• среда, 08 април 2026

Вистината за воскресението на Исус прв ја запишал апостол Павле уште во 52-54 г., евангелистите доаѓаат десетина години подоцна

Вистината за воскресението на Исус прв ја запишал апостол Павле уште во 52-54 г., евангелистите доаѓаат десетина години подоцна

8 април 2026, (МИА)

Дарко ЈАНЕВСКИ

Иако кај христијаните е вкоренето мислењето дека сржта врз која е изградена нивната вера - воскреснувањето на Исус - првично е запишана во четирите евангелија, по Матеј, Марко, Лука и Јован, првиот запис за вистината се појавува неколку години пред настанување на евангелијата и потекнува од страна на апостол Павле.

Имено, сите четири евангелија го имаат горе-долу истиот наратив - Исус е погребан, во неделата доаѓаат жените и ја наоѓаат гробницата празна, потоа, во зависност од тоа кое евангелие го читате, еден маж, двајца мажи или ангел им кажуваат дека Исус не е тука и дека воскреснал, а потоа Исус им се јавува на апостолите, односно првично на Марија Магдалена.

Но првата запишана вистина врз која е изградено христијанството ја изнесува апостол Павле во Првото послание до Коринтјаните, глава 15.

Тука Павле опишува дека Исус бил „погребан“ (што значи дека телото не било оставено на крстот, фрлено на животни од Римјаните или закопано во некоја заедничка гробница бидејќи терминот „погребан“ означува положување во посебна гробница во согласност со тогашните обичаи) и дека „на третиот ден воскресна, во согласност со Писмата“.

Потоа, вели Павле, Исус му се јави на Петар (го употребува неговото арамејско име Кифа), а потоа и на единаесетте апостоли.

За да се отстрани евентуалниот сомнеж (апостолите може да тврдат дека Исус им се појавил за да го оправдаат своето дејствување, а тоа да не е така), Павле пишува дека „еднаш им се јави на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и денес, а некои починаа“.

Со оглед на тоа дека се смета дека Посланието е напишано околу 54 година од нашата ера (десетина година пред да се појави Евангелието по Марко, меѓу 60 и 70 година, 10-20 години пред Матеј и Лука, за чие Евaнгелие некои сметаат дека е напишано рано, уште меѓу 62-64 г. од н.е. и најмалку 20-30 години пред Евангелието по Јован), ова е прв изречен доказ за воскреснувањето на Исус, во кој се споменуваат обичните луѓе. Павле фактички порачува дека многу од луѓето пред кои се појавил Исус (500) се сè уште живи, па секој скептик може да провери така што самиот би поразговарал со некој од нив.

Фактот што Павле вели „еднаш се појави пред 500 луѓе“ упатува на тоа дека имало и други појавувања пред масовен број луѓе, но ова е случај во кој тој се уверил дека е вистинит. Неговата порака до скептици во таа 54 година, всушност, е: „Еве ви ги луѓето, многу од нив се живи, иако некои починаа (Посланието е пишувано 24 или 21 година по воскресението - во зависност од тоа кога сметате дека Исус е распнат и воскреснал - 30 или 33 година) и прашајте ги! Јас прашав!“

Потоа Павле продолжува дека Исус му се појавил и на Јаков, неговиот брат, за кој се смета дека до тој момент бил прилично голем скептик за тоа кој е Исус, па оттука не случајно Павле токму него го споменува. Па им се јавил на сите апостоли (од поширокиот круг, а не само на 12-те), за на крајот, самиот Павле да напише:

„А по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче, зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол бидејќи ја гонев божјата црква“.

Како Павле ги дознал овие факти? Се смета дека Исус нему му се појавил во 32 година на неговиот пат кон Дамаск (меѓу една и три години по смртта на Исус; ако Исус е распнат 30 година, тогаш се зема 32 година, ако е распнат 33 година, тогаш појавувањето на Павле би било во 35 година итн). Тогаш, дотогашниот Савле, а потоа Павле, три дена ослепува, не јаде и не пие, по што му се враќа видот и тој престанува да биде прогонител на христијаните. Но таа сцена не е доволна. Оттука, во 35 година (или 38) заминува за Ерусалим и има средба со Петар и Јаков, всушност се затвораат во куќата во која престојуваат и средбата и разговорите траат 15 дена. Така, Павле од прва рака ги дознава сите податоци што им биле достапни и познати на Петар и Јаков. Јасно ви е дека првото прашање упатено од Павле кон Петар и Јаков, кога влегол во куќата во Ерусалим во која го пречекале, било: „Што навистина се случи?“

А овие сведоштва Павле ги прибира само пет години по погубувањето на Исус, неговиот погреб и тврдењата дека воскреснал. Сосема кратко време за да може да се смета дека нешто клучно се променило во меморијата на оние што биле сведоци на настаните. По 15-дневните разговори, Павле го напушта Ерусалим, но се враќа во 48 година за да провери уште еднаш дали неговите проповедања се во ред. Тогаш, по повторните средби со апостолите, од прва рака уште еднаш се уверува во настаните што се случиле 18 (или 15) години пред тоа и заклучува дека сеедно кој проповеда - тој, Тома или кој и да било, учењето е исто, зашто се заснова на исти податоци за настаните.

Тие сведоштва, кои Павле ги собрал, се опишани токму во овие неколку стиха од Посланието до Коринтајните напишано во 54 година:

Глава 15. За воскресението на мртвите.

1. Браќа, ви напомнувам за Евангелието, Кое ви го проповедав а Кое вие го примивте и во Кое стоите.
2. Преку Него и се спасувате, ако Го држите како што ви проповедав, освен ако не сте поверувале напразно.
3. Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата;
4. дека Он беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата,
5. и дека му се јави на Кифа и потоа на +единаесетте;
6. после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа;
7. потоа му се јави на Јакова и на сите апостоли,
8. а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче,
9. зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква.

Патем, ова е едно од седумтте посланија за кое меѓу световните научници по Новиот завет нема сомнеж дека е автентично, односно дека е напишано од апостолот Павле. Имено во Библијата има 13 негови писма, односно посланија, но за шест од нив научниците спорат ценејќи го неговиот стил, составот на речениците, теолошката мисла итн. Тука, во спорните, спаѓа и оној дел од Посланието до Тимотеј, каде што тој наводно вели дека жените треба да седат дома и да молчат, што е сосема спротивно од она што тој го вели за жените во Посланието до Римјаните. Но, тоа е друга тема. Овде е битно дека Првото послание до Коринтјаните, каде што се и цитираните делови за воскресението на Исус, спаѓа во неоспорните седум посланија.

За крај, да го споменеме и англискиот професор Николас Томас Рајт, теолог, историчар и научник (кај нас се смета за грев ако на православен датум се повикате на некој што не е православен верник, но научник е научник, зар не?), кој се осврнува и на уште еден интересен факт- а тоа е не само на Посланието до Коринтјаните, туку и на евангелијата во кои Исус првин им се појавува на жени, и тоа го смета како дополнителен доказ дека запишаното за воскресението е вистина. За ова тој вели: 

„Ова Послание на Павле е напишано веројатно во 52/53 година од н.е., значи приближно 20 години по смртта и воскресението на Исус. И Павле вели, се појави пред повеќе од 500 луѓе, а повеќето од нив сè уште се живи. И импликацијата е: „Одете и прашајте ги“. ...А пред тоа ги виделе Петар, Јаков, сите апостоли, па дури потоа 500 луѓе одеднаш, и последен, вели Павле, „го видов јас“. И ако ова не било така, секој што ги знае раните христијански стории, Матеј, Марко, Лука и Јован, ќе кажел: „Нешто е чудно во ова“, бидејќи во Матеј, Марко и Лука и Јован првите луѓе што го виделе воскреснатиот Исус се жените. Сега, она што се случи е дека во официјалната црковна традиција жените се исфрлени како сведоци бидејќи раната црква знаела дека жените не се сметале за веродостојни сведоци во правниот суд. И веќе имаме рани докази дека луѓето се потсмевале и велеле: „Ах, ова се само неколку хистерични жени во раното утро. Нема да верувате во тоа, нели?“ И така веќе до раните 50 години од н.е. официјалната традиција ги изгуби од вид. Но, и покрај тоа, во сите четири евангелија жените се пред и во центарот. Доколку не било така, Матеј, Марко, Лука и Јован би ги исфрлиле од евангелијата. Но, тие ги оставиле, ги запишале, иако во тоа време жените се сметале за некредибилни сведоци. Зошто Матеј, Марко, Лука и Јован ги оставиле, ги запишале? Затоа што така се случило. Така што Првото послание до Коринтјаните, глава 15, е важно, но тоа е делумно важно како еден вид негативен сведок што го олеснува извонредниот факт дека ги имаме овие четири посебни извештаи, евангелија, во кои жените се првите што го гледаат воскреснатиот Исус. И јас како историчар не можам да најдам ништо против овие докази дека Исус навистина телесно воскреснал“, вели професорот Рајт. 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан