МИА Радио флеш
- 24 декември 2024
24 декември 2024
Скопје - Владата нема да презема чекори спротивни на Уставот, туку секогаш ќе работи во насока на позитивните законски норми и Уставот коишто се за нас клучни два столба, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе донесат закон за рестриктивни мерки за лица кои се наоѓаат на црната листа на САД.
Мицкоски, кој беше на ставање на камен темелник на спортска сала во Црешево, рече дека законодавството има предвидено се што е потребно за лицата кои се дел од црната листа на САД.
Скопје - На Клиниката за ортопедија е извршена трансплантација на ахилова тетива од банката на ткива од починати донори. Интервенцијата е извршена кај 47-годишна пациентка, со стара повреда на ахилова тетива, соопшти Министерството за здравство.
Пациентката, како што се наведува во соопштението, е со уреден постоперативен тек, а трансплантацијата е извшена под водство на д-р Ерен Сејфула, заедно со д-р Александар Савевски и д-р Бојан Будиќ, анестезиолог д-р Лилјана Ангелевска, во соработка со д-р Милена Богоевска, болнички координатор за ортопедија и одговорна за ткивна банка.
Скопје - Владата на Народна Република Кина за учебната 2025/2026 година доделува две стипендии за додипломски (редовни), магистерски и докторски студии и специјализации, информира Министерството за образование и наука.
Краен рок за пријавување е 15 јануари 2025. Прифатените кандидати ќе ги почнат студиите од септември идната година. Изборот на кандидатите ќе го изврши Амбасадата на НР Кина во Скопје.
Во објавата на МОН има информации за документите што треба да се прикачат при онлајн пријавувањето и контакти за дополнителни информации за заинтересираните кои може да ги добијат и на интернет-страниците http://www.campuschina.org или http//en.csc.edu.cn/studyinchina.
Скопје - Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ е одложено за 23 јануари откако на денешното судење Јавното обвинителство дало мислење за примена на Законот за амнестија за обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристески и Трајко Вељановски, а истото не се однесува на обвинетиот Владимир Атанасовски.
Како што информираат од Кривичен суд за МИА, Судот мислењето го доставил до странките во постапката и рочиштето се одложило за 23 јануари до кога треба да одлучи по барањето на странките и мислењето на обвинителство.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за МИА потврдија дека го дале мислењето по напатствија од Апелациониот суд кој во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година. Оттаму најавија повеќе детали во текот на денот.
Скопје - Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави мислење до Основниот кривичен суд Скопје за примената на Законот за амнестија во случајот „Организатори на 27 април“. Во мислењето се истакнува дека барањето на одбраната на обвинетите за примена на законот не може да се спори, особено ако се земат предвид обвинетите и осудените што веќе се амнестирани.
Како што соопштуваат од Обвинителството, мислењето е донесено врз основа на ставот на Стручниот колегиум на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по напатствија на Апелацискиот суд Скопје.
Дополнуваат дека ваквото мислење јавниот обвинител детално го образложил, пред сѐ имајќи ги предвид обележјата на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок“ и својството во кое секој од обвинетите ги исполнил тие обележја, а кое својство е клучно за оценка дали може или не може да се примени институтот од Законот за амнестија.
Скопје - Кон 32.798 земјоделци денеска се исплатени 625.043.081 денари субвенции за растително производство од Програмата за финансиска поддршка за земјоделството за 2024 година, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Оттаму додаваат дека продолжува тековната исплата на финансиска поддршка и денеска кон земјоделците.
-Плаќањето се изврши кон 23.626 корисници во износ од 392.148.316 денари за мерка 1.1. Директни плаќања по обработливa земјоделска површина за сите поледелски култури, лековити, ароматични и зачински растенија, појаснуваат од Министерството.
Дополнително, нагласуваат, се исплатени средства кон 9.172 корисници во износ од 232.894.765 денари за мерка 1.2 Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.1. за употреба на сертифициран семенски материјал, освен за тутун, како и за употреба на сертифициран или несертифициран семенски материјал за ориз.
Белград – Невладините организации во Србија денеска поднесоа кривична пријава против полицијата и Безбедносно-информативната агенција (БИА) по извештајот на „Амнести интернешенел“ (Amnesty international) дека српските власти употребиле шпионски софтвер за следење на новинари и активисти.
АИ во извештајот од 16 декември наведува дека открила наводна илегална примена на шпионски софтвер кој „на српските власти им пружа големи можности за надзор, кога ќе биде инсталиран во апаратот на лицето кое се следи“.
Во извештајот на АИ вклучени се и сведочења на новинари и активисти, кои ја обвинуваат власта дека тајно инсталирала шпионски софтвер во нивните телефони додека бил во притвор или за време на испитувањето.
Белград – Невладините организации во Србија денеска поднесоа кривична пријава против полицијата и Безбедносно-информативната агенција (БИА) по извештајот на „Амнести интернешенел“ (Amnesty international) дека српските власти употребиле шпионски софтвер за следење на новинари и активисти.
АИ во извештајот од 16 декември наведува дека открила наводна илегална примена на шпионски софтвер кој „на српските власти им пружа големи можности за надзор, кога ќе биде инсталиран во апаратот на лицето кое се следи“.
Во извештајот на АИ вклучени се и сведочења на новинари и активисти, кои ја обвинуваат власта дека тајно инсталирала шпионски софтвер во нивните телефони додека бил во притвор или за време на испитувањето.
Сараево– Повеќе од 200.000 домаќинства во Босна и Херцеговина се без електрична енергија поради дефекти на далноводите предизвикани од обилниот снег.
Во Федерацијата БиХ без електрична енергија останаа околу 140.000 домаќинства, додека над 50.000 домаќинства се без струја во западниот дел на Република Српска.
Електростопанство на БиХ соопшти дека ситуацијата е најтешка во Унско-санскиот кантон, Тузланскиот кантон и Зеничко-добојскиот кантон.
Во Дрвар снегот состигна висина од два метра, а сите излези од градот се блокирани.
Киев - Украина доби една милијарда долари од Велика Британија и Јапонија, а траншата се одвиваше под гаранции на владите на овие земји во рамките на програмата ДПЛ на Светска банка, објави денеска премиерот на Украина, Денис Шмихал.
„Собраните средства ќе бидат искористени за зајакнување на нашата економија и финансирање на приоритетните расходи во социјалната и хуманитарната сфера“, наведе Шмихал во објавата на Телеграм.
Тој им се заблагодари на Светска банка, владите на Јапонија и Велика Британија за „силната поддршка на Украина и нивниот придонес во зајакнувањето на стабилноста на земјата“.
Вашингтон - Штрајкот на вработените во синџирот кафулиња „Старбакс“ во Америка денеска, на Бадник според Грегоријанскиот календар, ќе се прошири на повеќе од 300 продажни места низ САД, објави синдикатот „Обединети работници“.
Предвидено е денешниот штрајк на Бадник да биде најголем кои досега што го имало во компанијата, а синдикатот очекува дека ќе учествуваат повеќе од 5.000 вработени.
Овие штрајкови се само прво покажување сила - ние само што почнуваме, рече еден барист во соопштението од синдикатот кој ги претставува вработените во 525 кафулиња ширум САД.
Газа – Палестинското Министерство за здравство денеска соопшти дека бројот на загинати во Појасот Газа од почетокот на војната со Израел се искачил на 45.338 луѓе.
Во изминатите 24 часа загинале најмалку 21 човек. Од почетокот на војната помеѓу Израел и Хамас повредени се најмалку 107.764 луѓе.