• петок, 09 август 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

8 август 2024

Дебар – Во гаснењето на големиот пожар кој од вчера беснее кај дебарското село Татар Елевци, денеска се вклучени и два „ер трактори“, кои со вода се снабдуваат од Дебарско Езеро.

- Во договор со Центарот за управување со кризи, и Дирекцијата за заштита и спасување, во гаснењето на пожарот се вклучија и два „ер трактори“ и се надеваме истиот во текот на денов да го ставиле под контрола. Бидејќи имаше опасност да се прошири до селото, најпрво гасневме на северниот дел, каде е ставен под контрола, рече за МИА, Џетан Мифтароски, командир на Територијалната против пожарна единица.

Додаде дека дебарските пожарникари, вработени од подружницата „Стогово“ на ЈП „Национални шуми“, како и жители од село Горно Косоврасти, кои и вчера гаснеа, денеска се ангажирани од наутро од 3 часот.

Станува збор за недостапен предел, стрмен предел, под падините на планината Дешат.

Кавадарци – Здружение на пензионери за Кавадарци и Росоман денеска донесе став против регионален центар за собирање и третман на отпадна гума.

- Ние сме против отворањето на таков центар, за кој деновиве разбравме дека се има намера да се реализира, рече секретарот на извршен одбор на здружението, Тодор Стојановски.

Предлогот бил на примариус доктор Диме Алексовски, заменик-претседател на здружението и претседател на комисија за здравство и социјална политика при здружението.

- Во нашето здружение има околу 7.300 пензионери од Кавадарци и Росоман, загрижени сме за здравјето на луѓето, за животната средина, подвлече Алексовски.

МИА ги фотографираше пред местото каде што се собираат потписи против регионален центар за собирање и третман на отпадна гума, на градскиот плоштад во Кавадарци.

- Всушност, собирањето на потписи е против нова Г-1 индустрија во општина Кавадарци, рекоа незадоволните кавадарчани, кои на завчерашната јавна расправа организирана од Министерството за животна средина, во голем број, порачаа дека не сакаат регионален центар за собирање и третман на отпадна гума. Тие, како што истакнаа, се исплашени за сопственото здравје, земјоделството, винскиот туризам и развојот на регионот.

Виница – Клубот на млади од општинската организација на Црвен крст – Виница е организатор и домаќин на тридневен едукативен камп за млади што се реализира во селото Лаки, на падините на планината Плачковица.

На кампот учествуваат триесетина млади од општините од Источниот регион, кои се обучуваат за препознавање и превенција од зависности и трговија со луѓе, а имаат и предавања за планинарењето и за лична заштита и самоодбрана.

- Главната идеја за организирање на кампот е да се постигне подобро запознавање и вмрежување на младите волонтери. Иако нивната задача е преку доброволна работа некому да помагаат и да ја подобруваат благосостојбата во заедницата, сепак со воспоставувањето меѓусебна соработка можат да постигнат многу подобри резултати. Покрај дружењето, младите ма кампот имаат и едукативни предавања што ќе им помогнат во натамошниот ангажман, истакна Ивана Гошева, лидер на Клубот на млади на Црвен крст – Виница.

Велес - Ветрот кој непрекинато дува од утрово повторно го разгоре шумскиот пожар помеѓу селата Ореше и Папрадиште што од завчера  беснее во реонот на планинскиот масив на Азот во Општина Чашка. Со пожарот е зафатена мешана дабова и букова шума.

Како што информира за МИА Жаклина Гушева, директорка на Шумското стопанство „Бабуна“ - Велес во рамки на ЈП „Национални шуми“, нивни екипи со десетмина вработени завчера, вчера и утрово деноноќно и се уште се на терен, вклучени во гаснење на пожарот. На помош им е и екипа од Општина Чашка.

Поради разгорување на пожарот тие утрово упатиле итен повик до ЦУК, како и вчера и денеска, за што поскоро гаснење да им испратат два хеликоптера.

Вчера во гаснењето на пожарот со координација на ЦУК беа вклучени два хеликоптера, еден на Армијата и еден на МВР, кои полнеа вода од мобилизиран базен што го поставија активисти на Црвениот крст.

Велес - Во СВР Велес синоќа во 22:45 часот било пријавено дека на ул.„Вардарска“, односно на мостот кај Градскиот базен патничко возило „хјундаи гец“ со велешки регистарски ознаки, управувано од К.Ќ.(53) од Велес, излетало надвор од коловозот, односно паднало на шините од пругата.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот К.Ќ., констатирани во Општа болница Велес. За настанот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од СВР Велес, соопшти велешката полиција.

Од Територијалната противпожарна единица за МИА, информираат дека нивна екипа била повикана за помош на повредениот во 22:50 часот по што итно отишле на местото на настанот ја исекле колата со соодветен алат и успеале да го извадат повредениот возач на кој итна помош му укажала медицинска екипа, која потоа итно го однела во Ургентниот центар на велешката Општа  болница.

Охрид – Дијана Петрова е авторката на расказот „Јоанес Даубманус“, што беше избран за најдобар на годинешниот конкурс за наградата „Живко Чинго“. 

Дијана Петрова е родена 1992 година во Делчево. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје, Катедра за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Објавувала есеи и раскази низ повеќе списанија за литература. Нејзини се книгите „Бдеењето над себе“, „Не правете им сенка на гробовите“ и „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“. Работи како професорка по македонски јазик и литература.

Комисијата што ги оценуваше доставените трудови во состав Димитар Пандев, Иван Џепароски и Славе Ѓорѓо Димоски, во конкуренција на 62 доставени трудови го издвои нејзниот расказ „Јоанес Даубманус“ како најдобар, посочувајќи го како пример за постмодернистичка наративна постапка, проткаена со ироничен призвук и сместена во македонски книжевен контекст.

Остани поврзан