• сабота, 05 октомври 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

5 јули 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека доколку има средба со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис на претстојниот Самит на НАТО во Вашингтон, се надева дека ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи.

-Се надевам дека ќе го задржиме достоинството и дека ќе разговараме како партнери и како добри соседи, доколку дојде до таков разговор. Ако не дојде се надевам дека набргу ќе дојде, истакна Мицкоски во врска со престојниот Самит на НАТО во Вашингот и со изјавата на Мицотакис дека очекува од новиот премиер да го користи уставното име на земјата и за внатрешна и за надворешна употреба и дека конкретното прашање ќе го покрене и на претстојниот Самит.

Мицкоски истакна дека ставот на Владата е градење добри односи со сите соседи, но оти дека односи се двонасочна улица.

-Нашиот став како Влада е дека сакаме да имаме добри односи со соседите, дека сакаме да градиме мостови за соработка, дека тоа за нас е двонасочна улица. Досега претпоставувам биле навикнати на еднонасочна улица, но сега сме ние политичари и Влада која што сака да водиме добрососедска двонасочна улица и така ќе продолжиме да се однесуваме, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во Владата на настанот на кој ја најави новата германско-белгиска инвестиција.

Скопје – Прашање е како ќе се исплаќа она што е редовно предвидено во Буџетот. Се обидуваме да бидеме креативни и граѓаните да не го почувствуваат тоа. За зголемените пензии ќе има средства, а со синдикатите ќе седнеме заедно за да видат дали има можност за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од Владата, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Во последниве седум години тајфун поминал низ државава и не само што ја ограбил, туку и жестоко ја уништил. Се надевам дека во првите 100 дена ќе имам можност да седнам со синдикатите, заедно со министрите за финансии, за економија и труд и за социјална политика демографија и млади, и да поразговараме и да им ги покажеме бројките за да видат со што се соочуваме, рече Мицкоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека бројките во Буџетот се катастрофални и порача дека за исплата на пензиите заедно со линеарното зголемување ќе се најдат средства за исплата затоа, што како што рече, има правилна редистрибуција во Буџетот.

-Недостасуваат 2,5 милијарди денари за редовна исплата на пензиите, настрана од дополнителното линеарно зголемување кое го најавивме и ветивме. Сепак, ние ќе се бориме до последно за се она што е интерес на граѓаните да е и наш интерес и да го реализираме, рече Мицкоски.

Затоа, како што кажа, ќе седнат со синдикатите за заедно да видат дали има можност и за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од владата како што бараат синдикатите.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите повтори дека е подготвен да разговара доколку има подобри решенија за Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Рече дека нешто мора да се менува бидејќи довербата на граѓаните во судството е два проценти.

- Убаво е секој месец да земате плата, а да имате два процента доверба кај граѓаните. Таа е најубавата позиција, комфорна. Заседнати со кожни фотелји, со црвени дебели килими и секој ден да доаѓате на работа, да броите илјадници евра месечна плата, а кај граѓаните да уживате само два процента доверба. Нормално е кога некој ќе сака инвазивно да делува, да направи реформа и да го реши тоа веднаш, од друга страна да имаме одбранбен механизам којшто вели - не, ние сме против тоа, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по објавата на новата германско-белгиска инвестиција.

Скопје - Жалам што не успеал до крај да ја фасцилитира инвестицијата за да биде успешна, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи му на поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи кој преку објава на „Фејсбук“ рече дека некој се „кити со туѓи перја“. 

Тој истакна дека направиле многу повеќе отколку Битиќи не успеал да направи за четири години, и како што кажа, оваа инвестиција денеска станува реалност.

-Се надевам дека во август ќе можеме да уживаме на нов камен темелник за почеток на нови 110 работни места, десетици милиони извоз и се надевам дека во периодот што следи ќе бидете сведоци на уште такви инвестиции што оваа Влада за неколку недели ќе го направи, тоа што претходната Влада и господинот што тоа го кажува не успееја за четири години да го направат, рече Мицкоски во изјава за медиумите дадена по прес-конференцијата во Владата на која беше објавена новата германско-белгиска инвестиција.

Скопје - Најмалку 110 работни места претежно од инженерската струка, нови машини и технологија, најавија денеска премиерот Христијан Мицкоски и извршниот директор на компанијата „Eпсотех“, Аламави, кои ја промовираа претстојната инвестиција во земјава вредна 20 милиони евра.

Како што рекоа Мицкоски и Аламави, инвестицијата е германско-белгиска, ќе почне во август со градба на објект надвор од индустриско-технолошките зони на територијата на Општина Петровец, а се очекува и брзо да биде удвоена.

-„Eпсотех“ има 60 години искуство и со нас носиме многу вештини. Се надеваме дека тука ќе отвориме повеќе од 110 работни места кои ќе бидат претежно во машинската и инженерската гранка. Би сакале да почнеме со изградба на нова зграда, односно со инвестиција од приближно 20 милиони евра. Сакаме да ги прошириме нашите активности со производствени капацитети тука, во Скопје, односно да работиме на отворање фабрика и нови машини. Веќе имаме шест подружници во Европа, ова ќе ни биде седма, истакна Аламави.

Скопје - Продлабочување на економската соработка и привлекување поголеми француски инвестиции во нашата земја, било во фокусот на денешната средба на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со амбасадорот на Француската Република, Сирил Бомгартнер.

На средбата, како што соопшти МНР, било истакнато заемното задоволство од развојот на одличните билатерални односи, кои двете пријателски земји во континуитет ги негуваат.

Муцунски го запознал амбасадорот со приоритетите во работењето на новата Влада, посветеноста кон исполнување на реформската Агенда, со акцент на реформите за забрзување на евроинтегративните процеси на земјата.

Скопје - Македонскиот Дипломатски Синдикат (МДС), ги поздравува и дава поддршка на активностите на новоименуваниот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во контекст на, како што велат, решавање на наталожените проблеми во македонската дипломатија.

-МДС во континуитет предупредуваше и укажуваше на бројни неправилности а неретко и флагрантни кршења на Законот за надворешни работи, но бевме целосно игнорирани од претходните раководства, се вели во денешното соопштение од ИО на МДС.

Скопје - Целосна поддршка за одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и украинскиот народ, порача министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешната средба со амбасадорката на Украина, Лариса Дир и одбранбеното аташе, полковникот Серхии Кацуба.

-Покрај политичката поддршка која безрезервно ја имате, ќе вложиме дополнителни напори да помогнеме во вашата борба. Оваа војна мора да запре веднаш и на дипломатски начин да се реши, потенцирал Мисајловски.

Како што информираат од Министерството за одбрана, на средбата министерот Мисајловски нагласил дека ќе се заложи за интензивирање на соработката помеѓу двете министерства за одбрана, зајакнување на комуникацијата, а успешната соработката со амбасадата на Украина ќе продолжи да се одвива по нагорна линија.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски ја посетија Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје. Тие попладнево разговараа со дел од вработените и со директорот Игор Стојковски за проблемите со коишто се соочува Клиниката, по што истакнаа дека ќе бараат брзи решенија за граѓаните да имаат што е можно поквалитетна здравствена услуга.

За идната недела е договорен нов состанок, како што беше појаснето, за да се подготви специјален извештај и во Влада да се разговара за проблемите на Клиниката, особено околу дефицитот на кадар.

- Исто така поразговаравме и за тоа како можеме во што поскоро време да ги активираме амбулантите во Тетово, ГОБ „8 Септември“ и во Битола. И таму има одредени недостатоци на кадар, појасни министерот.

Скопје - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска 05.07.2024 година додели 56 договори за поддршка на локални настани и саеми.

- Од 2008 година, нашата посветеност за поддршка на локални настани и саеми неверојатно порасна. Она што започна со еден корисник сега се прошири на 56 одобрени договори, покажувајќи ја различноста и богатството на македонските земјоделски традиции, изјави Трипуновски.

Некои од локалните манифестации имаат голем континуитет на одржување како што се: Деновите на кочанскиот ориз и македонскиот мед до иновативните нови саеми како Саемот на автохтони сорти везенка и науката во функција на развојот, секој настан ја одразува нашата длабоко вкоренета страст за земјоделството и руралниот туризам. 

- Во новиот концепт се предвидени поголема финансиска поддршка, вклучување повеќе млади луѓе, зајакнување на положбата на жените во руралните области и поттикнување на културниот туризам. Заедно, имаме за цел да ги подигнеме земјоделството на завидно ниво во Македонија и да го подобриме руралниот живот, заврши Трипуновски.

Скопје - Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи денеска преку социјалната мрежа „Фејсбук“ реагираше на објавата на премиерот Христијан Мицкоски за новата германско-белгиска инвестиција.

Битиќи наведува дека се работи за инвестиција што ја работела неговиот кабинет. 

- Да, да: има разлика! Некој се „кити со туѓи перја“ и ја објавува инвестицијата на EPSOTECH како своја (и тоа пред да се финализирани сите процедури), а некој чека(л) додека се изјаснат сите релевантни институции за да се потврди договорот за соработка. Благодарност до ВМРО ДПМНЕ што ги потврдуваат и продолжуваат планираните инвестиции кои мојот (сега веќе поранешен) кабинет професионално и прецизно ги сработил во изминатиот период.
Работа а не PR е потребна за нашата татковина да го доживее прогресот што го заслужува, напиша Битиќи.

Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска оствари средба со евроамбасадорот Дејвид Гир на која соговорниците се осврнаа на реформите коишто и претстојат на земјата во нејзиниот евроинтегративен процес, информираат од Министерството за финансии.

На средбата биле разменети мислења за активностите што ги презема Министерството за финансии како институција која е координатор во рамки на Економско-финансискиот дијалог со ЕУ, како и за Реформската агенда на земјата поврзана со новиот План за раст на Западен Балкан, а која активност ја реализира Министерството за финансии заедно со Министерството за европски прашања.

-Министерството за финансии ги координира активностите во рамки на Економско-финансискиот дијалог веќе 10 години и во тој процес има континуитет. Тоа искуство ќе се искористи и во рамки на реформскиот процес поврзан со Планот за раст на Западен Балкан, истакнала министерката.

Скопје - Соединетите Американски Држави се еден од најзначајните стратешки партнери на нашата држава, при што во делот на Царината силен фокус во соработката е сузбивањето на криминалот и корупцијата како и зголемување на институционалните капацитети во наплатата на приходи, било истакнато на средбата помеѓу директорот на Царинската управа, Бобан Николовски и шефот за економски прашања во амбасадата на САД, Рајан Милер.

На состанокот, како што информираат денеска од Царинската управа, двете страни говореле за напредокот на Работниот план со Трезорот на САД каде експерти од двете институции работат на развој на мерки коишто ќе придонесат за прибирање повеќе приходи во Буџетот и сузбивање на сивата економија и корупцијата.

Брисел - Пред да донесе одлука за исплата на средства во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан, Европската комисија очекува сите земји од регионот да и ги достават своите реформски агенди во социо-економската сфера и во областа на основните вредности, изјави портпаролката на Европската комисија за соседска политики, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро. 

- Кога ќе ги добиеме тие агенди, ќе можеме да ги разгледаме и прифатиме во консултација со земјите членки. Засега се уште чекаме на нашите партнери од Западниот Балкан, истакна Писонеро. 

Во однос на Србија и Косово, Писонеро нагласи дека тие освен исполнување на условите што важат за сите земји од регионот, за да можат да користа средства во рамки на Планот, ќе мора да покажат и конструктивност во меѓусебниот дијалог.   

Москва – Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека очекува унгарскиот премиер Виктор Орбан да зборува за Украина како претседавач со ЕУ, и покрај критиките за неговата посетата од лидерите на ЕУ.

- Разбирам дека сега дојдовте не само како наш долгогодишен партнер, туку и како претседател на Европскиот совет, истакна Путин на почетокот на средбата со Орбан во Москва.

Тој додаде дека очекува Орбан да ја изнесе „позицијата на европските партнери“ за Украина. 

Брисел - Посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Москва се одвива исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Русија и тој нема добиено никаков мандат од Советот на ЕУ за посета на земјата, наведе високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.  

- Унгарија сега е земјата членка на ЕУ која го извршува ротирачкото претседавање со Советот до 31 декември 2024 година, но тоа не повлекува никакво надворешно претставување на Унијата, што е одговорност на претседателот на Европскиот совет на ниво на шефови на држави или влади и на висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност на министерско ниво, се додава во писмената изјава на Борел.  

Тој посочува дека позицијата на ЕУ за руската агресија врз Украина е изразена во многу заклучоци на Европскиот совет и таа ги исклучува официјалните контакти меѓу Унијата и рускиот претседател Владимир Путин.   

Вашингтон – Републиканскиот кандидат на претседателските избори во САД, Доналд Трамп, денеска му честиташе на својот десничарски сојузник Најџел Фараж, лидер на Реформската партија, за освоеното место во британскиот парламент, по седум неуспешни обиди, пишува Индипендент.

Трамп ја објави честитката на својата платформа „Truth Social“, во која, како што забележува британскиот весник, не го споменува победникот на вчерашните британски избори, Кир Стармер, чија Лабуристичка партија ги победи конзервативците по 14 години на власт.

- Честитки до Најџел Фараж за неговото големо освојување пратеничкото место во рамките на изборниот успех на Реформската партија. Најџел е човек кој навистина ја сака својата земја!, напиша Трамп.

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц вети дека поддршката на Европската унија за Украина нема да ослабне и покрај денешното контроверзно патување на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Москва.

„Орбан не ја претставува ЕУ на посетата“, рече Шолц.

Тој нагласи дека „јасната порака на блокот е дека Украина може да смета на нашата солидарност, додека (рускиот претседател Владимир) Путин не може да смета на опаѓање на нашата солидарност и поддршка“.

Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека Алијансата била однапред информирана за заминувањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин.

Столтенберг на самитот на НАТО истакна дека Орбан патува во својство на премиер на Унгарија и дека во Москва нема да го претставува НАТО, чиј член е Унгарија, пренесуваат светските агенции.

Орбан претходно денеска пристигна во Москва и по пристигнувањето рече дека со таа посета ја продолжува мировната мисија, откако неодамна го посети Киев каде разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Москва – Унгарскиот премиер Виктор Орбан на средбата со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Унгарија ќе биде единствената земја во Европска Унија која одржува врски и дијалог и со Русија и со Украина.

- Се намалува бројот на земји кои можат да разговараат со двете страни во судирот во Украина. Унгарија најверојатно набрзо ќе стане единствена која разговара и со Русија и со Украина, посочи Орбан.

Тој му се заблагодари на Путин за средбата „под такви предизвикувачки услови“, алудирајќи на конфликт во Украина.

- Би сакал да ја искористам оваа можност да разговарам за голем број предизвикувачки прашања и да се запознам со вашиот став за проблемите важни за Европа, истакна Орбан.

Лондон - Британскиот крал Чарлс денеска му го довери мандатот за формирање нова влада на Велика Британија на лидерот на Лабуристичката партија, Кир Стармер, по убедливата победа на неговата партија на парламентарните избори.

Назначувањето на Стармер за премиер беше потврдено од Бакингемската палата.

„Кралот го прими на аудиенција уважениот Кир Стармер и побара од него да формира нова влада. Стармер ја прифати таа понуда“, соопштено е од Бакингемската палата, пренесува „Гардијан“.

Киев – Третиот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ што го вети Германија веќе е во Украина, соопшти денеска германскиот амбасадор во Киев, Мартин Јегер.

- Во текот на последните месеци, украински тим успешно ја заврши обуката во Германија, објави Јегер на X.

Берлин го вети тоа уште во април како одговор на повиците на Киев за дополнителна противвоздушна одбрана.

Украина се соочува со сè поинтензивни руски воздушни напади во изминатите месеци, кои нанесоа тежок удар на енергетската инфраструктура на земјата.

Белград - Јавниот долг на Србија на крајот на мај годинава изнесуваше околу 36,35 милијарди евра, што е 47,6 отсто од бруто домашниот производ (БДП), соопшти денеска Министерството за финансии на Србија.

Јавниот долг на крајот на април изнесуваше 36,30 милијарди евра или 47,5 отсто од БДП.

Јавниот долг на Србија на крајот на 2023 година изнесуваше 36,15 милијарди евра или 52 отсто од БДП.

Србија во периодот јануари - мај годинава имаше дефицит на републичкиот буџет „во износ од 8,1 милијарди динари, што е подобро од буџетскиот план за 81,5 милијарди динари, бидејќи дефицитот беше планиран во износ од 89,6 милијарди динари" соопштија денеска од Министерството.

Остварени се приходи во износ од 849,4 милијарди динари, а расходи од 857,5 милијарди динари, се наведува во соопштението.

Атина - Процесот на ЕУ интеграција треба да се фокусира на усвојувањето на европското законодавство, а билатералните прашања да се третираат одделно, вели министерот за надворешни работи на Австрија Александер Шаленберг, во интервјуто за грчкиот весник „Та неа“, а паралелно посочува дека конкретно за Северна Македонија, јасни предуслови се уставните измени и целосното почитување на меѓународните договори, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за ЕУ перспективата на регионот, шефот на австриската дипломатија истакнува дека пред повеќе од 20 години во Солун „им ветивме членство во ЕУ на земјите од Западен Балкан“ и „време е да се стори ова“, а додава дека заедно со Грција, како дел од „Пријателите на Западен Балкан“, помагаат за оваа цел да се постигне што е можно поскоро.

Рим - Стапката на невработеност во Италија во мај изнесувала 6,8 отсто, исто како и во април, што значи дека и понатаму е најниска во последните 16 години, објави Италијанскиот институт за статистика (Истат).

Во Италија во мај се регистрирани 1,75 милиони невработени лица, приближно исто како и во април, додека бројот на вработени е намален за 16 илјади на 23,95 милиони, а зголемен е бројот на лица кои не се активни на пазарот на трудот, се наведува во извештајот, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.

Невработеноста кај младите меѓу 15 и 24 години во Италија се зголемила за 0,1 отсто до 20,5 отсто во мај, пренесува Capital.ba.

Минатиот месец Истат објави прогноза во која се наведува дека италијанската економија годинава ќе порасне за еден процент, а следната година за 1,1 отсто.

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека западните земји мора да извршат притисок врз Израел да го прифати најновиот предлог за прекин на огнот во Газа.

„По телефонскиот повик на претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден до (израелскиот премиер) Бенјамин Нетанјаху, се надевам дека конечното примирје ќе биде за неколку дена за да се запрат масакрите во Израел“, изјави Ердоган за новинарите по враќањето од Казахстан, каде што присуствуваше на Самитот на Шангајската организација за соработка.

Тој истакна дека верува оти е можен дефинитивен прекин во Појасот Газа.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е „горд“ што е „првата црна жена што служи со црнец претседател“ во последниот гаф. Една недела по неговиот катастрофален настап во дебатата, Бајден вчера даде интервју за радио станицата во Филаделфија Вурд, пишува Телеграф. 

-Патем, горд сум што сум, како што реков, првиот потпретседател, првата црна жена... кој служел со црн претседател, рече тој. Бајден беше потпретседател за време на двата мандата на Барак Обама, првиот црн претседател во американската историја.

Кога беше избран во Белата куќа, Бајден ја назначи Камала Харис, првата црна жена на таа позиција, за негова потпретседателка.

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан