• понеделник, 01 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  1 јули 2024

 

Скопје - Градот Скопје е добитник на награда од Младинскиот климатски акциски фонд, за отворањето и успехот на првата јавна биотехнолошка лабораторија во Македонија и регионот на Град Скопје со поддршка на УНДП и УНИЦЕФ, кој Градоначалничката Данела Арсовска го претстави на COP28 Локалниот самит за климатски активности.

Град Скопје е добитник на награда од 50.000 долари за иницијативи предводени од младите за рециклирање или намалување на отпадот, од Младинскиот климатски акциски фонд кој обезбедува техничка помош и финансирање за активирање на илјада млади на возраст од 15 – 19 години за управување со био отпад, дизајнирање и производство на рециклирани производи во рамки на биотехнолошката лабараторија.

Според меѓународните испитувања повеќе од 60 проценти од младите сметаат дека националните влади не прават доволно за да се справат со климатските промени, Младинскиот климатски акциски фонд на COP28 избра градови кои имаат организациски капацитет и потенцијал да ги регрутираат младите за изнаоѓање решенија. Во рамки на Локалниот самит за климатски активности на COP28, Младинскиот климатски акционен фонд и Bloomberg Philanthropies обезбедија поддршка за да се искористат иновативните пристапи кои поттикнуваат стабилна младина.

Иницијативите во град Скопје кои опфаќаат образование, истражување и развој, вклучуваат програми за климатско образование предводени од младите, младински климатски хакатони, младински климатски клубови и настани за подигање на свесноста за проектите и вклученоста на младите, а ќе се реализираат во рамки на првата јавна биотехнолошка лабораторија во Македонија и регионот отворена од Град Скопје со поддршка на УНДП и УНИЦЕФ.

Скопје - ЈП Водовод и канализација – Скопје ја известува јавноста и граѓаните на град Скопје, дека акцијата за отплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање е во тек.

Акцијата за отплата на долговите на рати без камата за физички и правни лица е со определен временски рок почнувајќи од 20.06.2024 заклучно до 31.07.2024.

Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг во овој период да аплицираат за склучување на договори за отплата на долговите на најмногу 48 рати за физички лица и 24 рати за правни лица, во зависност од висината на долгот, без пресметка на камата за задоцнето плаќање.

Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес.

По истекот на овој период одлуката престанува да важи.

За секоја дополнителна информација за услугите на ЈП Водовод и канализација – Скопје контактирајте на:

02 3073 010, Дежурно Информативен Центар; 02 3240 300, Дирекција; kontakt@vodovod-skopje.com.mk; www.vodovod-skopje.com.mk; www.facebook.com/jpvodovod.skopje

Радовиш - Со 8.000 и до 6.000 денари Општина Радовиш ќе субенционира полагање возачки испит од „Б“ категорија и купување нов велосипед, објави локалната самоуправа на официјалната веб страница.

Според објавеното, на барателот што ги исполнува критериумите на овој јавен повик ќе му се надоместат дел од трошоците направени за полагањето на возачки испит при стекнување на возачка дозвола од „Б“ категорија во висина од 8.000 денари.

Средствата по барањето ќе се исплатат по доставување на доказ за положен возачки испит-добиена возачка дозвола од „Б“ категорија до комисијата во Општина Радовиш. Доколку барателот не го положи возачкиот испит во тековната година по поднесеното барање најдоцна до 1 декември и не поднесе доказ за положен возачки испит најдоцна до 1 декември во тековната година, го губи правото на субвенционирање и предвидените средства нема да му бидат исплатени.

Право на користење на финансиски средства имаат редовни и вонредни ученици во трета или четврта година во СОУ „Коста Сусинов“- Радовиш и невработени млади лица до 26 годишна возраст кои ќе поднесат барање со потребната документација од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на завршување на повикот.

Право на субвенционирање на велосипед имаат оние граѓани кои ќе купат велосипед од минимум 26 инчи од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на завршување на повикот и ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на велосипед.

На барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени при набавката на велосипед во висина од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 6.000 денари. Двата јавни повици траат 30 дена од денот на објавувањето.

Тирана - Хакиран е сајтот на македонскиот весник „Илинден", кој е гласило на истоименото македонско друштво во Албанија.

- Почитувани читатели на македонски весник "Илинден",  во моментот нашиот сајт е хакиран. Се надеваме дека за брзо време ќе биде вратен. Се истражува кој го  нападнал, објави на фејсбук Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник.

Тој не сакаше да шпекулира кој би можел да го стори хакерскиот напад.

Весникот „Илинден" е единствен весник на македонски јазик, а е достапен и во печатена форма и електронски. Во изминатите над 13 години отпечатени се најмалку 60 броеви на весникот.

Крива Паланка - Вокални ансамбли, староградски друштва, пејачки друштва и тамбураши од пет градови од земјава и соседството, вечерва ќе настапат на летната сцена во градскиот парк Крива Паланка на „Вечер на Осоговски песни 2024", во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка.

-На амфитеатралната летна сцена со почеток од 20 часот за кривопаланечката публика и посетителите на градот под Осоговието ќе бидат изведени староградски песни од повеќе регион со автентични музички и сценски претставува од градскиот животот и минатото на Крива Паланка, Свети Николе, Штип, Свети Николе и Ќустендил, Република Бугарија. Ги покануваме љубителите на музиката да уживаат во настанот кој ќе понуди уживање за публиката и ќе ја отвори богатата јулска програма на манифестацијата „Крива Паланка -Град на културата" и „Кривопаланечко културно лето", информираат од НУ Центар за култура Крива Паланка.

„Вечер на осоговски песни 2024" е посветена на  староградската музика  што ја негуваат друштвата  од земјата и од странство,  со цел зачувување на традицијата и културното наследство.

Пред кривопаланчани вечерва ќе настапат вокалниот ансамбл „Еделвајс“ од Ќустендил,  Република Бугарија, женската пејачка група „Ѓурѓа“ при Центар за култура од Делчево,  градскиот хор од Штип, „Табиет“ од Свети Николе, „Кратовски тамбураши", културно-уметничко здружение „Распеани паланчани“ и пејачка група на КУД „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.  

Настанот се реализира со поддршка од Министерство за култура на Република Северна Македонија како дел од „Кривопаланечко културно лето“ и „Крива Паланка-Град на културата 2024“. 

Струга - Целосно се реновира внатрешно и надворешно зградата на Територијалната противпожарна единица-Струга, во рамки на проектот IPA CBC за прекуграниучна соработка меѓу Албанија и Северна Македонија, партнерство на општина Либражд од Албанија и Дирекцијата за заштита и спасување, а кофинансиран од Општина Струга.

Раководителот на одделението за Меѓународни фондови при Општина Струга, Албрим Положани информира дека дел од активностите се замена на старите кревети со нови, поставувени се нови шкафови, пумпа за греење и клима уреди...

- Реновирана е и фасадата на ТППЕ Струга, а за да се постигне енергетска ефикасност, ќе бидат поставени и фотоволтаични панели, изјави Положани.

Во рамки на проектот, според него, поставени се и сензори и камери за рано детектирање пожари на неколку локации.

- Се работи за обемен проект, кој се реализира во повеќе фази. Главната активност беше поставување сензори и камери за рано детектирање на пожари на планината Јаблнаница, во село Богојци, како и на зградата на ТППЕ Струга, со што е опфатен обемен простор, вели Положани.

Раното детектирање пожари, нагласи, е многу важно за навремена интервенција.

-Во рамки на вториот дел од проектот, аплициравме за теренски возила со кои струшките пожарникари лесно би стигнале на помалку достапен опожарен терен, додаде Положани. 

Охрид – Согласно одлуките на локалната власт во Охрид од денеска стапува на сила забраната за изведување градежни работи во централното градско подрачје во текот на туристичката сезона. Забраната ќе биде на сила до 31 август.

- Забраната се однесува на просторот јужно од булеварот „Туристичка“ на потегот од „Билјанини извори“ до реката Даљан и на туристичките локалитети од каналот Студенчишта до Свети Наум“, информираат од Општина Охрид. 

Од викендот стапи на сила и летниот режим на сообраќај во Стариот дел на градот, со временско ограничување на движењето на моторни возила.

Согласно донесената одлука на Општина Охрид, а на барање на УНЕСКО за ограничување на бројот моторни возила низ старото градско јадро, влез со моторни возила ќе биде дозволен само со посебни пропусници што се издаваат на жителите на Стар град и на станоиздавачите од тој дел на градот кои поседуваат сопствени паркинг-места.

За таа намена се издадени околу илјада пропусници, од кои дел се за службени возила, како и картички со ограничено времетраење, за дотур на стоки.

Влезот во Стариот дел на градот е ограничен со поставени рампи, при што влез ќе биде дозволен само со соодветни картички, додека Градскиот плоштад, покрај за поминување, ќе се користи како паркиралиште само со картичка за наплата на времено паркирање. Минувањето низ плоштадот со возила ќе биде целосно забрането во периодот од 20 часот до пет часот наутро. 

Охрид – Охрид од утревечер па се до 5 јули ќе биде домаќин на неколку реномирани фолклорни ансамбли и културно–уметнички друштва, во рамки на 63. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, една од најстарите и најреномираните манифестации од тој вид во земјава.

Самата фестивалска програма носи бројни настани и содржини.

За утре е предвидено отворање на традиционалната изложба „Моменти“, со фотографии на авторот Антонио Стојчески. Задутре од 19 часот ќе се одржува дефилето на учесниците на Фестивалот од пред Центарот за култура „Григор Прличев“, по што програмата ќе продолжи со свеченото отворање на фестивалот со настапот на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, на сцената „Долни Сарај“ од 20:30 часот.

За в четврток предвидени се настапите на „Севернашки ансамбл“ од Република Бугарија, КУД „Илинден“ од Битола со музичко-сценскиот проект „На Панигир“ – ора и песни од Јужномакедонска етнографска целина и Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари. Што че настапи со сплет на ора од Осоговијата.

На 5 јули на „Долни Сарај“ ќе настапат „Севернашки ансамбл“ од Бугарија, Фолклорното студио „Блажески“ од Скопје, Фолклорниот ансамбл „Бисери“ од Охрид, КУД „Круг“ од Сиднеј и КУД „Бенџо“ од Мелбурн, Австралија.
Влезот за сите настани е слободен, а aлтернативна сцена на „Долни Сарај“ е големата сала во НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид.

Балканскиот фестивал на народни песни и игри е меѓународна фолкорна манифестација, основана 1962 година.

Првично фестивалот беше насловен „Охридски фестивал на аматерските ансамбли на народни песни и ора“, а првиот настан во рамки на манифестацијата се одржа на 20 јули 1962 година на Градскиот плоштад.

Од 1967 година Фестивалот добива концепција на него да учествуваат вокално-инструментални состави и солисти кои ќе го презентираат автентичното народно творештво и традиционалната култура низ ората, игрите, песните, обредите, обичаите, народните носии, инструментите што се употребуваат во музиката и ракотворбите.

Над дваесеттина години Балканскиот фестивал на народни песни и игри е член на двете асоцијации во рамките на УНЕСКО - Интернационалниот совет на организациите за фолкорни фестивали и фолкорна уметност и Меѓународната организација за фолкорна уметност. а

Делчево - Општина Делчево ги известува граѓаните дека утре, во раните утрински часови,  ќе  изврши авионско прскање против комарци на територијата на општината. 

Оваа мерка е предвидена во годишната Програма на општина Делчево за заштита на населението од заразни и други заболувања, а ќе ја спроведе овластена фирма „БОНИЕР“ од Куманово, во соработка со вработени во Одделението за инспекциски надзор при Општината. 

-Оваа мерка ќе се спроведе во следните предвидени атари: Река Брегалница со притоките – Езеро мотел,,Кула,, – Река Габровчица – Звегорска река – Чаршиски, Пустевски, Манастирски ендек и Грозданец – село Вирче, информираа од Општина Делчево.

Оттаму апелираат до пчеларите да ги заштитат своите пчелни семејства од евентуалните последици од дезинсекцијата. 

-Доколку временските услови не дозволат да се изврши прскањето, истото ќе биде спроведено во првата поволна прилика, за кое нешто ќе следи дополнително известување, информираат од Општината.

Авионското прскање против комарци ќе се спроведе во периодот од 05:00 до 08:00 часот наутро.

Кавадарци - Дваесет и три години од загинувањето на војникот Блашко Толев на Тетовско кале, за време на воениот конфликт во 2001 година, беа одбележани денеска во неговото родно село Марена, општина Кавадарци.

Пред спомен бистата на Толев, бројни делегации положија свежо цвеќе. Толев загинал на само неколку дена од завршувањето на својата редовна  воена обврска.

Роден бил на 30 март 1981 година. Како припадник на АРМ, на само дваесет години  загина во воениот конфликт, од минофрлачка граната.

Постхумно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Република Македонија.

Скопје - Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ -Скопје денеска информира дека само во текот на јуни, се подигнати и транспортирани вкупно 600 тони комунален отпад од домаќинствата во општината Шуто Оризари, а секојдневно се врши и машинско миење на улиците што се во надлежност на Градот Скопје.

Како што се посочува во соопштението, ЈП Комунална хигиена-Скопје  континуирано го собира и го транспортира комуналниот отпад на територијата на скопската општина Шуто Оризари, во согласност со динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје.И во претстојниот период, ЈП Комунална хигиена-Скопје најави дека ќе продолжи со континуирани секојдневни активности за одржување на максималното ниво на хигиената и чистотата во оваа скопска општина. 

Скопје - Поради уличен дефект на 16-та Македонска Бригада бб (парк Шума Гази Баба), денеска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците 16-та Македонска Бригада, Јани Лукровски, Ташко Караџа и Трифун Хаџијанев, во скопската населба Автокоманда.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до санација на дефектот.

Остани поврзан