноќ е пријавувањето на болни и немоќни лица, кои сакаат да гласаат во домашни услови. Претседaтелот на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Виктор Вацев денеска изјави дека досега дополнително се имаат пријавено 17 лица. Тој појаснува дека болните и немоќни лица кои гласаа на 23 април на првиот круг на претседателските избори им важат пријавите и за вториот круг на претседателски и парламентарните избори на 7 мај, односно овие лица гласаат ден пред спроведување на изборите на 8 мај. -Лицата коишто имаат поднесено пријава од првиот круг за претседателските избори и коишто уредно се имаат пријавено за гласање на претседателски избори и парламентарни избори, значи тие пријави важат, вкупниот број беше 161 пријава, од кои ОИК ги одобри 158. Тие 158 пријави се уште важат и досега имаме нови дополните 17 пријави, коишто ќе ги разгледуваме после рокот на пријавување на болни и немоќни лица, рече Вацев.

 

 – За катастрофалните пожари во јули 2018 година во населбата Мати во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во кој загинаа 102 лица,  шест од 21 осомничени се прогласени за виновни, јави дописничката на МИА од Атина. Меѓу осудените се тогашниот началник на противпожарната служба, неговиот заменик, како и други функционери од службата кои биле на клучни позиции. Меѓу оние кои беа ослободени се тогашниот генерален секретар за цивилна заштита, префектот на периферијата Атика, како и градоначалниците на општините зафатени од пожарот. Според грчките медиуми, на виновните од противпожарната служба им е одредена затворски казни од 111 години, што при издржувањето ќе биде во траење од пет години, меѓутоа можат да ја откупат за околу 40.000 евра. Соопштувањето на пресудите предизвика негативни реакции и тензии кај граѓаните што се наоѓаа во судницата, меѓу кои и голем дел роднини на жртвите, кои коментираа и извикуваа „срамота“.

 

– Агенцијата за статистики на Косово (АСК) соопшти дека досегашната четиринеделна работа на терен за Пописот на населението, семејните економии и домувањето во Косово се одвива според планот, јави дописникот на МИА од Приштина. Директорот на АСК, Авни Кастрати на денешната прес-конференција кажа дека досега бројот на попишани е околу 900 илјади лица, поради што е оптимист дека процесот ќе заврши навреме. „На терен сме веќе 24 дена, се надеваме дека ќе бидеме на време до 17 мај. Пописот се одвива според планираното, целата опрема работи, системот и попишувачите се активни, особено оваа недела има поголем попис од што очекувавме. Попишувачите се прилагодија на нивните области и граѓаните прифаќаат. Досега немавме отфрлања, освен некои семејни или поединечни, каде што ќе одиме неколку пати“, рече Кастрати, нагласувајќи дека пописот е обврска и е регулиран со закон. Шефот на АСК рече дека се оценува оти Косово ги почитува меѓународните стандарди за попис и актуелниот процес се одвива во рамките на меѓународните препораки.

 

 – Турција го поддржува холандскиот премиер во заминување Марк Руте како генерален секретар на НАТО, потврдија неименувани дипломати во Брисел. Руте го посети турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган минатата недела петок за да добие поддршка за неговата кандидатура во НАТО. Сега остануваат уште три земји-членки на НАТО кои Руте треба да ги убеди, јави Националната информативна агенција на Холандија (АНП). На Руте му треба поддршка од сите 32 земји-членки на Алијанса. Единствените земји кои треба да дадат согласност за Руте се Романија, која го поддржува сопствениот кандидат, претседателот Клаус Јоханис, и Унгарија и Словачка. 

 

- Судскиот процес против девет осомничени членови на екстремно десничарската група предводена од германскиот принц Хајнрих Тринаесетти Ројс под обвинение за тероризам и предавство почна денеска во Штутгарт, јави ДПА. Поради големиот број насобрани луѓе пред судот, судењето почна повеќе од еден час подоцна од предвидениот почеток. На самиот принц Ројс ќе му се суди подоцна во друг случај. Деветмината осомничени од движењето „Граѓаните на Рајхот“ - организација која го отфрла легитимитетот на современата германска држава - се обвинети за членство во терористичка организација и „подготовка на иницијатива што се сведува на предавство“.

 

 - Советот на ЕУ денеска усвои Регулатива со која се продолжува важноста на привремените мерки за борба против сексуалната злоупотреба на деца преку Интернет до 3 април 2026 година, јави дописникот на МИА од Брисел.  Со Регулативата давателите на онлајн интерперсонални комуникациски услуги се ослободуваат од обврската за тајност на личните и другите податоци на лица осомничени за сексуална злоупотреба на деца, а исто така се обврзани и да ги пријават таквите случаи на надлежните и да ја острината соодветната содржина.  Важноста на мерките е продолжена со цел да се добијат сеопфатни информации и споредлива статистика за извештаите за откриена сексуална злоупотреба на деца на интернет. 

 

- Француската Влада во текот на викендот и сигнализираше на компанијата за кибер безбедност „Атос“ дека сака да купи дел од нејзиниот бизнис, класифицирајќи го како „стратешки важен“. „Овој викенд му испратив на Атос писмо со намери да ги купи сите активности поврзани со Владата. Сакаме и други компании да се приклучат на потенцијалната понуда на Владата за тој дел од бизнисот на „Атос“. Конзорциумот предводен од државниот холдинг АПЕ ќе вклучи и други „француски државни актери, рече вчера министерот за финансии Бруно Ле Мер, без да наведе детали. „Атос“ ги обезбедува комуникациите на француската војска и разузнавачките служби и произведува сервери за суперкомпјутери, а во делот од бизнисот што Владата сака да го купи се вработени околу 4.000 работници и се остварува приход од околу 900 милиони евра, изјави официјален претставник на Министерството за финансии за новинскиот канал LCI.

 

 - Полските земјоделци денеска ја прекинаа повеќемесечната блокада на граничниот премин со Украина.  Британските медиуми ја пренесуваат позитивната оценка на украинскиот министер за земјоделство за напорите на Полска да стави крај на блокадата и најави дека се деблокирани сите гранични премини со Полска. Блокадите започнаа кон крајот на минатата година, по протестите на полските земјоделци поради изземањето на украинските земјоделци од барањето да аплицираат за влез во Полска. Варшава и Киев со месеци преговараа за изнаоѓање решение за блокадата, а Украина ја повика Европската унија да интервенира.

 

- Египетскиот премиер Мостафа Мадбули рече дека палестинските цивили кои живеат во Газа трпат „колективна казна“ во израелската одмаздничка воена кампања за нападите што ги започна исламистичката група Хамас на 7 октомври. „Што се случи, сите ли Палестинци во Газа треба да платат за тоа. Тоа беше колективна казна - не казна за Хамас, туку за сите Палестинци кои живеат во Појасот Газа, рече Мадбули. Одговорот на Израел на масакрот во кој загинаа околу 1.200 луѓе и стотици други беа заложници „беше неверојатен“, рече тој денеска на конференцијата организирана од Светскиот економски форум (СЕФ) во Ријад. Повеќе од 80 отсто од здравствените установи во Газа се уништени, посочи Мадбули, додека „се проценува дека 7.000 [луѓе] остануваат под урнатините“.

 

-Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Ријад изјави дека се надева дека палестинското движење Хамас ќе ја прифати „исклучително великодушната“ понуда за запирање на израелската офанзива во Појасот Газа во замена за ослободување на заложниците. „Хамас има понуда пред себе која е крајно, крајно великодушна од израелска страна“, рече Блинкен на Светскиот економски форум, пренесува „Тајмс оф Израел“. Тој нагласи дека Хамас мора брзо да донесе одлука за понудата. „Се надевам дека ќе донесат правилна одлука“, изјави Блинкен.

 

 – Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека одлучил да остане на функцијата, која ја извршува од летото 2018 година, и покрај отворената истрага против неговата сопруга за можна корупција. - Решив да продолжам, со уште поголема сила на чело на владата … Тие се обидуваат да ме скршат поради тоа што сум … Мојата сопруга и јас знаеме дека оваа дискредитирачка кампања нема да престане. Оваа злоупотреба ја трпиме 10 години, изјави Санчез на прес-конференција на која на новинарите не им беше дозволено да поставуваат прашања за време на обраќањето.  Санчез (52), лидер на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на 24 април ги суспендираше сите должности за да „размисли“ пет дена дали да остане на функцијата поради „лажни обвинувања“ и „напади врз неговата сопруга“.

Остани поврзан