21 ноември 2024
Скопје - Владата во 14 часот закажа вонредна седница на која ќе се расправа за проблемот со јавниот превоз во главниот град. Скопјени од вчера имаат редуциран градски превоз поради недостиг на гориво за автобусите. Најголем дел од автобусите се лоцирани во базите во „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров.
За денеска во 18 часот е закажана и вонредна седница на Советот на Град Скопје.
Од Град Скопје одговорноста во врска со кризата што настана Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кое остана без нафта, ја префрлаат на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на директорката на Бирото за јавни набавки поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите.
Од Бирото за јавни набавки денеска ги отфрлија ставовите во соопштението од Град Скопје како непримерни и непрофесионални нагласувајќи дека ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна.
- Оваа понуда, која била и единствена поднесена понуда во постапката, не исполнува услов кој самиот ЈСП го навел во точка 1.4.8 од тендерската документација, велат од Бирото за јавни набавки.
За утре се најавени јавни протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои најавија дека ќе се приклучат на протестот ако не се реши проблемот со јавниот превоз.
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Џастин Коулсон, претставничка на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за Босна и Херцеговина, директорка за Албанија, Србија, Северна Македонија и Косовo.
На средбата беа разменети мислења и информации за севкупните активности на агенцијата и соработката со нашата држава, соопшти кабинетот на претседателката.
Сиљановска Давкова, изразувајќи благодарност за долгогодишното партнерство, оцени дека напорите на УНФПА за унапредување на репродуктивното здравје, родовата еднаквост и младинскиот ангажман во македонското општество оставија опипливи придовивки за разниливите групи и ги поздрави досега спроведените проекти и иницијативи во соработка со македонската влада. Претседателката ја истакна својата посветеност за поддршка на значајната работа на УНФПА и изрази очекување за засилување на партнерството во годините пред нас, се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет.
Скопје – Важноста на мултисекторската соработка и посветеноста на учесниците во пронаоѓањето решенија за борбата против корупција, охрабрувањето на секојдневната борба за интегритет и создавањето робусни механизми за нејзино спречување и барање отчетност преку системски реформи и транспарентни институции, беа во фокусот на отворањето на првата Конференција за борба против корупцијата во Западен Балкан организирана од Амбасадата на САД во Скопје, во соработка со Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот (INL).
Американсата амбасадорка во Република Северна Македонија, Анџела Агелер во своето воведно обраќање ја истакна важноста на мултисекторската соработка и посветеноста на сите учесници во пронаоѓањето решенија за овој критичен проблем. Таа нагласи дека не е потребно само казнување, туку и охрабрување на секојдневната борба за интегритет.
-Тоа што сте сите тука покажува дека се вклучени сите сектори и тоа посведочи за вашата посветеност и потрага по наоѓање решение. Тоа ја потенцира важноста и итноста на работата што ни претстои, посочи амбасадорката.
Дополни дека мора да се зајакнат оние што избираат да делуваат и да се борат, а не да се предадат.
Токму преку оваа конференција, како што кажа, „преку носење на „шампионите“ на едно место, може да се изгради мрежа која ќе се бори против корупцијата од позиција на сила и доверба“.
-Во Северна Македонија се лансира новата правосудна мрежа во која ќе бидат поврзани професионални од кривично-правниот сектор кои што ќе споделуваат искуства, ќе поттикнуваат доверба и ќе се поддржуваат едни со други. Веруваме дека оваа иницијатива ќе користи како модел во регионот, посочи таа.
Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска апелира до градските власти под итно да најдат соодветно решение за јавниот градски превоз. Според анализата на Министерството за образование и наука од Е-дневник, како што изјави денеска Јаневска, нема значајна разлика во отсуствата на учениците.
- Претпоставувам дека учениците и родителите се организираат најдобро што можат нивните деца да стигнат во училиште, но и наставниците имаат разбирање за ова што се случува. Состојбата е многу лоша и срамота е во главниот град да им се онезвоможи на учениците да добијат соодветно образование што е загарантирано право со Устав. Се надевам дека ќе се најде решение за оваа ситуација затоа што е недозволиво сите напори што ги правиме, промените што се обидуваме да ги спроведеме за подобрување на квалитетот на образованието, да бидат на некој начин спречувани заради неорганизираност на градските власти. Се надевам дека градските власти сериозно ќе ја сфатат оваа ситуација и под итно ќе најдат соодветно решение, изјави Јаневска пред почетокот на потпишувањето на Анексот на меморандумот за соработка меѓу МОН и Амбасадата на Франција.
Јаневска дава поддршка и на студентите кои најавија дека утре ќе се приклучат на протестот пред Град Скопје доколку не се најде решение со јавниот превоз.
- Апсолутно се во право, имаат право својот револт на соодветен начин да го изразат и ако ова е единствениот начин да најдат решение, јас ги поддржувам, рече Јаневска.
Скопје- Во Собранието денеска по гласањето на дневниот ред на 20-.седница, се одржува пленарна седница на чиј дневен ред се пратенички прашања.
Седницата за пратенички прашања не е најавена на веб страницата на Собранието. Претседателот на Собранието, Африм Гаши соопшти дека седницата ќе трае два часа, односно до 13:30 часот.
Од Собранието информираа дека одржувањето на оваа седница со пратенички прашања е согласно член 42 од Деловникот усвоен во 2023 година, што почнува да се применува од овој мандат.
- Денешната седница е согласно Член 42 - (1) Пратенички прашања од пратениците од пратеничките групи во опозиција и од пратениците во опозиција кои не се организирани во пратеничка група се поставуваат еднаш месечно, во денот кога се одржува седница на Собранието. Доколку во текот на месецот не се свикани седници, претседателот на Собранието задолжително свикува една седница заради поставување на пратенички прашања. (2) Пратеничките прашања од ставот (1) на овој член се поставуваат по утврдувањето на дневниот ред на седницата во траење од два часа.. велат од собраниската прес-служба.
Скопје - Годишниот раст на вкупните депозити во октомври изнесува 11,0%, а произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства. Вкупните кредити, пак, на годишна основа се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор, соопшти Народна банка.
Во октомври 2024 година, паричната маса се зголеми за 1,6% на месечна основа, како резултат на зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити и долгорочните депозити до две години, при остварен пад на готовите пари во оптек. Анализирано на годишно ниво, паричната маса бележи зголемување од 9,1%, во поголем дел поради растот на депозитните пари, при позитивен придонес и на долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек, додека краткорочните депозити забележаа пад.
Вкупните депозити во октомври, забележаа месечно зголемување од 1,7% поради растот на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните депозити од 11,0% произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.
Скопје - Од 22 до 24 ноември оваа година се одржува најголемиот саем во Белград „Wine vision by Open Balkan“ каде што свое место ќе заземе и македонското вино и традиционалната македонска храна, соопшти МЗШВ.
Оваа година од Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 наши винарии и дестилерии, шест изложувачи на храна и ресторан со тројца готвачи.
Токму на овој настан посетителите ќе имаат можност да ги вкусат врвните македонски вина, да се запознаат со нашите традиционални вкусови и гастрономски особености.
- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поддржува нашите изложувачи се со цел да се промовираат земјоделските производи и да се прошири извозот на истите надвор од границите на државата.
Битола - Претседателите на синдикатите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, „Св. Климент Охридски“-Битола, „Гоце Делчев“-Штип, „Мајка Тереза“-Скопје, „Апостол Павле“-Охрид и Универзитетот во Тетово, потпишаа иницијатива за формирање Унија на синдикати во високото образование.
Синдикатите се задоволни од досегашните успешни синдикални активности, посебно во делот на законското решение и зголемување на платите на наставниот и ненаставниот кадар, и сметаат дека со формирање на Унијата ќе бидат уште поефикасни, изјави за МИА, универзитетскиот професор Саша Дукоски, претседател на синдикалната организација при УКЛО-Битола.
-Во Битола одржавме успешен состанок во функција на работничките права. Учесниците од шесте државни универзитети, односно ние претседателите на соодветните синдикални организации, едногласно одлучивме за здружување и основање на Унија на синдикати на високото образование. На овој начин ќе може во иднина поефикасно да ги застапуваме и остваруваме работничките права, да помогнеме во унапредување на стандардот на вработените и да дејствуваме во подобрувањето на квалитетот на високото образование во интерес на студентите, истакна Дукоски.
Скопје - Од државното Јавно обвинителство денеска соопштија дека ги следат сите информации во врска со јавниот превоз во Скопје и дека веќе се дадени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.
Во главниот град денеска јавниот превоз е редуциран поради недостиг на гориво за автобусите на ЈСП.
Во 14 часот Владата има закажано вонредна седница за проблемот со превозот, а во 18 часот е закажан вонредна седница на Советот на Град Скопје.
Дел од партиите излегоа со предлози како да се надмине проблемот со јавниот превоз, а дел бараат оставка од градоначалничката Данела Арсовска.
Скопје- Намалена видливост поради појава на магла од 80 до 100 метри има на планинскиот превој Стража, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Лаос – Западен дипломат изјави дека проектилот лансиран од Русија во нападот врз источниот украински град Дњепар е балистичка, но не и интерконтинентална балистичка ракета, јави Си-Ен-Ен.
Дипломатот, кој брифирал новинари на маргините на самитот на азиските министри за одбрана во Лаос, одбил дополнително да ја опише ракетата, велејќи дека нејзиното влијание сè уште се проценува.
Во исто време, западен функционер за Еј-Би-Си Њуз изјавил дека „изгледа нападот не бил извршен со интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ)“.
- Тоа била балистичка ракета, насочена кон Дњепар, во југоисточниот дел на Украина, рекол западниот функционер.
Москва – Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска предупреди дека испраќањето сили на НАТО во Украина ќе доведе до катастрофални последици за целиот свет и ќе означи влегување на алијансата во војна против Русија.
Таа ја коментираше изјавата на естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цакна, кој повика на испраќање воени сили од европските земји во Украина со цел да се „зајакне“ мировниот договор со Русија.
Захарова нагласи дека присуство на трупи на НАТО на украинска територија ќе биде „еден од клучните чекори кон ескалација на конфликтот“ и ќе има сериозни последици за Европа и остатокот од светот.
Москва – Руската противвоздушна одбрана собори две британски крстосувачки ракети „Сторм шедоу“, соопшти денеска руското Министерство за одбрана во редовниот воен извештај.
Системите за противвоздушна одбрана соборија две крстосувачки ракети „Storm Shadow“ од британско производство, шест ракети HIMARS од американско производство и 67 беспилотни летала од авионски тип, се вели во соопштението.
Британските медиуми вчера јавија дека Украина за првпат истрелала проектили „Сторм шедоу“ доставени од Велика Британија кон Русија, откако Киев доби зелено светло од Лондон за употреба на тој вид оружје.
Будимпешта - Унгарија ќе постави систем за противвоздушна одбрана во североисточниот дел на земјата бидејќи заканата од ескалација на украинско-руската војна е „поголема од кога било“, изјави унгарскиот министер за одбрана Кристоф Шалај-Бобровницки.
Рускиот претседател Владимир Путин завчера го намали прагот за нуклеарен напад како одговор на поширок опсег на конвенционални напади, откако САД и дозволија на Украина да истрела американски проектили длабоко во Русија.
Украина за прв пат завчера употреби американски ракети АТАКМС, соопшти Москва, што Русија го смета за голема ескалација.
Рамала - Израелската војска соопшти дека за време на дводневна операција на северот од Западниот Брег, во која учествувале и воздухопловните сили, се убиени девет „терористи“, јави ДПА.
Во заедничките акции во Џенин и околните области, спроведени вчера и завчера, израелските сили уапсиле лица за кои се издадени потерници, заплениле оружје и откриле четири лаборатории за изработка на експлозиви, се наведува во соопштението.
Исто така, деминирале десетици експлозивни направи поставени под патишта, за што е потребно булдожери да ги разораат улиците.
Приштина - Претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека Србија, доколку не го исполни својот дел за спроведување на договорот, тогаш како алтернатива тоа треба да биде дискусијата со сојузниците за спроведување на делот што се однесува на Косово, но „само во замена за меѓународни гаранции, кои вклучуваат членство во НАТО и меѓународните организации“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во своето годишно обраќање пред Собранието на Косово, Османи рече дека за неа, што се однесува до договорот со Србија, „поважен е потписот на претседателот на Америка од потписот на претседателот на Србија“.
Атина - Грчката социјалдемократска партија ПАСОК стана водечка опозициска сила во парламентот откако повеќе пратеници ја напуштија левичарската партија Сириза.
ПАСОК, кој во минатото беше доминантна партија во Грција, сега има шанса да се натпреварува со десноцентристичката Нова демократија, предводена од премиерот Киријакос Мицотакис. Сириза, која до неодамна беше водечка опозициска партија, сега има само 29 пратеници, додека ПАСОК располага со двајца повеќе.
Падот на Сириза започна со серија внатрешни проблеми, вклучувајќи борби за лидерската позиција. Клучен момент беше напуштањето на двајца пратеници, кои дополнително ја ослабнаа партијата.
Најроби- Кениската влада започна истрага за околностите под кои лидерот на опозицијата во Уганда, Киза Бесиџи, долгогодишен критичар на претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, исчезна од Најроби и неколку дена подоцна се појави пред воениот суд во Уганда.
Бесиџи е уапсен во Уганда, каде е обвинет за нелегално поседување оружје.
Властите на Уганда ја негираат одговорноста за неговото наводно киднапирање и тврдат дека апсењата во странство биле извршени во соработка со земјите домаќини.
Сепак, Кенија започна официјална истрага, бидејќи Бесиџи, според информациите на Министерството за надворешни работи, бил насилно префрлен од Кенија во Уганда, што властите на таа земја го означиле како киднапирање.