• среда, 03 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

2 јули 2024

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска ја примила амбасадорката на Државата Израел, Симона Франкел. На средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што било оценето дека се карактеризираат со пријателство и меѓусебно разбирање.

Претседателката Сиљановска Давкова, како што соопштија од нејзиниот Кабинет, го истакнала македонскиот интерес за искористување на значајниот потенцијал за понатамошно унапредување на севкупната соработка и важноста од продлабочување на билатералните односи преку конкретна секторска соработка, имајќи ги предвид економските, технолошки и научни капацитети на Израел.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, на која се заблагодарил за постојаната поддршка и посветеност на Мисијата на ОБСЕ во напорите за модернизација на полициската служба, особено во делот на професионалното полициско работење, проекти за обука на полициските службеници и модернизирање на опремата.

Министерот Тошковски, како што соопштија од МВР, ја потенцирал решителноста за ефикасна борба против организираниот криминал и високата корупција, како еден од основните столбови на новата Влада, како и потребата од градење модерна полициска служба која доследно ќе ги следи начелата на демократско полициско работење, но и служба која ќе се базира на начелото на заслуги и интегритет.

Скопје - Новоименуваната претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија Лесли Милер, му ги предаде акредитивните писма на министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, соопштија од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

Министерот Муцунски изразил благодарност за 30-годишното партнерство меѓу Владата и УНИЦЕФ во земјава и истакнал дека истакна дека промената во општеството мора да започне од децата и нагласи дека продолжувањето на оваа соработка е важно за унапредување на детските права. 

-Милер упати пофалба до министерот за достигнувањата на земјата во областа на децата, забележувајќи дека откако е ратификувана Конвенцијата за правата на детето пред 30 години, законодавно-политичките рамки се подобрени, а вака зајакнатите системи придонесуваат за подобрување на правата и благосостојбата на децата, се вели во соопштението од УНИЦЕФ. 

Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска оствари средба со претставници од Стопанска комора на Северозападна Македонија. 

-Во фокусот на средбата беше зајакнување на соработката меѓу Собранието и Стопанска комора на Северозападна Македонија, како и измена на дел од постојаната законска регулатива. Меѓу друго едно од нивните барања беше и меѓусебна консултација пред носење на предлог-закони кои се во нивен интерес, информираат од собраниската прес-служба.

Собранието, нагласил тој, може да го сметате како ваш најсилен сојузник, и додал дека ја имаат неговата  целосна поддршка.

На средбата соговорниците се согласиле дека е потребно интензивирање и продлабочување на соработката во иднина.

Скопје - Плановите во делот на енергетиката поврзани со производството на електричната енергија беа дел од разговорите меѓу министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на Европскиот секретаријат за енергетика, Артур Лорковски.

Средбата, како што информираат од владината прес служба, се одржала во рамки на неформалниот состанок на земјите членки на Енергетската заедница - Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Грузија, Молдавија и Украина.

На состанокот, се вели во соопштението, биле усогласени правилата за имплементација на интеграцискиот пакет за електрична енергија и оптимизацијата на алокација на прекуграничните капацитети за пренос меѓу земјите. Тоа значи координирана пресметка на цените и движењата со цел пазарот да биде попредвидлив и полесно да се порамнува цената. Исто така било разговарано и за донесување на нов Закон за енергетика, за што на земјата и е даден нов рок до 15 септември.

Скопје - Учебници за седмо одделение по новата програма ќе нема бидејќи, според информациите на министерката за образование и наука Весна Јаневска,  ниеден учебник не е пратен на печатење, а за некои не е завршена ни процедурата на одобрување, односно не се напишани или не е помината рецензија.

-Уште првиот ден кога влегов во Министерството за образование и наука, прва задача ми беше да видам што се случува со учебниците. Иако имаше информации дека сè е во ред, за жал, тоа не беше така, изјави министерката Јаневска во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Проблемот, вели таа, е кај учебниците за седмо одделение, додека останатите веќе се дистрибуираат.

-За седмо одделение нема да печатат ниту еден единствен учебник, ниту еден не е предаден за печат, а колку што разбрав, за одреден број учебници процедурата не е завршена, некои не се напишани, кај некои не е помината рецензијата, не е поминато ниту во БРО, ниту во национална комисија, што значи дека апсолутно никаква, ни минимална шанса нема да се стигне, ниту за еден учебник до 1 септември, вели Јаневска. 

Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска оствари работна средба со новоназначените директори на Управата за јавни приходи Елена Петрова и на Царинската управа Бобан Николовски.

На средбата, како што информира Министерството за финансии, било констатирано дека најзначaјно е подигнување на институционалните капацитети, вложување во човечкиот капитал и дигитализација на процесите.

- Ова е прва средба што ја одржуваме со првите луѓе на УЈП и Царината како клучни институции во прибирање на приходите во Буџетот. Ги поставуваме основите на работа и начинот на меѓусебна соработка со цел ефикасно прибирање на приходите и ефикасно управување со парите на граѓаните, посочила Димитриевска-Кочоска.

Скопје – Конференцијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) и здруженијата „Човекот над профитот“ и „Но Пасаран“, денеска на прес-конференција пред Уставен суд посочија дека уставни судии кои во јануари годинава дале позитивно мислење за уставноста на измените на Законот за облигациони односи, во јуни го смениле мислењето и донеле одлука за преиспитување на Законот.

Ана Глигорова, од Здружението „Човекот над профитот“ вели дека ова доаѓа откако големите доверители се спротиставиле и покренале иницијатива да се преиспита одлуката и да се замрзне Законот.

– Од моментот кога ќе дојде предметот на извршител до 10 години да се извршува, тоа е апсолутна застареност. Големите доверители Асоцијацијата на банки, Телеком и тн. се спротиставија и побараа иницијатива да се преиспита и да се замрзне Законот, односно да се пресипита уставноста на истиот закон. Во јануари ние бевме во Уставен суд, каде уставните судии застанаа на страната на Законот, дека тој е уставен и не се нарушени темелните вредности на Уставот. Истите тие судии сега во јуни, за 180 степени го менуваат мислењето и по иницијатива на еден адвокат и еден граѓанин, тие велат овој закон го замрзнуваат и треба да се преиспита, што за нас е многу симптоматично, рече Глигорова.

Скопје - Занаетчиската комора на Северна Македонија заедно со Амбасадата на Република Словенија денеска во Скопје го промовираа проектот „Образување и економско зајакнување на жените“, кој има за цел обука на над 50 лица, доминантно од женската популација за занимања за кои постои дефицит на пазарот на труд во земјава.

Претседател на Занаетчиска комора на Северна Македонија Агрон Фазлији изјави започнувањето на овој нов проект со Словенечката амбасада е во насока на образување и дообразување, пред се, на жени кои се невработени, но може да се пријават и мажи, за занимањата пекар, слаткар со цел создавање поквалитетна работна сила која недостига на пазарот на трудот. По шест-месечната обука и доедукација учесниците на обуката ќе се стекнат со сертификати со кои ќе можат да основат и сопствена дејност.

Скопје - Јован Деспотовски, еден од кандидатите за претседател на СДСМ, смета дека тоа што се случи во неделата не е крај на изборниот процес во партијата. Како што истакна денеска на брифинг со новинарите, работите не треба да се ставаат „под тепих“ и мора да се одговори на прашањето што ги одврати или предомисли 11-те илјади членови кои последниве 20 дена изразија желба да гласаат.

Според Деспотовски, СДСМ има сериозен проблем, се вршат притисоци, а не може да се зборува за регуларен изборен процес во кој се бира кој ќе гласа. Небулозно е, нагласи, Комисијата сама да не ги почитува своите акти, да објавува завршен процес, а потоа да вика, „ај, давајте приговори“. 

Оценка на Деспотовски е дека „и политичките опоненти изразуваат загриженост за СДСМ, зашто партијата не си е потребна сама за себе, туку е потребна за државата“. 

Скопје - Министерството за внатрешни работи информира дека до неколку граѓани и правни лица, од страна на сторители кои лажно се претставуваат во име на МВР и ЕВРОПОЛ, се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага.

Од МВР апелираат до граѓаните да не наседнуваат на ваквите измами, а Секторот за компјутерски криминал  при МВР веќе презема соодветни мерки и активности за законско санкционирање на сторителите.

- Секторот за компјутерски криминал  апелира граѓаните и правните субјекти да не отвараат прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност, се наведува во соопштението од МВР.

Скопје - По најавите за врнежи на целата територија од државата, а со оглед на тоа што почвите и теренот се релативно влажни од УХМР предупредуваат дека во текот на вечерните и ноќните часови ќе има потреба од внимателност во повеќе региони, како и внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и места каде има опасност од одрони и свлечишта.

Од Секторот за хидрологија при Управата за хидометеоролошки работи на внимателност повикуваат во Скопскиот, Кумановскиот, Паланечкиот, Кратовскиот, Пробиштипскиот, Каменичкиот и Кочанскиот регион, во Светиниколскиот, Штипскиот, Струмичкиот и Велешкиот регион, како и во реоните на Групчин, Соње, Сопиште. Секако, велат од УХМР, можни се и отстапувања од најавените региони и реони.

 

 

Киев - Унгарскиот премиер Виктор Орбан го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на Киев да ја разгледа можноста за брз прекин на огнот, што би можело да ги забрза мировните преговори, изјави унгарскиот премиер на заедничката прес-конференција со украинскиот лидер.

Орбан рече и дека Унгарија би сакала да има многу подобри билатерални односи со Украина и дека неговата земја е подготвена да учествува во модернизацијата на украинската економија.

Унгарскиот премиер додаде дека Унгарија ги цени украинските мировни иницијативи, но го повика Зеленски да работи на прекин на огнот што ќе ги овозможи мировните преговори.

Подгорица - Еден работник загина, а друг е повреден во невремето што денеска ја зафати Црна Гора, јави РТЦГ.

Поројни дождови и силен ветер ја зафатија Црна Гора од утрово. Локалниот портал Бар инфо пренесува дека во Чањ на градилиштето „Челебиќ" загина работник на кран, а во Лука Бар од силниот ветер падна кран, при што беше повредена едно лице.

Ветерот корнеше и уриваше дрвја низ цела Црна Гора, уништуваше опрема на плажите на приморјето, оштетуваше возила, а поради силниот дожд улиците беа поплавени и настанаа порои.

Минск – Судот во Белорусија денеска во отсуство осуди 20 политички аналитичари на најмалку десет години затвор поради завера за уривање на Владата и поради учество во екстремистички групи.

Сите осудени не живеат во Белорусија, но би биле уапсени ако се вратат во земјата. Меѓу осудените е и Александар Дабраволски, помошникот на опозициската лидерка Светлана Тихановскаја. Тој е осуден на 11,5 години затвор.

Денешните пресуди и казни се продолжение на „немилосрдното задушување од страна на властите“ по масовните демонстрации во земјата за изборите во август 2020 година, на кои многу истакнати опозиционери беа затворени, додека некои беа принудени да ја напуштат Белорусија.

Приштина - Косовскиот институт за правда денеска соопшти дека косовската Влада усвоила 8 од 52 нацрт-закони планирани за усвојување во првата половина на 2024 година, односно „само 15 отсто од планот е исполнет“. Институтот наведува дека на Владата и недостига јасна и доследна стратегија.

Се додава дека е проблематично што законските предлози произлезени од пресудата на Уставниот суд, Националниот развоен план и владината програма за 2021-2025 година не биле вклучени во законодавната програма.

„Овој постојан недостиг покажува неспособност во спроведувањето на јавните политики, што ме натера да се сомневам во ефикасноста на управувањето и способноста да се одговори на потребите на граѓаните. Дополнително, оваа негрижа може да ги поткопа демократските стандарди и да ја ослаби довербата на граѓаните во државните институции“, се наведува во извештајот.

Белград - Речиси една четвртина од младите во Србија се соочиле со депресија и анксиозност, а половина се обраќаат кај професионалец за некаква психолошка поддршка, покажува националното истражување за животните и здравствените навики на дваесетгодишниците, спроведено од „Здрави дваесетти “ платформа на компанијата Галеника, пренесе Бета.

Како периоди на интензивна вознемиреност, младите ги наведоа ситуациите кога треба да донесат важни животни одлуки, како запишување на факултет, а како уште еден психолошки проблем, исцрпеност и проблеми со концентрацијата, особено за време на испитните периоди, кои најчесто се решаваат со пиење кафе или енергетски пијалоци.

Остани поврзан