• четврток, 08 август 2024
МИА Радио флеш

8 август 2024

Скопје – По повод одбележувањето на 23-годишнината од загинувањето на десетте резервисти од Прилеп кај месноста Карпалак, денеска делегации на Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата и Собранието ќе положат цвеќе на спомен-плочата на бранителите на местото каде што загинаа и пред спомен-обележјето во центарот на Прилеп.

Од Министерството за одбрана најавуваат дека положувањето на венците со свежо цвеќе кај месноста Карпалак ќе се одржи во 09:00 часот, а во Прилеп од 13:00 часот.

Делегација на Собранието, во состав: Билјана Кузмановска, Миле Талевски и Павле Арсоски, ќе положи свежо цвеќе во 13:00 часот пред комплексот Карпалак во Прилеп.

Скопје - Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов заедно со унгарскиот амбасадор Андраш Клајн синоќа ја посетиле унгарската специјализирана противпожарна единица што е сместена во Белица, а дејствуваа од Езерото Козјак, кај викенд населбата Брезница кај манастирот Света Богородица, потоа горе во планинските села, кај с. Брезница, па се до селото Тажево.

Покрај запознавањето со нивното досегашно дејствување во реон на Брезница, Ангелов искажал голема благодарност кон Унгарија и особено кон индивидуалниот придонес на унгарските пожарникари во борбата со огнената стихија.

Во врска со пожарот кај село Брезница, Ангелов во синоќешната видео изјава информира дека овој пожар е се уште активен и по 19 дена, но со поддршка на локалните пожарникари и со поддршка на унгарскиот тим пожарникари, пожарот го заокружи селото Брезница и не навлезе во селските куќи.

Вашингтон - Ги видовме извештаите и нема да коментираме за тековна истрага, изјавија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, на прашањето дали спикерот на Собранието Африм Гаши треба да сноси политичка одговорност за инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово Вјоса Османи минатата недела.

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека шефот на обезедувањето на Гаши, со уште двајца членови на тимот, по наредба на спикерот, дошол пред ВИП салонот на аеродромот, дури и репетирал пиштол и влегол во конфликт со полицајците стационирани таму, барајќи одговор зошто се инсистирало косовската претседателка да помине низ безбедносна контрола на аеродромот. Одделот за внатрешна контрола на МВР го суспендираше шефот на обезедувањето, и отвори постапка против другите двајца телохранители.

Гаши рече дека го пратил обезбедувањето да ја смири ситуацијата.

Скопје - Со  долгометражниот македонски игран филм за млади „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ и со анимирани филмови за деца синхронизирани на македонски јазик синоќа во Дојран почна третиот фестивал „Преку езерото“.

Претходно, во Музејот на Град Дојран се одржа работилница за филмска писменост со директорот на фестивалот „Преку езерото“, Јани Бојаџи, режисерот на „Стела“ Вујичиќ и претседателот на Советот на фестивалот Мими Ѓорговска Илиевска.

Охрид - На сцената „Летница“ во Охрид вечер концерт ќе одржи ансамблот на Дунавската школа за фолклор од градот Баја, Унгарија. Ансамблот ќе настапи со сплет од традиционални унгарски народни песни и танци.

Настанот е организиран од страна на Амбасадата на Унгарија во земјава, почесниот конзулат на Унгарија во Охрид, како и Здружението на Унгарци во Македонија.

Овој концерт е дел од турнејата на ансамблот на Дунавската школа за фолклор низ Македонија, која почна со настап во Прилеп на 7 август, продолжува со настап во Охрид, а потоа ќе настапи во Битола на 9 август, во Крушево на 10 август, додека завршниот концерт ќе биде во Скопје, на 11 август.

Скопје - Синоптичарите за денеска најавуваат сончево и топло време со мала до умерена локална облачност. Попладне претежно во западните делови ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 38 степени. УВ индексот ќе биде 8.

Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.

- Во петок на повеќе места ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме. За време на викендот и во почетокот на следната седмица ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер, соопштуваат од УХМР.

Атина – Во текот на минатата седмица, во Грција биле регистрирани 22 нови случаи на вирусот Западен Нил, а вкупниот број на заразени од почетокот на сезоната заклучно со вчера напладне е 55, додека пак починаа осум лица, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Потврдени случаи на вирусот Западен Нил има во северниот, западниот и централниот дел на Грција, како и во Епир и Јонските острови.

Во понеделникот, од ЕОДИ соопштија дека е интензивна циркулацијата на вирусот при што бројот на регистрирани случаи е поголем отколку во претходните пет години за истиот временски период и препорачаа зголемена заштита од комарци. 

Првиот случај за годинава на заразен со вирусот Западен Нил во Грција беше регистриран на почетокот на јули

Вашингтон - СAД оценија дека со континуираните некоординирани одлуки, Косово ги загрозува можностите што Вашингтон помогна да се создадат.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер на прес-конференција нагласи дека САД се загрижени за неодамнешните одлуки на Косово, одговарајќи на прашањето дали треба да има последици за косовските власти по затворањето на филијали на Српска пошта на северот на земјата.

„Ние веруваме дека тие одлуки ги загрозија можностите што му помогнавме на Косово да ги создаде. Ако ги погледнете настаните од независноста на Косово, САД силно ја поддржаа целосната интеграција на земјата во меѓународната заедница како суверена мултиетничка демократија, соработувавме со успешните политички лидери на Косово за мерки кои го зајакнаа мирот и просперитетот во земјата додека Косово напредуваше на евроатлантскиот пат“, изјави тој. 

Вашингтон - Претседателот на САД Џо Бајден изјави дека не е убеден дека во САД ќе има мирен трансфер на власта во јануари 2025 година, ако поранешниот претседател Доналд Трамп изгуби на изборите.
-Тој мисли што вели. Ние не го сфаќаме сериозно. Тој мисли така. Сите тие зборови за 'ако изгубиме, ќе има крвопролевање ќе бидат украдени [изборите],' изјави Бајден во интервју за „Си-Би-Ес Њуз“ кое ќе се емитува во недела на 11 август.
Ова е прво негово интервју откако најави дека се повлекува од претседателската трка во 2024 година и дека ја поддржува потпретседателката Камала Харис за претседателски кандидат од Демократската партија.

-Погледнете што се обидуваат да направат сега во локалните изборни окрузи каде луѓето ги бројат гласовите, рече Бајден. Тој ја повтори познатата максима за изборите и демократијата: „Не можете да ја сакате својата земја само тогаш кога победувате.“

Софија - Бугарскиот парламент синоќа усвои измени на својот закон за образование, проширувајќи го својот опсег за забрана на ЛГБТК „пропагандата“ во училиштата, што групите за права ги критикуваа како дискриминаторски.

Амандманот на законот - предложен од проруската партија Преродба - усвоен беше со големо мнозинство, со 159 гласа „за“, 22 против и 12 воздржани.

Законот сега забранува „пропаганда, унапредување или поттикнување на каков било начин, директно или индиректно, во образовниот систем на идеи и ставови поврзани со нетрадиционална сексуална ориентација и/или родов идентитет различен од биолошкиот“.

Пратениците гласаа и за посебен текст кој ја дефинира „нетрадиционалната сексуална ориентација“ како „различна од општоприфатените и воспоставени поими во бугарската правна традиција за емоционална, романтична, сексуална или сензуална привлечност меѓу лица од спротивен пол“.

Мексико Сити -  Украинската амбасада во Мексико ја повика мексиканската влада да го уапси рускиот претседател Владимир Путин,по кој има налог за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС), доколку пристигне во Мексико на церемонијата на инаугурација на новоизбраната претседателка Клаудија Шејнбаум.

„Имаме доверба во мексиканската влада дека ќе го исполни меѓународниот налог за апсење“ на Путин и дека ќе го „предаде на судското тело на ОН во Хаг“, доколку тој пристигне на инаугурацијата на Шејнбаум на 1 октомври, се вели во соопштението на украинската амбасада.

Меѓународниот кривичен суд во март минатата година издаде налог за апсење на Путин, кој е обвинет за воени злосторства за депортација на деца од окупираните територии на Украина во Русија

Лондон - Рекорден број од речиси 2.000 антисемитски инциденти се случиле во Велика Британија во првата половина од оваа година, објави невладина организација.

Фондацијата за безбедност на заедницата (CST) соопшти дека 1.978 инциденти од јануари до јуни се двојно повеќе од бројот во истиот период минатата година (964) и највисокиот вкупен број пријавени во првата половина од годината.

Министерката за внатрешни работи Ивет Купер ги нарече нивоата на омраза „навистина ужасни“, јави ДПА.

Организацијата, која го следи антисемитизмот и е задолжена за безбедност за еврејската заедница во Британија, рече дека реторика или слики поврзани со Израел, Газа, нападот или војната на Хамас се појавиле во повеќе од половина од регистрираните инциденти -1.026.

Каракас - Венецуелските власти обвинија четворица новинари за „тероризам“ откако беа уапсени за време на постизборните немири во земјата, соопшти локалниот новинарски синдикат.

Протестите избија во Венецуела неколку часа откако претседателот Николас Мадуро беше прогласен за победник на изборите на 28 јули.

„Ја осудуваме незаконската и произволна употреба на антитерористичките закони во Венецуела, особено против новинарите и фоторепортерите приведени за време на постизборните протести во земјата“, се вели во соопштението на венецуелскиот синдикат на медиумски работници.

Откако избувнаа немирите, фоторепортерите Јуснер Алварадо и Дејси Пена, како и снимателот Пол Леон и репортерот Хозе Грегорио Карнеро, се приведени, соопшти синдикатот.

Брисел - Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека очекува израелската влада да се огради од израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич кој вчера изјави дека верува дека блокирањето на хуманитарната помош за Појасот Газа е „оправдано и морално“ дури и ако два милиона цивили умрат од глад.

„Намерното изгладнување цивили е воено злосторство: министерот Смотрич кој се залага за тоа е повеќе од срамен“, напиша Борел на платформата Х.

Тој додаде дека Брисел сака Ерусалим „да обезбеди целосен извештај за пријавените дела на тортура во затворот Сде Тејман“.

Анкара - Турските власти го блокираа пристапот до Roblox, популарна платформа за онлајн игри, набргу откако воведоа слична забрана за Инстаграм, објавија турските медиуми.

Во писменото соопштение од Министерството за инфраструктура, се наведува дека забраната е изречена со одлука на кривичен суд на градот Адана.

Според истрагата спроведена од страна на Генералното обвинителство во Адана според Законот за регулирање на интернет публикации и борба против криминалот, беше откриено дека платформата за игри наречена Roblox содржи апликации кои можат да предизвикаат злоупотреба и криминални активности кај децата, поради што пристапот до платформата е блокирана со одлука на Шестиот кривичен суд во Адана. Не треба да се заборави дека Турција е земја во која владее правото. Должност на државата е на најдобар можен начин да ги заштити и поддржи интересите на нашите деца, изјави министерот за правда Јилмаз Тунч, коментирајќи ги причините за блокирање на платформата.

Брисел - Безбедносните сили во Германија се ставени во состојба на готовност поради тензиите на Блискиот Исток, објави министерката за внатрешни работи Ненси Фесер, јави ДПА.

„Внимателно следиме како евентуалната идна ескалација ќе влијае на безбедносната ситуација во Германија“, изјави Фесер за весникот „Рајнише пост“.

Таа посочи дека ризикот од идна ескалација на Блискиот Исток е висок и ја опиша ситуацијата како „исклучително опасна“. Германската влада, заедно со своите меѓународни партнери, работи напорно за деескалација, додаде Фесер.

Париз - Пробните летови на таканаречените летечки такси - футуристички дронови способни да превезуваат луѓе – се прекинати во Париз за време на Олимпијадата бидејќи не е доставен сертификат за моторите, изјавија нивните промотори.

Германскиот производител Volocopter веќе неколку години спроведува пробни летови во регионот на Париз и напорно лобираше за овластување од европските власти навреме за Олимпијадата.

Компанијата соработува со францускиот аеродромски оператор ADP, метрото и автобускиот оператор во главниот град RATP и регионалната влада на Париз.

Сертификацијата за VoloCity, моторот замислен и направен од Volocopter, е одложен за неколку недели, рече заменик-извршниот директор на ADP, Едвард Аркрајт.

Париз – Дваесет и трикратниот олимписки шампион во пливање Американецот Мајкл Фелпс го сумираше настапот на машкиот пливачки тим на САД на Олимпијадата во Париз.

- Што се однесува до мене, генерално многу сум разочаран од резултатите на тимот, иако имаше неколку извонредни трки. И ова мора да се препознае. Се надевам дека спортистите ќе бидат поподготвени да се натпреваруваат во 2028 година. Една од работите за кои секогаш зборував во последните неколку години е дека остатокот од светот нè стигнува. Мислам дека многу од она што го правевме како земја долго време е она што другите го прават сега, изјави Фелпс „USA Today“.

Во исто време, легендарниот американски пливач го истакна настапот на Боби Финк во 1.500 метри слободно, што му овозможи да освои злато и да постави нов светски рекорд.

Париз – Етиопскиот атлетичар Ламеха Гирма е пренесен во болница откако падна на Олимпијадата во Париз.

Гирма е светски рекордер на 3.000 метри стиплчез. Тој синоќа на олимписката трка на оваа делница падна при прескокнување на пречката на 300 метри до целта. Тркачот се сопна на пречка, падна и удри со главата на патеката, по што лежеше неподвижен. Лекарите кои влегоа на патеката, му го фиксираа вратот и на носилки го изнесоа надвор од арената.

Од таборот на етипската репрезентација подоцна потврдија дека Гирма се освестил и дека е контактибилиен.

Остани поврзан