• понеделник, 01 јули 2024
МИА Радио флеш

1 јули 2024

- На територија на државава активни се пожарите кај селото Доброшинци во општина Василево каде гори нискостеблеста шума и вегетација и над населбата Варош во општина Прилеп каде гори ниска вегетација. Од Центарот за управување со кризи, повикувајќи се на информации од Регионалниот ЦУК Струмица, соопштуваат дека е направена обиколка на теренот и е утврдено дека нема активно горење. Од 05 часот, Територијалната противпожарна единица од Струмица со четири возила и 16 пожарникари  се на терен и вршат догасување на местата што чадат. - Доколку во текот на денот има потреба од дополнителни сили ќе се бара помош од ТППЕ Радовиш и воздухопловна поддршка од хеликоптер, информираат од ЦУК.Во текот на изминатиот ден во интервенцијата учествуваа пожарникарите од ТППЕ Струмица со четири возила и 20 пожарникари, ТППЕ Радовиш со пет пожарникари и две возила и околу 25 полицајци, а беа активирани и двата хеликоптера на МВР. Активен е и пожарот зад населбата Варош во општина Прилеп каде гори ниска вегетација. Активен е крак што се движи во насока на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ (манастирот „Траскавец“) кој се гаси во  утринските часови и не претставува опасност за населените места. Пожарот почнал од пожар на патничко моторно возило.

 

-Согласно одлуките на локалната власт во Охрид од денеска стапува на сила забраната за изведување градежни работи во централното градско подрачје во текот на туристичката сезона. Забраната ќе биде на сила до 31 август. - Забраната се однесува на просторот јужно од булеварот „Туристичка“ на потегот од „Билјанини извори“ до реката Даљан и на туристичките локалитети од каналот Студенчишта до Свети Наум“, информираат од Општина Охрид.  Од викендот стапи на сила и летниот режим на сообраќај во Стариот дел на градот, со временско ограничување на движењето на моторни возила. Согласно донесената одлука на Општина Охрид, а на барање на УНЕСКО за ограничување на бројот моторни возила низ старото градско јадро, влез со моторни возила ќе биде дозволен само со посебни пропусници што се издаваат на жителите на Стар град и на станоиздавачите од тој дел на градот кои поседуваат сопствени паркинг-места. За таа намена се издадени околу илјада пропусници, од кои дел се за службени возила, како и картички со ограничено времетраење, за дотур на стоки. Влезот во Стариот дел на градот е ограничен со поставени рампи, при што влез ќе биде дозволен само со соодветни картички, додека Градскиот плоштад, покрај за поминување, ќе се користи како паркиралиште само со картичка за наплата на времено паркирање. Минувањето низ плоштадот со возила ќе биде целосно забрането во периодот од 20 часот до пет часот наутро.

 

- Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина стапува денеска во сила чија цел е да се овозможи повластен пристап до кинескиот пазар за производи од српско потекло, јавија српските медиуми. Преференцијалниот пристап на производите од српско потекло на пазарот со повеќе од 1,4 милијарди жители ги става компаниите од Србија во многу подобра позиција во споредба со компаниите од Европа и околината и треба да доведе до значително зголемување на извозот, проширување на инвестициите и производството. капацитети во нашата земја, но и зголемување на конкурентноста, како и зајакнување на севкупната економска активност. Договорот со Кина опфаќа околу 20.000 артикли, а околу 60 отсто од нив ќе можат веднаш да се извезат без царина.

 

 - Бугарскиот претседател Румен Радев денеска му го врачи мандатот на Росен Желјазков за да состави влада. Според Уставот на Република Бугарија, Радев додели мандат за формирање влада на најголемата пратеничка група - ГЕРБ-СДС. Кандидат за премиер е Желјазков и самиот го претстави предлог-кабинетот во кој ќе има 19 министри. „Ова е голема одговорност и тест“, изјави претседателот Румен Радев при врачувањето на мандатот за формирање влада на Росен Желјазков. Претседателот Радев укажа на високо фрагментираниот парламент, како и на неподготвеноста на мнозинството бугарски граѓани да учествуваат на изборите, што неминовно влијае на легитимитетот на институциите.

 

 - Во западните руски области кои граничат со Украина синоќа се уништени 36 украински беспилотни летала, соопшти руското Министерство за одбрана. „Системите за ПВО уништија 18 беспилотни летала над областа Брјанск, девет беспилотни летала во областа Курск и девет беспилотни летала над регионот Белгород“, соопшти утрово Министерството. Не е прецизирано дали има штета или повредени. Локалниот гувернер на областа Брјанск, Александар Богомаз изјави дека соборените беспилотни летала не предизвикале никаква штета, а нема жртви. Руското МО соопшти дека соборило исто толку летала во шест западни региони.

 

- Екстремно десничарската партија Национален собир на Франција и нејзините сојузници освоија 33 отсто од гласовите во првиот круг од парламентарните избори, соопшти Министерството за внатрешни работи. Левичарскиот „Нов народен фронт“ е втор со 28 проценти.Центристичкиот блок на францускиот претседател Емануел Макрон достигна 20 отсто од гласовите, соопшти Министерството за внатрешни работи.

 

- Дваесетте дена изборна кампања не беа доволни за да се смени трендот забележан на изборите за Европскиот парламент на 9 јуни. Главниот ефект од предвремените парламентарни избори, најавени на изненадување од францускиот претседател Емануел Макрон, беше консолидирање на позициите на трите блока кои доминираат на националната политичка сцена и во идното Национално собрание: „Национален собир“ и неговото десничарско крило, сојузот на левицата под името „Нов народен фронт“ и претседателската коалиција предводена од партијата „Ренесанса“, пишува во „Монд“.Првиот круг од парламентарните избори резултираше со нов бран на поддршка за партијата Национален соир  дури и посилен од оној на европските избори, и голем пораз за Емануел Макрон. Партијата на Жордан Бардела е во силна позиција во пресрет на вториот круг на 7 јули, забележува францускиот весник „Еко“.По силниот настап на европските избори, „Национален собир“ ја консолидираше одличната динамика. Според анкетата на Францускиот институт за истражување на јавното мислење, партијата го зазеде првото место на национално ниво со 34 отсто од гласовите.

 

-Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ја откажа најавената посета на Црна Гора, а планираните разговори ќе ги има со претседателот на Црна Гора Јакоб Милатовиќ во Брисел. „Се договоривме да се сретнеме во Брисел во вторник (2 јули). Важно е Црна Гора да остане фокусирана на европскиот пат“, напиша Мишел на платформата Х.  Извори од Европскиот совет потврдија дека Мишел ја одложил закажаната посета на Црна Гора на 2 и 3 јули „за да обезбеди успешни разговори со клучните соговорници во земјата, кои не треба да бидат во сенка на последните случувања“, објави Радио Слободна Европа. Портпаролот на Европскиот совет истакна дека е важно Црна Гора да остане на патот кон ЕУ, по значајната меѓувладина конференција на позитивен ИБАР.

 

 - Израелската армија синоќа соопшти дека 18 нејзини војници се ранети во напад со беспилотно летало што го изврши проиранската милиција „Хезболах“ од јужен Либан врз цели во северен Израел, јави ДПА. Израелските воздухопловни сили одговорија на нападот со беспилотно летало со напад на позиции на Хезболах во јужен Либан. Од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври, Израел секојдневно разменува оган со Хезболах во пограничната област со Либан. Радикалната група вели дека Израел мора целосно да ја прекине војната во Газа против својот сојузник, палестинското исламистичко движење Хамас, со цел да престане да го гранатира Израел. Во последно време борбите значително се интензивираа.

 

- Илјадници ултраортодоксни Евреи во Израел синоќа протестираа против регрутирањето, јави ДПА. Протестите беа поттикнати од неодамнешната наредба на Врховниот суд да започне регрутирање на ултраортодоксните мажи. Локалните медиуми јавија за насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата во Ерусалим. Полицијата на коњи и водени топови беа употребени за растерување на демонстрантите во црни одела. Демонстрантите гаѓаа со камења и нападнаа полицајци, што резултираше со апсење на пет лица. Во Израел со децении постојат ослободувања од задолжителен воен рок за ултраортодоксните мажи. Сепак, тие исклучоци истекоа пред три месеци.

 

 - Четворица директори на синџир супермаркети во Мјанмар, вклучително и јапонски државјанин, се уапсени затоа што продавале ориз по исклучително високи цени, објавија државните медиуми во земјата, додека владејачката хунта во земјата разурната од војна се бори да ја стабилизира својата растроена економија. Властите соопштија дека уапсиле 11 лица, вклучително и трговци со ориз и службеници од фабриките за ориз, обвинувајќи ги за „надуени“ цени од 31 до 70 отсто над пропишаното ниво. Во Токио, главниот секретар на кабинетот Јошимаса Хајаши им изјави на новинарите дека јапонски државјанин бил испрашуван од полицијата во Јангон.

 

- Според податоците на Индиската метеоролошка агенција, во јуни оваа година во Индија се регистрирани 11 отсто помалку врнежи од просечните вредности, бидејќи монсуните го изгубиле интензитетот во средината на јуни во сите региони освен јужниот дел на земјата. Централна Индија имала 14 отсто помалку врнежи, северозападниот дел на земјата имал 33 отсто помалку, а североисточна Индија има 13 отсто помалку врнежи од јунскиот просек, покажуваат податоците собрани од Индиската метеоролошка агенција. Дури 14 отсто повеќе врнежи од дожд од просекот за овој период од годината има во јужна Индија, соопштија од Индиската метеоролошка агенција.

 

- Десетици членови на персоналот на аеродромот во Мелбурн се обвинети дека работеле за организирани криминални групи кои шверцуваат дрога во Австралија, објави денеска Гардијан. Истрагата на полицијата насочена кон соработници на криминалци во синџирите на снабдување на аеродромот откри дека 70 вработени на аеродромот во Мелбурн ги прекршиле безбедносните проверки во изминатите 12 месеци, а некои се осомничени за криминални активности. Граничните сили соопштија дека екипаж на неименувана авиокомпанија бил вклучен во дистрибуција на дрога, додека членовите на екипажот на друга авиокомпанија шверцувале цигари и тутунски производи во куфери со двојно дно, за да се избегне плаќање царина.

Остани поврзан