• петок, 22 ноември 2024
МИА Радио флеш

  22 ноември 2024

 

 

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози на повисоките и претежно суви коловози на пониските места. Намалена видливост поради појава на магла од 40 – 50м. има на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Скопје - По повод Ден на албанската азбука денеска во Владата ќе се одржи свечена академија. 

На академијата свое обраќање ќе имаат претседателот на Владата Христијан Мицкоски и првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска и утре ќе престојува во дводневна посета во Република Србија по повод меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“.

Мицкоски денеска попладне ќе има одвоени средби со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, а потоа и со српскиот премиер, Милош Вучевиќ. 

Скопје - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска  ќе престојува во работна посета на Република Финска.

Во рамки на посетата, тој ќе оствари средби со министерот за европски прашања на Финска, Јоаким Странд, и министерката за надворешни работи, Елина Валтонен.

Скопје – Под покрителство на првиот вицепремиер Изет Меџити вечер во 19 часот во Дом на културата во Битола ќе биде одржана свечена академија по повод Денот на албанската азбука. Со него се одбележува годишнината од Битолскиот конгрес на кој десетици албански научници од 14 до 22 ноември 1908 година се состанале за да ја создадат албанската азбука.

Делегатите од Албанија и албанските здруженија и клубови од цел свет на конгресот во Битола донеле одлука за прифаќање на латиницата со некои промени, адаптирајќи 36 букви на албанскиот јазик. Затоа 22 ноември се одбележува како Ден на албанската азбука и е неработен за албанската етничка заедница во земјава.

Радовиш - Министерството за локална самоуправа соопшти дека денеска ќе бидат презентирани  реализираните активности за создавање енергетски ефикасен регион на подрачјето на општините Радовиш, Конче и Василево.

Активностите и придобивките од нив се во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2, реализирани од Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија.

Скопје - Амбасадата на САД, преку Програмата ОПДАТ на Министерството за правда на САД и УСАИД, денеска ќе организира панел-дискусија со претставници од Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство, со цел подобрување на соработката во борбата против корупцијата.

Од Амбасадата на САД најавија дека на отворањето на панел-дискусијата ќе се обратат заменикот-шеф на Мисијата на САД во Скопје Никол Варнс, јавниот обвинител на Северна Македонија Љупчо Коцевски, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска и помошникот на главниот државен ревизор Марина Блажеска.

Скопје - Во организација на Фискален Совет на Република Северна Македонија и Finance Think, денеска ќе се одржи настан „Фискалната политика на крстопат: Патот кон стабилност и одржливи јавни финансии“.

Како што е најавено од организаторите, на панелот „Фискалните правила и ефективна фискална политика“, ќе учествуваат министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, претседателот на Фискалниот Совет на РСМ Глигор Бишев.

Скопје - Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска ќе ја одржи 12-та сесија од Работната група 1– Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) на тема „Меѓу предизвици и можности: Земјоделската политика на Северна Македонија на патот кон пристапувањето во ЕУ”.

Се очекува да учествуваат клучни чинители во земјоделскиот сектор, претставници на релевантни институции, граѓански здруженија, истражувачи од академската средина и други стручни лица за областа.

Скопје - Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во септември 2024 година, изнесувала 41 585 денари и во одно на септември лани е повисока за 9,8 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Административни и помошни услужни дејности (12.6 %), Преработувачка индустрија (11.7 %) и Уметност, забава и рекреација (11.4 %).

Скопје - Во Клубот на пратеници денеска ќе се одржи Панел-дискусијата „Повеќе даночни приходи за побогато општество - перцепции и перспективи“.

Како што информираат од Управата за јавни приходи, панел-дискусијата се одржува по повод  Денот на даночните работници - „29-ти боември, Св.Матеј“.

Битола - Националната установа Музеј на Албанската азбука денеска во Битола ги завршува програмските активности посветени на Битолскиот конгрес кој од 14 до 22 ноември 1908 година се одржа во овој град.

Во рамки на денови на азбуката „Недела на буквите“ одржавме меѓународна конференција, отворена е изложба на фотографии и документи од деновите кога се одржувал Битолскиот конгрес, а вратите на Музејот беа отворени и за многу ученици и студенти кои ја посетија нашата установа, изјави за МИА, Нуер Арслани, директор на НУ Музеј на Албанската азбука-Битола.

Скопје - Здружението Хуманитарно Културен ФЕНИКС  денеска организира изложба „Во пресрет на Рускиот цар, Романови- царско служење" на фотографии од личната колекција на Царското семејство Романови испратени од Сретенскиот Манастир во Москва.

Како што соопшти Билјана Челик, претседателка на Здружението Хуманитарно Културен ФЕНИКС, изложбата досега била поставена во повеќе земји во Европа и Азија, а на Балканот прво во Србија и сега кај нас во Македонија, каде освен во Скопје наскоро ќе ја видат и граѓаните на други градови и места. 

Скопје - „Сѐ убаво што постои на светов, создадено е од љубов“ е мотото на денешната промоција на најновото издание „Бакнежи на небото“ од Иван Антоновски со илустрации на Иванка НиБа. Промотор на сликовницата е проф д-р Весна Мојсова Чепишевска.

- Сликовницата „Бакнежи на небото“ почнува со загатка – како се родила зимата со снегот и со неминовниот Снешко, која произлегува од љубопитноста на помалото дете, братчето Јаков. А ќе продолжи со разјаснување од повозрасното, сестричката Илина, која, пак, со оглед на својата возраст, сето тоа го открива преку сознанијата добиени од нивната баба. И сѐ така тече, кротко и неизнасилено, топло и спонтано, со слога и разбирање меѓу двете деца, за да се допре и кревката тајна на братчето Јаков дека ја сака Дарија од неговата група во градинката, се вели во соопштението од Тимот на Светулка.

Скопје - Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ - Скопје денеска ќе го организира XXII Меѓународен симпозиум на тема „Фолклористиката и културното наследство“.

Како што соопшти Институтот, свои согледби за фолклорот и културното наследство ќе презентираат околу 50 учесници од Северна Македонија, Србија, Бугарија, Словенија, Украина, Полска и од Косово.

Скопје - Во Скопје денеска ќе биде промовирана стихозбирката „Едно и пол патување“ од современата албанска поетеса Мањола Наси. Книгата ќе ја промовира Јулијана Величковска.

Преводот од албански е на Моника Митрева, а изданието е објавено во едицијата „Гравири“ на ПНВ Публикации, со поддршка од Националниот центар за книга и читање, Албанија.

Тетово - Во организација на Центар за култура „Иљо Антески-Смок“, Тетово вчеравечер свечено беше отворена колективна изложба „Без наслов“ со изложување на 100 дела од домашни и странски уметници.

Од центарот информираат дека преку големиот број уметнички слики и дела авторите понудиле страст, посветеност и креативност, а разновиден е уметничкиот израз - од реализам до апстракција, од експресионизам до концептуализам,

Приштина – Поранешниот косовски премиер, Иса Мустафа ги оцени како задоцнети забелешките на претседателката на Косово, Вјоса Османи во нејзиното годишно обраќање во републичкото Собрание, упатени кон Владата во врска со однесувањето кон сојузниците на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за телевизијата РТВ21, Мустафа рече дека Османи и самата во минатото, откога е на чело на државата, го поддржувала негативниот дискурс кон сојузниците на Косово.

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделник официјално ќе биде номиниран за втор мандат на средбата на ракодводството на неговата Социјалдемократска партија (СПД), и покрај противењето и повиците во партијата тој да се повлече.

-Во следната изборна кампања сакаме да влеземе со Олаф Шолц, изјави вчера Ларс Клингбејл.

Берлин - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус објави дека нема да се кандидира за канцелар на државата на претстојните вонредни избори и најави дека ќе ја поддржи кандидатурата за реизбор на германскиот канцелар Олаф Шолц, јави Дојче веле. .

Во видео објавено на налогот на германската Социјалдемократска партија, Писториус наведува дека на раководството на партијата му соопштил дека „нема да биде во можност да биде кандидат на партијата“.

Париз - Париз и Лондон нема да дозволат рускиот претседател Владимир Путин да „одреди нови принципи на меѓународните односи“ и ќе го спречат да ги „оствари своите цели“ во Украина, соопштија синоќа шефовите на француската и британската дипломатија.

„Франција и Велика Британија нема да му дозволат да ги постигне своите цели. Заедно со нашите сојузници ќе ги направиме сите неопходни напори за да ја ставиме Украина во најдобра можна позиција за да постигне праведен и траен мир“, изјавија Жан Ноел Баро и Дејвид Лами во текстот објавен синоќа на веб-страницата на францускиот дневен весник Фигаро.

Вашингтон – Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја номинираше ветеранската обвинителка Пем Бонди за нов јавен обвинител, неколку часа откако Мет Геjц се повлече од можен кандидат.

Бонди има долгогодишно искуство во спроведувањето на законот и претходно служеше како јавен обвинител на Флорида, јавија американските медиуми.

Вашингтон – Американскиот претседател Џо Бајден остро ги осуди налозите за апсење издадени за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана за наводни воени злосторства поврзани со конфликтот во Појасот Газа.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) вчера ги издаде налозите за апсење, кои беа одобрени од предистражниот совет во Хаг, по барањата поднесени од главниот обвинител Карим Кан во мај.

Бајден, во изјавата објавена доцна синоќа, го нарече потегот „шокантен“.

Тел Авив – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја осуди како „антисемитска“ одлуката на Меѓународниот кривичен суд да издаде налози за апсење поради воени злосторства против него и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант.

Тој рече дека МКС „лажно“ ги обвинува „за намерно гаѓање цивили, кога прави се што е во негова моќ за да се избегнат цивилни жртви“.

МКС, исто така, издаде налог за командантот на Хамас Мохамед Деиф. Израел тврди дека тој бил убиен во Газа во јули.

Њујорк – На поранешната премиерка на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, вчера и беше доделена наградата за глобално лидерство од Фондацијата на Обединетите нации.

Годишните награди „Ние народите“ им оддаваат признание на оние кои „постигнале големо влијание на светската сцена“, соопшти Фондацијата на ОН.

На Ардерн и беше доделена наградата „Шампион за глобални промени“, како признание за „нејзиното врвно и емпатично лидерство, посветеноста на застапувањето на правата на жените и негувањето на единството и мирот“, се вели во цитатот.

Буенос Ајрес – Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи синоќа се сретна со италијанската премиерка Џорџа Мелони на која и подари фигура од себе како држи моторна пила.

Милеи, кој себе си се опишува како анархо-капиталист, користеше вистинска моторна пила како реквизит на предизборните митинзи за време на неговата успешна претседателска кампања минатата година, ветувајќи дека ќе ја намали државната администрација.

Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот напад врз Украина со нов тип балистичка ракета е „јасна и сериозна ескалација“ во војната и повика на силна осуда од меѓународната заедница.

„Ова е јасна и сериозна ескалација на големината и бруталноста на оваа војна“, наведе Зеленски на Х, по нападот на градот Днипро во центарот на земјата.

Москва – Во врска со вчерашниот руски напад со суперсонична балистичка ракета врз Украина, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, сега заменик-претседател на Советот за безбедност, на платформата „Х“ напиша „добивте тоа што баравте."

„Значи, тоа е тоа што го баравте? Па, проклето тоа и добивте! Напад со хиперсоничен балистички проектил“, напиша Медведев, заедно со објавеното видео од нападот. 

Москва - На Русија и се потребни мигранти за развој поради неповолната демографска ситуација, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Проблемот е што имаме многу напната демографска ситуација. Живееме во најголемата земја во светот, но нè има малку“, додаде портпаролот на Кремљ.

На 12 ноември, Русија усвои закон со кој се забранува промовирање на начин на живот без деца, со цел да се поправи длабоката криза наследена од советската ера и значително влошена од конфликтот во Украина.

Киев - Валериј Залужни, украинскиот амбасадор во Велика Британија и поранешен врховен командант на вооружените сили на Украина, смета дека директното учество на автократските сојузници на Русија во војната против Украина укажува дека Третата светска војна веќе започнала.

„Верувам дека во 2024 година можеме со сигурност да кажеме дека Третата светска војна започна. Причината за тоа е што во 2024 година Украина повеќе не се соочува само со Русија. Украина се соочува со војници од Северна Кореја. Да бидеме искрени, иранските беспилотни летала од типот Шахед отворено убиваат цивили во Украина“, рече Залужни.

Техеран – Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) вчера го засили притисокот врз Иран, усвојувајќи резолуција која бара одговори на нерешените прашања за нуклеарната програма на Техеран, јави ДПА.

Одборот на гувернери на агенцијата со седиште во Виена донесе резолуција со која му се наложува на шефот на агенцијата Рафаел Гроси да претстави детален извештај за прашањата во врска со нуклеарните активности на Иран.

Монтгомери – Затвореникот од американската сојузна држава Алабама, Кери Дејл Грејсон (50), осуден за убиство на автостоперка во 1994 година, го пцуел управникот на затворот и некултурно гестикулирал пред да биде погубен со азот што е трето вакво погубување со оваа метода во САД.

Тој беше еден од четворицата тинејџери осудени за убиство на Вики Деблио (37), која патувала со автостоп низ Алабама на пат кон домот на нејзината мајка во Луизијана. Жената била нападната, претепана и фрлена од карпа.

Остани поврзан