• вторник, 24 декември 2024
МИА Радио флеш

24 декември 2024

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова. На средбата беа отворени повеќе теми од заеднички интерес, со фокус на енергетската ефикасност, соработката меѓу Министерството и Универзитетот и можностите за поддршка на младите кадри, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Ректорката Ангелова ја истакнала важноста на енергетската стабилност за редовното функционирање на универзитетот, наведувајќи дека високите сметки за електрична енергија претставуваат значителен финансиски товар. Таа посочила дека Универзитетот бара начини за оптимизација на трошоците за електрична енергија, како и долгорочно и одржливо решение.

Скопје – Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) констатира дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. На денешната седница, ДКСК утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ, но истакна дека нема надлежност за директна експертиза на дел од документите.

Според пријавите, постојат сомневања за законитоста на безбедносната проверка, валидноста на дипломата за високо образование, сертификатот за англиски јазик и работното искуство на Христовски. Подносителите бараа ДКСК да ги преземе сите потребни дејствија за утврдување на одговорност за корупција и судир на интереси.

Скопје - Златни монети, лекови, фотоапарати, делови за мобилни телефони, автоделови и опрема за боречки вештини заплениле царинските службеници во текот на минатата недела, информира денеска Царинската управа.

Странски државјани кои патувале со автомобил управуван од државјанин на Србија се обиделе да криумчарат злато преку граничен премин „Табановце“. Во нивната намера биле спречени од царинските службеници кои извршиле контрола на автомобилот, при што во чантата на сопатничката, државјанин на Украина, откриле пет златни монети со проценета вредност од половина милион денари. По откривањето на монетите за нивен сопственик се пријавил трет патник, германски државјанин, кој исто така патувал со истиот автомобил.

Скопје - Денеска во 10.15 часот е укината забраната за сообраќај за тешки товарни возила преку планинскиот превој Стража, соопштија од ЈП Македонијапат.

Од јавното претпријатие информираат и дека од 10.40 часот е укината и забраната за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Крива Паланка – ГП Деве Баир и на Пресека.

Скопје - Нискобуџетната и втора по големина авиокомпанија во Холандија чија база е аеродромот Шипхол во Амстердам, од 23 декември започна со продажба на билети за летови преку нивната веб-страница: https://www.transavia.com/

ТАВ Македонија, подружницата на ТАВ Аеродроми, со задоволство објавува дека по 12 години пауза Скопје ќе се поврзе со авиолинија со Амстердам, благодарение на Трансавиа, втората по големина авиокомпанија во Холандија, дел од групацијата КЛМ.

Скопје - Народната банка за наредната година очекува умерено забрзување на растот којшто би се искачил на 3,3%, со позитивен придонес од сите компоненти на растот, меѓу кои и најавениот јавен инвестициски циклус и повисокиот прилив на странските директни инвестиции. Се очекува забрзување на извозот со понатамошно закрепнување на светските услови, како и позитивен придонес на личната потрошувачка при раст на расположливиот доход и очекувања за солидно кредитирање на населението. Сепак, ризиците постојат и потребен е внимателен пристап, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Таа во интервју за „Македонското радио“ ги посочува трите основни фактори за економскиот раст на една економија − продуктивноста, човечкиот и физичкиот капитал, чиј обем зависи од јавните и приватните инвестиции. За следната година се очекува одредено подобрување кај инвестициите, дури и на среден рок, поради најавениот посилен јавен инвестициски циклус и позначителниот прилив на странските директни инвестиции. Се очекува дека растот на инвестициите во просек ќе изнесува околу 7%.

Скопје - Минатата недела се спроведени 62 вонредни контроли за безбедноста на новогодишните пакетчиња при што кај две се најдени производи со изминат рок, како и со краток рок на траење, до 12.2024 година, соопшти  Агенција за храна и ветеринарство (АХВ).

Спортед АХВ, констатирани се и органолептички промени на производите во збирните пакувања кои се со уреден рок на траење. 

Скопје - Полицијата на локалниот пат Гевгелија - село Богородица приведе едно лице од беровското село Будинарци кое криумчарело мигранти, соопшти денеска МВР.

-Ноќеска во 00.50 часот по полноќ во близина на локален пат Гевгелија - село Богородица, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го лишиле од слобода Д.Г.(19) од с.Будинарци, беровско. Претходно, во близина на Граничен премин  Богородица, полициски службеници забележале дека во возилото „алфа ромео“ со кочански регистарски ознаки, кое Д.Г. го управувал, влегуваат повеќе лица мигранти. Д.Г. го запрел возилото и се обидел да побегне, но набргу бил пронајден и лишен од слобода, а при преглед во возилото биле пронајдени 10 лица мигранти, појаснуваат од МВР.

Мадрид - Шпанската национална полиција, во соработка со Европол и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), изврши инспекции во Малага, Севиља и седум други градови за да открие мрежа на компании кои донеле повеќе од 2.000 тони фалсификувана стока во Европа од 2023 година, објавија шпанските медиуми.

Во рамките на акцијата уапсени се 73 лица, а уште 19 се под истрага за учество во продажба и дистрибуција на фалсификувани материјали во рамките на Шенген зоната. Според извештаите, извршени се вкупно 34 инспекции во Мадрид, Малага, Барселона, Севиља, Валенсија, Сарагоса, Балеарските Острови, Мурсија и Тарагона.

Атина - Меѓувладин договор за промовирање на регионалната енергетска стабилност, како и за иновативни енергетски проекти што се однесуваат на Источниот Медитеран и Европската Унија, потпишаа министерот за животна средина и енергетика на Грција Теодорос Скилакакис и министерот за енергетика и инфраструктура на Израел Ели Коен, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за енергетика на Грција рече дека „стратешкиот договор ја запечатува долгорочната врска и соработка меѓу Грција и Израел“.

Загреб - Во јануари идната година, по претседателските избори, ќе започне законската процедура потребна за враќање на задолжителниот воен рок, а првите повици на регрути се очекуваат кон средината на 2025 година, извести денеска хрватското Министерство за одбрана.

-Министерството за одбрана подготви законски предлози со кои се регулира основната воена обука, како и други прашања поврзани со нејзиното спроведување. Во однос на изборите за претседател на Република Хрватска и со цел спроведување на законската процедура неоптоварена со овие избори, постапката за донесување на законот ќе започне во јануари 2025 година, одговорија од Министерството за одбрана.

Атина - Двоен систем за воздушна одбрана „Железна купола“ (Iron Dome) подготвува Грција и се очекува да биде ставен во функција на почетокот на 2026 година, а ќе се однесува на справување со беспилотни системи и на противвоздушна/ракетна одбрана, пишува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Според информациите на весникот, целта е вооружените системи, што веројатно ќе бидат набавени од Израел, вредни околу две милијарди евра, да пристигнат во Грција во 2025 година, а во февруари 2026 година ќе профункционира противвоздушната и противдрон куполата.

Мадрид - Рускиот брод „Урса мајор“ потона во меѓународните води меѓу Шпанија и Алжир, по експлозија во фабриката за машини, јавија шпанските медиуми.

Четиринаесет членови на екипажот беа спасени вчера и однесени во пристаништето Картагена, но двајца морнари се уште се водат како исчезнати.

Букурешт - Авион на швајцарската авиокомпанија „Свис“ (SWISS) – Ербас А220-300, кој вчера полета од Букурешт за Цирих принудно слета во Австрија поради проблеми со моторот и чад,.

Поради несреќата 12 патници побарале медицинска помош. Во авионот имало 17 членови на екипажот и патници.

Сеул - Според официјалните податоци Јужна Кореја со 20 проценти од населението на возраст на 65 години и повеќе е „многу старо општество“.

Кон крајот на минатата година, во четвртата по големина економија во Азија, имаше 0,7 раѓања по жена – една од најниските стапки во светот и далеку под стапката од 2,1 потребна за одржување на сегашната популација. Поради тоа населението во Јужна Кореја старее и брзо се намалува. Сега во Јужна Кореја живеат над 10 милиони луѓе над 65 години и повеќе, што е 20 проценти од вкупното население – 51,2 милиони луѓе.

Анкара - Повеќе од 25.000 сириски бегалци се вратиле во Сирија преку турската граница во последните две недели, изјави денеска турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Турските власти претходно соопштија дека во периодот од 9 до 13 декември, 7.621 Сиријци се вратиле во својата татковина, откако падна режимот на Башар ел Асад.

Ватикан - Папата Франциск вечерва во базиликата Свети Петар ќе ја отвори Светата година на Католичката црква/ поглаварот на Римокатоличката црква ќе ја отвори Светата врата, која вообичаено е затворена и ќе помине низ неа.

Католичката црква ја одбележува Света година на секои 25 години. Според католичките верувања, верниците потоа можат да добијат прошка за своите гревови преку молитва и покајание. Тоа вклучува и аџилак во Рим и поминување низ Светите двери во вечниот град.

Белград - Во српскиот град Крагуевац, поради молчењето на опозициските советници и прекинот на струјата во салата, седницата на Градското собрание, која почна вчера во 9 часот, заврши утринава околу 8 часот, пренесува Бета.

Опозициските советници одлучија времето за говор да го искористат за молчење на говорницата, бидејќи о дневниот ред не беа вклучени точки за поддршка на студентските барања.

Париз - Десетици илјади луѓе одржаа протести во неделата во Белград и Ниш, на кои, во првите 15 минути беше заглушувачки молк во чест на 15-те жртви од трагедијата во Нови. Жално, пишува денеска францускиот весник Фигаро, додавајќи дека младите во Србија ја оспоруваат власта, која ја обвинуваат за корупција.

„Се слушаше само лаење на кучиња и звук на врани, тоа беше заглушувачката тишина одбележана во неделата на протестот на десетици илјади луѓе собрани во Белград и Ниш. Петнаесетина минути не ѕвонеа мобилните телефони, туку беа подигнати кон небото во спектакуларно море од светлина", ја пренесува парискиот весник атмосферата на собирот, наведувајќи дека 15 минути молк беа за 15-те луѓе кои загинаа при уривање на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.

Остани поврзан