• недела, 24 ноември 2024
МИА Општински пул

21 ноември 2024

Штип - Општина Штип го распиша тендерот за изградба на новата обиколница, која ќе се протега од приградската населба населба Железничка, до месноста Рибник, кај Кежовица. Тендерот ќе трае 30 дена и  веднаш по изборот на изведувачот и евалуација на проектот, ќе се започне со градежните активности.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека  освен растеретување на сообраќајот, новата обиколница ќе овозможи и урбанизирање на овој дел од градот,  кој  сега е запуштен и се користи како дива депонија.

Тетово - Општинската организација на Црвен крст Тетово од неделава почна да функционира во нови простории. Станува збор за објект во близина на тетовската касарна што досега се користеше од Црвен крст Тетово како магацин. Дел од објектот е реновиран за работно простории, сали и канцеларии, а поголемиот дел и понатаму ќе се користи како магацин.

-Причина што се преселивме тука е потребата од повеќе простории, стариот објект е веќе над сто години зградата и дотраена, немаше основни услови за работа. Немавме и други услови за работа како паркинг, мали сали и канцеларии. Сега тука има две повеќенаменски сали за состаноци, за обука по прва помош, канцеларии и слично, информираше Шкљќим Мурати, секретар на Црвен крст Тетово.

Куманово - Противпожарните единици од Куманово и од соседните општини од североисточниот регион, добија три специјализирани возила, опрема, униформи, специјализирана опрема за спарување со пожари, апликација за рана детекција на пожари. Опремата е набавена преку проект поддржан од министерството за локална самоуправа и швајцарската Влада и Амбасада.

- Заедно со Швајцарската амбасада инвестиравме 21 милион денари во набавка на три возила. Подготвивме апликација која треба да служи за рана детекција на пожарите и би требало да превенира поголеми пожари во иднина, набавена е и нова противпожарна опрема и дозволете да изразам благодарност до нашите швајцарски партнери кои над две и пол децении на ниво на локална самоуправа ни се партнери и ни помагаат по кој било да овозможуваме подобри поквалитетни услови за живот, но и за работа на оние на кои им е најпотребно, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Тетово - Дел од улицата „Радован Цониќ“ во Тетово позната како „Улица на бутиците“, од зад Основен суд до Музеј на тетовски крај (Меморијален музеј на народен херој Ѓоце Стојчевски-Амбарче) во Горна Чаршија, која е во фаза на реконструкција во иднина ќе биде пешачка зона и нема да се дозволува сообраќај во текот на денот, најави градоначалникот Биљал Касами на денешната промотивна активност. 

Дел од улицата веќе е реконструирана, па наместо бетонски плочки е поставена калдрма, канделабри, како и нови клупи за седење, жардиниери посадени се нови дрвја и слично.

Куманово - Дваесетгодишен кумановец физички нападнал испитувач во сообраќаен испитен центар во Куманово, соопшти денеска полицијата.

- Вчера во 12: 30 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Ј.Б.(20) од Куманово, постапувајќи по претходна пријава дека околу 12.00 часот физички го нападнал Т.В.(60) од Куманово додека бил на работното место како испитувач во сообраќајниот испитен центар во Куманово, информираше СВР Куманово.

Прилеп - Од почетокот на откупот на тутунот во земјава, до вчера се преземени 18 тони и 362 килограми со просечна цена од 368,33 денари за килограм. На теренот се откупува на 14 ваги и тутун засега купуваат три компании, информира директорот на државниот земјоделски инспекторат Васе Анакиев.

Досега, најмногу има откупено фирмата „Кавекс Балкан“ која презела 10 тони и 248 килограми по просечна цена од 375 денари што е цената на прва класа килограм откупен тутун. Компанијата „Сокотаб“ откупила 6 тони и 490 килограми по цена од 356, 13 денари, а фирмата „Пашоски“ од кооперантите презела еден тон и 623 килограми и сиот во прва класа од 375 денари.

Куманово - Процесот на евалуација на пристигнатите документи од општините за владиниот повик за поддршка на општините сè уште трае и наскоро ќе има информации, изјави денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински на промоција на новата опрема за противпожарни единици во Куманово. Рокот за докомплетирање на потребната документација беше продолжен на владина седница и заврши до 15 ноември.

- Од она што сум информиран преку шесте ресорни министерства, околу десетина општини ја докомплетирале документацијата. Дозволете, дајте ни уште ден два, затоа што сè уште се прави евалуација на допристигнатите документи и ќе излеземе со конкретен став, изјави министерот Перински.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, утрово одржа Брифинг со новинари кадешто се разговараше за актуелните тековни, но и за следните предвидени проекти во општината.

Герасимовски информираше дека Општина Центар е најтранспарентна општина којашто секогаш е отворена за соработка со медиумите и граѓаните.

Дебар - На граничниот премин „Џепиште-Требиште“, на македонско - албанската граница кај Дебар, според статистиката на македонското Министерство за внатрешни работи, во периодот јануари-октомври, на влез и излез се регистрирани вкупно 38.088 патници.

-Гледано одделно, македонски граѓани се вкупно 2.197 патници, при што на влез се 1.084 додека на излез 1.113 патници. Преку овој премин минале 35.891 странски државјани, од нив на влез 18.122 на излез 17.769. Споредено со истиот период минатата година, вкупната бројка бележи намалување за 1.800 патници, потврдија за МИА од Министерството за внатрешни работи.

Скопје - Од државното Јавно обвинителство денеска соопштија дека ги следат сите информации во врска со јавниот превоз во Скопје и дека веќе се дадени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.

Во главниот град денеска јавниот превоз е редуциран поради недостиг на гориво за автобусите на ЈСП.  Во 14 часот Владата има закажано вонредна седница за проблемот со превозот, а во 18 часот е закажан вонредна седница на Советот на Град Скопје. 

Битола - Претседателите на синдикатите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, „Св. Климент Охридски“-Битола, „Гоце Делчев“-Штип, „Мајка Тереза“-Скопје, „Апостол Павле“-Охрид и Универзитетот во Тетово, потпишаа иницијатива за формирање Унија на синдикати во високото образование.

Синдикатите се задоволни од досегашните успешни синдикални активности, посебно во делот на законското решение и зголемување на платите на наставниот и ненаставниот кадар, и сметаат дека со формирање на Унијата ќе бидат уште поефикасни, изјави за МИА, универзитетскиот професор Саша Дукоски, претседател на синдикалната организација при УКЛО-Битола.

Остани поврзан