• четврток, 08 август 2024
МИА Флеш

8 август 2024 

-Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска одржа работна средба со офицерот за врски во заминување на Сојузната криминалистичка полициска служба на Сојузна Република Германија, Керстин Шпицер.

Исени, како што соопшти МВР, изрази благодарност за досегашната одлична соработка, нагласувајќи го партнерството меѓу двете земји и министерства. Особено се заблагодари за многубројните донации и помошта што ги има обезбедено Сојузна Република Германија за Министерството за внатрешни работи.

- Во месноста „Карпалак“ на патот Скопје – Тетово, беше одбележан трагичниот настан кога пред 23 години, за време на конфликтот од 2001 година, конвој од бранителите беше нападнат од страна на терористите од т.н. ОНА. Во нападот во кој биле користени ракетни фрлачи и тешки митралези, животот го загубија 10 бранители, сите од Прилеп кои со камиони се упатувале кон касарната во Тетово. 

По тој повод делегација од Владата, предводена од Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, делегации од претседателот на државата, АРМ, политички партии и здруженија  положија венци и свежо цвеќе, а свештеници од МПЦ одржаа панихида. И овој пат, како и во изминативе години присуствуваа и членови на семејствата на загинатите и преживеани бранители од Прилеп кои, по кој знае кој пат, зборуваа за своите маки и за негрижата на Државата кон нив како и за не достоинствениот начин на одбележување на овој трагичен настан. 

- Во гаснењето на големиот пожар кој од вчера беснее кај дебарското село Татар Елевци, денеска се вклучени и два „ер трактори“, кои со вода се снабдуваат од Дебарско Езеро.

- Во договор со Центарот за управување со кризи, и Дирекцијата за заштита и спасување, во гаснењето на пожарот се вклучија и два „ер трактори“ и се надеваме истиот во текот на денов да го ставиле под контрола. Бидејќи имаше опасност да се прошири до селото, најпрво гасневме на северниот дел, каде е ставен под контрола, рече за МИА, Џетан Мифтароски, командир на Територијалната против пожарна единица.

- МВР соопшти дека вчера во 12 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиja од слобода С.М.(50) од село Ореше, општина Чашка, поради сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик.

Тој се сомничи дека на 06.08.2024 околу 12.00 часот предизвикал пожар во реонот на с.Папрадиште кон с.Ореше, при што изгорела поголема површина со нискостеблеста шума и остатоци од сеча. Од него биле одземени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делото, а во службен разговор во полициска станица тој го признал делото.

 - Официјалната статистика на Министерството за финансии покажува дека во периодот јануари-јуни јавниот долг на Албанија е намален за 3 отсто, достигнувајќи најниско ниво во последната деценија.

- Јавниот долг следеше силна надолна траекторија во текот на 2024 година и на крајот на јуни има ниво од  55,72 отсто а во конкретни бројки вкупниот долг на крајот на вториот квартал е намален за околу 6 милијарди лека. Јавниот долг на крајот на минатата година изнесуваше  58,93 отсто од БДП, додека на крајот на 2014 година тој беше над 70 отсто, стои во извештајот на министерството.
Според истиот извор на оваа позитивна состојба влијаело зголемувањето на буџетските приходи во последните неколку месеци.

- Потпретседателката на најголемата косовска парламентарна опозициска партија, Демократската партија на Косово, Вљора Читаку упати остри критики на пристапот на Владата на Косово кон отворањето на мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на јужен дел, населен со мнозинство Албанци, и северен дел, со српско мнозинство, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на Фејсбук, Читаку истакна дека главен приоритет за Косово треба да биде зајакнувањето на врските со Соединетите Американски Држави, Европската Унија и НАТО.

- Главниот обвинител на Венецуела, Тарек Саб изјави дека ќе отвори кривична истрага против лицата кои на Интернет ги објавија резултатите од претседателските избори во таа земја одржани на 28 јули, а кои ги собра опозицијата, а кои ги спорат официјалните резултати од изборите објавени од Државната изборна комисија.

Саб синоќа рече дека е одлучено да се покрене кривична истрага против одговорните за објавување на резултатите собрани од опозицијата и за одржување на веб-страницата на која се објавени тие резултати.

- Големиот корален гребен во Австралија, најголемиот во светот, е под закана откако температурата на околното Корално Море се зголеми во изминатата деценија и го достигна највисокото ниво во последните 400 години, покажува научната студија објавена денеска.

Група научници од универзитетите низ Австралија откриле дека температурите на океаните кои биле стабилни стотици години почнале да се зголемуваат од 1900 година досега како резултат на човечкото влијание

Студијата истакнува дека од 1960 до 2024 година, температурата на водата околу Големиот корален гребен се зголемувала за 0,12 степени Целзиусови секоја деценија.

 

Остани поврзан