• среда, 07 август 2024
МИА Општински пул

7 август 2024

Скопје - Во тек е реконструкција на тоалетите во основното училиштето „11 Октомври“ во населбата Пролет. Во рамки на реконструкцијата се менуваат подните и ѕидните плочки, ќе бидат поставени нови подни сифони и ќе биде извршена комплетна промена на санитарната опрема и галантерија. При реконструкцијата ќе биде поставено и ново осветлување, а ќе следи и варосување на ѕидовите со дисперзна боја како и промена на сите постојни дрвени врати.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски смета дека квалитетното образование не зависи само од квалитетната настава во училиштата туку и од инвестициите во образовните институции и подобрувањето на условите за настава.

Велес - Се уште е активен шумскиот пожар меѓу планинските села Ореше и Папрадиште во реонот на Азот во Општина Чашка.

- Во гаснење на пожарот, во кој гори мешана дабова и букова шума,  од утрово од 7:30 часот се вклучени и два хеликоптера, а гаснат и мештаните од двете села и екипи на Шумското стопанство „Бабуна“ од Велес, информираат за МИА од Регионалниот центар за управување со кризи Велес.

Куманово - Заврши изградбата на локалниот пат во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, информираа денеска надлежните. Локалната власт очекува поефикасно поврзување на жителите со останатите локални патни правци на подрачјето на општината и побезбедно поврзување со регионалните патишта во околината на општината.

- Заврши изградбата на патот во село Драгоманце. Првин асфалтиравме над 800 метри, сега и 920 метри. Изведувач на работите беше кумановска компанија, средствата се обезедени од Бирото за рамномерен регионален развој и општината и се во вредност од 2, 4 милиони денари, изјави заменик градоначалникот на општина Старо Нагоричане, Бобан Цветановски.

Скопје - Без вода денеска од 10 часот се дел од корисниците лоцирани на улиците „Чупино Брдо“, „Дреновска“ и „Иван Тургењев“ во општина Кисела Вода. 

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на улица „Чупино Брдо“.

Кавадарци - Во Кавадарци денеска започна собирање потписи против регионален центар за собирање и третман на отпадна гума. 

- Всушност, собирањето на потписи е против нова Г-1 индустрија во општина Кавадарци. Потписите се собираат на градскиот плоштад во Кавадарци, рекоа незадоволните кавадарчани, кои на вчерашната јавна расправа организирана од Министерството за животна средина, во голем број, порачаа дека не сакаат регионален центар за собирање  и третман на отпадна гума. Тие, како што истакнаа,  се исплашени за сопственото здравје, земјоделството, винскиот туризам и развојот на регионот. 

Јавната расправа беше за животна средина во врска со Г-1 зона. 

Скопје - Вкупно 41 пожар на отворен простор низ државава се евидентирани во текот на вчерашниот ден. Од тој број, шест се активни, девет се под контрола, 26 се изгаснати, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од активните, првиот е во општина Македонски Брод, кај селата Тажево и Брезница и кај „Јасен“. Вториот е на територија на општините Демир Хисар и Охрид - Илинска Планина, кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани. Третиот е на територија на општина Чашка, кај селата Папрадиште и Ореше. Четвртиот е во регионот на општина Петровец, кај селата Градманци и Дивље. Активен е и пожарот во општина Кочани - место викано „Панаѓур“, кај одмаралиштата на Пониква. Последниот од наведените е во општина Студеничани, кај селата Драчевица и Црвена Вода.

Куманово - Изгаснат е пожарот на дабова шума во липковско Матејче, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово и од кумановската подружница на „Национални шуми“. Пожарот на планината над село Матејче избувнал во попладневните часови.

- Наша екипа од пет вработени со едно противпожарно возило успеа да го изгаси пожарот кој зафати нискостеблеста дабова шума на површина од околу два хектари. Со брзата интервенција екипата успеа да го спречи ширењето на пожарот, изјави в.д. директорката на кумановската подружница, Катица Станковска Ристовска.

Крива Паланка - Во националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа се одржа промоција на двете најнови стихозбирки на поетесата Благица Велковска, посветени на семејството, ќерките и нејзината внука: "Две сонца" и "Малечката Ана".

Настанот е во организација на Центарот за култура од градот на културата за 2024.

-Стиховите изнедрени од поетското перо на Велковска прозвучија во фоајето на НУ Центар за култура Крива Паланка, во интерпретација на членовите на литературниот клуб "Калин", кадешто активно членува Благица. Поезијата од првата стихозбирка, шеста во низа од авторката, е посветена на нејзините ќерки, испреплетена е со вечната конфронтација помеѓу доброто и лошото. Нѐ потсетува како е да се стреми кон подобро утре, колку е важно да се биде со позитивен став кон животот, како се сака безрезервно. Додека во "Малечката Ана" од стиховите за деца бликаат љубов, раскажувања за убавото, импресии од природата, животните и животот, рече промоторката Оливера Станковска.

Скопје - Северна Македонија има најбрз интернет во регионот, а е меѓу подобро рангираните земји и во Европа, покажува истражувањето на Cable.co.uk, што го објави статистичкиот портал „Ландгеист“.

Со брзина на интернет конекциите од 97,9 Mbps, Македонија е пред Словенија, 97,0 Mbps, Србија 60,5 Mbps, Косово 57,3 Mbps, Грција 53,9 Mbps, Црна Гора 49,5 Mbps, Босна и Херцеговина 44,0 Mbps и Бугарија 40,4 Mbps. 

Остани поврзан