• среда, 03 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

3 јули 2024

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретнал со амбасадорот на Австралија, Даниел Емери.

Муцунски, како што соопшти МНР, го запознал соговорникот со приоритетите во работата на Министерството и на Владата, меѓу кои најголемо внимание и ангажман ќе биде посветен на забрзувањето на евроинтегративните реформски процеси. 

Соговорниците размениле мислења за актуелната билатерална соработка, во чии рамки нашата дијаспора во Австралија игра важна улога и претставува мост за поврзување меѓу граѓаните на двете земји.

На средбата биле дискутирани можностите за унапредување на економската соработка и трговската размена,  соработката во други области од заеднички интерес, како и прашањата поврзани со политичката и безбедносната состојба во регионот и надворешно политички теми.

Скопје - Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието ќе утврдат по кои учебници ќе учат седмоодделенците во претстојната учебна година бидејќи до 1 септември не ќе може да се отпечатат нови согласно новите наставни од Концепцијата за основно образование. 

Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека за ден-два ќе биде соопштено во  јавноста како ќе учат основците во седмо одделение, посочувајќи дека иако било соопштено дека  учебници на 1 септември ќе има и за седмо одделение, „фактичката состојба е сосема различна“.

-Волшебно стапче да имаме, ние до септември како Влада не можеме да стигнеме да обезбедиме учебници за во седмо одделение. Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден во печат. Не само што не се дадени во печат, огромен број од нив не се одобрени. Некои не се ни напишани, значи не е креиран учебникот. Некои не поминале рецензија, изјави Јаневска пред отворањето на конференција за инклузивно образование организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. 

Поради тоа, неколку дена,  рече, имаат разговори со Бирото за развој на образованието за да се надмине проблемот, а решението веројатно е учениците од седмо и наредната година да учат од старите учебници, односно тие што беа досега во употреба. Доколку законот, рече, не дозволува, за одреден период ќе биде одложена примената на Концепцијата за преостанатите одделенија – седмо, осмо и деветто. 

Дебар - Македонското и другите малцинства во Албанија најавија дека ќе излезат со заедничка декларација за непризнавање на резултатите од пописот во оваа земја и официјално ќе побараат нов попис.

- Подготвуваме заедничка декларација задно со претставниците на грчкото, влашкото и другите малцинства со која не ги признаваме пописните резултати. Во неа ќе наведеме цврсти докази дека истите се фалсификувани, чиста манипулација. Ќе ја доставиме до сите државни и меѓународни институции, изјави за МИА, Васил Стерјовски,  претседател на македонската партија, МАЕИ.

Партијата и другите македонски здруженија веќе се изјаснија дека не ги признаваат резултатите, а тоа го направија и здруженијата на Грците.

Според пописот во оваа земја живеат 2.281 лица што е за повеќе од половина помалку споредено со пописот во 2011 година. Според македонските претставници во оваа земја живеат над 100 илјади Македонци, главно концентрирани во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, а со илјадници ги има во Тирана, Елбасан, Драч и други градови.

И грчките претставници не ги признаваат презентираните  23 485 лица со грчка етничка припадност. Тие тврдат дека во земјата живеат околу 400 илјади Грци, главно населени во јужниот дел на земјата.

Скопје - Ниту едно министерство или општина во земјава нема високо ниво на заштита од корупција во јавните набавки, соопшти Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

ЦГК го објави рангирањето на Владата, министерствата и општините според 32 индикатора за антикорупциските перформанси во јавните набавки. Институциите се сместени во три зони: црвена, жолта и зелена, зависно од освоените поени за начинот на кој ги спроведуваат јавните набавки. Притоа, 100 отсто значи максимална, а 0 проценти никаква заштита од корупција.

Според рангирањето, најголема изложеност на корупција имаат Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а со најдобри антикорупциски перформанси, чие остварување е 72 отсто, се Министерството за одбрана и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

Кај општините, најниско ниво на остварување на антикорупциските перформанси во јавните набавки е утврденo кај Кратово и Гостивар. Во црвената зона е и Градот Скопје, како и 40 други општини. Најдобри антикорупциски перформанси во јавните набавки има Општина Кавадарци, 70 отсто, како и Велес и Пробиштип, 66 проценти.

Скопје - Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски е назначен за вршител на должноста на Јавното претпријатие за државни патишта откако новиот Управен одбор го разреши досегашниот директор Ејуп Рустеми. 

Трајановски беше избран за градоначалник на Скопје во 2009 година и оваа функција ја извршуваше до 2017 година кога функцијата прв човек на град Скопје ја презеде Петре Шилегов. Трајановски ја извршуваше и функцијата градоначалник на Гази Баба до 2005 година.  

Досегашниот директор на ЈПДП Рустеми на оваа функција беше од 2020 година.

Скопје - Во Центарот за управување со кризи (ЦУК), регистрирани се 14 пожари на отворено изминатите 24 часа, сите биле изгаснати.

- Во општина Ѓорче Петров, два пожара - во населба „Стопански Двор“ и покрај улицата „Шарпланинска“, горела сува трева, како и покрај „Качанички пат“. Во Гази Баба, два пожара - на депонија „Вардариште“ - гореле ѓубре и сува трева и покрај улицата „Ранка Милановиќ“ - горела депонија. Во Студеничани, кај село Долно Количани горело ѓубре. На територија на Битола, два пожара - кај Јавното претпријатие „Водовод“ и кај м.в. „Смолево“ гореле ниска шума и сува трева. На територија на Гевгелија, два пожара - гореле дива депонија и сува трева. Во општина Ново Село, над селото Стиник гореле ниска шума и сува трева. Во кумановскиот регион, два пожара - кај „Пчињски Пат“ - гореле сува трева и притоа опожарен и камион и кај селото Пчиња, каде гореле сува трева и опожарена шупа. На територија на општина Старо Нагоричане, кај селото Нагоричени горела сува трева, појаснуваат од ЦУК.

Изминатото деноноќие биле евидентирани 2.381 повик на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК. Како реални биле категоризирани 59,97 проценти од повиците.

Скопје - Шеесет и првото издание на Галичка свадба ќе се одржи следниот викенд, од 12 до 14 јули. Овогодишна невеста е Стефана Димитрова, додека зетот е Даријан Кочоски.

Како што објавија од МЗ Галичник, двојката ги исполнува сите потребни услови за учество во Галичката свадба. 

-Со голема радост ви соопштуваме дека по објавениот конкурс за избор на невеста и зет на Галичка свадба 2024 што годинава ќе се одржи од 12 до 14 јули, советот на МЗ Галичник ја избра среќната двојка. Овогодишна невеста е Стефана Димитрова, со потекло од галичките фамилии Чаловски и Веноски, долгогодишна учесничка на галичка свадба, додека зетот е Даријан Кочоски. Нека се вечно среќни и бериќетни, да се ќердосает! Годинава на венчавка, в`година на крштевка! За многу години да им е љубовта и среќата!, се вели во објавата на Фејсбук на МЗ Галичник.

 

Брисел - Членките на НАТО одлучија да испратат специјален пратеник во Киев, со што ќе го прошират цивилното присуство на западната воена алијанса во Украина, изјави портпаролот на Алијансата за германската новинска агенција ДПА.

Високиот функционер ќе има задача да ја координира политичката и практичната поддршка на Алијансата на терен додека Украина продолжува да се брани од руска инвазија.

Одлуката за испраќање постојан специјален пратеник доаѓа во пресрет на самитот на НАТО од 9 до 11 јули во Вашингтон, каде што се очекува лидерите за првпат официјално да усвојат план за координирање на воената помош за Украина во рамките на официјалната мисија наречена НАТО безбедносна помош и обука за Украина.

Засега не се знае кој ќе биде назначен на новата функција во Киев. Портпаролот рече дека се ќе биде подетално познато по официјалната процедура за избор.

Ерусалим - Само две или три лица знаат каде е лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, изјавија извори од палестинската екстремистичка организација за весникот Ашарк ал-Авсат.

„Многу тесен круг, од не повеќе од две или три лица, знае каде престојува и ги обезбедува неговите различни потреби, како и комуникација со лидерите на организацијата внатре и надвор“, изјави неименуван извор за весникот, кој се печати во Лондон.

„Израел не успеа да стигне до многу лидери од прв и втор ред (на Хамас) на политичко и воено ниво, но се обиде да убие некои од нив. Некои беа ранети, а некои преживеаја и излегоа неповредени од бомбашките операции во различни области и цели. Но, Синвар не е меѓу нив“, додаде изворот.

Во извештајот не е прецизирано дали Синвар се крие „над земја“ или во тунелите, јавуваат израелските медиуми.

Бејрут – Шефот на либанската дипломатија, Абдула Бу Хабиб, изјави дека неговата земја не сака војна со Израел и е заинтересирана за мир, пишува „Џерусалим пост“.

Оваа порака Хабиб ја испрати до својот израелски колега, Израел Кац, преку министерот за надворешни работи на Азербејџан Џејхун Бајрамов.

 Кац, пак, испрати порака до Хабиб во која му посочи дека Израел мора да ги врати во своите домови своите жители на северот на земјата, кои беа евакуирани поради постојаните напади на либанската проиранска милитантна група Хезболах, и дека , ако тоа не е можно врз основа на дипломатско решение, тоа ќе се постигне со војна.

Во разговорот со Бајрамов, Кац го обвини Иран, земја која граничи со Азербејџан, за подгревање на тензиите во регионот.

Минск - Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека најверојатно ќе ослободи од затвор некои од неговите политички противници, а кои сега се тешко болни од рак.

Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, е еден од најблиските сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, а неговите противници и западните групи за човекови права го обвинуваат за кршење на човековите права и затворање на противниците по различни обвиненија.

Реизборот на Лукашенко за шести мандат во 2020 година предизвика улични протести на кои тој беше обвинет за местење на изборите. Полицијата масовно апсеше демонстранти, а групите за човекови права велат дека повеќе од 25.000 луѓе завршиле во затвор во месеците по изборите.

„Немојте да се чудите ако луѓето кои ја поткопаа државата во 2020 година бидат ослободени за неколку дена. Тие се навистина болни, главно од рак“, рече Лукашенко на митингот по повод националниот празник на Белорусија, кој се одбележува денеска.

Остани поврзан