• понеделник, 30 септември 2024
МИА Флеш

5 јули 2024

Скопје - Благодарни сме што НАТО го препознава Западниот Балкан како регион од стратешка важност за Алијансата. Цврсто веруваме дека продолжувањето на блиската координација и заедничките активности на НАТО и ЕУ во регионот се од суштинско значење, првенствено преку забрзување на процесите на европска и евроатлантска интеграција. Ова е од суштинско значење за зацврстувањето на стабилноста и затворањето на вакуумот кој е подобен за дестабилизирачки влијанија од трети страни, истакна денеска министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на НАТО работниот појадок во пресрет на Самитот во Вашингтон следната недела, на кој ќе се одбележи 75-годишнината од основањето на Алијансата.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на НАТО работен појадок, на кој присуствуваа амбасадорите на земјите членки на НАТО, како и Украина, Јапонија и ЕУ. 

Говорејќи пред амбасадорите, шефот на дипломатијата ја потенцираше поддршката кон напорите на меѓународната заедница, особено улогата на ЕУ и САД за нормализација на односите Белград-Приштина, а како што посочи, земјава како НАТО и идна ЕУ членка е загрижена и за последнте случувања во БиХ.

Скопје - Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека правниот нихилизам можеби е атрактивен, но не и најефикасен метод во однос на најавата на Владата за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Гир во интервју за „360 степени“ вели дека нема дилеми дека се потребни суштински реформи во правосудството и ја поздравува намерата на Владата ова да го стави како висок приоритет, но посочува дека има богатство на материјал кој покажува кои се начините за придвижување напред. 

- Го имаме Извештајот на Оценската мисија, кој, како што се сеќавате, е од минатата година. Содржи 40 препораки. И има уште многу други документи. Од скрининг-процесот, Извештајот за напредокот, значи има богатство достапни материјали кои покажуваат како да се оди напред. Со нетрпение очекуваме да разговараме за ова во детали, нагласува Гир.

Додава дека ќе мора да разговараат со Владата за тоа што значи најавата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.  

Скопје - Евроамбасадорот во заминување Дејвид Гир и германската амбасадорка Петра Дрекслер во изјава за медиуми прашани да дадат коментар за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека странските амбасадори се мешаат во внатрешните работи, рекоа дека се надеваат на продолжување на дијалогот со новата Влада.

Откако дел од амбасадорите изразија забелешки за најавата за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, Мицкоски вчера изјави дека станало пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата и ако имаат подобри решенија дека ќе ги прифати.

Прашан да даде коментар на оваа изјава на премиерот Мицкоски, Гир кажа дека премиерот покренал важни прашања во однос на потребата за реформа на владеењето на правото.

Скопје – Претседателот на Собранието Африм Гаши, оствари проштална средба со досегашниот кинески амбасадор во земјава Џанг Ѕуо.

- Во оваа пригода, претседателот Гаши изрази благодарност за придонесот на амбасадорот Ѕоу во изминатите години за одржување и продолжување на добрите односи што двете земји ги негуваат со децении. Тој му посака на кинескиот амбасадор успех во понатамошната работа и на новите должности, информираат од кабинетот на Гаши.

Соговорниците се согласиле дека, и покрај географската оддалеченост, односите меѓу две држави се пријателски и се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и заемно почитување.

- На средбата се разговараше и за продолжување и унапредување на соработката меѓу законодавните домови, со оглед на тоа што во Собранието на РС Македонија е во тек процесот на конституирање на пратеничките групи за соработка, соопштуваат од Собранието.

Амбасадорот Ѕуо ја истакнал солидарноста меѓу двете држави за време на справувањето со ковид-пандемијата.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека поставувањето на камерите од системот „сејф сити“ е при крај и оти очекува и би сакал тој да почне да функционира од почетокот на следната година. 

- „Сејф сити“ е проект кој е од круцијален интерес за Македонија, првично за Скопје како центар, секако за Тетово и Куманово. Но, Скопје е главниот фокус, половина од Македонија е во Скопје, половина од прекршоците се во Скопје. Сметам дека ако можеме да возиме во рамки на дозволена брзина во Австрија и во Германија, може да возиме со дозволена брзина и во Македонија. Целта е да се намали бројката на смртни случаи како последица на небезбедно возење, вели Тошковски во интервју за Слободен печат.

Според него, ова не значи исклучување на полицајците од контрола по улиците. -Полицајците ќе ги има, сакам да ги има во зголемен број. Враќањето на позорникарите е следна цел. Мора да најдеме начин како да ја доближиме полицијата до граѓаните, вели Тошковски.

Што се однесува до првите казни од камерите за „Безбеден град“, министерот вели дека до крајот на оваа година ќе има законско решение кое ќе овозможи примена на овој систем.

Скопје - Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска денеска на прес конференција информираше дека годинашната средна оценка на матурата е 3,25 и како што потенцираше, иако е пониска од претходните години, сепак е одлична во однос на објективноста.

Таа напомена дека оценката од лани е 3,65, во 2022 година е 3,78, а во 2021 е 3,61. Ова, како што рече, според Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на процесот е резултат на заострените мерки при полагањето кои биле преземени.

- Вкупно 14.834 пријавени кандидати на 1 јуни го полагаа задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, а тестирањето се спроведе во холовите и спортските сали на училиштата, заради поголема прегледност и контрола на набљудувачите над учениците, додаде Михајловска.

Како што информираше, по мајчин јазик средната оценка е 3,37, за англиски јазик 3, 06, за француски јазик 4,47.

Скопје – Пратениците денеска ја избраа Марина Димовска за генерална секретарка на Собранието на Република Северна Македонија.

Димовска е дипломиран политиколог и магистер на економски науки од областа на меѓународна економија. Таа работи во Собранието од 2009 година.

За заменик-генерален секретар на Собранието е избран Никола Ѓошевски, кој е дипломиран правник и магистер по корпоративното право.

Во рамки на седницата беа утврдени и оставките на досегашната генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова и нејзиниот заменик Бојан Василевски, кои на 1 јули поднеле оставки на своите функции. 

Исто така, беа констатирани и оставките на Бобан Николовски и Синиша Стојановски од функциите пратеник.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ги нарече „смешни“ обвинувањата за недоволно вработувања на албански кадар во институциите низ државава.

Тој денеска беше прашан за коментар на тоа дека од Европскиот фронт го обвинуваат оти не само во здравствените институции, туку воопшто, имало многу малку вработувања на албански кадар.

- Мене ми изгледаат смешни. Кога не се сериозни секогаш се смешни, така што не држат овие работи коишто ги кажуваат. Меѓутоа, ги разбирам, задача на опозицијата е тоа, нека продолжат. Меѓутоа, фактите ќе си кажат како стојат работите, одговори министерот на новинарско прашање, по посетата на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Претходно, од ДУИ изразија загриженост за одлуката за назначување двајца етнички Македонци – за в.д. директори на Фондот за здравствено осигурување.

Во друго соопштение до медиумите, ДУИ наведе оти смета дека „не може да помине ден без последователни и скандалозни дејствија за дефакторирање на Албанците во Северна Македонија и систематско девалвирање на Охридскиот рамковен договор од страна на губитниците на изборите и моноетничката власт во земјава“.

Скопје - Собранието на денешната деветта пленарна седница избра состави на делегации за парламентарна соработка со меѓународни институции.

За шеф на делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ) е избрана пратеничката Марија Петрушевска, а за членови Бисера Костадиновска Стојчевски и Беким Ќоку, Нивни заменици се Марија Митева, Сања Лукаревска и Садула Дураки.

За шеф на собраниската делегација во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа е избрана пратеничката Моника Зајкова, за членови Никола Мицевски и Халил Снопче, додека за заменици членови Ели Панова, Бобан Карапејовски и Дијана Тоска.

Шеф на делегацијата на Собранието во Интерпарламентарната унија е претседателот на Собранието, Африм Гаши, а за членови се избрани пратениците Никола Мицевски, Халил Снопче, Бобан Карапејовски, Оливер Спасовски, Борислав Крмов и Блерим Беџети.

Скопје – Во Буџетот за 2024 година  нема простор за намалување на расходната страна затоа со ребалансот ќе направиме реалокација на средства од ставки кои не се реализираат или коишто ќе се покаже дека не се продуктивни. Првичните  анализи покажуваат дека на расходната страна може да се скрати околу 200 до 300 милиони евра, но дека појасна слика ќе има во наредните денови, бидејќи веќе се доставени дописите од буџетските корисници до Министерството за финансии и дека ќе се работи и за време на викендот.

Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во емисијата „Вин Вин“ на ТВ Телма, во која ја посочи дека интензивно ќе се работи викендов на ребалансот по што ќе има поконкретни сознанија.

„Бидејќи првичните анализи покажуваат дека на расходната страна нема простор каде да се намалува, бидејќи има расходи кои не се планирани, ќе реалоцираме средства. Целта е да не ги менуваме во апсолутен износ вкупните приходи и расходи, а со тоа и во апсолутен износ да не го менуваме буџетскиот дефицит, но во процент тој ќе биде поголем. Она што загрижува е јавниот долг, кој процент ќе бележи раст бидејќи јавниот долг од 61,2% е проектиран на раст од 3,4%, а податоците со кои располагаме упатуваат дека тој ќе биде помеѓу 2,1% и 2,5%, рече министерката за финансии.

Скопје - Управата за јавни приходи денеска информира дека 4.767 даночни обврзници ја немаат платено разликата за доплата на данок на личен доход за 2023 година за која законскиот рок беше до 30 јуни. 

Во следниот период, како што денеска информираа од УЈП, ќе се премине кон опоменување и присилна наплата на доспеаните неплатени долгови по овие основи што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 проценти дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата.

- Ги поттикнуваме оние даночни обврзници со даночен долг над 10.000 денари кои имаат потешкотии во обезбедувањето на тековна ликвидност и платежна способност, а редовно ги исполниле другите даночни обврски, да поднесат барање за одложено плаќање http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/172, се вели во соопштението од УЈП.

Мoсква - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска пристигна во Москва како дел од „мировна мисија“, изјави неговиот портпарол Берталан Хаваси. Се очекува за време на престојот во Москва Орбан да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, изјави Хаваси за унгарски медиуми.

Посетата на Орбан на Москва се остварува по ненадејната посета на Киев на 2 јули, каде што се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Брисел - Посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Москва се одвива исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Русија и тој нема добиено никаков мандат од Советот на ЕУ за посета на земјата, порача високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. 

- Унгарија сега е земјата членка на ЕУ која го извршува ротирачкото претседавање со Советот до 31 декември 2024 година, но тоа не повлекува никакво надворешно претставување на Унијата, што е одговорност на претседателот на Европскиот совет на ниво на шефови на држави или влади и на висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност на министерско ниво, се додава во писмената изјава на Борел. 

Тој посочува дека позицијата на ЕУ за руската агресија врз Украина е изразена во многу заклучоци на Европскиот совет и таа ги исклучува официјалните контакти меѓу Унијата и рускиот претседател Владимир Путин. 

Лондон - Британскиот премиер Риши Сунак ја напушти Бакингемската палата, каде официјално поднесе оставка до кралот Чарлс, по поразот на неговата Конзервативна партија на вчерашните парламентарни избори.

Тој најави дека ќе се повлече и од лидерската позиција во Конзервативната партија.

Британскиот премиер во заминување последен пат зборуваше од Даунинг стрит, каде нагласи дека најважна задача за време на неговиот мандат била да ја врати стабилноста на економијата.

Тој додаде дека Велика Британија сега е посилна од порано.

Брисел – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изрази надеж дека Украина може да се приклучи на Алијансата во следната деценија.

- Силно се надевам дека Украина ќе биде сојузник, рече тој во интервју за ДПА, одговарајќи на прашање за можно проширување на НАТО во следните 10 години.

Генералниот секретар во заминување зборуваше пред самитот на лидерите на НАТО во Вашингтон, каде што алијансата ја прославува својата 75-годишнина и треба да објави нова поддршка за Украина.

Столтенберг ги повика сојузниците од НАТО да и достават на Украина повеќе воена помош за да се победи руската инвазија. „Колку е посилна нашата поддршка, толку побрзо оваа војна може да заврши“, рече тој.

Вашингтон – НАТО на самитот во Вашингтон следната недела за првпат ќе побара од земјите-членки построга стандардизација на артилериската муниција за да се олесни нејзината употреба на бојното поле.

- Украина покажа дека нашата стандардизација е добра на хартија, но не и на терен, изјави претставник на НАТО кој сакаше да остане анонимен, мислејќи на муницијата како што е артилериската муниција со калибар од 155 милиметри, која во моментов е дефицитарна во светот поради високата побарувачката предизвикана од руската инвазија врз Украина која почна во 2022 година.

Иако НАТО спроведе стандардизација на муницијата за помали оружја како што се јуришни пушки, дозволувајќи им на сојузниците да разменуваат муниција, тоа не е толку лесно за артилериската муниција.

Брисел - Италијанското лево популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С) стана времена членка на групата „Левица во Европскиот парламент“, која обединува левичарски, социјалистички и комунистички партии, а неговото целосно прифаќање во членство ќе зависи од шестмесечен пробен период на „заемно ангажирање“. 

Движењето информира дека станало член на Левицата, со што, како што се наведува во партиското соопштение, е постигната првата политичка цел на партијата да се приклучи на прогресивна група што ги вреднува точките од програмата што ја презентирале за време на јунските Европски избори. 

- Со оглед на кратките рокови поради внатрешните технички ограничувања во Европскиот парламент, взаемно се договоривме со Левицата за шестмесечен реципрочен ангажман за прилагодување на идните предизвици на европската политичка агенда, се додава во соопштението. 

Лидерката на Левицата, француската европратеничка Манон Обри изјави дека одлуката за прием биле донесена откако групата „се погрижила“ M5С да се усогласи со нејзините политички ставови. 

Лондон - Рекорден број жени се избрани во Долниот дом по парламентарните избори во Велика Британија, јави ДПА.

Според податоците од утрината, 261 жена се избрани за пратеници, што претставува 40 отсто од вкупниот број пратенички мандати. Нивниот број може да се зголеми како што продолжува пребројувањето на изборните резултати.

Претходниот рекорд беше поставен во 2019 година, кога бројот на жени во Долниот дом изнесуваше вкупно 220.

Вчерашните избори беа шести по ред на кои се зголеми бројот на жени во Парламентот.

Атина – Над шест од десет Грци, односно 65 отсто сметаат дека земјата оди во погрешна насока, за 46 проценти од анкетираните најголемиот проблем се поскапувањата на цените, а работата на актуелната Влада 66 отсто ја оценуваат негативно, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Metron Analysis“ за телевизијата „Мега“, јави дописничката на МИА од Атина.

На политичката сцена, Нова демократија и понатаму е на првата позиција со стабилна предност пред опозициската СИРИЗА, која има рејтинг за нешто помалку од еден отсто повисок од ПАСОК.

На прашањето кој е најсоодветен за премиер, според анкетираните, актуелниот претседател на грчката Влада Кирјакос Мицотакис е прв со 33 проценти, наспроти одговорот „никој од понудените“ што го избрале 32 отсто од испитаниците.

Минхен – Речиси 11 отсто од германските компании им нудат на своите вработени четиридневна работна недела, се вели во извештајот објавен денеска од Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен, спроведен во вториот квартал од оваа година.

Како што се наведува, само два отсто од компаниите во Германија планираат да воведат четиридневна работна недела, 19 отсто разговараат за нејзиното воведување, додека 38 отсто од компаниите не се занимаваат со оваа тема, а 30 отсто тврдат дека ваквото скратување на работната недела е невозможно за нив.

Моделот на четиридневна работна недела е најприфатлив во малите компании со до 50 вработени, каде што го користат 14 проценти од компаниите, а во големите компании со над 500 вработени, овој процент е двојно помал и изнесува седум проценти.

Тирана – Албанската Централна изборна комисија (ЦИК) денеска донесе одлука со која ЦИК на реизбраниот градоначалник на Химара, Фреди Белери му се одзема мандатот, со што се дава можност шефот на државата на распише вонредни избори за градоначалник на ова приморско гратче.

-Нема никакво влијание од надвор. ЦИК го спроведува законот за декриминализација. Изборната комисија ги има сите овластувања да ја донесе оваа одлука, изјавил Илирјан Целибаши, претседател на комисија, објави Ора њуз.

Белери(52) на ланските локални избори, одржани на 14 мај, беше реизбран за градоначалник на Химара, 240 километри јужно од главниот град Тирана. Два дена пред изборите, тој беше уапсен под обвинение дека понудил 40.000 албански леки (360 евра во тоа време) за да купи осум гласови, од кога е во притвор, поради што и не положи заклетва.

Остани поврзан