СДСМ бара смена на Гаши поради инцидентот на аеродромот, Левица му поднесе интерпелација
- СДСМ вчера побара премиерот Христијан Мицкоски итно да го смени Африм Гаши од претседател на Собранието. Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес-конференција кажа дека СДСМ ќе му даде поддршка за тоа. Левица, пак, вчера во Парламентот поднесе интерпелација за работата на претседателот на Собранието Гаши поради тоа што „воведува непринципиелни политики во Собранието“. Претседателот на Левица Димитар Апасиев на прес-конференција рече дека очекува претседателот на Собранието, Гаши, да ја стави на дневен ред на седница по летниот одмор, односно на почетокот на септември, на првата наредна седница по истекот на 10 работни дена.
Скопје, 7 август 2024 (МИА) - СДСМ вчера побара премиерот Христијан Мицкоски итно да го смени Африм Гаши од претседател на Собранието поради инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром. Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес-конференција кажа дека опозицијата ќе му даде поддршка за тоа. Левица, пак, вчера во Парламентот поднесе интерпелација за работата на претседателот на Собранието Гаши поради тоа што „воведува непринципиелни политики во Собранието“. Претседателот на Левица Димитар Апасиев на прес-конференција рече дека очекува претседателот на Собранието, Гаши, да ја стави на дневен ред на седница по летниот одмор, односно на почетокот на септември, на првата наредна седница по истекот на 10 работни дена.
-Oткако не успеа да го заташка, МВР го потврди скандалот со пиштолџијата кој СДСМ и медиумите го обелоденија. Откако цел ден молчеа на денот на настанот, МВР вечерта мораше да информира за него што укажува на јасна интенција истиот да се сокрие, изјави Кузеска, истакнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ побарало одговорност од извршителот, но не и од нарачателот.
-Тошковски удира по самарот и го штити својот коалициски партнер Африм Гаши, на сметка на неказнивост, самоволие и непочитување на македонските закони. За целосно расчистување на скандалот мора да има одговорност за коалицискиот партнер на Мицкоски, Африм Гаши. Според извештајот на МВР стои дека „пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание“ и дека „санкциите кон обезбедувачот и другите вработени во МВР, дел од обезбедувањето на Гаши се поради извршување незаконска наредба, вели Кузеска.
Со ова, според неа, се потврдува одговорноста кај Гаши дури и од страна на МВР.
Побара премиерот Мицкоски итно да го смени Гаши од претседател на Собранието, за што СДСМ ќе му даде поддршка.
-Го повикуваме обивнителството да покрене постапка, а Мицкоски да излезе во јавноста и да побара од Гаши политичка одговорност. Овој случај не може да се смета за затворен додека сите инволвирани во него не понесат одговорност. Институциите се должни итно да започна постапки. На Мицкоски му порачуваме наместо да се нуди да биде ескорт на ВИП личности на скопскиот аеродром, да обезбеди почитување на правото кое не го вади од уста. Нека го доведе Гаши до одговоност за случајот, истакна Кузеска на прес-конференција.
ВМРО-ДПМНЕ на тоа излезе со реакција дека „за разлика од времето на СДС кога немаше одговорност, сега во време на ВМРО-ДПМНЕ има експресна акција од институциите и никој не е поштеден. Одговорност има за секој кој се огрешил пред законот“.
-Ја разбираме нервозата во СДС затоа што слични инциденти имало и во минатото кога тие биле власт, но тогаш се заташкувале и се молчело, за разлика од сега, кога има акција и одговорност за секого. Има разлика. Државата е управувана од луѓе кои работат за подобра иднина на народот, за разлика од СДС и ДУИ кои работеа за себе, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија не смета дека е потребна смена на собранискиот спикер, вели „одговорноста е лоцирана, институциите како никогаш до сега превземаа итни и неодлoжни мерки. Сега има кривични пријава, во минатото ваквите случаи беа ставани под тепих“.
-Обидите на СДС, ДУИ и Левица да ќарат политички поени на оваа тема не не изненадуваат и очекуваме вакви и слични обиди за девијантно однесување од нивна страна и во иднина, посочува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа во ТВ интервју изјави дека кривично правна одговорност кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, не е утврдена согласно доставените докази.
Според него, единствена кривична одговорност согласно доказите има полицискиот службеник, дел од обезбедувањето на спикерот Гаши. Тој го оцени неговото однесување како недозволиво.
Тошковски информираше дека во рамки на предметниот настан се сослушани повеќе од 15 или 20 луѓе кои биле сведоци и биле разгледани видео материјали.
Одговорност од Гаши, покрај СДСМ, бара и Левица. Тие поднесоа интерпелација за собранискиот спикер заснована на седум точки, образложени на десет страници. Претседателот на Левица Димитар Апасиев на прес-конференција вчера рече дека очекува Гаши, да ја стави на дневен ред на седница по летниот одмор, односно на почетокот на септември, на првата наредна седница по истекот на 10 работни дена.
Првите две точки од интерпелацијата се однесуваат на повреда на секуларноста на државата со групната молитва во Собранието што ја направил Гаши и повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП-личности со инцидентот на Скопскиот аеродром пред пет дена во кој учествуваше шефот на обезбедувањето на Гаши.
Основи на барањето Гаши да се отповика од функцијата, според Левица, се и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што Гаши, како што рече Апасиев, „свесно го истиснува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и воведува илегална двојазичност дури и за пратениците кои се Македонци“, потоа повреда на правилата за употреба на државните инсигнии со тоа што во пленарната сала, спротивно на законот „нелегално стојат уште две други знамиња т.е. знамето на НАТО и знамето на ЕУ каде што ние се уште не сме членки“.
Повредено е, рече, и начелото на инкомпатибилност на функциите, односно го повикуваат на политичка одговорност Гаши затоа што не констатирал престанок на мандатот на новоизбраниот пратеник Талат Џафери „кој илегално ги извршуваше функциите премиер и пратеник“.
-Шестиот основ е повреда на законските и етичките одредби за антинепотизам. Сметаме дека со тоа што сопругата на Гаши патуваше со него во Вашингтон повреден е Законот за спречување на корупција и е направена тешка дисциплинска повреда на етичкиот кодекс за пратениците... и последниот основ е повреда на низа деловнички одредби за нормална работа на пратениците поради тоа што не се почитуваат императивните рокови за закажување седници, поради тоа што продолжува лошата пракса на шверцување закони по скратена постапка и поради тоа што не се обезбедени низа деловнички гаранции за нормално функционирање на пратениците, соопшти Апасиев.
Лидерот на Левица очекува пратениците да ја изгласаат нивната интерпелација за работата на Гаши со тоа што би го повикале на политичка одговорност.
Пратеникот од коалицијата „Вреди“, Беким Сали вчера изјави дека тој не може да каже точно што се случило на Скопскиот аеродром и дали некој треба да сноси одговорност оти за тоа треба да се произнесат надлежните органи.
- Сѐ додека не биде разјаснето од страна на истражните органи, дали има вина или нема вина, јас не можам да дадам став - позитивен или негативен, да бранам некого или пак да обвинувам за некоја постапка за што немам ни видео доказ, ни аудио, рече Сали.
Во врска со поднесувањето на барањето за интерпелација на собранискиот претседател Африм Гаши, како и кривичната пријава кон началник на Одделение за лично обезбедување на претседател на Собрание, Сали рече дека нема информации.
- Немам информација дека некој поднел таква иницијатива. Меѓутоа, тоа ќе се разгледа во деновите што доаѓаат. За дополнителни прашања, ве молам обратете се до медиа центарот на „Влен“, одговори пратеникот.
Според Сали, испраќањето на членот на обезбедувањето на Гаши на скопскиот аеродром било со цел да се смири ситуацијата, меѓутоа, како што рече, „што се случило таму, не знаеме“. Тој смета дека со тоа Гаши не ги прекршил ингеренциите.
Кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи, во меѓувреме соопшти дека е „за жалење“ начинот на кој беше разрешен инцидентот на скопскиот аеродром на вчерашната прес-конференција на двајцата премиери, бидејќи, како што оценува „уште повеќе придонесе за пропагандата против Република Косово“.
Она што се случи на аеродромот во Скопје, според кабинетот на Османи е „јасно прекршување на меѓународните правила признати и применувани во светот“ и посочува дека очекува да биде известен за преземените мерки.
-Иако го цениме изразот на жалење од страна на премиерот на Северна Македонија, за жал, досега институциите на Северна Македонија во ниту еден момент не се осврнале на прашањата покренати во протестната нота поврзани со кршењето на меѓународното обичајно право во однос на Република Косово, но напротив, отворено и без никакво двоумење прифатија такво прекршување. За ова не се потребни дополнителни извештаи и истраги за ниту една фактичка состојба, бидејќи тие се целосно ирелевантни пред јавното прифаќање на институциите на Северна Македонија дека ваквото правило е намерно наметнато, и покрај јасните барања на меѓународното право, се вели во соопштението од кабинетот на косовската претседателка.
Во соопштението објавено на Фејсбук профилот на косовската претседателка, се вели дека „Претседателот на Република Косово никогаш не побарал да се пречекоруваат или прекршуваат процедурите, туку да се почитуваат меѓународните правила, како што тоа се прави во целиот свет“ и се наведуваат повеќето земји што таа ги посетила во нејзиниот мандат.
Премиерот Христијан Мицкоски, во понеделникот на прес-конференцијата со косовскиот премиер Албин Курти изрази жалење за она што се случило на Аеродромот.
-Секој е подложен на стандардни безбедности процедури кога се користат комерцијални летови, па и јас како македонски премиер. Жалиме за последното случување од 2 август. Претседателката на Косово е добредојдена и јас ќе и бидам домаќин доколку патува од Скопје, рече премиерот Христијан Мицкоски во коментар на последните случувања со косовската претседателка Османи на скопскиот аеродром.
На новинарско прашање за тоа дали ќе побара одговорност од спикерот Африм Гаши и заканувањето со оружје од страна на припадници од неговото обезбедување кон полициски службеници на аеродромот, Мицкоски рече дека надлежните институции ќе го расветлат случајот и доколку бидат констатирани пречекорувања на овластувањата ќе следи и одговорност за истите лица.
-Доколку институциите констатираат пречекорување или сторување кривично дело тогаш бидете сигурни дека истото лице ќе биде изведено пред лицето на правдата. Нема никој да биде над законот во оваа земја. Не постојат такви лица кои ќе бидат над законот додека сум јас премиер, рече Мицкоски.
Прашан дали може да се смета за расчистен инцидентот со косовската претседателка на скопскиот аеродром или тоа сепак ќе влијае на односите меѓу двете земји, Мицкоски подвелече дека самата денешна средба на која биле отворени и други прашања од заеднички интерес на двете држави, потврдува дека односите не само што не се нарушени туку тие ќе добијат нова димензија во позитивна насока во иднина.
-Разликата меѓу овој случај и претходните два случаи кои исто така се случиле на скопскиот аеродром е тоа што сега има јавност. И тоа што сега има политичари кои се обидуваат да спечалат ситни политички поени и ќе се обидат и во иднина да влијаат негативно врз односите меѓу двете влади, но нема да успеат. Јас слушав изјави од типот дека се црвенееле некакви политичари, дека ова не требало да се случува. Но истите тие претстпостваувам се црвенеат од 2023 година, оти два вакви слични инциденти се случиле и на 16 септември и 9 октомври 2023 година, кога овие политичари кои сега се црвенета, тогаш беа дел од Владата. Само разликата е што сега имаме јавност, а тогаш немаше јавност. Оваа Влада е демократска и транспарента, рече Мицкоски и повтори дека жали за инцидентот и оти лично ќе и биде домаќин на Османи кога ќе патува од скопскиот аеродром.
Мицкоски и Курти изразија надеж дека инцидентот на скопскиот аеродром, поврзан со косовската претседателка Османи нема да ги наруши добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Косово. нд/вг/
Фото: МИА Архива