• среда, 07 август 2024
МИА Радио флеш

7 август 2024

– Во моментов од Казнено-поправната установа Затвор Струмица во бегство се 23 затвореници, информира новоименуваниот в.д. директорот на затворот Зоран Ристов. Во видео обраќање за затекнати состојби  во КПУ Затвор Струмица, Ристов вели дека ова е резултат на неодговорното работење на претходни раководства. - Во изминатиов период во пракса било преку телефонски повик да се даде погодност на затвореник со зборовите „Јас стојам зад тоа’’. Ваквите процеси во претстојниов период уредно ќе се истражат. Оваа пракса во КПУ Затвор Струмица завршува и одговорност мора да следува. Прва моја задача е се врати достоинството и работниот имунитет на вработените, изјави Ристов. 

- Претставници на Амбасада на Чешка во РС Македонија меѓу кои и конзулот Давид Ченохорски денеска имаа работна посета на Општина Берово. При посетата, како што информираа од Општината, остварија средба со градоначалникот Звонко Пекевски, а имаа и состанок со земјоделци од Беровскиот регион. - Остварена беше средба со локални, правни лица од доменот на земјоделие, производство и преработка на храна и посета од страна на конзулот Давид Чернохорски од Амбасадата на Чешка во земјава и земјоделскиот дипломат, Владимир Вања од Амбасадата во Белград, кој е акредитиран и за Република Северна Македонија, во просториите на Општина Берово. На средбата, на која беа присутни претставници од локалниот бизнис сектор, се водеше конструктивна дискусија за начините и можностите за соработка помеѓу двете држави, информираа од Општината.

- Хеликоптерската единица при Секторот за вонредни ситуации на МВР на Србија е во состојба на пoдготвеност 24 часа и доколку има потреба веднаш дополнително ќе испрати воздухоплови во Северна Македонија за гаснење на пожари, јави дописникот на МИА од Белград. Србија меѓу првите одговори со помош и во јули прв пат во странство го испрати еден од најдобрите свои хеликоптери, рускиот Камов Ка-32.

 - Четиримесечно бебе од струшко без знаци на живот синоќа од родителите било донесено во Општата болница во Струга, соопшти денеска СВР Охрид. Портпаролот Стефан Димоски информира дека во ОВР Струга вчера во 22 часот и 43 минути било пријавено дека детето починато е однесено на Детското одделение. - На Детското одделение во Општата болница во Струга од родителите било донесено четиримесечно машко бебе од струшко село без знаци на живот. Според пријавеното, тие претходно повикале екипа од Итната медицинска помош – Струга, кои во семејниот дом извршиле реанимација, по што бебето го пренеле во болницата, каде била констатирана смрт, изјави Димоски. По наредба на јавен обвинител, врз телото на бебето ќе биде извршена обдукција, која треба да покаже како настанала смртта.

- Нема никогаш да дозволиме да се загрози квалитетот на живот, околината и животната средина во која живееме, напиша кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев на Фејсбук, откако денеска во Кавадарци стартуваше собирање на потписи против изградба на регионален центар за рециклирање и третирање на отпадна гума.  - Сакам да ви се обратам во врска со вчерашната презентација за намера за изградба за фабрика за еколошка преработка на гума. Ве известувам дека Општина Кавадарци заедно со Советот на Општина Кавадарци и јас како градоначалник на оваа општина, нема никогаш да дозволиме да се загрози квалитетот на живот, околината и животната средина во која живееме. Вложувањето на постоечките ресурси за поздрава животна средина и чисто Кавадарци, во изминатиот период, имаат донесено доста видливи резултати, и Кавадарци со причина за наоѓа на врвот на листата за најчисти и најеколошки општини во нашата земја. Никогаш нема да дозволиме и недолично однесување на поединци кои сакаат да пласираат и низа на дезинформации кон јавноста, сподели Јанчев. 

 - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска остварил средба со претставници на Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО), односно со претседателот на Комората, Aјдован Адемоски, и со заменик-претседателите Марија Томеска и Есер Џевахир. Како што информира МНР, на средбата била потврдена „одличната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Турција во бизнисот и економијата со надеж дека таа ќе продолжи и во следниот период, а активностите ќе бидат насочени кон понатамошно мотивирање на нови странски компании кои ќе инвестираат во Република Северна Македонија“.

- Во просториите на Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје, директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, денеска присуствувал на доделувањето донација од страна на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против трговијата со дрога и криминал (УНДОЦ) за потребите на организационите единици од областа на недозволената трговија со дрога при овој Сектор за внатрешни работи. Како што соопшти МВР, во рамки на континуираната соработка со УНОДЦ за потребите на СВР Скопје беа врачени технички средства - тестери за откривање на помали количини опојни дроги за повеќекратна употреба, а во насока на поефикасна превенција од употребите на дроги.

 - Во Зоолошката градина во Скопје вчера била извршена евтаназија на азиската слоница Дуња. Одлуката за евтаназија, како што објави денеска Зоолошката градина Скопје на Фејсбук, е донесена по насока на сопствениците кои ја позајмија на нашата зоолошка - „Pairi Daiza“ од Белгија, заедно со тим експерти (ветеринар, офтамолог и сениор зоо негувател на тимот за слонови) кои изминатите денови ја прегледуваа слоницата. - Ниту еден третман, ниту операција не можеше да ја спаси, а одлуката на сопствениците од Белгија беше од стручниот меѓународен тим за да таа не страда. Последнава година слоницата Дуња појавуваше симптоми на длабока старост и изнемоштеност и се констатираа повеќе здравствени проблеми кај Дуња, типични за шеестгодишна слоница. Дуња скоро и да не гледаше, имаше проблеми со вилицата и забите, а ден претходно беше направен преглед и констатиран е комплексен дентален проблем. За процесот на обдукција и останките, Зоолошка градина Скопје ги следеше законите и правилата, како и консултации со тим од Факултетот за ветеринарна медицина, се вели во објавата.

– Два авиони од типот „Air Tractor“ и вкупно девет лица членови на екипаж од Република Кипар попладнево ќе пристигнат во Скопје, во рамките на помошта за Северна Македонија од ЕУ механизмот за цивилна заштита, а од утре ќе учествуваат во гаснењето на пожарите во Свети Николе и Чашка, јави дописничката на МИА од Атина. Од Секторот за шумарство при Министерство за земјоделство, рурален развој и животна средина на Република Кипар соопштија дека „по наредба на директорот на конкретниот сектор Савва Иезекил и по консултација со надлежната министерка Мариа Панајоту, преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија се испраќа помош за Република Северна Македонија за справување со шумските пожари во областите Чашка и Свети Николе“, а соодветно бил информиран и министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Комбос.

- Во Албанија наскоро ќе биде отворен камп за мигрантите кои Италија ќе ги префрли во таа земја, пред се оние луѓе кои имаат мали или никакви шанси за азил. Во тек е изградба на камп во близина на стариот воен аеродром Ѓадер, пишува Дојче веле. Со неодамнешниот договор, Албанија ѝ ја предаде таа воена област на Италија на ограничен период. За изградба на контејнерски камп за баратели на азил не беше потребна албанска градежна дозвола. Таму во иднина треба да бидат сместени повеќе од 3.000 мигранти и бегалци.

- Министерот за одбрана Пиро Венгу при посетата на воздухопловната база Кучово најави дека  беспилотните летала „Бајрактар“ се подготвени да бидат вклучени  за итни случаи, односно во актуелната состојба со пожарите, кои беснеат низ целата земја. -По успешното тестирање за ноќни мисии, беспилотните летала „Бајрактар“ ќе бидат ставени во функцијата на следење 24 часа на ден, седум дена во неделата, како важен елемент за поддршка на локалните власти,  во борбата против пожарите, изјави министерот, јавија медиумите.

– Косовските Срби на денешниот протест во Северна Митровица со акламација побараа да не се отвора мостот на реката Ибар, кој ги поврзува јужниот дел, населен со мнозинство Албанци, и северниот дел на Митровица, населен со мнозинство Срби, јави дописникот на МИА од Приштина. На насобраните граѓани на протестот што се одржа во близина на мосотот на Ибар им се обрати поранешниот претседател на судот во Митровица, Никола Кабашиќ, кој ги повика граѓаните Срби, исто како денеска, и во иднина да ги уриваат одлуките на, како што ја нарече општинската власт, „принудната управа“ во Северна Митровица.

 – Шефот на мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на Косово, Мајкл Девенпорт, го оцени како „итнтност“ враќањето на страните во дијалогот што го олеснува Европската унија за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина. Девенпорт на својата страница на платформата „Икс“ напиша дека неодамнешните настани во Косово - затворањето на пошти во северните општини и обновените предлози за отворање на мостот во Митровица за сообраќај - „ја подвлече итноста на враќањето на дијалогот“. - И двете овие прашања треба да се решат во процесот што го води ЕУ. Но, ова треба да биде дијалог фокусиран уште еднаш на подобрување на животот на обичните луѓе во Косово и зголемување на изгледите за младите од сите заедници да живеат, работат и да ги подигаат своите семејства овде, порача Девенпорт.

- Данскиот суд го прогласи за виновен Полјакот кој во јуни ја нападна премиерката на земјата, Мете Фредериксен. Тој е осуден на четири месеци затвор и протеран од Данска на шест години. Фредериксен била нападната на плоштадот Култорвет во Копенхаген кога 39-годишниот напаѓач ја турнал додека поминувале еден покрај друг. 

 - Обидот за пробив на украинските сили во Курската област на руско-украинската граница е провокација од големи размери, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин. - Како што знаете, режимот во Киев изврши уште една провокација од големи размери, пукајќи неселективно од различни видови оружје, вклучително и проектили, врз цивилни згради, станбени згради и амбулантни возила, рече тој. Рускиот претседател посочи дека очекува извештај од безбедносните сили за ситуацијата во Курскиот регион, а првиот вицепремиер Денис Мантуров е задолжен да ја координира работата на цивилните оддели, пренесуваат руските медиуми.

- Иран може да ја преиспита својата одлука да го нападне Израел поради „силниот дипломатски притисок од САД“, јави денеска весникот „Вашингтон пост“, повикувајќи се на неименувани извори. Претставници на Белата куќа веруваат дека интензивните дипломатски напори за ублажување на одмаздата на Иран за убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, во Техеран минатата недела би можеле да имаат ефект, пишува весникот, истакнувајќи дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е бесна поради избраниот тајминг на атентатот. САД, заедно со нивните сојузници од Запад и на Блискиот Исток, ги повикуваат Иран и Израел да ги намалат тензиите и да спречат конфликтот да ескалира во сеопфатна војна.

- Судот во Бангладеш денеска му ја укина пресудата на привремениот премиер Мухамед Јунус во случај поврзан со кршење на законот за работни односи, изјави неговиот адвокат. Британските медиум јавија дека Јунус беше ослободен од притвор со кауција, откако во јануари беше осуден на шест месеци затвор поради тоа што не создал социјален фонд за вработените во неговата компанија „Грамин Телеком“. Тој денеска на новинарите им изјави дека со нетрпение очекува да се врати во земјата и да се подготвува за иднината, откако во текот на неодамнешните протести беше принуден од поранешната премиерка, Шеик Хасина, да го напушти Бангладеш.

Остани поврзан