МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
24 декември 2024
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот.
Забрани за тешки товарни возила се воведени на патните правци Дебар – Маврово, Кичево – Гостивар на превојот Стража и Тетово – Попова Шапка каде за останатите возила е задолжителна зимската опрема.
Од 07:30 часот поради врнежи од снег се воведува забрана за тешки товарни возила преку планинскиот превој Барабарос, а од 08:05 часот забрана за тешки товарни возила е воведена и на патниот правец Кичево - Охрид преку планинскиот превој Пресека. Од 08:30 часот забрана за тешки товарни возила е воведена и на патниот правец Крива Паланка кон граничен премин Деве Баир.
Јавното претпријатие „Македонија пат“ информира дека на патниот правец Страцин-Куманово има магла поради што видливоста е намалена од 100 до 150 метри.
Скопје - Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 27-та седница.
На дневен ред се Предлог измените на Законот за заштита на децата во второ читање, Предлог измените на Законот за воздухопловство, Законот за пожарникарството, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и на Законот за задолжителниот примерок, сите по скратена постапка.
Пратениците ќе расправаат и по неколку автентични толкувања на членови на закони.
Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за економски прашања, труд и енергетска политика, финансирање и буџет и за политички систем и односи меѓу заедниците.
На дневен ред на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика се измените на Законот за трансформација во редовен работен однос, измените и дополнувањата на Законот за државен пазарен инспекторат, Законот за заштита на потрошувачите, измените на Законот за контрола на надворешно трговскиот промет со необработени дијаманти, измените и дополнувањата на Законот за општа безбедност на производите и на Законот за основање на Агенција за поддршка на претприемништвото и измените на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба, сите во второ читање.
Комисијата за финансирање и буџет треба да разгледа 19 закони, сите во второ читање, односно да ги разгледа поднесените амандмани за нив.
Скопје - Германија е наш најголем трговски партнер и секако кризата во оваа држава се одразува и врз македонската економија. Експертите не очекуваат следната година да биде нешто многу поразлична од претходните две во овој поглед, а од текстилната индустрија веќе ги чувствуваат последиците со намалување на извозот за 20-тина проценти. Од Германската стопанска комора, пак, уверуваат дека кризата во Германија нема да се рефлектира врз работните места во германските капацитети изградени во земјава.
Четириесет проценти од вкупниот извоз оди за Германија, а тоа е посебно изразено во текстилниот сектор бидејќи повеќе од 60 проценти од нашиот текстилен извоз оди за Германија.
Скопје - На македонскиот поштенски пазар првпат се воведени пакетомати, уреди кои на корисниците им овозможуваат самопослужување со преземање на својата пратка во кое било време во рок од 72 часа. Во Скопје се веќе поставени на седум локации, а во Битола на една.
- Оваа иновација им овозможува на корисниците да изберат локација на пакетомат која ним најмногу им одговара, за пратката да извршат уплата преку електронско банкарство (доколку имаат обврска за плаќање) и по СМС порака да ја подигнат својата пратка. Треба само да се поврзат на линкот од СМС пораката кој што ќе им побара поврзување со bluetoоth и веднаш ќе им се отвори нивното сандаче, изјави за МИА Биљана Глумац од Карго Експрес, компанија која првпат во земјава ја воведува услугата достава преку Пакетомат или Locker, која што му овозможува современа, практична и брза достапност на корисникот до својата пратка.
Гостивар – Во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар синоќа беше одбележан Денот на општината. Годинава, признанието почесен граѓанин и клучот на градот му беше врачено на пензионираниот наставник Хазби Фејзи.
Вршителот на должноста градоначалник Ваљбон Лимани во обраќањето ја истакна мултиетничноста на гостиварската општина и напомена дека тоа е придобивка.
- Со гордост можам да кажам дека нема друг град во Македонија каде што има толкава толеранција и успешен соживот. Овој неверојатен факт е водич за тоа што сакаат гостите. Ни требаат еднакви услови за сите, ни треба сéопфатен професионален начин на размислување. Ни требаат чисти патишта за сите. Топли училишта за сите, паркови и игралишта за сите. Без оглед на нашите различности, нас нè обединува многу поголема работа како што е Гостивар, рече Лимани.
Скопје - Огледалата, се вели, се исклучително корисни во домот, меѓу другото, и зашто влијаат на осветлувањето на просторијата, правејќи ја така и визуелно поголема. Сепак, според „Фенг шуи“ филозофијата, поставувањето огледало во спалната соба може да има негативни ефекти.
Имено, повеќето познавачи на распоредот во секојдневниот животен простор, огледалото не е „целосно забрането“, сѐ додека правилно не го поставите во спалната, пренесува порталот „Кликс“.
За да се создаде добра енергија и заради помирен сон, има неколку правила, односно начини на поставување на огледалото. Пред сѐ, користете го за да ја рефлектира позитивната енергија. Огледалото се смета за моќна алатка во „Фенг шуи“, бидејќи треба да ја поттикнува и умножува енергијата на просторијата. Ако огледалото, на пр. рефлектира неред, тоа може да ја умножи негативната енергија. Обратно, огледалото што одразува позитивна слика може да ја зголеми Вашата среќа, напредок и благосостојба, според оваа филозофија.
Загреб - Снег и силен ветер предизвикуваат значителни проблеми во сообраќајот во Хрватска, БиХ и Србија.
Снегот и ветерот предизвикуваат големи проблеми на хрватските патишта, а според најавите на метеоролозите, до крајот на денот се очекуваат уште посериозни временски непогоди.
Поради ветерот и наносите снег, за сообраќај се затворени автопатот А1 Загреб-Плоче-Караматичи меѓу јазлите Свети Рок и Поседарје, а во прекин се некои фериботски и катамарански линии, извести утрово Хрватскиот авто-клуб (ХАК) .
Обиколницата е дозволена само за патнички возила по рутата: Свети Рок-DC50 Грачац-Обровац-Карин-Смиљчиќ-јазол Задар исток и наплатната станица Горња Плоча.
Загреб - Во јануари идната година, по претседателските избори, ќе започне законската процедура потребна за враќање на задолжителниот воен рок, а првите повици на регрути се очекуваат кон средината на 2025 година, извести денеска хрватското Министерство за одбрана.
-Министерството за одбрана подготви законски предлози со кои се регулира основната воена обука, како и други прашања поврзани со нејзиното спроведување. Во однос на изборите за претседател на Република Хрватска и со цел спроведување на законската процедура неоптоварена со овие избори, постапката за донесување на законот ќе започне во јануари 2025 година, одговорија од Министерството за одбрана.
Пред да пристигнат младите полнолетни мажи во касарната, хрватскиот Парламент мора да усвои закони што ја регулираат таа област. Бидејќи пратениците нема да се вратат во собраниските клупи до средината на идниот месец, задолжителниот воен рок нема да започне пред пролет или лето 2025 година.
Анкара - Најмалку 12 лица загинаа откако избувна пожар по експлозија во фабрика за производство на експлозиви во Турција.
Службите за итни случаи се на самото место во фабриката за експлозиви во областа Кареши во Баликесир. Според достапните информации, експлозијата се случила во фабриката за производство на муниција ЗСР, а од експлозијата зградата се урнала.
Во моментов на терен се пожарникари и други специјализирани екипи кои се обидуваат да утврдат дали во зградата се уште има луѓе кои не се евидентирани.
Гувернерот на Баликесир, Исмаил Устаоглу, на местото на настанот потврди дека како последица на инцидентот има загинати и повредени. Отфрлајќи ја можноста за саботажа, Устаоглу рече дека напорите продолжуваат да се утврди колку луѓе имало во објектот. Тој им рече на новинарите: Првичните истраги сугерираат дека се работи за трагична несреќа.
Букурешт - Новата проевропска коалициска влада на Романија предводена од социјалдемократскиот премиер Марсел Чолаку синоќа положи заклетва во романскиот парламент.
Полагањето заклетва и свечената прва седница на владата следеше откако парламентот од 466 места ја одобри новата влада со 240 гласа за и 143 против, објавија романските медиуми.
Претседателот Клаус Јоханис го назначи Чолаку за премиер откако три прозападни партии постигнаа договор за владејачка коалиција чија цел е да ги спречи екстремно десничарските групи да влезат во владата.
-Влегувате во тежок период со нови обврски, порача Јоханис во честитката до Владата. „Ви посакувам успех во сè што наумивте да направите, но, пред сè, сакам да успеете за Романија и Романците. Луѓето очекуваат решенија, стабилност и влада која цврсто ја одржува траекторијата на Романија“.
Москва - Апликацијата за пораки Телеграм во 2024 година постигна приходи повисоки од милијарда долари, изјави извршниот директор на компанијата Павел Дуров.
„Годината ја завршуваме со повеќе од 500 милиони долари во готовински резерви, без да се вклучи крипто имотот“, истакна Дуров преку својата платформа.
Според него, 2024 година се покажала како исклучително успешна за Телеграм, а по првпат во трите години од монетизацијата, компанијата станала профитабилна.
Дуров откри дека бројот на премиум-претплатници тројно се зголемил во текот на оваа година, надминувајќи 12 милиони.
Мадрид - Рускиот брод „Урса мајор“ потона во меѓународните води меѓу Шпанија и Алжир, по експлозија во фабриката за машини, јавија шпанските медиуми.
Четиринаесет членови на екипажот беа спасени вчера и однесени во пристаништето Картагена, но двајца морнари се уште се водат како исчезнати.
Бродот под руско знаме го напушти Санкт Петербург пред 12 дена и се упати кон пристаништето Владивосток, каде што требаше да пристигне на 22 јануари.
Според весникот „Еспањол“, во спасувачката акција учествувале неколку бродови лоцирани во истото подрачје, а подоцна во потрагата се вклучиле и шпански спасувачки брод и патролен брод на шпанската морнарица.
Тел Авив - Војската на Израел рано утринава извести дека сирените се огласиле во неколку области во централен Израел откако Јемен истрелал ракета.
Израел ја пресретнал ракетата пред да премине на негова територија, се додава во извештајот.
Засега нема извештаи за жртви.
Тел Авив - Израелскиот министер за одбрана Израел Кац синоќа првпат јавно призна дека Израел на 31 јули годинава во Иран го убил лидерот на радикалната палестинска група Хамас, Исмаил Ханија.
-Во овие денови кога терористичката организација Хути истрелува проектили кон Израел, сакам да им испратам јасна порака на почетокот на мојата изјава: го победивме Хамас, го победивме Хезболах, ја уништивме воздушната одбрана на Иран и имаме штета на производствените мрежи, го соборивме режимот на Асад во Сирија, нанесевме тежок удар на Оската на злото и тежок удар ќе и нанесеме на терористичката организација Хути во Јемен, рече Кац.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно редовно видео обраќање до нацијата изјави дека му наложил на Министерството за надворешни работи на Украина да воспостави контакти со новата влада во Сирија.
-Му наложив на нашето Министерство за надворешни работи да работи поактивно на воспоставување на сите потребни контакти со претставниците на народот на Сирија и да ги исправи грешките на Асад во однос на Украина и цела Европа, рече Зеленски.
Тој додаде дека Украина ќе ја поддржи сириската програма за храна.
Вашингтон - Поранешниот претседател на САД Бил Клинтон бил хоспитализиран синоќа во Вашингтон откако добил висока температурата и грозница.
Клинтон, кој е на возраст од 78 години, „е примен во МедСтар Универзитетската болница Џорџтаун каде се вршат тестирања и се набљудува неговата состојба“ изјави Анхел Урена, заменик-шеф на кабинетот на Клинтон, пренесе „Ен-Би-Си“. -Тој е во добро расположение и благодарен за грижата што ја добива, додаде Урена.
Извор близок на Клинтон изјавил дека ситуацијата „не е итна.“
-Поранешниот претседател ќе биде добро. Доби треска и сакаше да биде проверен. Тој е буден и свесен.
Вашингтон - Членови на тимот за претседателска транзиција на Доналд Трамп подготвуваат терен за повлекување на Соединетите Американски Држави од Светската здравствена организација (СЗО) на првиот ден од неговиот втор мандат, изјави експерт за здравствено право.
„Имам сигурни информации дека планира повлекување, најверојатно на првиот ден или многу рано во мандатот“, изјави за Ројтерс Лоренс Гостин, професор по глобално здравје на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон и директор на Центарот за национално и глобално здравствено право кој соработува со СЗО, пренесуваат американските медиуми.
Овој план, кој е во согласност со критиките на Трамп кон здравствената агенција на Обединетите нации, би претставувал драматичен пресврт во американската здравствена политика на глобално ниво и дополнително би го изолирал Вашингтон од меѓународните напори за справување со пандемии.
Вашингтон - Американски судија го одложи судењето на осомничениот за вториот атентат на новоизбраниот претседател Доналд Трамп до септември 2025 година, според одлуката на судот.
Адвокатите на осомничениот Рајан Рут побараа одложување на судењето, кое беше закажано за 10 февруари, повикувајќи се на големиот број докази во случајот.
Судијката од Флорида, Ајлин Канон го одобри одложувањето, но таа рече дека одложувањето до декември 2025 година, што го побара одбраната, е „претерано“. Таа го закажа почетокот на судењето за 8 септември 2025 година.
Сеул - Меѓу тековните политички превирања во Јужна Кореја, најголемата опозициска партија во земјата се обидува да започне постапка за отповикување на премиерот Хан Док-су, откако претседателот на земјата беше отповикан претходно овој месец.
Претседателката на опозициската Демократска партија (ДП) Парк Чан Дае ги објави плановите за импичмент на премиерот за време на парламентарната седница денеска, објавија јужнокорејските медиуми. Откако ДП ќе поднесе барање за импичмент, парламентот ќе треба да гласа за тоа.
Опозицијата го обвинува Хан за одложување на законодавството што треба да помогне во расчистувањето на обвиненијата за корупција против отповиканиот претседател Јун Сук-јеол и неговата сопруга.