• петок, 05 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  4 јули 2024

 

Скопје - Претседателката на државата и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, денеска ја оствари својата прва официјална посета на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, при што остварила средби со министерот за одбрана Владо Мисајловски, со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, како и со генералите во Армијата и раководни лица во Министерството.

Гевгелија - Новите измени на законот за здравство предвидуваат намалување на функционерите, но и на функционерските надоместоци во здравството. Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави обединување на клиниките во рамки на Клиничкиот центар во едно правно лице, регионализација и локален пристап во здравствениот систем.

Гевгелија - Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински и градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, го предадоа во употреба новиот булевар кон Граничниот премин „Богородица“ и го означија почетокот на реконструкцијата на спортската сала „Партизан“ во Гевгелија. Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека денеска во Гевгелија е означен почетокот и крајот на две капитални инвестиции-новиот булевар и реновирањето на спортската сала.

Скопје - По повод 4 Јули – Денот на независноста на САД, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, упати честитка до спикерот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Мајк Џонсон. Во честитката од претседателот Гаши, се наведува во соопштението од собраниската прес - служба, се нагласува дека Денот на независноста ги одбележува трајните вредности на слободата и демократијата и независноста, како принципи кои беа светилник на надеж и инспирација за луѓето ширум светот, вклучително и овде во Северна Македонија.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска остварил средба со амбасадорката на Србија, Невена Јовановиќ, на која било констатирано дека двете земји одржуваат и негуваат одлични билатерални односи, со посебен фокус на развиената економска и трговска соработка. Како што соопштија од МНР, на средбата бил поздравен фактот што Србија е наш петти најголем трговски партнер во 2023 година.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, остварил работна средба со амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир. Од МВР соопштија дека министерот Тошковски на средбата ја изразил својата благодарност за поддршката и соработката за време на техничката влада и за континуираната поддршка што нашата земја, но и МВР, ја добиваат во насока на реформирање и модернизација на институциите.

Скопје – Барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата и изнаоѓањето решение со коморите, трговците, увозниците и производителите на храна за стабилизирање на цените ќе бидат приоритетите на новиот министер за економија и труд Бесар Дурмиши. Како што информира тој на денешната прва прес-конференција по неговото назначување, ќе се залага за отворен дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет (ЕСС) и уште на првиот состанок на ЕСС под негово претседавање ќе се разгледа барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра уште во првите 100 дена од формирањето на новата влада.

Скопје - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска одржа работна средба со Масимилиано Паолучи, директорот на Светска банка во Македонија и д-р д-р Теклу Тесфаје виш економист за земјоделие во канцеларијата на Светска банка во Македонија. Разговаравме за проектот „Модернизација на земјоделството“ кој е финансиран од Светска банка, ме известија за статусот на имплементацијата и текот на активностите како и за застојот со кој што се соочиле при реализацијата на проектот. - изјави Трипуновски.

Скопје - Доктор Злате Мехмедовиќ ќе биде новиот директор на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Скопје. Официјална потврда од Министерството за здравство се уште нема, но добро упатени извори за МИА потврдија дека Мехмедовиќ ќе биде назначен на оваа функција. 

Скопје - Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, денеска остварил работна средба со деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први” Сашо Георгиевски, на која се дискутирало за можностите за унапредување на соработката помеѓу Уставниот суд и Правниот факултет. Костадиновски, како што е наведено во соопштението од Уставниот суд, го информирал Георгиевски за приоритетите во својот мандат, меѓу кои највисоко на агендата е интензивирање на соработката и интеракцијата меѓу Уставниот суд и науката.

Скопје - Новото откритие на неолитскиот локалитет „Тумба Маџари“ – фигурина од типот на „Големата Мајка“, заедно со уште една амфора, се значајни предмети кои ја збогатуваат ризницата на раритетни откритија на тлото на државата и даваат посебна ексклузивност на македонската археологија, историја и култура, порача денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Љутков, кој денеска го посети локалитет во „Тумба Маџари“ во Општина Гази Баба поради пронајдените откритија, информираше дека веќе е изготвен елаборат за валоризација на локалитетот и Министерството за култура и туризам ќе даде поддршка во заштита на културното наследство.

Скопје - Директорот на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски денска одговорајќи на новинарско прашање во врска со извештајот на работната група за утврдување на состојбите во Агенцијата за филм формирана од поранешната министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, посочи дека „Браќа Манаки“ уредно и редовно ги има поднесено сите извештаи во Агенцијата. Тој е на ставот дека извештајот е нарачан од министерката за култура, во нејзините битки против одредени членови на Друштвото на филмски работници.

Скопје - Францускиот кинематографер Бруно Делбонел е добитник на наградата за животен опус „Златна камера 300“ на јубилејното 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера ИФФК „Браќа Манаки“, што оваа година ќе се одржи од 21 до 27 септември во Битола.  - Годинава славиме 45 години од постоењето на „Браќа Манаки“. Тоа за нас е многу важна годишнина, затоа што имаме можност да ги искористиме околностите кои постојат на нивото на филмските фестивали во моментот во светот, кои ни се благо наклонети. „Браќа Манаки“ е првиот и најстар филмски фестивал во светот, посветен на уметноста на кинематограферите. Специјализирани сме за тоа. Сега сме еден од двата најголеми фестивали во светот. Подготвуваме низа прекрасни изненадувања, рече денеска на прес-конференција директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.

Скопје – На Европското првенство во билијард оваа година кое ќе се одржи во Потчетртек, Словенија ќе учествуваат четворица Македонци кои се пријавени во три различни конкуренции.  Селекторот Горан Ѓурчиновски се одлучи за Христо Василевски, Владимир Ѓоргиоски, Андреј Ѓурчиновски и Илија Димовски (Лонгони).

Сараево - На Осман Мехмедагиќ Осмица, поранешниот директор на Службата за разузнавање и безбедност на БиХ (ОБА), му е забранет  влез во Хрватска, објави сараевски „Аваз“. Мехмедагиќ вчера бил вратен од хрватската граница со образложение дека му е забранет влез во Хрватска. Тој и суспендираниот претседател на Судот на Босна и Херцеговина Ранко Дебевец беа уапсени во декември минатата година под сомнение за злоупотреба на положбата и фалсификување службени документи. Тие поминаа речиси три месеци во притвор. Мехмедагиќ имаше и забрана за патување, што важеше до средината на мај. 

Белград - Нема да има ископ на литиум уште најмалку четири години и нема да се дозволи никакво ископување додека не се потврди дека нема да има закана за животната средина, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој додаде дека е подготвен за секоја стручна расправа и аргументи за тоа.

Брисел - Србија е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ од Западен Балкан што не ги почитувала трите нови надворешнополитички одлуки на Советот на ЕУ во однос на Украина и Северна Кореја, пренесе Бета. Како што соопшти денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, Србија не ја почитувала одлуката усвоена од Советот на ЕУ од 31 мај за рестриктивни мерки против поединци и субјекти од Северна Кореја како и одлуката за рестриктивни мерки поради анексијата на Крим и Севастопол, и   одлуката од 24 јуни за рестриктивни мерки поради активностите на Русија за дестабилизирање на ситуацијата во Украина.

Брисел - Девет месеци по започнувањето на својата истрага по службена должност за субвенционирањето на производството на електрични возила во Кина, Европската комисија денеска донесе одлука за воведување „привремени компензациски царини“ за увоз на кинески електромобили.   Ваквата одлука е донесена врз основа на заклучокот од истрагата дека производството на електрични возила во Кина е поддржано од нефер субвенционирање, што претставува закана за нанесување економски штети на производителите на електромобили во ЕУ.  

Атина – За 1,92 отсто во просек се намалиле цените на производите во супермаркетите во Грција во јуни годинава споредбено со истиот месец лани, согласно резултатите од истражувањето спроведено од Институтот за истражување на малопродажба на стоки за широка потрошувачка (ИЕЛКА), јави дописничката на МИА од Атина. Најголеми намалувања на цените биле регистрирани кај свежото овошје и зеленчук (за 10,66 отсто), детергентите и средствата за чистење (за 6,13 проценти), кај козметиката и средства за лична хигиена (5,05 отсто), како и кај храната за храна домашни миленици и јајцата и путерот (под пет проценти).

Париз - Во Франција в недела ќе бидат распоредени 30.000 полицајци и жандарми, за време на вториот круг од парламентарните избори, од кои 5.000 ќе бидат во Париз, поради опасност од немири, изјави денеска министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен. Дарманен рече дека стравува дека на денот на изборите, 7 јули, „ултралевите“ или „ултрадесничарите“ би можеле да создадат „неред“, пренесува Фигаро.

Брисел – Германската левичарска националистичка и популистичка Алијанса Зара Вагенкнехт (БСВ) соопшти дека не успеале нејзините обид за формирање нова партиска група на левицата во Европскиот парламент.  Според лидерот на БСВ во Европарламентот, Фабио де Маси, преговорите за формирање „алтернативна левичарска групација“ пропаднале поради „повлекувањето во последен момент“ на некои од партиите потенцијални коалициски партнери, како и поради „моќните лостови на големите групи“. 

Брисел - Европската комисија денеска соопшти дека воведе привремено повисоки царини за увоз на електрични возила од Кина, истовремено нагласувајќи дека разговорите со Пекинг за решение на целата ситуација се уште се во тек. Како што е наведено во соопштението, во иднина за автомобилите на компанијата BYD ќе се плаќа царина од 17,4 отсто, Geely ќе плаќа 19,9 отсто, а SAIC 37,6 отсто.

Мадрид - Само неколку дена по завршувањето на Европското фудбалско првенство 2024 во Германија, челниците на Реал Мадрид планираат официјално да го претстават Килијан Мбапе, најголемото засилување летово, кој пристигна како слободен играч од ПСЖ. Настапот е закажан за 16 јули на Сантијаго Бернабеу во 19 часот, а се очекува да бидат продадени сите 80.000 билети. Планирано е да се постави патека по која Мбапе ќе пристигне од соблекувалната до сцената, која ќе има и огнени ефекти.

Остани поврзан