• вторник, 24 декември 2024
МИА Флеш

 22 ноември 2024 

Скопје - Утре во претпладневните часови времето ќе биде променливо облачно со повремен снег претежно во западните делови. Во текот на ноќта ќе дува умерен, а особено долж Повардарието засилен северен ветер, над 70 километри на час,  соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 3, а максималната ќе достигне од -1 до 11 степени.

Скопје - Просечниот годишен раст на јавниот долг во периодот од 2008 до 2024 година е 7 проценти и веќе надминува 60 проценти од БДП. Буџетскиот дефицит често го надминува поставеното правило од 3 отсто, особено со ребалансот, што покажува слабости во планирањето. За добро планирање, неопходни се јасни податоци за трошоците и расходите од сите институции. Без структурни реформи не може да очекуваме економски раст поголем од 2.5 проценти. МФ, веќе планира воведување на национална класификација и измени на Законот за буџети, во насока на цетрализиран систем на инвестирање. 

Ова беше порачано на настанот „Фискалната политика на крстопат: Патот кон стабилност и одржливи јавни финансии“, во организација на Фискалниот Совет на Република Северна Македонија и Finance Think. 

Скопје - Перспективите на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан за членство во Европската Унија, како за важноста на процесот на проширување на ЕУ како стратешка цел за стабилноста и напредокот на регионот, биле теми на разговор на денешната средба во Хелсинки меѓу министерот за европски прашања Орхан Муртезани и министерот за европски прашања на Република Финска, Јоаким Странд.

Министерот Муртезани, како што соопштија од МЕП, се заблагодарил за принципиелната и континуирана поддршка на Финска за европската иднина на Северна Македонија, која не се манифестира само преку политичката поддршка, туку и преку конкретна техничка и експертска помош. Муртезани ја подвлекол важноста на реализираните Tвининг проекти, кои досега вклучија седум успешни иницијативи со учество на фински експерти.

Скопје - Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска ја почна 12-та сесија од Работната група 1– Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) на тема: „Меѓу предизвици и можности: Земјоделската политика на Северна Македонија на патот кон пристапувањето во ЕУ”.  

Учествуваат клучни чинители во земјоделскиот сектор, претставници на релевантни институции, граѓански здруженија, истражувачи од академската средина и други стручни лица за областа.

Скопје - Заменик министерот за здравство Јовица Андовски денеска на прес-конференција изјави дека годинава има одличен одѕив за бесплатната вакцинација против сезонски грип. Согласно податоци од Управата за електронско здравство, преку апликацијата vakcinacija.mk, досега биле пријавени 75.712 лица и биле вакцинирани 66.674 граѓани.

-Ова е рекорден број пријавени и вакцинирани лица, кои сакаат да се заштитат од посериозни компликации од сезонскиот грип. Статистиката покажува дека, од вкупниот број вакцинирани, речиси 42 илјади се лица над 65 години, 21.784 лица со хронични заболувања, 2.334 здравствени работници, како и 29 деца на возраст од 6 месеци до 5 години и 24 бремени жени, појасни тој.

Скопје - Се бара решение за проблемот со закажани термини во јавното здравство, на кои не се појавуваат пациенти, изјави денеска заменик министерот за здравство Јовица Андовски. Апелираше до граѓаните, доколку имаат закажан термин, а не можат да го искористат, барем последниот ден со смс порака или преку докторот, да го откажат терминот. На тој начин ќе остават место пациентите на кои навистина им треба дијагностичка процедура да ја завршат и да нема големи листи на чекање.

-Ги следиме податоците на закажани термини и на искористени термини. Стварно се јавува еден доста голем проблем. Ние сме во постојана координација и со Мој термин и со Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Разговараме за да изнајдеме идејно решение како тоа би се надминало, посочи Андовски.

Скопје -  Во Министерството за образование и наука денеска се одржала средба со делегација на Одделот за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) при надлежниот Генерален директорат на Советот на Европа.

Како што информира МОН, делегацијата претставува правен секретаријат на Комитетот на министри на Советот на Европа и  има клучна улога во надзорот над извршувањето на пресудите на ЕСЧП.

-На средбата беше отворен конструктивен дијалог за активностите кои Македонија ги презема во насока на подобрување на инклузивноста на образовниот систем. Се дискутираше за предложените измени на Законот за основното образование и дополнителни активности предвидени во планот за спречување и превенирање  дискриминација и физичко одделување, со посебен акцент на заштитата на децата Роми во основните училишта, информира Министерството за образование и наука.

Скопје -  Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија соопшти дека активно ќе се приклучи во поддршка на протестот кој ќе се одржи попладнево за состојбата со  јавниот превоз и недостиг на автобуси во Скопје.

Во допис до медиумите Сојузот нагласува дека бараат решение за проблемот кој е „горлив и сериозен“ затоа што  „особено ги засега средношколците, правејќи го секојдневното патување до училиштата низ градот сè потешко“.

-Протестот ќе почне 14:00 часот пред старата пошта во Скопје, по што учесниците ќе се упатат кон Град Скопје, каде што протестот ќе продолжи од 14:30 часот. Како млади луѓе кои директно се засегнати, бараме итни и одржливи решенија за враќање на јавниот превоз и обезбедување еднаков пристап до образование за сите ученици, истакнува Сојузот.

Скопје –  Традиционален словенечки појадок насловен „Мој појадок!“ организираше денеска Амбасадата на Република Словенија за ученици во Меѓународното училиште „Нова“ во Скопје. Целта на настанот е да се промовира појадокот како важен оброк во денот кој треба да се состои од здрава и локално произведена храна и да вклучува мед.

Во Словенија ваков настан се одбележува 14 години во основни и средни училишта и градинки затоа што, според амбасадорот на Словенија во земјава, Грегор Прескер, од најрана возраст е значајна едукацијата за важноста на појадокот и тој да биде што е можно поздрав. 

Скопје - Жртвата во сообраќајната несреќа што вчеравечер се случи на булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ во скопски Чаир е 69-годишна жена од Скопје со иницијали Н.П., објави денеска Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен.

За сообраќајката било пријавено вчера во 18.40 часот во СВР Скопје. Жената починала од повредите на местото на несреќата откако била удрена од патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Џ.(19) од Скопје. Нејзината смрт ја констатирал лекар од Итна медицинска помош.

Како што вчера информираше МВР, деветнаесетгодишната А.Џ. се здобила со телесни повреди констатирани во Градската општа болница „8 Септември“.

Белград - Во Обвинителството во Нови Сад на распит донесени се некои од уапсените за трагедијата што се случи на 1 ноември на железничката станица во Нови Сад, кога животот го загубија 15 лица, јави дописникот на МИА од Белград.

Денеска на распит ќе биде и поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ.

По распитот, судот дополнително ќе одлучува за евентуалниот притвор на осомничените. Во моментов сите уапсени се распоредени по полициските станици во Нови Сад.

Белград - Се повикуваат граѓаните на Србија денеска во 11:52 часот да застанат 15 минути во акцијата „Запри Србијо“ и да им оддадат почит на загинатите при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, јави дописникот на МИА од Белград.

Претставници на иницијативата „Проглас“, како и дел од академската јавност и опозициските партии, упатија покана до граѓаните да застанат на симболични 15 минути во 11:52 часот во спомен на 15-те жртви.

Тирана - Албанското министерството за Европа и надворешни работи реагираше за "пасивизацијата на адресите на Албанците во Прешевската Долина"(јужниот дел на Србија),  оценувајќи дека тоа е "кршење  на човековите права".

- Будно го следиме феноменот на пасивизирање на адресите на Албанците во Прешевската Долина, посебно во Медвеѓа. Оваа постапка претставува кршење на човековите права и стандардите за заштита на малцинствата, лишувајќи ги Албанците од пристап до основните услуги и остварување на нивните основни права, се наведува во реакцијата.

Според МЕНР,  оваа појава не е чисто правно прашање, туку има последици врз секојдневниот живот на Албанците во овој регион, кршејќи ги нивните права и еднаквост.

Брисел - НАТО и Украина идната недела во Брисел ќе разговараат за руското лансирање на експериментална хиперсонична ракета со среден дострел, соопштија денеска дипломати.

Состанокот на советот НАТО-Украина на 26 ноември ќе се одржи на ниво на амбасадори.

„Киев повика на одржување на состанокот по нападот врз градот Дњепар“, изјавија официјални лица.

Хаг - Меѓународниот суд за правда во Хаг вчерa издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант и воениот командант на политичко-воената група Хамас. Тие се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото за време на војната меѓу Израел и Хамас.

Но, битна улога во издавањето на меѓународната потерница е Амал Клуни - сопруга на познатиот американски глумец Џорџ Клуни и адвокатка за човекови права, која помогна да се усвои одлуката кај главниот обвинител на Меѓународниот суд. Либанско-британската правничка на оваа задача работи од јуни и беше ангажирана како специјална советничка во истрагата на Обвинителството.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон го нарече членовите на преодниот совет на Хаити „тотални кретени“ поради разрешување на премиерот, според видео снимено на Самитот на Г20 во Бразил оваа недела и споделено вчера на социјалните мрежи.

На видеото од Самитот на Г20 се гледа разговор меѓу францускиот лидер и друго лице кое ги обвинува Макрон и Франција дека се „одговорни за ситуацијата на Хаити“.

Преодниот совет на Хаити го разреши премиерот Гери Конил по само пет месеци на функцијата, што Макрон во видеото го нарече „ужасно“ .

Лондон - Американската амбасада во Лондон влезе во состојба на блокада, со воспоставување поширок периметар околу зградата поради безбедносна закана, изјавија за Јерусалим пост извори блиски до ситуацијата.

Британската полиција подоцна појасни дека полицајците истражувале сомнителен пакет во областа Најн Елмс во јужен Лондон и дека блокадите на патиштата биле поставени како мерка на претпазливост.

Техеран - Директорот на иранската организација за атомска енергија, Мохамед Еслами, нареди активирање на нова и напредна серија центрифуги како одговор на резолуцијата усвоена од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која го критикуваше Техеран за, како што рече, недостиг на соработка. 

Организацијата за атомска енергија на Иран (АЕОИ) во заедничко соопштение со иранското Министерство за надворешни работи наведува дека одлуката на Управниот одбор на МААЕ е донесена под притисок на европската тројка, која ги вклучува Велика Британија, Германија и Франција и САД, опишувајќи го овој пристап како „деструктивен“.

Министерството и Агенцијата истакнуваат дека таквиот деструктивен пристап негативно ќе влијае на позитивната атмосфера меѓу Иран и МААЕ, како и на договорите меѓу двете страни.

Тагови

Остани поврзан