• петок, 22 ноември 2024
МИА Општински пул

4 октомври 2024 

Скопје - Музичката манифестација за храна, угостителство, туризам и култура „Вкусовите на Гази Баба” ќе биде одржана денеска и утре на плоштадот во Автокоманда.

Организаторот на манифестацијата, Општина Гзаи Баба, информира дека е подготвена богата музичка програма со учество на естрадни уметници од Македонија и Балканот.

Скопјени вечер на плоштадот во Автокоманда ќе ги забавуваат Гоце Пејковски, Бојана Скендеровски, ДНК и српскиот Амадеус бенд.

В сабота, пак, граѓаните ќе имаат можност да уживаат во настапот на Огнен Здравковски, Таско и балканската ѕвезда Хари Мата Хари.

Општина Гази Баба ги поканува сите граѓани на добра музика за сите генерации, ладно пиво и квалитетна храна.

Тетово - „Играме за Дики“ е насловено хуманитарното прикажување на комедијата „Сомнително лице“ што ќе се одржи во среда 9 октомври (среда) во 20 часот во Центар за култура „Иљо Антески Смок“ – Тетово „Иљо Антески Смок“ во Тетово. Претставата ќе ја изведе тетовското драмско студио „Летечка театарска трупа“ ЛТТ.

Средствата од продажбата на влезниците се наменети за лекување Дијана Димчевска Наумоска која се бори против тешка болест.

Режисерот Зоран Јованоски вели дека ова е само мал придонес за огромните финансиски средства што се потребни за лекувањето.

-Досега се покажа дека Тетово знае како треба да дејствува во вакви околности. Тетовци се хумани. Мислам дека и овој пат ќе успееме да дадеме максимум од својата човечност. А не бараме премногу. Одвојте 200 денари за влезница и сите добиваме – публиката насмевка до уши и смеа до солзи, нашата Дики повеќе пари за лекување, а актерите се најсреќни кога се на сцена“, вели Јованоски.

Прилеп - Денешниот ден, петок 4 октомври е ден на жалост во Прилеп поради трагичната смрт на трите медицински лица кои вчера изутрината загинаа во тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола. Во несреќата загинаа: радиологот примариус д-р Александар Ристески, гинекологот Никола Василески и Фанче  Јованоска, радиолошки технолог.

Советот на општина Прилеп одлуката ја донесе синоќа на вонредна седница.

Денеска знамињата во Општината се истакнати на половина копје, а сите културни и спортски манифестации се одложуваат за наредниот ден.

-Прилеп и Македонија загубија врвни лекари специјалисти, еминетни и почитувани луѓе,  посветени и одговорни граѓани, кои спасувале илјадници човечки животи и помагале на многу луѓе со својата специјалност, но ги загубија животите, патувајќи токму, на своите работни места во Битола за да им помогнат на други луѓе. Прилеп вечно ќе се сеќава  на прим. д-р Александар Ристески, спец. радиолог, д-р Никола Василески гинеколог и Фанче Јованоска радиолошкиот технолог, кои ќе бидат вечна наша тага и непребол, рече прилепскиот градоначалник Борче Јовчески по донесувањето на одлуката на Советот за денешниот ден, петок, 4 октомври, да биде ден на жалост во Прилеп.

Куманово - Малолетник загина, а едно лице се здобило со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа која се случи вчера на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка во населбата Карпош, соопшти денеска СВР Куманово.  

Во сообраќајката учествувало возило „бмв" со албански национални ознаки и мотоцикл ,,јамаха".

Вчера околу 21.40 часот во СВР Куманово било пријавено дека на магистрален  пат Куманово - Крива Паланка, во населба Карпош – Куманово, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „бмв“ со албански национални ознаки, управувано од И.Б.(37) од Скопје и мотоцикл  „јамаха“ управувано од малолетник од Куманово. Во незгодата, од здобиените повреди на местото починал 15 – годишен сопатник на мотоциклот од Куманово, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Додека, 16 – годишниот возач на мотоциклот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Куманово, информираше полицијата.

Охрид - Општина Охрид за денеска има организирано пригоден настан со кој ќе бидат одбележани 1010 години од смртта на Цар Самоил.

Предвидено е во рамки на настанот точно на пладне да биде изведена драмата „Херувимите на Самоиловата круна“ од македонскиот драматург Зоран Пејковски во изведба на детското –драмско студио „Цвет 75“ од Охрид, под менторство на Драгана Боцеска.

Исто така предвиден е музички настап на учениците од ООУ„Ванчо Николески“ под ментрство на Марија Крцоска и Маријана Крстаноска. 

Настанот ќе го проследат учениците од седмите одделенија од општинските основни училишта, информираат од Општина Охрид.

Предвидено беше настанот да се одржува во Самоиловата тврдина, но временските услови не е поволни така што алтернатива е Големата сала на Општина Охрид.

Крива Паланка - Во централното градско подрачје на Крива Паланка на повеќе локации поставени се вкупно 48 контејнери за селектиран отпад. Контејнерите се обезбедени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, а се со зафатнина од 1,1 метар просторен.

- Надлежните служби при Општина Крива Паланка во соработка со општинското јавно комунално претпријатие „Комуналец", во централното градско подрачје, долж главната улица „Св.Јоаким Осоговски" поставија соодветни контејнери за селективен отпад, хартија и пластика. Контејнерите се обезбедени од страна на Министерството за животна средина. Сина боја се садовите за хартија, картони, тетрапак амбалажа,  додека жолтите за пластичен отпад: шишиња, чаши и друг вид пластика. Дел од новите контејнери ќе ге ги заменат и старите метални кафези за пластика и хартија. Се молат граѓаните во садовите наменети за селекција на наведените видови отпад,  да не фрлаат односно одлагаат комунален отпад освен отпадот за кој се наменети истите, посочуваат од комуналното одделение во општината.

Оттаму посочуваат граѓаните мешаниот комунален неселектиран отпад задолжително да го одлагаат во постојните метални или зелените контејнери.

Охрид – Синдикатот на културата бара од ресорното Министерство веднаш да ги исплати платите за август за вработените во Националната установа „Охридско лето“.

Според соопштението од Синдикатот, вработените во „Охридско лето“ се уште не ја примиле платата за август, иако овластеното лице на установата навреме и уредно доставило барање за одобрување средства за плати за односниот месец.

Платите не се исплатено поради забелешки од Министерството за култура и туризам за наводни неправилности во доставеното барање за платите, за кои Синдикатот смета дека се паушални и непоткрепени со што се прави огромна штета на вработените во НУ „Охридско лето“.

Од Синдикатот посочуваат дека раководното лице на буџетскиот корисник и единката корисник е одговорно дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати е во согласност со закон.

Битола - Актерката Викторија Степановска Јанкуловска и актерот Никола Стефанов отпатуваа во Полска, каде во Бјалисток ќе ја одиграат претставата „Кислород“ на Иван Вирипаев, во режија на Иван Јерчиќ.

На интернационалниот фестивал кој е во тек, битолчани ќе настапат в недела каде пред тамошната публика ќе презентираат поетско дело кое акумулира гнев, надеж, емоции и мисли на цела генерација од источниот блок, млади луѓе кои пораснаа заглавени во транзиција, што е суштина на претставата „Кислород“.

Во подготовката на театарскиот производ освен актерите и режисерот, учествуваа Оливера Павловиќ преведувач, Марта Дојчиновска костимограф, изборот на музиката е на Александар Димовски, снимател Сашо Илковски, ведео ператор Владимир Переловски, а гостин на видеото е Марјан Наумов.

Остани поврзан