• четврток, 26 декември 2024

Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје (анкета)

Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје (анкета)

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Во сообраќај во главниот град пуштени се околу 30-тина автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие од кои 25 се на природен гас и уште неколку кои имаат резерви на нафта, потврди за МИА директорот на ЈСП Скопје, Драги Кушовски.

Поради проблемот што настана со јавниот градски превоз, во Владата попладнево е закажана вонредна седница, а во 18 часот вонредна седница ќе одржи и Советот на Град Скопје.

Од Град Скопје одговорноста во врска со кризата што настана Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кое остана без нафта, ја префрлија на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на директорката на Бирото за јавни набавки поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите, а од Бирото за јавни набавки соопштија дека ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна.

МИА побара став и од Министерството за локална самоуправа од каде посочија дека на вонредната седница во Владата ќе бидат разгледани сите можности со цел да се изнајдат соодветни решенија за актуелниот проблем и дека потоа ќе излезат со став. 

Претседателот на Синдикатот на возачи при Сојузот на синдикати, Миќо Стојановски денеска во изјава за МИА рече дека состојбата со нафтата е проблем што трае веќе подолг период. Според Стојановски, за колапсот во ЈСП и во другите јавни претпријатија во градот придонело и несогласувањето меѓу претседавачот на Советот на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска. 

- Бирото за јавни набавки ја суспендирало постапката за набавка на нафта од Пуцко петрол. Факт е дека ЈСП му должи доста пари на Пуцко Петрол, факт е дека Владата односно Министерството за образование му должи доста пари на ЈСП и кога би се пребиле тие средства, ние ќе бидеме чисти како фирма. Гориво нема, возат само автобусите на метан, околу 25-30 и уште по некој автобус на кој му останало нафта. Друг проблем што нас не тишти е тоа што поголем број скопјани го гледаат ЈСП како виновник за овие состојби. Како репрезентативен синдикат сакам да им кажам дека ЈСП е секогаш на нивна страна и правиме обиди да имаат превоз. Голем проблем за граѓаните и за ЈСП е и егото во Советот на Град Скопје, односно претседавачот Трајко Славески со мнозинската советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска доведоа до оваа тотална штета не само на ЈСП, туку и на другите јавни претпријатија. И Комунална хигиена немаа гориво за нивните возила за собирање на сметот низ градот, вели Стојановски.  

Вели дека и приватните превозници треба да се вратат на улиците бидејќи нивното барање за 120 денари за изминат километар е нереално затоа што имаат договор со Градот Скопје што важи до мај 2025 година. 

- Кога штрајкуваат по градските улици се договорија со градоначалничката на Град Скопје и добија цена од 79 денари за поминат километар. Таа одлука им важи до март 2025 година. Како не им е срам да не возат по улиците на град Скопје, а и кога возеа, кога ќе видоа дека има многу народ, продолжуваа да возат некачувајќи ги патниците затоа што и да не качат патници, знаеја дека 79 денари за поминат километар им се загарантирани, изјави Стојановски. 

МИА денеска направи и анкета со граѓаните кои чекаа градски автобус. Проблемот, како што посочија, постои веќе неколку дена.

- Немам коментар. Чекам автобус до Центар речиси еден час. Чија приказна е ова, не знаеме, рече анкетираниот граѓанин.

Другата жителка на Скопје изјави дека главниот виновник за состојбата со јавниот превоз се тие што се на власт.

- Сабајле станав во 5 часот за да стигнам на работа. Морав да плаќам такси. Кај го има ова? Вакво чудо не било до сега. Жал ми е за децата што одат по нас, рече таа. бак/бк/бт/

Во прилог видео анкетата:

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан