• среда, 03 јули 2024
МИА Флеш

3 јули 2024

Скопје – Судскиот совет е важно оружје кое што е потребно за вистинско трансформирање на правосудството во Северна Македонија, во една институција која што им служи на своите граѓани, која што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот, истакна денеска американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, на Конференцијата за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Агелер во своето обраќање посочи дека Судскиот совет треба да ги следи препораките на Оценската мисија, бидејќи како што рече, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска.

-Ќе се согласите дека останува многу пред вас. Извештајот од Оценската мисија на ЕУ е еден вреден патоказ за реструктурирање на Судскиот совет и повторно поставување на неговата улога во рамките на правосудството. Судскиот совет е едно важно оружје во арсеналот оружје што ќе биде потребен за вистинско трансформирање на правосудството на Северна Македонија, во една институција која што им служи на своите граѓани, која што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот. Затоа што денес, како што амбасадорот Коп живописно го опиша, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска, истакна Агелер.

Судскиот совет, вели Агелер, треба да го следи законот и даде отпор на политичките притисоци, затоа што, вели Северна Македонија има добро изработени закони, како и искусни обвинители и судии.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска остварил средба со специјалниот пратеник на Словенија за Западен Балкан, Анжеј Франгеш.

На средбата, како што соопшти МНР, станало збор за регионалната динамика и состојбите во Западен Балкан, а била истакната и потребата од забрзување на евроинтегративните процеси, што е од интерес за поширокиот регион. Воедно, била реафирмирана силната поддршка од Словенија на патот кон ЕУ, како и континуираните заложби за регионална стабилност и просперитет.

- Во разговорите беше истакнато дека Словенија останува важен партнер, како за развивањето на капацитетите за остварување на надворешно-политичките приоритети, така и за спроведувањето на реформите, преку споделување на нивните искуства за унапредување на административните и законодавните капацитети на земјата, се наведува во соопштението од МНР.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев оствариле работна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.

-Министерот Тошковски се заблагодари за досегашната соработка и искрена поддршка од страна на Сојузна Република Германија, која треба да продолжи и во иднина со надеж што поскоро да станеме дел од европското семејство. Министерот ги презентираше главните цели кои ќе бидат во фокус во наредниот период, како борбата против организираниот криминал и корупција не само декларативно туку вистински, реконструирање и функционална систематизација и дигитализација на процесите, соопшти МВР.

Амбасадорката Дрекслер упатила честитки до министерот Тошковски и директорот Јанев и ја потенцирала досегашната соработка, посебно во делот за Центарот за обука на МВР и опремата која е донирана на Министерството.

Скопје - Губиме огромен потенцијал. Македонија станува извозник на стручни лица наместо да извезува други добра од кои државата би имала корист. За жал, тоа е тенденција веќе неколку години со зголемен интензитет, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање за проблемот со одлив на високообразован кадар од државава. 

Според неа, еден од факторите кои влијаат на преселбата на младите луѓе се општествените случувања и  можностите кои државата им ги нуди за да ги задржи.

- Дополнително, одреден број млади луѓе веќе при студирањето се отселуваат од земјата наводно за да студираат на подобри факултети за да имаат подобри можности во животот и најголем број од нив не се враќаат. Набројав само три елементи иако ги има многу. Ќе се фокусираме на сите овие три елементи, значи да им понудиме еден праведен, правичен општествен систем, во кој тие нема да ги чувствуваат негативностите кои во моментот или во минатото постоеја, ќе се справиме со корупција, криминал и непотизам и во училиштата, и во високото образование, изјави Јаневска пред отворањето на конференција за инклузивно образование организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Скопје – Министерството за образование и наука низ широка дебата со вклученост на родители, наставници, практичари и стручната фела ќе пристапи кон измени на инклузивното образование на децата со посебни образовни потреби. Според министерката Весна Јаневска, се работи за комплексна и многу деликатна тема којашто ќе биде во фокусот на МОН.

Од укажувањата на родители и наставници, рече таа, сегашниот концепт на тотална инклузија на овие деца во редовната настава кај нас е неуспешна и има поплаки од родители кои сметаат дека на овој начин нивните деца дополнително се дискриминирани. 

Пред отворањето на конференцијата за инклузивно образование „Разговори за еднаквост“ организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Јаневска кажа дека во новиот пристап родителите широко ќе бидат опфатени затоа што тие, рече, „не сакаат како во минатото нивните деца да бидат предмет на сожалување, туку бараат поддршка од државата за нивните деца колку што е можно повеќе да се осамостојат“.

Скопје - Новиот директор на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев денеска на прес-конференција посочи дека најголем проблем на Клиниката е недостигот на кадар. Најавува интензивни напори да се надмине проблемот. 

Вели дека има недостиг од секаков кадар и дека веднаш се потребни околу 15-тина лица, пред се млади кадри бидејќи просечната старост на вработените на Клиниката е над 50 години.

- Се договара агендата како да се надмине проблемот прво за летото, а потоа и за подолгорочно, побрзо да добиеме согласности, рече Чибишев на денешната прва средба со новинарите по неговото назначување, нагласувајќи дека нема повеќе да има, како што рече, каубојски вработувања.

Најави вработување според конкурси и закони. - Нема да има реваншизам, прогон на неистомисленици, рече Чибишев, најавувајќи подобрување на условите за пациентите и за персоналот и подобра комуникација со медиумите.

За 18-те лица кои беа ангажирани на Клиниката, а за кои имаше реакции во јавноста, Чибишев соопшти дека тие од денеска веќе не се на работа.

Скопје - Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи денеска изјави дека досега се разрешени девет од вкупно 14 економски директори во клиничките болници, а за разрешување на останатите пет се очекува Владата до Собранието да ги испрати Предлог-измените на Законот за здравствена заштита. 

- Економските директори во клиниките беа воведени пред 17 години. Во 2006 година, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори, што се покажа како дисфункционално, неодржливо и скапо решение. Денес е десетти ден од формирањето на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а веќе предвидената мерка која беше и изборно ветување од програмата Платформа 1198 од страна 120, почна да се реализира, а гласи: Укинување на економските односно организационите директори на клиниките, а во цел укинување на дуализмот и лоцирање на одговорноста како и пренасочување на средствата за подобрување на здравствените услуги и инфраструктура и зголемување на транспарентноста и отчетноста, истакна Мизрахи.

Скопје – Дел од приватните превозници во јавниот градски превоз во Скопје бараат финансии за да можат да продолжат да ги услужуваат граѓаните со своите возила. До петок како предупредување ќе возат само до 10 часот изутрина, а потоа ќе одлучат што ќе прават понатаму.

Како што велат, од јануари годинава, кога зеле само дел од средствата, не им се исплатени пари за услугата што ја даваат.

Дел од нив имале средба со директорот на ЈСП Скопје, кој сега е разрешен и кој им ветил дека постепено ќе им се исплаќаат заостанатите средства, како и дека до септември целосно ќе им го исплати долгот. Во моментот немаат никаква најава што се случува по неговото разрешување.

Скопјe  - Нa граничните премини Табановце и Богородица има зголемена фреквенција на возила за излез од земјава. Времето на чекање е околу 30 минути, информира Авто мото сојузот на Македонија. 

На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. 

Од понеделникот до 31 август на државните патишта во земјава е воведен летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури и тоа во петок од 17 до 22 часот, во сабота од 09 до 18 часот и во недела 09 до 22 часот.

Скопје - И утре времето ќе биде променливо облачно и посвежо, со локален пороен дожд, а од петок следува период на сончево време со мала до умерена олокална облачност, најавува УХМР.

Дневната температура ќе биде во пораст, а особено топло ќе биде во недела и во првите денови од идната седмица.

Белград - Претседателот Александар Вучиќ денеска по седницата на проширениот  колегиум на началникот на Генералштабот во касарната „Бањица 2“ во Белград изјави дека српските вооружени сили забележале дејствија на авиони со екипаж и на беспилотни летала со извидувачки намери кон Србија без да ја преминат граница, и дека тоа е засилено од сите правци, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој рече дека од правец на Ѓаковица на 5 и 20 јуни биле забележани како се креваат албански дронови „Бајрактари“ на височина од 5.800 метри со намера за извидување на позиција на српската војска.

-Исто така, шведско-германски авиони правеа фотографии, не од територијата под контрола на војската на Србија, туку од други територии кои не се под контрола на Србија, но прават многу прецизни слики поради присуството на безбедносните и воените сили на територијата на централна Србија, изјави Вучиќ.

Сплит – Дваесет и четири млади луѓе беа повредени пред популарен ноќен клуб во хрватското јадранско одморалиште Сплит доцна синоќа откако се скрши стаклена фасада на влезот во клубот.

Повредените, од кои повеќето биле туристи од Германија и Шведска, чекале пред клубот за да влезат. Тие се здобиле со исеченици од парчиња стакло што се разлетале, јави денеска локалниот весник „Слободна Далмација“, цитирајќи извори од болницата во Сплит.

Како што пренесе ДПА, маж на возраст од 20 и девојка на возраст од 16 години останале во болница и нивната состојба е опишана како стабилна. Останатите повредени по укажаната прва помош се вратиле дома.

Според првичните истраги, најверојатно стаклената фасада пукнала поради притисок од големиот број луѓе.

Рамала - Израелската полиција рано утринава се судри со еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег за да отстрани безбедносна контролна  позиција во една илегална населба, покажуваат видео снимки од полициската акција.

Британските медиуми пренесуваат дека на снимките се гледа како полициски багери ја отстрануваат контролната позиција. Доселениците беа седнати на тесниот пат, блокирајќи го пристапот на полицијата која била принудена да ги растера.

Засега израелската Влада не излезе со коментар за полициската акција.

Израел е под меѓународен притисок да го запре проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег, кои Палестинците сакаат да стане дел од нивната идна независна држава, заедно со Појасот Газа.

Париз- Францускиот премиер Габриел Атал, близок соработник на претседателот Емануел Макрон, денеска изјави дека верува оти напорите на повеќе партии да се спречи десничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен да добие апсолутно мнозинство во вториот круг од парламентарните избори следната недела може да успеат. 

Атал го порача ова откако повеќе од 200 кандидати од целиот политички спектар се согласија да се повлечат од вториот круг на парламентарните избори за да го отвори патот на оној кој е најдобро позициониран да го победи екстремно десничарскиот кандидат во нивната изборна единица.

„Овие повлекувања покажуваат дека можеме да избегнеме апсолутно мнозинство за екстремната десница“, изјави Атал за радиото Франс Интер. За да победи, Национален собир треба да освои апсолутно мнозинство од 289 пратеници, од вкупно 577 места.

Француското Министерство за внатрешни работи подоцна треба да го објави списокот со кандидати за вториот круг гласање, но локалните медиуми проценуваат дека околу 218 кандидати се повлекле. Французите избираат меѓу повеќе од 4.000 кандидати за 577 места во Националното собрание.

Париз - Во Олимпиското село во Париз ќе бидат поставени 2.500 клима уреди. Бројката може да се зголеми доколку има екстремни горештини за време на Олимпијадата.

Првично, организаторите на Игрите планираа да ја напуштат употребата на клима уреди со цел намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Куќите во Олимпиското село се изградени со технологија која ја одржувала температурата внатре за шест степени пониска од надворешната. Тие се опремени и со геотермални системи и вентилатори.

И покрај тоа, делегации од некои земји инсистираа да донесат климатизери со себе. Така, организаторите се согласиле да инсталираат клима уред, само по еден во секој апартман, за да им овозможат на спортистите комфорни услови за живот и закрепнување.

Анкара - Годишната стапка на инфлација во Турција се намали на 71,6 отсто во јуни, покажуваат денеска објавените податоци на Турскиот статистички институт (Туркстат).

Според Туркстат, месечната инфлација на потрошувачките цени во јуни изнесувала 1,64 отсто, т.е. под очекувањата и е пониска од 3,37 отсто во мај. Годишната инфлација во мај изнесува 75,45 отсто.

Стапката на инфлацијата во земјата се очекува да се намали на 42,6 отсто на крајот на годинава.

Остани поврзан