• среда, 07 август 2024
МИА Радио флеш

7 август 2024

- На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата, се бележи зголемена фреквенција на возила, што е карактеристично за летниот период, но исто како и на останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања, соопшти АМСМ. Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.  Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се
однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

- Вкупно 41 пожар на отворен простор низ државава се евидентирани во текот на вчерашниот ден. Од тој број, шест се активни, девет се под контрола, 26 се изгаснати, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од активните, првиот е во општина Македонски Брод, кај селата Тажево и Брезница и кај „Јасен“. Вториот е на територија на општините Демир Хисар и Охрид - Илинска Планина, кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани. Третиот е на територија на општина Чашка, кај селата Папрадиште и Ореше. Четвртиот е во регионот на општина Петровец, кај селата Градманци и Дивље. Активен е и пожарот во општина Кочани - место викано „Панаѓур“, кај одмаралиштата на Пониква. Последниот од наведените е во општина Студеничани, кај селата Драчевица и Црвена Вода.

 - Со почит за загинатите пред спомен обележјето во кругот на прилепската касарна „Мирче Ацев“, вечер во Прилеп почнуваат чествувањата за 23-годишнината од загинувањето на 10 прилепски армиски резервисти  кај месноста Карпалак на патот Скопје -Тетово. На 8 август 2001година конвојот на АРМ беше запрен во заседа и загинаа 10-те припадници на резервниот состав: Сашо Киртаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердоцван Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски. Во касарната ќе биде посетена и Спомен-собата на 5-ударна бригада - прилепска каде се фотографиите и спомените за 10-те загинати резервисти. Во спомен на загинатите, во манастирот „Света Петка“ во прилепското село Лениште ќе се одржи богослужба.

 –  Северна Македонија има најбрз интернет во регионот, а е меѓу подобро рангираните земји и во Европа, покажува истражувањето на Cable.co.uk, што го објави статистичкиот портал „Ландгеист“. Со брзина на интернет конекциите од 97,9 Mbps, Македонија е пред Словенија, 97,0 Mbps, Србија 60,5 Mbps, Косово 57,3 Mbps, Грција 53,9 Mbps, Црна Гора 49,5 Mbps, Босна и Херцеговина 44,0 Mbps и Бугарија 40,4 Mbps.  Најбрз интернет во Еропа има на островот Џерси (264 Mbps) лоциран меѓу Велика Британија и Франција, во Лихтенштајн 246,8 Mbps и во Исланд 229,4 Mbps. 

 – Косовските Срби најавија за денеска протест во северно Косово поради, како што беше објавено во повикот на организаторите, „лошата состојба на српскит народ“ во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина. Протестот е свикан за во 11 часот на плоштадот „Цар Лазар“ во Северна Митровица“. Полицијата е известена за протестот и ќе биде присутна за да се погрижи ситуацијата да не излезе од контрола, иако не се очекуваат проблеми. - Група граѓани го најави протестот за во 11:00 часот, кој е предвиден да се одржи на плоштадот „Цар Лазар“. Се очекува протестот да биде мирен, а полицијата ќе биде во доволен број за да го одржува јавниот ред и мир, иако не очекуваме никакви проблеми, изјави заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани.

- Косовскиот премиер Албин Курти ги отфрли обвинувањата дека Албанците ќе маршираат преку мостот Ибар по неговото отворање за денеска, со оценка дека со таквите тврдења српскиот претседател сака да создаде атмосфера на страв и да предизвика реакција на КФОР. „Српскиот претседател Александар Вучиќ со лажни наводи дека Албанците маршираат преку мостот сака да создаде атмосфера на страв и да предизвика реакција на КФОР во Митровица, заканувајќи се дека Србија ќе одговори доколку не реагираат“, напиша Курти доцна синоќа на социјалната мрежа X.

 – Во состојба на зголемена готовност се наоѓа Атина со цел да реагира во случај на разгорување што би влијаело врз Либан. Атина и Никозија се во координација за евентуална евакуација, пред сè, граѓаните на Грција или на Република Кипар и доколку е потребно и на трети земји, главно од ЕУ, пишува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина. Во случај да биде побарана помош од Грција за евакуации, првото решение, според „Катимерини“ е грчката фрегата „Кунтуриотис“, која моментално плови покрај брегот на Либан како дел од постојаната мисија на поморските сили под покровителство на ОН, но доколку е потребно, постои можност да се испратат и други воени (или изнајмени) бродови, како и воздушни средства.

 - Летните одмори се во тек, но возачите треба да се воздржат од брзо возење оваа недела бидејќи сообраќајната полиција низ ЕУ врши дополнителни проверки. Роудпол - мрежата на сообраќајната полиција на блокот - ја спроведува својата годишна кампања против пребрзо возење, за која тврди дека е најголема во светот „во однос на вкупниот број вклучени полициски професионалци и проверки на возачите“ и има за цел да ги намали смртните случаи во сообраќајот, пишува Политико. Во 2018 година, ЕУ вети дека ќе ги намали смртните случаи на патиштата за 50 отсто до 2030 година, но само неколку земји-членки се на пат да ја исполнат таа цел. Минатата година, смртните случаи на патиштата се намалија за само процентен поен, со 20.400 смртни случаи. Смртните случаи во сообраќајот во Шпанија, Франција и Италија стагнираат од 2019 година, покажуваат податоците на Евростат, додека тие се зголемени во Холандија, Словачка и Шведска.

 - Организацијата за човекови права „Провеа“ синоќа објави дека вкупно 24 лица загинале за време на протестите по претседателските избори во Венецуела на 28 јули, поради сериозни обвинувања за измами, јави ДПА. „Провеа“ на социјалната мрежа „Х“ објави дека во најмалку девет случаи на убиства, вооружени провладини групи цивили, т.н. колективи, се идентификувани од сведоци како можни сторители. Хјуман рајтс воч зборуваше и за „веродостојни извештаи за 24 смртни случаи“ во врска со протестите. Во Венецуела протестираа во изминатите денови против изборните резултати за кои велат дека биле наместени. Според владините изјави, досега се уапсени повеќе од 2.000 луѓе како одговор на протестите.

- Началникот на вооружените сили на Бангладеш одлучи војниците да не пукаат врз мирни граѓани за да воведат со сила полициски час, што ја принуди поранешната премиерка Шеик Хасина Вазед да поднесе оставка и брзо да ја напушти земјата, тврдат американски медиуми. Според двајца армиски офицери, командантот Вакер ул Заман ја објави оставката на Хасина, откако заседаваше со своите генерали преку видеоконференција и потоа ја посети резиденцијата на премиерката за да ја информира дека неговите војници нема да ги применат побараните мерки. Пораката била јасна - Шеик Хасина веќе не може да смета на поддршката од армијата. Шеик Хасина Вазед ја напушти земјата заедно со својата сестра со воен хеликоптер. Генералот Заман се сретна со претседателот Мохамед Шахабудин за консултации за формирање на преодна влада, на чие чело ќе биде добитникот на Нобеловата награда за мир од 2006 година, Мухамад Јунус. 

 - Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, повика на „брзо елиминирање“ на новиот лидер на Хамас, Јахја Синвар, кој ја презеде функцијата од убиениот водач Исмаил Ханија. „Именувањето на архитерористот Јахја Синвар за нов лидер на Хамас, кој ќе го замени Исмаил Ханија, е уште една убедлива причина да го елиминираме брзо и да ја збришеме оваа подла организација од лицето на Земјата,“ напиша Кац на мрежата Х, пренесе Тајмс оф Израел. Командантот на Хамас во Појасот Газа, Јахја Синвар, вчера беше именуван за политички лидер на оваа милитантна палестинска група, а израелската војска го бара од почетокот на војната во енклавата поради планирање на нападите на 7 октомври.

- Израел веднаш по убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, ги информираше САД дека стои зад убиството, пишува Вашингтон пост, цитирајќи извори запознаени со процесот во Белата куќа. Според весникот, претставниците на администрацијата на претседателот Џо Бајден биле огорчени поради одлуката за ликвидација на Ханија, загрижени дека тоа би можело да стави крај на повеќемесечните внимателни преговори за примирје во Газа. Весникот наведува дека американските власти се исто така гневни и поради тоа што Израел не ги информирал пред да започне други операции за напади на Хезболах или ирански команданти, пренесува Тајмс оф Израел.

– Палестинската власт е подготвена за преговори со Израел за конечниот статус во рамки на мировна конференција, изјави палестинскиот претседател Махмуд Абас. „Државата Палестина формулираше политичка визија и подготви „насоки“, одобрени од групата од шест арапски држави и претставена на разгледување во САД, Европската унија и членките на Советот за безбедност на ОН. Во нејзината суштина лежи сеопфатно политичко решение што предвидува крај на израелското присуство во Појасот Газа“, изјави Абас.

- Новиот лидер на Хамас Јахја Синвар останува клучен фактор за склучување примирје во Појасот Газа, изјави државниот секретар на САД, Антони Блинкен. - Преговорите за ослободување на заложниците во Газа се во завршна фаза, и од клучно значење е засегнатите страни да работат на завршување на договорот што е можно побрзо, изјави Блинкен по синоќешната средба со американскиот министер за одбрана Лојд Остин и нивните австралиски колеги во Анаполис, Мериленд. Блинкен и Остин разговараа со австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг и министерот за одбрана и вицепремиер на земјата Ричард Марлс во комплексот на американската поморска академија. Радикалното палестинско движење „Хамас“ синоќа соопшти дека Синвар, кој е водач на групата во Појасот Газа, е именуван за шеф на целата организација на местото на Исмаил Ханија, кој беше убиен минатата недела во иранската престолнина Техеран.

- Американската централна команда (СЕНТКОМ) синоќа соопшти дека нејзините сили уништиле беспилотно летало и две противбродски проектили на јеменските бунтовници хути. Тие беа цел на територијата во Јемен контролирана од хутите, соопшти СЕНТКОМ. Дронот и проектилите биле пресретнати над Црвеното Море. Од минатата есен, хутите систематски гранатираат бродови во Црвеното Море, теснецот Баб ел Мандеб и Арапското Море, тврдејќи дека тоа го прават во знак на солидарност со радикалната палестинска група Хамас, која се бори против Израел во Појасот Газа.

 - Американскиот претседател Џо Бајден синоќа разговараше со лидерите на Катар и Египет за прашањето за деескалација на тензиите во регионот, како и за прекин на огнот во Појасот Газа и договор за ослободување на израелските заложници држени од радикалната палестинска група Хамас. Во меѓувреме, египетското претседателство соопшти дека за време на телефонскиот разговор со Бајден, египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси го потврдил гледиштето на Каиро во врска со „опасноста од последиците од продолжувањето на војната во Газа и нејзиното негативно влијание врз стабилноста во регионот." . Според нив, склучувањето на примирје меѓу Израел и Хамас е основа за враќање на мирот и стабилноста во регионот.

- Потпретседателката Камала Харис и гувернерот на Минесота, Тим Валц, синоќа за прв пат настапија заедно во рамките на предизборната кампања на Демократската партија за претседателските избори. Нивната повеќедневна турнеја започна во Пенсилванија и ќе продолжи во уште неколку клучни држави чии гласови тие се надеваат дека ќе ги освојат во ноември.
Харис и Валц одржаа митинг во Филаделфија, најголемиот град во оваа сојузна држава која се смета за критички важна за победа против републиканецот Доналд Трамп и неговиот партнер Џеј Ди Венс во тесната битка за гласовите на избирачите.
Обраќајќи се пред повеќе од десет илјадна публика на Универзитетот Темпл, Харис го опиша минатото на Валц како поранешен учител во средно училиште и тренер на фудбалскиот тим, ветеран на Националната гарда и поранешен конгресмен.

- Земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала синоќа погоди делови на јужна Калифорнија, без извештаи за потенцијални жртви или материјална штета. Американскиот геолошки институт соопшти дека епицентарот на земјотресот бил регистриран во близина на Метлер, област во округот Керн, на околу 137 километри од центарот на Лос Анџелес. Властите во Лос Анџелес и другите погодени области проверуваат дали е предизвикана материјална штета

- Соединетите Американски Држави водат во поредокот за медали на Олимпијадата во Париз. Американците на пет дена до крајот на Игрите имаат 24 златни медали , два повеќе од кинеските спортисти. Златни медали имаат освоено 49 земји, а со барем еден медал досега се закитија 78 држави. 

Остани поврзан