• четврток, 08 август 2024
МИА Радио флеш

8 август 2024

Скопје - Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски денеска оствари работна средба со Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир. Покрај инфорациите за тековната соработка помеѓу Владата и Делегацијата на ЕУ, стана збор и за заштитата на културното наследство во земјава. Во овој сегмент, како што соопшти Министерството за транспорт, се отвори и прашањето за реставрација на објектот на централната зграда на Македонска пошта во центарот на Скопје, како објект од културно и архитектонско значење.

На средбата присуствуваа и претставници од Министерството за културa за што во наредниот период, беше најавено, ќе се направат обиди со поддршка од ЕУ да се изврши реконстуркција и да се заштити овој објект, како и повторно да се стави во функција.

-Негрижата за културното наследство доведе до овој степен да објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија. Тоа нема да е ниту лесен потфат ниту евтин проект. Напротив, ќе треба да се вложи многу енергија, време и пред се стручно знаење како и сериозни средства. Но централниот објект на Пошта е од огромно историско и културно значење за Македонија како еден од најзначајните објекти од времето на брутализмот и мора да биде заштитен во својата основна форма и ставен во функција, рече Николоски.

Скопје - Собранието за понеделник ја закажа седницата на која, меѓу другите предлог-законски решенија, ќе расправа и за ребалансот на Буџетот. Дополнетиот Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година, во второ читање, е седма точка од дневниот ред на седницата.

Ребалансот ги помина општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и Буџет, по што Владата завчера, на 6 август, го донесе и дополнетиот ребаланс на Буџетот со кој, како што соопшти, се обезбедуваат плус средства - за плати и за набавка на опрема за повеќе институции. 

Како што истакна на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, со подготвениот и надограден ребаланс се проектираат средства за целосно сервисирање на сите права и доспеани обврски до крајот на годината - за пензионерите, за вработените во администрацијата, за бизнисот, здравството,... Обезбедени се, нагласи, средства за исплата и зголемување на платите во јавната администрација согласно сите потпишани колективни договори.

Скопје - Во последното деноноќие имало вкупно 40 пожари, од кои 25 се изгаснати, а шест се ставени под контрола. Активни се девет пожари, од кои два во општина Македонски Брод, кај селото Слатина и кај селата Тажево - Брезница и ЈП „Јасен“, во Демир Хисар, Чашка, Петровец, Студеничани, Кичево, Дебар и Охрид, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Под контрола се ставени пожарот во гевгелиското село Негорци, каде гореше нискостеблеста шума, прнар и борова шума, во Општина Кичево, кај селата Зајас и Бачишта, каде беше зафатена мешана шума и во Општина Кочани, кај месноста викана Панаѓур, кај одморалиштата на Пониква, каде гореше букова шума. 

Под контрола е ставен и пожарот во Општина Македонски Брод, кај село Слатина,  во Општина Пласница, кај село Пласница пожарот е изгаснат, а во село Латово се уште чади. Под контрола е ставен и пожарот во депонијата во Делчево, каде гореше ѓубриште.

Париз – На Олимписките игри во Париз денес ќе настапат двајца македонски натпреварувачи.

Во борење слободен стил категорија до 57 килограми ќе се појави Владимир Егоров. Тој ќе има борба со Аман Шерават од Индија. Почетокот на борбата е околу 11:30 часот

Во таеквондо, категорија до 57 кг, нашата Милјана Релиќ ќе се соочи со олимписката шампионка Џејд Џонс од Велика Британија.

Почетокот на борбата е во 12 часот.

Виена - Сите три концерти на мегаѕвездата Тејлор Свифт што требаше да се одржат во Виена се откажани, откако полицијата уапси две лица осомничени за планирање напади. Едното лице, 19-годишник, како што објавуваат австриските медиуми е со потекло од Северна Македонија. Се трага по уште три лица.

Генералниот директор за јавна безбедност при австриското МВР, Франц Руф, го опиша 19-годишниот уапсен во Терниц како „непосреден главен сторител“, додека второто уапсено лице е 17-годишник, пренесува Австриската новинска агенција – АПА.

При вчерашниот претрес на куќа запленети се повеќе хемиски супстанци и технички средства. Тие сега ќе се оценуваат. Според Руф, пред само неколку недели, осомничениот дал заклетва за лојалност кон актуелниот водач на терористичката Исламска држава на Интернет.

-Двајцата уапсени се родени во Австрија, родителите на 19-годишникот имаат корени од Северна Македонија, а мајката на 17-годишната е Австријка, изјави генералниот директор за јавна безбедност Руф.

Вашингтон - Украинските трупи напредуваа до 10 километри во Русија, што е веројатно најсериозниот граничен упад во конфликтот, oбјави денеска Институтот за проучување на војната.

Прокиевските сили упаднаа во југозападниот руски регион Курск во вторникот наутро, распоредувајќи околу 1.000 војници и повеќе од дваесет оклопни возила и тенкови, според руската армија.

Киев официјално не ја коментираше операцијата.

Главниот руски генерал вчера вети дека ќе го запре упадот и ќе ги истурка украинските борци назад до границата.

Барселона - Карлес Пуџдемонт, поранешниот лидер на Каталонија кој побегна од Шпанија поради неговата улога во неуспешниот обид за независност на богатиот регион во 2017 година, се врати во Шпанија денеска по седум години бегство.

Пуџдемон, кој е цел на налог за апсење, извика „Да живее слободна Каталонија!“ додека се качувал на подиум во Барселона за да се обрати пред огромна толпа, јавија локалните медиуми. 
Тој се врати во Шпанија за да учествува на гласањето во регионалниот парламент на Каталонија за избор на нов лидер.

Загреб - Лекарите и медицинските сестри на Крк во текот на сезоната паѓаат на колена, па побараа помош на мирниот протест пред градската управа.

„Според последните податоци во Малинска има 35.000 луѓе. Во Малинска моментално има само моја ординација која го покрива. На Крк во зима има 20.000 луѓе, а сега 170.000“, вели за Net.hr матичниот лекар Жељан Жиќ, а пренесува N1 Загреб.
Имаат девет лекари плус еден хонорарен, па споредуваат со Риека каде има повеќе од 70 клиники за 110.000 жители.

„Тоа е тотално неодржлива ситуација и ова е колапс на здравството на островот, што е опасно за сите жители и за сите туристи. Имам порака да ставам знак на мостот - дојдете на своја одговорност“, изјави медицинската сестра Љубица Депопе.

Лекарите велат дека дневно имаат повеќе од 130 контакти со пациенти, а оптимумот би бил 40 прегледи.

Атина – По 8.000 евра платиле мигрантите кои пред три дена беа спасени кај грчкиот полуостров Пелопонез, за од турското крајбрежје во близина на Бодрум да бидат пренесени во Италија, додека пак меѓу 77-те лица се и тројца криумчари, кои биле уапсени, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција утрово соопштија дека во понеделникот биле информирани за едрилицата која пловела без контрола, по што лицата биле преземени од крузер што се наѓал во близина и безбедно префрлени на пристаништето во градот Каламата.

Меѓу спасените, 36 се мажи, 34 деца, а седум жени.

Тoкио - Силен земјотрес со интензитет од 6,9 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди јапонската префектура Мијазаки.

Јапонските медиуми јавуваат дека е издадено предупредување за цунами.

Засега нема информации за жртви или штети.

Toкио - По земјотресот со јачина од 6,9 степени, уште еден земјотрес со јачина од 7,1 степен според Рихтеровата скала го погоди денеска јужниот дел на Јапонија, соопшти американскиот Геолошки институт, при што локалната метеоролошка агенција предупреди дека огромни бранови цунами ќе ги погодат крајбрежните области.

Цунами до еден метар се очекува да ги погодат или ги погодија некои од крајбрежните области на островите Кјушу и Шикоку, објави телевизијата NHK.

„Бранови цунами постојано ќе има. Ве молиме не влегувајте во морето и не се приближувајте до брегот додека трае предупредувањето“, објави Јапонската метеоролошка агенција на Икс.

Засега нема извештаи за било каква штета.

Манила - Филипинецот Карлос Јуло освои два златни медала во гимнастика за два дена. Неговиот подвиг е најголемата сензација во земјата деновиве, а внимание привлекоа и наградите коишто тој ги доби. Поради неговиот одличен успех, и Владата и повеќе филипински компании одлучија да го наградат.

„Нема зборови со коишто може да се опише колку сме горди на вас. Не еднаш, туку двапати освоивте злато за Филипините. А, Филипинците ширум светот се обединети, навиваат за вас“, напишаа претседателот Фердинанд Маркос Помладиот и првата дама на својот интернет-простор.

Филипинската влада ќе му додели на гимнастичарот 10 милиони филипински пезоси (околу 160.000 евра). Тоа е наградата што им е ветена на сите златни медалисти. А пак, Претставничкиот дом вети дополнителни шест милиони пезоси (околу 95.000 евра). Дури и медицинските клиники и универзитетите се вклучија во наградувањето. И Градот Манила најави големо добредојде.

Париз - Австралиската пливачка Мојше Џонсон раскажа како спортистите се обидуваат да се заштитат по пливањето во Сена.

- Митот за кока-кола е вистинит. Често го пиеме по пливањето, само за да се обидеме да испереме нешто во нас, изјави Џонсон за „Индипендент“.

На 4 август, Белгијката Клер Мишел беше хоспитализирана поради бактериска зараза по натпреварување во триатлон на Игрите во Париз. Поради ова, белгискиот тим беше принуден да се повлече од мешаната штафета.

За денес на Олимпијадата се закажани трки на отворени води, во Сена на 10 км. во женската конкуренција.

Лос Анџелес - Американскиот рапер Снуп Дог е своевидно „заштитно лице“ на годинашните Олимписки игри во Париз. Според тамошните медиуми, Снуп Дог само дошол како турист, но протекоа информации дека тој „се појавил на Олимпијадата за хонорар од 500.000 долари дневно“, пренесува „Н-1 Сараево“.

Извршниот директор на „Ен-би-си“ (NBC) наводно ја открил тајната. Тој раскажал како познатиот музичар заработува околу 500.000 долари на ден само за да биде присутен во француската престолнина, и со тоа да го популаризира настанот.

- Еден час покрај извршниот директор на 'Ен-би-си' на вечерата беше доволен за да дознаам дека Снуп добива 500.000 долари дневно, плус неговите трошоци се платени за да биде тука за промоција на Олимпијадата, изјави инвеститорот Хенри Мекнамара.

Остани поврзан