• четврток, 09 април 2026

Промоција на психолошкиот трилер „Немам страв“ во КИЦ

Промоција на психолошкиот трилер „Немам страв“ во КИЦ

Скопје, 7 април 2026 (МИА) - Романот „Немам страв“ од Трајче Стамески ќе биде промовиран вечер во салонот „19:19“ во Културно-информативниот центар во Скопје. Конечно, со овој роман, современата македонска книжевност доби психолошки трилер каков што досега немаше. Дело од македонски автор коешто со своите квалитети е рамо до рамо со најдобрите психолошки трилери што до македонската читателска публика доаѓаа само преку преводната литература, а го објави „Панили“, се наведува во соопштението на издавачката куќа „Матица македонска“.

Според најавата, промотори на романот ќе бидат Венко Андоновски и Весна Мојсова-Чепишевска, а извадоци ќе читаат студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

- „Немам страв“ од Стамески го поставува прашањето дали уметноста може да го замени животот - и дали тоа право секогаш ни припаѓа. Но и роман што отвора многу други прашања што досега не сме ги сретнале во прозно дело од македонски автор, се додава во соопштението.

Според писателот и универзитетски професор, Венко Андоновски, „Немам страв“ е мајсторски изведен психолошки трилер, каде анегдотската нарација се спојува со длабока психолошка анализа.

- Со прецизна игра на наративни гласови и фокализации, Стамески создава прозен свет што го држи читателот во постојана напнатост до последната страница. Овој роман сведочи за автор со изразен личен стил и висока прозна зрелост, се наведува во пишаната изјава на Андоновски.

Во „Немам страв“, ликот Ана Ред, по смртта на сопругот Тристан, пронаоѓа окер папка со таен ракопис.

- Пред неа се отвора една внимателно изградена архитектура од зборови. Ракописот сведочи за четири патувања низ годишните времиња со Елис - жената кон која Тристан не се осмелил да ја изговори својата љубов. Низ редовите, Ана открива обид на еден човек да се спротивстави на сопствената минливост. Соочен со губењето на сеќавањата, Тристан создава реалност каде љубовта е возможна како чист креативен чин. Онака како што очигледно е можно само во мајсторски напишан роман каков што е овој на Стамески, се додава во соопштението.

Стамески е универзитетски професор по македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови.

- Неговиот творечки интерес е насочен кон современата проза, наративните техники и односот меѓу фикцијата и психолошката стварност. „Немам страв“ е негов прв роман, но, со него, според реакциите на критиката и на првите читатели, прави огромен чекор на книжевната сцена, нагласуваат од издавачката куќа. бд/ев/

Фото: „Матица македонска“ / Соопштение

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан