• среда, 07 август 2024
МИА Општински пул

7 август 2024 

Берово - Претставници на Амбасада на Чешка во РС Македонија меѓу кои и конзулот Давид Ченохорски денеска имаа работна посета на Општина Берово. При посетата, како што информираа од Општината, остварија средба со градоначалникот Звонко Пекевски, а имаа и состанок со земјоделци од Беровскиот регион.

 Остварена беше средба со локални, правни лица од доменот на земјоделие, производство и преработка на храна и посета од страна на конзулот Давид Чернохорски од Амбасадата на Чешка во земјава и земјоделскиот дипломат, Владимир Вања од Амбасадата во Белград, кој е акредитиран и за Република Северна Македонија, во просториите на Општина Берово. На средбата, на која беа присутни претставници од локалниот бизнис сектор, се водеше конструктивна дискусија за начините и можностите за соработка помеѓу двете држави, информираа од Општината.

Скопје - Во Зоолошката градина во Скопје вчера била извршена евтаназија на азиската слоница Дуња. Одлуката за евтаназија, како што објави денеска Зоолошката градина Скопје на Фејсбук, е донесена по насока на сопствениците кои ја позајмија на нашата зоолошка - „Pairi Daiza“ од Белгија, заедно со тим експерти (ветеринар, офтамолог и сениор зоо негувател на тимот за слонови) кои изминатите денови ја прегледуваа слоницата.

- Ниту еден третман, ниту операција не можеше да ја спаси, а одлуката на сопствениците од Белгија беше од стручниот меѓународен тим за да таа не страда. Последнава година слоницата Дуња појавуваше симптоми на длабока старост и изнемоштеност и се констатираа повеќе здравствени проблеми кај Дуња, типични за шеестгодишна слоница. Дуња скоро и да не гледаше, имаше проблеми со вилицата и забите, а ден претходно беше направен преглед и констатиран е комплексен дентален проблем. За процесот на обдукција и останките, Зоолошка градина Скопје ги следеше законите и правилата, како и консултации со тим од Факултетот за ветеринарна медицина, се вели во објавата.

Кавадарци - Нема никогаш да дозволиме да се загрози квалитетот на живот, околината и животната средина во која живееме, напиша кавадаречкиот градоначалник на Фејсбук, откако денеска во Кавадарци стартуваше собирање на потписи против изградба на регионален центар за рециклирање и третирање на отпадна гума. 

- Сакам да ви се обратам во врска со вчерашната презентација за намера за изградба за фабрика за еколошка преработка на гума. Ве известувам дека Општина Кавадарци заедно со Советот на Општина Кавадарци и јас како градоначалник на оваа општина, нема никогаш да дозволиме да се загрози квалитетот на живот, околината и животната средина во која живееме. Вложувањето на постоечките ресурси за поздрава животна средина и чисто Кавадарци, во изминатиот период, имаат донесено доста видливи резултати, и Кавадарци со причина за наоѓа на врвот на листата за најчисти и најеколошки општини во нашата земја. Никогаш нема да дозволиме и недолично однесување на поединци кои сакаат да пласираат и низа на дезинформации кон јавноста, сподели Јанчев.

Кочани - Локалната самоуправа на Кочани утревечер ќе ја спроведе третата, завршна фаза од овогодишната кампања за третман против комарците на територијата на општината.

Според известувањето од општинските служби, ќе се прска од земја на површина од 300 хектари во Кочани и во селата Тркање, Мојанци, Горни и Долни Подлог, Грдовци, Прибачево и Оризари. Третирањето ќе го изведе стручна екипа на компанијата „Лиса ком“ од Кавадарци, при што ќе користи воднорастворлив широкоспектарен инсектицид одобрен од Бирото за лекови.

Кочани - Брзо закрепнува повредениот и истоштен царски орел што пожарникарите од Доброволното противпожарно друштво од Кочани го однесоа во Зооолошката градина во Скопје, откако пред два дена го спасија од кров на викендичка на Пониква.

Птицата веќе почнала самостојно да зема храна и вода, со што се очекува за кратко време нејзината здравствена состојба да се подобри за да може да се врати во своето природно живеалиште.

Струга - Четиримесечно бебе од струшко без знаци на живот синоќа од родителите било донесено во Општата болница во Струга, соопшти денеска СВР Охрид.

Портпаролот Стефан Димоски информира дека во ОВР Струга вчера во 22 часот и 43 минути било пријавено дека детето починато е однесено на Детското одделение. - На Детското одделение во Општата болница во Струга од родителите било донесено четиримесечно машко бебе од струшко село без знаци на живот. Според пријавеното, тие претходно повикале екипа од Итната медицинска помош – Струга, кои во семејниот дом извршиле реанимација, по што бебето го пренеле во болницата, каде била констатирана смрт, изјави Димоски.

Вевчани - Во Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ вечер ќе биде отворена изложбата „Вевчанските уметници од Вевчани за Вевчани“ со дела од вевчански уметници во рамките на манефестацијата „Вевчанско лето 2024“.

На изложбата, како што е најавено, ќе бидат претставени дека на Никола Угриноски, Перо Шутиноски, Симун Коруноски, Коста Костоски, Симун Лепоски, Боро Даскал, Кристо Чочороски, Гордана Алулоска, Гаврило Парталоски, Ана Чоловиќ Лешоска и Јана Парталоска. За забавниот дел, пак, ќе бидат задолжени „Коста Костоски & Драма“.

Куманово - Несовесни граѓани повторно уништиле урбана опрема во Куманово, информираа денеска надлежните од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“.

- Три клупи се уништени во градскиот парк. Пред една седмица интервениравме со механизација и човечки потенцијал за вадење на исфрлени клупи во речното корито, денеска сме повторно принудени од несовесни граѓани да интервенираме. Несовесното однесување на граѓаните кое води до уништување на опремата во градскиот парк претставува сериозен проблем за заедницата. Таквото однесување не само што ги зголемува трошоците за одржување, туку и негативно влијае врз сите корисници на паркот, изјави директорот на претпријатието, Ненад Стојановски.

Прилеп - Прилепскиот гимназијалец Петар Мирчески на земјава ѝ го донесе сребрениот медал од Олимпијадата по хемија што од 21 до 30 јули се одржа во Ријад, Саудиска Арабија. Целиот македонски тим на оваа Олимпијада покажа завидни резултати: Марио Ванчоски и Иван Костевски од Гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип и Елена Живаљевиќ од „Јахја Кемал“ од Скопје. Мирчески со тимот утре го очекува приемот кај претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Мирчески сребрениот медал го освои во конкуренцијата на 330 натпреварувачи од 84 земји. Сѐ уште ги сумира незаборавните впечатоци и возбудувања.

Кавадарци - Регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари" бара измени на Законот за вино за уште пореални цени на грозјето. Како што рече денеска претседателот на здружението Дане Јошев,  сегашните цени се донекаде поволни и повисоки од лани, но целта на законските измени што се бараат, е лозарството да биде исплатливо и младите да не го напуштаат, заминувајќи во странство.

Вчера Институтот за лозарство ги објави производствените цени за килограм грозје од најзастапените вински сорти на грозје, вранецот и смедеревката. 

Скопје -  Општина Ѓорче Петров соопшти дека на крак на улица „35" во Волково се поставува нова канализациска мрежа во должина од 250 метри и дека увид во градежните работи денеска извршил градоначалникот Александар Стојкоски.

Како што информира Општината, градоначалникот нагласил дека „граѓаните конечно добиваат квалитетни услови за живот, по високи стандарди“.

 

 

Остани поврзан