• недела, 22 декември 2024

Потребни се длабоки реформи во Обединетите нации, но прашање е кога и дали ќе се случат

Потребни се длабоки реформи во Обединетите нации, но прашање е кога и дали ќе се случат

Њујорк, 29 септември 2024 (МИА) - Светските лидери и учесници на 79. Генерално собрание на Обединетите нации секој од свој агол зборуваа за прекршување на човековите права, постигнување мир во деловите од светот зафатени со и од војни Украина, Русија, Израел, Газа, Либан..., но и заштита на животната средина и се поактуелната потреба од превенција и заштита од природните непогоди и катастрофи. Земјата има потреба од промени за да се заштити човештвото, кое можеби и нема да настрада од војните што народите меѓу себе ги предизвикуваат, туку од природата која ја ставаме во втор план, предупредуваат експертите. 

Но, како во овие глобални услови може да помогнат Обединетите нации чија улога станува се помаргинализирана? Како претходница на 79. Генерално собрание на ОН во Њујорк, се одржа Самитот на иднината на кој како главен документ беше донесен Пактот за иднината, што всушност е проекција како да се реформираат Обединетите нации.

Земјите членки на ОН до последен момент преговараа за документот и на крај се поделија - Русија и земјите што ја поддржуваа имаа амандман на овој докумет, африканската група излезе со свое мислење и останатите земји членки кои го поддржуваа. На крајот документот беше прифатен, а најспорно, сепак, како што наведуваат овдешните експерти, е како ќе продолжи финансирањето на организацијата и реформата на Советот за безбедност.

Документот содржи заложби за одржлив развој и финансирање за развој, меѓународен мир и безбедност, наука, технологија, иновации и соработка во дигитализацијата, за младите и идните генерации, трансформирање на глобалното владеење. Првиот анекс на Пактот е Глобален дигитален договор, а вториот е Декларација за идните генерации.

Како што рече генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш: не можеме да создадеме иднина погодна за нашите внуци со систем изграден од нашите баби и дедовци.

Севкупно, договорот од Пактот е силна изјава за посветеноста на земјите кон Обединетите нации, меѓународниот систем и меѓународното право. Лидерите поставија јасна визија за меѓународен систем што може ги исполни своите ветувања, е порепрезентативен за денешниот свет и се потпира на енергијата и експертизата на владите, граѓанското општество и другите клучни партнери.

Според Гутереш, Пактот за иднината, Глобалниот дигитален договор и Декларацијата за идните генерации ја отвораат вратата кон нови и неискористени можности. Пактот, според него, ќе ги постави темелите за одржлив, праведен и мирен глобален поредок – за сите народи и нации.

Неизвесност кога и дали овој документ ќе може да се применува и ОН да почне да се реформира 

Амбасадорот Срѓан Керим, поранешен претседавач на Генералното собрание на ОН и шеф на македонската дипломатија, смета дека и покрај тоа што Пактот за иднината е донесен, реформи не можат да почнат наскоро, а тука имајќи ги предвид и изборите во САД на 5 ноември, кои се едни од најголемите донатори на организацијата. Цел свет, вели тој, има запалено рефлектори кон изборите во САД.

Поранешниот министер за надворешни работи и дипломат Срѓан Керим, зборувајќи за заклетвата на шефицата на државата Гордана Сиљановска Давкова, рече дека „претседател на држава кој полага закл

Носењето на Пактот на иднината, но и 79. Генерално собрание на ОН, според него, ќе влезат во историјата како едни од најдраматичните заседанија. За тоа има сериозни причини. Не само организацијата, вели Керим, туку и светот генерално е во длабока криза, а тоа го гледаме и го слушаме секојдневно.

- Тоа што го кажа генералниот секретар во својот говор на Генералното собрание на ОН за тоа дека светот се наоѓа во сериозни турбуленции, јас би го надополнил со тоа дека за жал, тоа е малку задоцнето констатирано. Светот повеќе години наназад се наоѓа во сериозни турбуленции а немоќта на организацијата на ОН се гледа во тоа дека тие турбуленции траат а не може ништо сериозно да се преземе барем да се смируваат тензиите и турбуленциите, ако не може да прекинат, рече Керим.

За да има Пакт за подобар свет, потенцира поранешниот амбасадор, треба да има еднакво разбирање на сите актери што е тоа подобар свет. Пред се Повелбата на ОН има такви принципи со кои никој начелно не би можел да се спротистави, меѓутоа светот се промени.

-Ние денеска сме во една изгубена и наопаку свртена култура и на светската организација и на меѓународните односи затоа што овој поредок полека оди во историја, се движиме накај мултиполарен свет, вели Керим. Додава дека организацијата не можела добро да се справи со пандемијата, а потоа и со некои други процеси, не заборавајќи ги тука и војните во светот.

Многу е лесно да се каже дека се потребни реформи на оргазнизацијата, вели Керим но многу е тешко да се имплементира.

-Декларацијата што ја донесе Советот на претседатели на ОН, чиј што дел сум и јас, во завршниот дел укажува на тоа дека пред се организацијата на ОН треба сама да се реформира за да има какво било право да претендира да донесе пакт за иднината, да укажува дека треба сериозни промени во светот да се случат, смета Керим.

Ако ние, како што вели, не сме во состојба да ги реформираме ОН, а тоа значи Генералното собрание, Советот за безбедност, Економскиот и социјалниот совет, функционирање на Меѓународниот суд на правдата, тогаш за каков Пакт, за каква иднина зборуваме.

Немањето договор за начинот на идното финансирање на организацијата, според Керим, покажува дека сме во транзиција.

-Досега најголеми финансиери на организацијата беа САД, Јапонија, Германија, Италија, ...западните земји, ајде да кажеме Г7. Како контрапункт на Г7 се формира БРИКС, тоа е новиот свет. Епа сега не може да се очува Г7 да финансира а БРИКС да има исти права и на влијание. Ќе треба БРИКС да се организира и да финансира за да може организацијата да функционира како што треба, вели Керим.

Вук Јеремиќ, поранешен претседавач на ГС на ОН и српски министер за надворешни работи, се сомнева дека Пактот за иднината ќе стане запаметен како документ со којшто почнале реформите на организацијата.

- Би сакал да не сум во право, но моето мислење е дека Пактот за иднината нема да стане документ што ќе остане запаметен како нешто што ги започна реформите на Обединетите нации, која секако е неоподна имајќи предвид со какви предизвици се соочува денеска човештвото. Каква инстицуција се ОН, како е направена, под какви услови и со какви, да кажам, клучни темели, после втората светска војна, рече Јеремиќ во изјава за МИА.

Според него, неопходно беше за документот да се постигне консензус. - Без вистински консензус не може да се зборува за заеднички напори за иднината. самиот Пакт за иднината не постигна консензус. Сега не навлегувам во тоа, зошто, како, кој гласал вака, кој гласал така, немаше консензус. Тоа значи дека нема согласност во ОН за тоа по кој пат треба да се тргне напред, рече Јеремиќ.

Самиот почеток на Самитот, потенцира тој, беше индикативен и јасен показател во каква криза се наоѓа мултиларитеризмот се наоѓа денеска.

За излез од сево ова, вели дека за почеток треба да се формира една заедница како колективна меѓународна заедница за да дојде до мир, не само на медиумски најпокриените војни Украина и Блискиот Исток, туку и на други места.

- Без воспоставување на мир нема предуслови сериозно да се разговара за Пакт за иднината, за тоа како ќе ги менуваме ОН, за ИТ или сајберпросторот, да постигнеме некои договори за регулативата. Без мир нема предуслови за доверба, а без доверба нема постигнување на договор на диполоматската маса, вели Јеремиќ.

Во интервјуто за МИА поделбите и кризата во мултилатерализмот ја коментираше и претседателката Гордана Сиљановска Давкова која исто така е и професор по уставно право. Таа потенцира дека ОН мора да се соочат со потребата од темелни реформи, институционални, фукционални, односно во процесот на одлучувањето, но најмногу во инволвирањето на сите членки на ОН во донесувањето на клучните одлуки. Декоративните промени, вели претседателката, нема да го продолжат животот на ОН.

-Очигледни се длабоките поделби меѓу нациите внатре во Генералното собрание, а тие ја одразуваат само вистинската поделба што постои денеска во светот. Денеска и Генералното собрание, како и светот се наоѓаат пред катарза. Ова е последниот момент или повик пред прославата на 80 години од ОН. Зошто го велам ова? Затоа што ОН во 45-година настанаа како еден темелен мировен проект и еден антиколонијален проект, а денеска сме соочени со војна. Слично е и со Европската унија, која како Европска заедница настана како мировен проект. И двете организации требаше да гарантираат вечен мир, кантов мир. ОН дури и добија Нобелова награда за мир. Значи основната цел не ја исполнија, рече Сиљановска Давкова. 

Шефицата на државата смета дека она што ја продлабочи поделбата беше клучното прашање – односот кон војните.

Елизабета Вељановска Најдеска

ФОТО: МИА/Архива/ОН

Остани поврзан