• сабота, 06 јули 2024
МИА Флеш

28 јуни 2024

Скопје -  Укинувањето на балансерот ќе оди во фази. Во првата фаза ќе се вратиме на законските основи на Пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме кон целосно укинување на алатката балансер при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот - соодветна и правична застапеност на етничките заедници, порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Нагласи дека со тоа ќе се стави крај првично да се биде од некој етникум, а потоа да се биде професионалец во некоја област и да се има квалитет и образование. Стручноста, додаде, ќе биде пред изборот на етничка припадност.

- Денеска е првата владина седница на којашто ќе бидат разговарани некои основни прашања за функционирањето на Владата. Знам дека граѓаните имаат големи очекувања сите работи да биде направени брзо, но мислам дека за ова е потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, да видиме кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот - соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време прво да ја гарантираме мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да го гледаме нивниот етнички предзнак, изјави Андоновски по денешната средба со новинарите.

Скопје – Министерството за дигитална трансформација во наредниот период ќе го ревидира Патоказот за дигитална трансформација со цел да го укине двојството на планови, стратегии, патокази, најави денеска ресорниот министер Стефан Андоновски. За тоа, како што кажа, ќе биде консултирана и поранешната министерка за добро владеење Славица Грковска, која заедно со поранешното МИОА ја имаше таа надлежност.

-Во наредниот период ќе разговараме со претставниците на ЕУ во Македонија и сите наши меѓународни партнери. Има голем број на партнери заинтересирани за дигитализацијата во Македонија и мислам дека ќе излеземе со една заедничка национална ИКТ стратегија и национална стратегија за сајбер безбедност што ќе го интегрира и патоказот. Се надевам дека ќе имаме едни и единствени решенија со коишто ќе комуницираме и со Брисел и со ЕУ и со нашите други меѓународни партнери. Програмата на УСАИД, исто така, е заинтересирана во овој дел и мислам дека ќе имаме еден пат и една стратегија по којашто ќе се движиме, а не двојство на планови, стратегии, патокази, рече Андоновски во одговор на прашање по денешната средба со новинарите.

За дигиталната трансформација на земјава, како што кажа, добра основа даваат ревизорските извештаи.

Скопје - Во Министерството за надворешни работи денеска беше извршено примопредавање на функцијата меѓу новоименуваниот министер Тимчо Муцунски и досегашниот министер Бујар Османи. 

Од МНР информираа дека Османи му посакал успех на Муцунски во реализацијата на активностите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а Муцунски порачал дека во периодот што следи акцентот ќе биде ставен на забрзување на евроинтегративниот процес на земјава, стратешкото партнерство со САД, како и привлекувањето странски инвестиции.

- И покрај многуте предизвици, со посветена работа и решителност ќе бидат постигнати зацртаните цели во предвидената програма за работа на Владата, истакнал Муцунски на средбата.

Претходно, Муцунски му ја предаде функцијата градоначалник на Општина Аеродром на Дејан Митески, кој ќе биде новиот в.д. градоначалник на Општината. 

Во објава на Фејсбук, Муцунски порача дека Аеродром останува во рацете на вреден и посветен човек, кој во минатото преку својата позиција како претседател на Советот, давал сериозен придонес во функционирањето и развојот на општината.

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити одржал координација со министрите за здравство, европски прашања, економија, добро владеење, труд, демографија и млади, кои се избрани на предлог на коалицијата „Влен“.

- Во насока на обезбедување висок степен на ефикасност во спроведувањето на нашите програмски заложби, првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити почнува пракса на редовна координација со министрите за здравство, европски прашања, економија, добро владеење, труд, демографија и млади, кои се избрани на предлог на Коалицијата ВЛЕН, се наведува во денешното соопштение испратено од БЕСА.

Ваквиот тип на координација, како што се посочува во соопштението, ќе се прошири и со замениците министри и другите избрани и именувани кадри на ВЛЕН во извршната власт. 

Скопје - Придобивките од мерката МојДДВ и натаму ќе ги ползуваат граѓаните, промени ќе се направат само во системскиот дел во рамки на Управата за јавни приходи. Ова го најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Дневникот на ТВ Сител.

- Мерката МојДДВ останува со истата сума за поврат кон граѓаните. Ќе се направат одредени корекции, што не се поврзани директно со граѓаните, туку системски во рамки на Управата за јавни приходи.  Многу често од граѓаните добивавме информација дека скенирале фискални сметки кои УЈП им ги одбивала како да не се оригинални, било пријавувавано до УЈП и не се преземало ништо, рече министерката за финансии.

Во однос на граѓанските обврзници, како државни хартии од вредност наменети за граѓаните, рече дека нема да продолжат да се издаваат се додека не се врати довербата во системот.

Атина – Раководството на Северна Македонија продолжува да го прекршува Договорот од Преспа. Дополнително, се враќа на дејствија од минатото кои алудираат на иредентистичко расположение и целосно непознавање на историјата, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во соопштението на грчкото МНР, „за прекршувањето на Договорот од Преспа од страна на раководството на Северна Македонија“, пишува дека министерот за надворешни работи на Грција „пред неговите колеги во рамките на Советот за надворешни работи веќе детално ги покрена соодветните прекршувања и ќе продолжи да го прави тоа“.

Скопје - Народната банка денеска излезе со најнови податоци за нето надворешниот долг. Според овие податоци, заклучно со 31 март нето надворешниот долг изнесува 4.350 милиони евра или 29,9 проценти од проектираниот БДП.

- Нето надворешниот долг на земјата, во првиот квартал од 2024 година, е намален за 109 милиони евра, или за 2,4 проценти. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 62 проценти, информира централната банка.

Во текот на првиот квартал од годинава, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 6 милиони евра и изнесува 8.506 милиони евра, односно 58,4 проценти од проектираниот БДП за годинава. 

Скопје - Просечната каматна стапка на вкупните кредити во мај изнесува 5,49 проценти 
и на месечна основа е намалена за 0,02 процентни поени, а на годишно ниво бележи раст од 0,40 процентни поени.

Кај вкупните депозити, просечната каматна стапка изнесува 1,86 проценти и бележи месечно и годишно зголемување од 0,04  и 0,64 процентни поени.

Кај новоодобрените кредити, просечната каматна стапка изнесува 5,19 проценти и месечен и годишен пад од 0,28 и 0,13 процентни поени, а кај депозитите изнесува 2,36 проценти и на месечно ниво е намалена за 0,18 процентни поени во услови на годишен раст од 0,43 процентни поени.

Скопје - Стабилна е состојбата со водостоите на реките во Тетовско и Гостиварско, а патните правци се проодни, информираат од Центарот за управување со кризи.

-Регионалниот ЦУК Тетово утрово известува дека состојбата со водостоите на реките во Тетово и во руралните општини се стабилни. Нема зголемување на водостојот и нема опасност засега од излевање. Сите патни правци се проодни, се додава во соопштението

Од ЦУК посочуваат дека нема излевање на реките и сите патни правци се проодни и во општините Гостивар, Маврово - Ростуше и Врапчиште.

Скопје - Со пригодна свеченост и положување цвеќе од бројни делегации пред споменикот на Ѓорче Петров во реонскиот парк во скопската општина која го носи неговото име, денеска одбележана 103-годишнината од неговата смрт. Ѓорче Петров е убиен во 1921 година во Софија.

- Општината со гордост го носи името на револуционерот и идеолог Ѓорче Петров кој поставил здрави темели на кои денеска се потпира Македонецот. Петров останува пример за сите нас како се сака и чува својата татковина, Република Македонија. Неговата посветеност кон македонското револуционерно дело, работа, дејност и истрајност е историја за која веќе еден век генерациите учат како е правилно, соопштија од општината, која го носи името на револуционерот. 

Скопје - Викендов и во понеделник времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Во вторник се очекува повторно дестабилизирање на времето со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме. 

Белград - Канцеларијата за Косово и Метохија на српската Влада соопшти дека денешната скандалозна пресуда против четворицата Срби, кои судството на Курти на секој можен начин се обидува да ги поврзе со убиството на Оливер Ивановиќ, е политички мотивирана и инструирана со цел дополнително да го криминализира српскиот народ на Косово, а се со цел Приштина да ја сокрие вистинската заднина и сторителите на ова мачно убиство.

Канцеларијата наведе дека пресудата е донесена без конкретни докази, под силен политички и медиумски притисок од Приштина, додавајќи дека таа е темпирана токму на Видовден за Приштина да создаде ново шоу за јавноста и повторно да ги нападне Србите.

Канцеларијата посочува дека Србите биле осудени уште пред самиот судски процес, како и дека обвинението три пати било менувано во текот на самото судење.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека патот на Украина кон Европа не е само политички и географски, туку и идеолошки.

-Тој пат се одвива во различни правци: Харковскиот, Купјанскиот, Запорожјенскиот, Сиверскиот и многу други правци. Овој пат е тежок, но Украина ќе го совлада. Затоа што поминуваме низ него заедно, во секој агол на Украина, која, се разбира, е европска земја и која секако ќе биде мирна, рече претседателот Зеленски во своето обраќање по повод Денот на Уставот, снимен ден претходно во Лавов на пат од Киев кон Брисел, пренесува Укринформ.

Зеленски нагласи дека патот на Украина кон Европа започна „не вчера, ниту пред една година, ниту во 1991 година“, и дека го трасирале различни генерации кои се бореле за независна, европска Украина.

Одеса - Претпладнево силни експлозии одекнаа во Одеса. Украинскиот црноморски град е нападнат со балистички ракети, објавија локалните медиуми на апликацијата Телеграм.

„Сите жители на Одеса треба да се засолнат на безбедни места. Побарајте го најблиското засолниште во градот на интерактивната мапа 'Засолниште/засолниште за бомби'“, повика градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов.

Пријавено е и присуство на разузнавачки дрон кој се уште не е уништен. Можни се повторени лансирања на ракети, предупредуваат властите.

Москва - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска го критикуваше повторното назначување на Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија, како и кандидатурата на поранешната естонска премиерка Каја Калас за шеф на дипломатијата на ЕУ.

-Фон дер Лајен е „добро позната како некој што не е поддржувач на нормализација на односите меѓу ЕУ и Русија, така ја паметиме, рече Песков.

Говорејќи за Каја Калас, портпаролот на Кремљ рече дека таа се уште не покажала дипломатски склоности и е позната „по своите апсолутно непомирливи, а понекогаш дури и русофобични изјави“, пренесуваат руските медиуми. 

-Изгледите за односите меѓу Москва и Брисел се лоши. Не мислиме дека европската дипломатија некако ќе функционира во однос на нормализирање на односите, рече Песков, одговарајќи на прашањето како Кремљ ги доживува кадровските промени во ЕУ.

Виена - Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси изјави дека неделава во гранатирање и пожар е уништена надворешната станица за мониторинг на радијацијата, на 16 километри од нуклеарната централа Запорожје.

Гроси истакна дека ова дополнително ја намалува ефективноста на способноста за откривање и мерење на секое радиоактивно ослободување за време на вонредни ситуации, наведе МААЕ на својата интернет страница.

Забележано е дека од почетокот на 2022 година, неколку станици за следење на радијацијата во 30-километарската зона околу нуклеарната централа Запорожжја беа надвор од функција во различни периоди поради оштетување од гранатирање.

Во моментов работат четири од 14 станици.

Атина – Грција секако ќе се стреми кон силно портфолио, што ќе овозможи уште еднаш да биде забележливо нашето присуство на европско ниво, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференцијата во Брисел по Самитот на Унијата, без притоа да открие кои се ресорите што земјата ќе ги бара за позицијата грчки комесар, објаснувајќи дека распределбата е во надлежност на претседателот на Европската комисија, а во моментов главен приоритет е реизборот на Фон дер Лајен, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис изрази задоволство за постигнатиот договор на ниво на Европскиот совет за носителите на врвните функции во ЕУ, посочувајќи дека лично тој беше еден од двајцата преговарачи од Европската народна партија, а за усвоената стратешка агенда истакна дека „ги зема предвид сите важни грчки национални приоритети“.

Тирана - Институтот за статистика ИНСТАТ, денеска објави дека, врз основа на прибраните податоци од спроведениот попис Албанија има  2.402.113 милиони жители. 

Исто така произлегува дека во земјата живеат 755.950  домаќинства со просечна големина од 3,2 члена по семејство, кои живеат во 1.082.529 домови.

Споредено со  пописот спроведен во 2011 година бројот на популацијата е помал за 409.864 жители.

Во 2001 година попишани биле 3.069.275 жители.

-Изразено во проценти бројот на населението споредено со пописот во 2011 година се намалило за 16 отсто. Во периодот 2001/2011 падот е за осум отсто. Произлегува дека процентот на намалувањето на бројот на населението е двојно повисок, објави Euronews.albania. 

Панчево - Спортски риболовци од северна Србија, синоќа од Дунав, кај Панчево извлекле сом долг над два метра, со тежина од околу 80 килограми. По „тепачката“ со рибата што траела два до три часа, ја измериле, се сликале со неа и ја вратиле во реката.

Рибарите Бојан Славуљ и Милан Дроњак велат дека ова е редок улов од реката.

- Синоќа околу 21 часот рибата загриза и три часа се боревме со неа. За повлекување користевме прачки... Ветерот беше силен, а имаше и големи бранови, па рибата нѐ повлече среде Дунав. Сепак, на крајот „го победивме“ и го извлековме од водата. Сомот, беше долг 2,18 метри, изјави Славуљ за „Н-1“.

Како што раскажува, тој ловел единки тешки до 35, 40 килограми - повеќе од двојно полесни од оваа риба, а сом во овој дел од реката обично тежи 15 - 20 килограми... Најважно, споеред риболовците, е што рибата е вратена во реката. 

Остани поврзан