МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
21 ноември 2024
Скопје - Јавниот превоз и утрово е редуциран поради недостиг на гориво за автобусите на ЈСП Скопје.
Во Скопје од вчера попладне сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.
Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ за МИА синоќа изјави дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна бидејќи, како што рече, речиси 70 проценти од возилата се паркирани.
– Одговорот е едноставен, нема нафта. Возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите бидејќи нема нафта и ТНГ. Во моментов мислам дека околу 70 проценти од автобусите на ЈСП се паркирани во базите. Низ градот сообраќаат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Нафтата вообичаено ни ја доставува „Пуцко Петрол“ во базите на ЈСП „Скопје“, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта. Во ЈСП „Скопје“ работат 1.200 луѓе и нема да дозволиме некој да си поигрува со нивните судбини, рече Муча.
Скопје- Претседателот на Совет на Скопје Трајко Славески за денеска во 18 часот закажа итна вонредна седница на која треба да се расправа за нефункционирањето на јавниот превоз во градот, откако автобусите на ЈСП прекинаа да сообраќаат поради недостиг на гориво.
-Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација. Совет на град Скопје на 21 ноември, ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот. Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена, сподели Славески преку социјалните мрежи.
Свикување вонредна седница за проблемите со превозот побара и опозициската СДСМ. Лидерот на партијата Венко Филипче преку соопштение предупреди дека состојбата во Скопје е алармантна и оти градот е во криза. Иницирана е итна седница на Советот на Град Скопје за да се изнајдат конкретни мерки за излез од кризата.
Скопје - Во Собранието денеска ќе има примопредавања на безбедносни рентген скенери од Бундестагот за законодавниот дом.
Како што информираат од собраниската прес-служба, примопредавањето е цел на средбата на претседателот Африм Гаши и генералната секретарка Марина Димовска со експерти од германскиот Бундестаг и со претставници на НДИ, како и со амбасадорките на Германија и на Швајцарија, Петра Дрекслер и Вероник Улман.
Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска и францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер денеска ќе потпишат Анекс на Меморандумот за соработка помеѓу Министерството за образование и наука и Амбасадата на Република Франција, со кој дополнително се поттикнува изучувањето на францускиот јазик во нашиот образовен систем.
Настанот во Клубот на пратениците во Скопје, ќе го отвори Иго Бештел, советник за соработка и култура и Директор на Францускиот институт во Скопје, соопшти МОН.
Предвидено е и доделување награда на најдобриот франкофонски ученик.
Скопје - Утрово најниска температура од -1 степен е измерена на Попова Шапка, а највисока од 10 степени целзиусови во Битола.
УХМР информира дека 1 степен е измерен во Лазарополе, Крива Паланка и Куманово, 2 во Скопје-Зајчев Рид, Скопје-Петровец, Штип, Тетово, Виница и Маврови Анови, 3 во Велес и Кавадарци, 4 во Демир Капија и Крушево, 5 во Берово, 6 во Струмица и Гевгелија, 7 во Охрид, 8 во Претор и 9 во Прилеп.
Во изминатите 24 часа, до 7 часот, наврнат талог од 59 литри на метар квадратен има во Лазарополе, 40 во Маврови Анови, 29 на Попова Шапка, 13 во Крушево, 11 во Тетово, 8 во Скопје-Петровец, Крива Паланка и Куманово, 6 во Охрид, Штип, Велес и Виница, 5 во Берово и Битола, 4 во Скопје-Зајчев Рид, 3 во Кавадарци и Гевгелија, 2 во Демир Капија и Струмица и еден во Претор.
Во текот на ноќта и изутринава времето беше променливо облачно со локални врнежи од дожд, кои во северозападните делови беа обилни. Дуваше умерен, а на повеќе места силен ветер од јужен и југозападен правец. Според податоците од нашите мерни станици силен ветер дуваше во Штип каде достигнуваше брзина до 80км/ч, а во Крива Паланка и Битола над 60 километри на час.
Загреб - Вашингтон во последните три децении води континуирана политика кон Западен Балкан и очекувам така да остане, изјави заменикот на помошник државниот секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф.
„Би сакал да нагласам дека постои силен континуитет во нашата политика кон Балканот во последните 30 години. Очекувам дека овој континуитет, околу основните цели што ги имаме за овој регион, ќе продолжи“, рече Касаноф во интервју за Хина .
Тој изјави дека САД се загрижени за влијанието на Русија врз целиот регион и дека поради тоа соработуваат со земјите од Западен Балкан за да се спречат дезинформациите.
Американскиот функционер нагласи дека Вашингтон во моментов гледа „реална можност“ за значителен напредок на земјите од Западен Балкан на патот кон евроатлантските интеграции. Во таа насока, тој го истакна планот за раст од шест милијарди евра на ЕУ за регионот, што е условен од спроведувањето на реформите, бидејќи, како што рече, може значително да придонесе за тие земји и „нивните жители да го почувствуваат тоа“. Тој предупреди дека „тоа не е период што вечно ќе трае“ и дека сегашниот поволен момент мора да се искористи.
Бруклин - Милијардерот Гаутам Адани, претседател на индискиот конгломерат „Адани Груп“ и еден од најбогатите луѓе во светот, е обвинет во Њујорк за вмешаност во шема за давање поткупи во вредност до 265 милиони долари, објавија агенциите, повикувајќи се на американското обвинителство.
Американските власти соопштија дека Адани и седум други обвинети, вклучително и неговиот внук Сагар Адани, се согласиле да платат мито на индиски владини претставници за да склучат договори кои ќе им овозможат профит од 2 милијарди долари во текот на 20 години и да го разработат најголемиот проект за соларна енергија во Индија.
Судот во Њујорк издаде налози за апсење на Гаутам и Сагар Адани, а обвинителите планираат да ги проследат налозите за апсење до странските агенции за спроведување на законот.
Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Крим, полуостровот кој Русија го анектираше во 2014 година, ќе мора да и биде вратен на Украина преку дипломатски канали, а не преку воена сила.
Во интервју за „Фокс њуз“, снимено во Украина додека бил во воз, Зеленски нагласи дека Украина не може да си дозволи да изгуби толку многу животи што би биле потребни за воена опсада на Крим.
- Веќе спомнав дека сме подготвени дипломатски да го вратиме Крим, рече Зеленски и додаде дека Украина „не може законски да признае кој било окупиран дел од Украина како руски“.
Тој рече дека не е сигурно дека Крим може „да се врати со оружје“.
Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, руските трупи окупираа околу една петтина од територијата на Украина и прогласија анексија на четири украински провинции, иако Москва целосно не контролира ниту една од нив.
Киев - САД соопштија дека доцна синоќа повторно ја отвориле својата амбасада во Киев, откако зданието вчера беше затворено цел ден поради закана од голем воздушен напад.
До таквата закана дојде откако Украина во текот на претходниот ден употреби американски ракети за да нападне цели на руска територија, јавија британските медиуми.
Русија го опиша американскиот ракетен напад како ескалација, а украинското воено разузнавање соопшти дека Русија се обидува да сее паника со ширење на лажни извештаи на интернет за претстојниот напад со проектили и беспилотни летала.
„@USEmbassyKyiv (Амбасадата на САД во Киев) ја продолжи својата работа по привремениот прекин“, напиша американската амбасадорка во Украина Бриџит Бринк на платформата X.
Белград - Амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил,синоќа како гостин на телевизијата Њузмакс Балканс оцени дека „Србија очигледно се врти кон Запад“ и дека „сака да верува дека САД и Србија добро се разбираат“, дека тие работат заедно на прашања „не само меѓу двете земји, туку и со другите земји“.
Хил рече дека е исклучително важен и фактот што Србија ја поддржува Украина во борбата против руската инвазија и дека тоа „многу ја разјасни ситуацијата во последните години“.
„Мислам дека Србија е на вистинскиот пат и ние секако ги споделуваме и поддржуваме аспирациите на Србија за членство во Европската унија“, рече Хил, кој на амбасадорската позиција беше назначен од администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден.
Вашингтон - Американскиот Сенат го отфрли предлог-законот за суспендирање на продажбата на оружје на Израел, што беше поднесен поради загриженоста за кршењето на човековите права на Палестинците во Газа.
Седумдесет и девет од 100 сенатори гласаа „против“ резолуцијата со која би се суспендирала продажбата на тенковска муниција на Израел, додека 18 сенатори гласале „за“, а еден воздржан, објавија британските медиуми.
Сите гласови „за“ дојдоа од демократите, додека гласовите „против“ беа и од демократите и од републиканците.
Сан Франциско – Биткоинот за прв пат ја премина границата од 95.000 долари, сè уште поттикнат од „ефектот на Трамп“, бидејќи пазарот очекува пофлексибилно законодавство и економски политики кои би биле поволни за него под новата американска влада.
Криптовалутата со најголема пазарна капитализација го премина тој праг околу 01:24 часот по Гринич, поставувајќи ново рекордно високо ниво од 95.004,50 долари пред да се тргува за 94.907 долари малку подоцна.
По победата на Доналд Трамп на 5 ноември, вредноста на биткоинот се зголеми за околу 35 проценти.
Откако го надмина својот рекорд од март, на 10 ноември, дигиталната валута ја зголеми вредноста над 80.000 долари, а на 13 ноември надмина 90.000 долари.