• петок, 09 август 2024
МИА Општински пул

8 август 2024

Куманово - Кумановци вечерва со почеток во 20:30 часот ќе имаат можност да уживаат во музичката вечер која ја организира НУЦК „Трајко Прокопиев“ на која ќе настапат академските музичари Јован Цветковиќ и Игор Величковски, информираа денеска надлежните од установата. Публиката која ќе го проследи настапот ќе ужива во популарни џез мелодии и евергрини во џез аранжмани.

-На платото пред центарот за култура веќе некое време не се одржуваат концерти поради градежните активности на плоштадот, меѓутоа овој пат и изведувачите и публиката ќе бидат на самото плато, каде со соодветно осветлување и озвучување ќе уживаат во одличниот музички перформанс, изјави, музичкиот соработник во центарот, Александар Митрички.

Делчево - Во организација на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево и Општина Делчево вечер ќе се одржи Меѓународниот фолклорен фестивал „Голачки фолклорни средби 2024 година“.

На летната сцена пред Спомен-домот АСНОМ, како што информираа од установата, ќе учествуваат 12 културно-уметнички групи и ансамбли, оркестри, пејачки групи и инструменталисти од земјата и странство.

Куманово - Младиот пијанист Јован Станковиќ од Куманово, освои второ место на меѓународен натпревар во Виена, Австрија. Станковиќ учествуваше на меѓународниот музички младински натпревар и во силна конкуренција од целиот свет го освои второто место, настапувајќи со дело на Шопен.

- Конкуренцијата беше многу силна, учествуваа пијанисти од Сингапур, Мексико, Хрватска, Макао, Австралија, Хонгконг, Бугарија, Филипини, Тајланд, Австрија, Украина, Унгарија, Грција. Нè оценуваа врвни професори, музичари од престижни факултети од Германија, Италија и Австрија. Имав незначителна трема при настапот. Задоволство е да се освои ваква награда и мотив да продолжам во иднина со учества на меѓународни натпревари, изјави четиринаесетгодишниот Станковиќ, кој бил единствениот македонски претставник на натпреварот.

Прилеп - По 16-ти пат, од денеска до 13 август, во прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржува меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков -Дрен 2024“ На колонијата своите дела ќе ги создаваат 16 уметници од земјава и од странство.

-И годинава уметниците ќе работат на слободна тема. Очекуваме да се создадат нови уметнички дела што ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот. Создадените дела на годинашната колонија ќе бидат презентирани на завршна, заедничка изложба во Центарот, а изложбата ќе може да ја види и публиката во повеќе градови низ Македонија, вели Марјан Стојаноски од ликовната дејност на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Охрид - Музичката програма на годинешното 64. издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со настап на македонски уметници, со целовечерен концерт на Климент Тодороски на виолина и Марија Вршкова на пијано.

Климент Тодороски е роден 1984 година во Охрид. Музичкото образование го започнува во Охрид и Битола, а го продолжува на националниот музички конзерваториум во Тулуз,Франција во класата на професор Благоја Димчевски сѐ до 2002 година. Дипломира на ФМУ Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко. Учесник е на семинари, концерти и натпревари во Словенија, Русија, Романија, Србија, Франција. Добитник е на повеќе државни и интернационални награди меѓу кои трета награда на натпреварот „Петар Коњовиќ” во Белград, втора награда на натпреварот „Корнелија Бронзети” во Романија и прва специјална награда на Меѓународниот натпревар „Охридски бисери”.

Скопје - Во последното деноноќие имало вкупно 40 пожари, од кои 25 се изгаснати, а шест се ставени под контрола. Активни се девет пожари, од кои два во општина Македонски Брод, кај селото Слатина и кај селата Тажево - Брезница и ЈП „Јасен“, во Демир Хисар, Чашка, Петровец, Студеничани, Кичево, Дебар и Охрид, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Под контрола се ставени пожарот во гевгелиското село Негорци, каде гореше нискостеблеста шума, прнар и борова шума, во Општина Кичево, кај селата Зајас и Бачишта, каде беше зафатена мешана шума и во Општина Кочани, кај месноста викана Панаѓур, кај одморалиштата на Пониква, каде гореше букова шума. 

Скопје - Поради промена на вентил од ф 3/4 на улицата „Њуделхиска“ бр.5, општина Карпош, денеска, од 08:00 часот, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улиците „Панче Тошев“ ,„Наум Евро“, „Римска“ и „Анкарска“. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности

Струга - Под мотото „Бесконечна слобода“ денеска во Струга почнува осмото издание на фестивалот за краток филм „Drim Short 2024“.

Програмата, како што соопшти организаторот, ќе биде распределена во четири фестивалски денови, во кои се најавени филмови во интернационална, регионална, студентска поддржана од Europe House Struga и специјална програма „Соочување со минатото“ во соработка со Форум ЗФД Скопје, а во селекција на режисерот Иван Бакрач.

Дојран - Со  долгометражниот македонски игран филм за млади „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ и со анимирани филмови за деца синхронизирани на македонски јазик синоќа во Дојран почна третиот фестивал „Преку езерото“.

Претходно, во Музејот на Град Дојран се одржа работилница за филмска писменост со директорот на фестивалот „Преку езерото“, Јани Бојаџи, режисерот на „Стела“ Вујичиќ и претседателот на Советот на фестивалот Мими Ѓорговска Илиевска.

Охрид - На сцената „Летница“ во Охрид вечер концерт ќе одржи ансамблот на Дунавската школа за фолклор од градот Баја, Унгарија. Ансамблот ќе настапи со сплет од традиционални унгарски народни песни и танци.

Настанот е организиран од страна на Амбасадата на Унгарија во земјава, почесниот конзулат на Унгарија во Охрид, како и Здружението на Унгарци во Македонија.

Остани поврзан