• среда, 03 јули 2024
МИА Радио флеш

3 јули 2024

 

 - На граничниот премин Табановце за влез во земјава утринава има зголемена фреквенција на возила и времето на чекање е околу 20 минути, информира Авто мото сојузот на Македонија. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Од понеделникот до 31 август на државните патишта во змјава е воведн летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури и тоа во петок од 17 до 22 часот, во сабота од 09 до 18 часот и во недела 09 до 22 часот.

 

 - СДСМ денеска преку соопштение реагираше на вчерашната прес-конференција на портпаролот на Движењето ЗНАМ Никола Мемов, кој коментирајќи го изборот на нов лидер на СДСМ, рече дека е отворена поканата во ЗНАМ за прием на сите чесни членови на СДСМ.  - Вистинските социјалдемократи кои се борат со срце и со душа за остварување на социјалдемократските вредности нема никогаш да ги прифатат повиците на лажните патриоти од ЗНАМ. Максим Димитривски за неколку фотељи и градоначалничка функција стана слуга и продолжена рака на ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски. Срамно и жално е да се гледаат поранешни генерални секретари на СДСМ како министри и послушници во Влада која ја водат луѓе што сакаа да ги убијат нивните довчерашни сопартијци. Срамно е за поранешни пратеници на СДСМ да бидат функционери во власта на Мицкоски. Од тоа вистинските членови на СДСМ се срамат и го осудуваат, се вели во реакцијата.  Од СДСМ велат дека се единствената вистинска опозиција која ќе се бори за да се спречуват, како што посочуваат, штетните политики на владата на Мицковски и неговиот сателит ЗНАМ. 

 

– Силни и интензивни молњи рано утрово предизвикаа два различни шумски пожари во северозападниот дел на грчкиот остров Тасос, јави дописничката на МИА од Атина. Како што информираа од противпожарната служба на Грција, интервенираат 32 пожарникари со група пешадиски тим, 13 возила, еден авион и два хеликоптери, а помагаат и цистерни од општините. Паралелно од градот Кавала со траект на островот се пренесуваат уште 18 пожарникари со група пешадиски тим и пет возила, а со хеликоптер на Тасос пристигнува уште еден пешадиски тим со осум пожарникари.

 

 - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изрази загриженост за политичката ситуација во Франција, каде екстремно десничарската партија „Национален собир“ на Марин Ле Пен освои најголем број гласови во првиот круг од изборите. Како што наведуваат светските агенции, ова е првпат Шолц, социјалдемократ, да изрази јасен став за политичката ситуација во Франција. Германија и Франција го сочинуваат столбот на Европската унија и политичките промени во двете земји би можеле да ја нарушат рамнотежата. Поддршка за екстремно десничарската партија е забележана и во Германија, каде „Алтернатива за Германија“ моментално е на второто место во анкетите. Вториот круг од парламентарните избори во Франција ќе се одржи на 7 јули.

 

- Најмалку четири лица загинаа вчера во израелски напад врз бегалскиот камп Нур Шамс, на Западниот Брег, соопшти синоќа палестинското Министерство за здравство. Израелската армија во своето соопштение објави дека „е извршен воздушен напад врз терористичка ќелија во Нур Шамс додека тие поставувале експлозивна направа“.

 

- Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Астана, главниот град на Казахстан, каде ќе учествува на 24. состанок на Советот на шефови на држави на Шангајската организација за соработка (ШСО). На маргините на регионалниот состанок се очекува тој да разговара и со други лидери. Рускиот претседател „најверојатно ќе се сретне“ со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, изјави пред два дена турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан. Двајцата лидери последен пат се сретнаа во септември 2023 година во Сочи, Русија. Според светските агенции, се очекува средба и со кинескиот лидер Си Џинпинг. Кинескиот претседател веќе пристигна во Астана и се сретна со неговиот казахстански колега во претседателската палата.

 

 - Напад со брод без екипаж беше извршен ноќеска врз руското црноморско пристаниште Новоросијск, објавија локалните власти. Градоначалникот на градот во јужниот регион Краснодар, Андреј Кравченко, на Телеграм напиша дека заканата сега е укината, но пристапот до локалната плажа и шеталиштето ќе биде ограничен додека не се провери областа. Автомобилскиот сообраќај на мостот Крим, кој го поврзува рускиот анектиран украински полуостров со Краснодарската област, ноќеска беше привремено запрен на околу еден час. Засега нема реакција од украинските власти. Локалните жители пишуваат на Телеграм за силни експлозии и пожар во планинска област над Новоросијск.

 

 - Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа на палестинските бегалци (UNRWA) процени дека 250.000 лица ќе бидат принудени да го напуштат Кан Јунис, откако израелските власти издадоа нова наредба за евакуација на градот. „Само неколку недели откако луѓето беа принудени да се вратат во опустошениот Кан Јунис, израелските власти издадоа нови наредби за евакуација на областа. Повторно, семејствата се соочуваат со принудно раселување. Проценуваме дека 250.000 лица ќе мора да побегнат. Иако никаде не е безбедно во Газа “, напиша УНРВА на мрежата Х. Пред само неколку недели, Кан Јунис беше напуштен откако израелските напади оштетија или уништија куќи и згради.

 

- Британската Лабуристичка партија ќе забележи рекордна победа на изборите во Велика Британија, објави агенцијата за испитување на јавното мислење „Сурвејшн“(Survation). Според анкетата, лабуристите на Кир Стармер ќе освојат 484 од 650 места во британскиот Парламент, многу повеќе од 418-те што ги освои поранешниот лидер на партијата Тони Блер во неговата победа во 1997 година, пренесуваат британските меидуми. Агенцијата предвидува дека конзервативците, кои беа на власт во изминатите 14 години, ќе освојат само 64 места, што би бил најнизок изборен резултат од основањето на партијата во 1834 година, додека десничарската Реформска партија на ОК ќе освои само седум места. Националните избори во Велика Британија ќе се одржат на 4 јули.

 

 - Белата куќа соопшти дека не е неопходен когнитивен тест за американскиот претседател Џо Бајден, наведувајќи дека тој се уште може да биде кандидат за реизбор на оваа функција. Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, на прес-конференција рече дека нема апсолутно ништо скриено за здравјето на Бајден, објави Си-Ен-Ен. Жан-Пјер, сепак, призна дека Бајден „немал сјајна ноќ“ за време на телевизиската дебата со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп. „Решив да патувам низ светот неколку пати... непосредно пред дебатата... не го слушав мојот персонал... и потоа за малку ќе заспиев на сцената“, рече Бајден за последната дебата, за време на собирањето средства за неговата изборна кампања во американската сојузна држава Вирџинија. Бајден имаше речиси две недели помеѓу неговото враќање од Италија од самитот на Г7 на 15 јуни и дебатата на 27 јуни.

 

 - Малку е веројатно дека сопругата на поранешниот американски претседател Меланија Трамп повторно целосно ќе ја преземе улогата на прва дама доколку Доналд Трамп биде реизбран за претседател, објави Индипендент. Според изворот, словенечката поранешна манекенка склучила договор со Трамп дека таа, доколку тој се врати во Белата куќа во ноември, „нема да биде на должност како прва дама 24 часа на ден, седум дена во неделата“. Таа верува дека може да биде „мајка и прва дама во исто време“. Наместо полно работно време како сопруга на претседателот, Меланија Трамп планира своето време да го подели меѓу Вашингтон и Њујорк, каде нивниот син Барон Трамп ги започнува студиите на Универзитетот во Њујорк. 

 

 - Во стампедо на хинду верски настан во северна Индија загинаа 121 лице, а 28 се повредени, јавија индиски медиуми, а според полицискиот извештај, на настанот присуствувале неколку пати повеќе луѓе од дозволеното. „Меѓу жртвите има 108 жени и седум деца“, изјави за новинарите Маној Кумар Синг, главен секретар на државата Утар Прадеш. Стампедото се случило во село во областа Хатрас, на околу 200 километри југоисточно од главниот град Њу Делхи. Полицијата дозволи да се соберат 80.000 луѓе, а околу 250.000 луѓе присуствуваа на настанот, според полициски извештај. 

 

- Тим предводен од белгискиот Универзитет во Лувен открил потенцијално револуционерен начин за лекување зависност и депресија, објави белгискиот портал „Фокус“. Научникот Пјер Василијадис изјави дека е пронајден начин на стимулирање на стријатумот - дел што се наоѓа длабоко во сивата материја во мозокот, и тоа без операција или вградени уреди во мозокот, односно на неинвазивен начин. Техниката што ја користат научниците е насочена кон стимулирање на тн. транскранијална темпорална интерференција. Тоа може да влијае на бројни непријатни состојби како што се депресија, зависност од дрога и всушност секоја друга состојба за која делот за задоволтво во мозокот има клучна улога. За тоа служат два пара електроди што се поставуваат на главата на пациентот и испраќаат слаби електрични бранови низ мозокот на две различни фреквенции. Разликата меѓу овие фреквенции всушност го стимулира засегнатиот дел од мозокот.

Остани поврзан