• четврток, 08 август 2024
МИА Радио флеш

8 август 2024

Скопје - Заедничка делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од началникот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски и државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова денеска положија цвеќе на спомен плочата на бранителите кај месноста Карпалак.

Како што соопшти Министерство за одбрана (МО), во спомен на бранителите, во родниот град на македонските херои, Прилеп, ќе биде оддадена почит и ќе бидат положени венци со свежо цвеќе пред комплексот Карпалак.

Десетмината прилепски бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски ја платија највисоката цена и ги положија своите животи за својата татковина за зачувување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет, наведува МО. 

Скопје - Согласно тоа како се движи бруто-домашниот производ (БДП) и согласно колективниот договор, наставниците во март идната година ќе добијат околу 12 проценти покачување на платата, изјави денеска министерката за образование Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарски прашања за време на увидот на спортска сала во Булачани, Јаневска рече дека имала две конструктивни средби со СОНК, како и со група наставници. 

-Со СОНК остварив две средби. Можам да кажам дека имавме конструктивни средби и големо разбирање, но не само со СОНК, туку и поединечно со групи на наставници. Јас ги замолив и пред изборите и по изборите да имаат малку трпение. Знам што значи плата, и знам што значи да се живее од плата, но вие го знаете долгот на Министерството, го знаете долгот на државата така што за оваа година ние навистина немаме можности да преземеме некаква сериозна активност во тој правец, а јас како министер не можам да дозволам на моите наставници да им се покачи платата за 200-300 денари. Простете што велам мои, но јас сум одговорна за нив и тие се мои. Но, направени се сериозни разговори во Владата и со министерката за финансии и тие во март следната година ќе добијат според тоа како се движи БДП и според колективниот договор покачување од 10-12 проценти. Мислам дека тоа ќе биде 12 проценти покачување на платата, рече Јаневска.

Скопје - Министерката за образование Весна Јаневска денеска изјави дека нема да има пролетен распуст за учениците и оти учебната година ќе заврши на 10 јуни, освен за матурантите.

-Нема да има пролетен распуст. Финалните анкети на родителите покажаа дека тие не сакаат, но и на повозрасните ученици, исто така, така што оваа година, пролетен распуст нема да има, изјави Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во активностите за изградба на спортска сала во рамки на основното училиште „Наум Охридски“ во с. Булачани.

Таа истакна дека го слушнале гласот на граѓаните и оти на самиот почеток ветиле транспарентност.

- Ние каков власт рековме дека ќе бидеме транспарентни и еве тоа го спроведуваме и им овозможуваме, според нивните потреби, да го спроведуваме образовниот процес. Ако тие сметаат дека ниту на децата, ниту на родителите, им одговара таков пролетен распуст, децата губеле континуитет, родителите нема каде да ги остават помалите дечиња, не им се поклопува со одредени празници за да можат заеднички да ги искористат, сметаат дека е повеќе компликација отколку поволност и во тој правец, ние одлучивме оваа година да се одвива учебната година од 2 септември до 10 јуни за сите, освен матурантите, појасни министерката. 

Скопје - Министерството за внатрешни работи информира дека постапува по барање добиено од австриските власти за проверка на лице кое е по потекло од земјава, а кое е осомничено за планиран терористички напад во Виена. 

- Ве известуваме дека од страна на австриските власти до Министерството за внатрешни работи е пристигнато барање за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, а истиот е осомничен за планиран терористички напад во Виена. Од наша страна се постапува по однос на
доставеното барање, информираат од МВР за МИА.

Австриската полиција уапси две лица осомничени за планирање напади на концерти на мегаѕвездата Тејлор Свифт што требаше да се одржат во Виена. Едното лице, 19-годишник, како што објавуваат австриските медиуми е со потекло од Северна Македонија.

Генералниот директор за јавна безбедност при австриското МВР, Франц Руф, го опиша 19-годишниот уапсен во Терниц како „непосреден главен сторител“, додека второто уапсено лице е 17-годишник, пренесува Австриската новинска агенција – АПА.

При вчерашниот претрес на куќа запленети се повеќе хемиски супстанци и технички средства. Тие сега ќе се оценуваат. Според Руф, пред само неколку недели, осомничениот дал заклетва за лојалност кон актуелниот водач на терористичката Исламска држава на Интернет.

Скопје - Потребите за вода во земјоделството се големи. Намалувањето на температурите и повремените врнежи не ја сменија состојбата, поради што наводнувањето останува приоритет, велат агрометеоролозите од УХМР. 

Како што истакнуваат, во овој период да се посвети поголемо внимание на заштита од појава на пламеница кај виновата лоза и да продолжи примената на сите агротехнички мерки кај посевите.

-Изминатава недела имавме сончево и топло време со повремени врнежи на дожд на некои места. Овие количини на врнежи од дожд не ја подобрија состојбата со влага во почвата, која е потребна за посевите во овој период од годината. Намалувањето на температурите за неколку степени не ја смени состојбата на долготрајната суша во земјоделството. Овие временски услови се непогодни за сите култури, освен за некои видови овошки кои се наоѓат во фаза на берба и зреење на плодовите. Потребите за вода се големи, посебно за пролетните и окопните култури, особено за пченката и сончогледот кој се наоѓа во фаза на исполнување на зрното. Затоа, приоритет на земјоделските производители треба да биде снабдување на земјоделските култури со потребното количество вода, да се посвети поголемо внимание на заштита од појава на пламеница кај виновата лоза и кај сите останати посеви да се продолжи со грижа и примена на сите потребни агротехнички мерки, нагласуваат агрометеоролозите.

Скопје - Со документарниот филм „Целулоидно подземје“ во иранско-британска продукција, чиј режисер е Ехсан Кошбахт, на 15 август ќе биде отворено 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Мотото на Фестивалот оваа година е „Копање на емоции низ времето“, затоа што тематски оваа година Фестивалот се фокусира на архивата, односно користењето на архивскиот материјал во документаристиката.

Пред „Целулоидно подземје“, ќе биде прикажан документарниот филм „Како се мери годината“ на американскиот режисер Џеј Росенблат. Фестивалот ќе се одржува до 22 август, во Крушумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје.

Како што најави на денешната прес-конференција извршниот директор на фестивалот Дарко Набаков, програмата оваа година е сочинета од 92 филмови кои што се натпреваруваат во пет натпреварувачки категории - главната награда „Кромид“, наградата „Млад кромид“ за млади автори, „Сецкан кромид“ за краток документарен филм, „Кокарче“ наградата за студентски документарен филм и наградата за етички идеи во документарниот филм.

Париз – Голема победа за македонската таеквондистка Мила Рељиќ над двократната олимписка шампионка Џејд Џонс.

Конечниот резултат од денешната борба е 7:6 за Рељиќ. Македонката се пласира во четвртфиналето категорија до 57 килограми.

Претходно, македонскиот борач Владимир Егоров експресно го заврши настапот на Олимпијадата во Париз. Тој загуби убедливи од Амар Шерават (Индија) со 0:10 категорија минус 57 кг слободен стил.

Париз – Летиција Ајуд од Либан е ривалката на Милјана Рељиќ во четвртфиналето таеквондо до 57 килограми на Олимписките игри во Париз.

Македонката попладнево забележа голема победа над двократната олимписка шампионка Џејд Џонс од Велика Британија и се пласира помеѓу осумте најдобри.

Терминот за борбата на македонската репрезентативка со таеквондистката од Либан е 15:45 часот. 

Во случај на победа, Релиќ ќе биде блиску до медал.

Брисел - Во врска со последните дејствија против Србите на Косово портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, денеска изјави дека мерките на ЕУ против Приштина кои се на сила може да се зајакнат доколку сите актери во ЕУ се согласат дека тоа е неопходно и посочи дека Приштина, наместо да презема чекори кон деескалација, презема се повеќе унилатерални акции кои водат кон ескалација, јавија српските медиуми.

На брифинг во Брисел, Стано изјави дека ЕУ се надева оти Приштина „конечно ќе ги слушне пораките“ на ЕУ и меѓународните партнери да не се впушта во „низа контрапродуктивни, негативни, еднострани и некоординирани чекори“ и дека ќе спречи да дојде до тоа да се расправа за какви мерки да се преземат како одговор, доколку ситуацијата не се промени.

Стано, кога станува збор за тоа што планира ЕУ да направи, нагласи дека мерките на ЕУ против Приштина се уште се во сила, бидејќи земјите-членки се уште не одлучиле да постапат врз основа на извештајот на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, што беше поднесен пред неколку недели, во кој се препорача да се укинат мерките против Приштина.

Приштина – Косовската полиција го уапси српскиот политичар Александар Арсенијевиќ од партијата Српска демократија на север, откако, според полицијата, ги попречувал работниците во општина Северна Митровица и ги одбил полициските наредби, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата во изјава за неколку медиуми ја потврди заменик-началникот на полицијата за северниот регион, Ветон Ељшани.

Запрашан од косовскиот портал на српски јазик КоССев каде се наоѓа Арсенијевиќ и што се случува, Ељшани одговорил дека најверојатно ќе биде одведен на сослушување во јужниот дел на Митровица, без натамошни објаснувања.

Арсенијевиќ е уапсен на плоштадот „Браќа Милиќ“, во близина на мосотот на реката Ибар, откако се обидел да ги спречи општинските работници да ги префарбаат српските знамиња исцртани на ѕидовите на тамошните објекти.

Белград – Во експресната реакција на денешното апсење на двајца Срби во Митровица, кои се спротивставија на сквернавењето на српските симболи, Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија оценува дека акцијата на тамошната полиција е „уште еден чекор во агендата за создавање на етнички чисто Косово, кон кое тежнее премиерот Аљбин Курти“.

Во соопштението на Канцеларијата се потсетува дека „Курти денеска нареди прво да се обои српската тробојка на местото посветено на мачеништвото на браќата Милиќ во Косовска Митровица“, каде што Србите вчера мирно протестираа поради намерата да го отворат мостот на Ибар, а потоа и косовската полиција „брутално уапси двајца Срби кои се спротивставија на сквернавењето на српските симболи“.

Притворот на политичките активисти Александар Арсенијевиќ и Стефан Вељковиќ „докажува дека Србите се во право кога се повеќе од загрижени за нивната безбедност и егзистенција на Косово и Метохија, особено во светлина на намерата да се отвори мостот на реката Ибар, кој денес се покажа како брутално приведување и одмазда, токму во близина на мостот“, наведуваат од владината Канцеларија.

Приштина – Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља информира денеска дека е продолжен до 23 август рокот за промена на возачките дозволи издадени од структури на Србија во северно Косово со косовски возачки дозволи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Првичниот рок за поднесување барања за промена на дозволите со одредени олеснувања, како што е неподлегнување на возачки испит, истекува утре, но одлучено е тој да се продолжи за уште две недели поради, како што рече Свечља, големиот број барања на граѓани од северните општини.

„Ги земав предвид барањата на граѓаните, а во овој случај рокот за промена ќе се продолжи до 23 август 2024 година. По овој датум, кон сите оние кои нема да ги заменат своите возачки дозволи ќе се постапува согласно соодветниот закон кој е во сила“, рече Свечља.

Косовското Министерство за внатрешни работи одлучи на почетокот на мај да ја овозможи преминување од српски возачки дозволи издадени на граѓаните на Косово, кои за властите во Приштина се незаконски, на косовски возачки дозволи.

Њујорк - Американското Федерално истражно биро (ФБИ) изврши претрес во њујоршкиот дом на поранешниот инспектор за оружје на Обединетите нации, Скот Ритер, како дел од федералната истрага, соопштија официјални лица.

Портпаролката на ФБИ изјави дека агентите ја спровеле рацијата како дел од федералната истрага, одбивајќи да даде детали бидејќи истрагата е во тек.

Ритер, кој е осуден за сексуален престапник, им рече на новинарите надвор од неговиот дом по рацијата дека налогот се фокусирал на потенцијални прекршувања на Законот за регистрација на странски агенти.

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Анкара ќе се сретне со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, јавува турската државна телевизија ТРТ-Хабер.

Средбата ќе се одржи во претседателската палата.

Двајцата лидери ќе разговараат за повеќе прашања, вклучително и за случувањата на Блискиот Исток, особено за кризата меѓу Израел и Палестинците, како и меѓу Израел и Либан. Ќе се разговара и за проблемот поврзан со растечката тензија меѓу Техеран и Тел Авив.

Ќе бидат разгледани и заедничките чекори што Турција и Катар можат да ги преземат за да постигнат прекин на огнот во Појасот Газа и да обезбедат испорака на хуманитарна помош за Палестинците, информира ТРТ-Хабер.

Њујорк - Американското Федерално истражно биро (ФБИ) изврши претрес во њујоршкиот дом на поранешниот инспектор за оружје на Обединетите нации, Скот Ритер, како дел од федералната истрага, соопштија официјални лица.

Портпаролката на ФБИ изјави дека агентите ја спровеле рацијата како дел од федералната истрага, одбивајќи да даде детали бидејќи истрагата е во тек.

Ритер, кој е осуден за сексуален престапник, им рече на новинарите надвор од неговиот дом по рацијата дека налогот се фокусирал на потенцијални прекршувања на Законот за регистрација на странски агенти.

 

Остани поврзан