• вторник, 02 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

2 јули 2024

Скопје - Владата на денешната седница ќе ги разгледува измените на предлог законот за здравствената заштита, со што, како што најавуваат, ќе се укине институцијата економски директор во јавните здравствени установи.

Премиерот Христијан Мицкоски, објави дека со мерката се стреми кон подобрување на ефикасноста во управувањето со нашите здравствени установи, намалување на административните трошоци и насочување на средствата кон подобрување на здравствените услуги.

-Новите законски одредби предвидуваат дека здравствените домови со над 1.000 вработени, универзитетските клинички центри, универзитетските клиники, клиничките болници и институтите ќе бидат раководени од само еден директор, кој ќе биде одговорен за организацијата и работењето на установата, како и за законитоста на работењето. На овој начин ќе се лоцира и одговорноста и укине дуализмот во одлучувањето. Верувам дека оваа реформа ќе овозможи пренасочување на средствата кон подобрување на здравствените услуги и инфраструктурата, зголемување на транспарентноста и отчетноста во работењето, како и подобрување на условите и квалитетот на здравствените услуги за сите граѓани, објави Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска ќе ја има средба со Адела Моника Аксинте, амбасадорка на Романија во земјава.

Според најавите од собраниската прес-служба, Гаши денеска ќе се сретне и со претставници на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Скопје - Јован Деспотовски денеска поднесе оставка од функцијата директор на ТИРЗ.

-Немав никаков притисок од политичкиот опонент. Имам мандат до декември, но има нова политичка реалност. Ова што кулминираше деновиве, бара мој целосен ангажман, рече Деспотовски на брифинг со новинарите.

Деспотовски на брифингот ги соопшти бројките од сработеното во ТИРЗ за време на неговиот мандат. 

Скопје - Ова се случува кога си обожавател на познатиот актер Ричард Гир, напиша министерот за европски прашања Орхан Муртезани на „Фејсбук“ откако вчера по средбата со евроамбасадорот Дејвид Гир во изјава за медиумите направи гаф и рече дека имал успешна средба со амбасадорот на европската делегација Ричард Гир.

Во изјавата, Муртезани рече дека го уверил евроамбасадорот дека земјата осанува посветена на европската агенда што, како што посочи, се потврдува и со Програмата на Владата. 

– Препораките и сугестиите на нашите стратешки пријатели ги слушаме со големо внимание, а доказ за тоа се брзите конкретни чекори на новата Влада во однос на усвојување на реформската агенда, рече Муртезани.

Скопје - Нема да прифатам никаква функција во СДСМ, но и никој нема да ме замолчи, изјави во интервју за телевизија 24 пратеничката Славјанка Петровска и нагласи дека секогаш гласно ќе зборува за проблемите во СДСМ. Во врска со обвинувањата дека изборниот процес во партијата бил нелегитимен новиот претседател на СДСМ Венко Филипче смета дека е навреда за членовите некој да смета оти некој може да им влијае на тоа како ќе гласаат. Филипче во вечерашната Топ Тема на Телма, ваквите обвинувања ги нарече некоректни и потценување на членовите на СДСМ.

- Нема да прифатам никаква функција. Нема да бидам причина за неуспесите на СДСМ, ама преку какви било обвинувања некој се обиде да ме замолчи и за сметка на тоа да продолжат некои внатрешни игри, што му штетат на СДСМ и кои следната година ќе направат полош резултат, тогаш нема да има цена што ќе може мене да ме замолчи, па дури и да е критика, па дури и да биде побарана оставка од мене како пратеник. Јас немам проблем да сносам одговорност, но ако јас треба да бидам замолчена само затоа што јавно зборувам за прашања што мислам дека не треба да се случуваат во СДСМ, тогаш се потврдува мојата теза за заробена партија, рече Петровска.

Скопје - Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска го објави конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност „Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“. Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Република Северна Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, РСМ е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.

Целта на ревизијата, појаснуваат во соопштението од ДЗР, бил да се даде одговор на прашањето „Дали Владата на Република Северна Македонија ги испланирала, имплементирала и мониторирала мерките и активностите од Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020, на начин кој би можел да придонесе да се спречи одливот на високообразовани кадри?’’

- Спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази овозможија да стекнеме разумно уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата, се наведува во извештајот.

Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на македонски граѓани кои заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7.861 лице. 

Скопје - Во селото Глобочани во општина Пустец во Албанија, вчеравечер е отворено 19-тото издание на фестивалот „Македонско културно лето“. Фестивалот го отвори министерот за култура и туризам Зоран Љутков во музејот посветен на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе.

Како што соопшти Министерството, Љутков во обраќањето истакна дека фестивалот на дело потврдува дека културата и јазикот што го зборуваме се поголеми и позначајни од границите што нè одделуваат.

– Денеска преку уметноста, литературата, музиката и сите други форми на културен израз, ги споделуваме креативноста и талентот на македонските уметници, одржувајќи го континуитетот во развојот и промоцијата на македонската култура меѓу сите жители во овој дел на Преспа. Токму преку културата, преку секоја слика и збор, ги уриваме границите и ги засилуваме врските со нашинците – рече Љутков.

Скопје - Не користете мобилен телефон додека возите. Секој повик може да почека. Покажете грижа за вашата и за безбедноста на другите учесници во сообраќајот, апелираат од РСБСП.

Современото живеење не може да се замисли без користење на мобилен телефон.

- Но, наспроти предностите и функционалноста, неговата употреба додека сте вклучени во сообраќајот на патиштата може да биде причина за несакани ситуации, потенцираат од РСБСП.

Оттаму посочуваат дека користењето на мобилен телефон додека управувате со моторно возило во прв ред го одвлекува вниманието (зборувањето на телефон одвлекува внимание, додека пишувањето пораки на телефон е двојно поопасно затоа што не само што го одвлекува вниманието, туку на момент возачот воопшто не го гледа патот и сообраќајот во кој е вклучен).

Скопје - На програмата на „Скопско лето“ вечер ќе има три настани - претставата за деца „Хајди“ на Театарот за деца и младинци, концерт на Националната опера и балет и фотоизложба во Младинскиот културен центар.

Претставата „Хајди“ ќе биде изведена од 19 часот во Театарот за деца и младинци и е наменета за деца над шест години. Работена е според романот на Јохана Шпири, во режија на Драгана Гунин и драматизација на Драгана Лукан-Николоски. 

Во претставата учествуваат Ангела Димитрова, Петар Стојанов, Наташа Петровиќ, Владимир Лазовски, Ана Левајковиќ-Бошков и Изабела Новотни. Музиката е на Ади Имери, костимограф е Елена Вангеловска, сценограф - Кирил Василев. 

Скопје - Водостоите на поголем дел од реките во земјава се повисоки од просекот за јули, покажуваат податоците од мерењата што ги врши УХМР.

Нивото на Вардар е повисоко од просечното за овој период од годината на речиси сите мерни места. Намалување на водостојот се бележи кај реките Црн Дрим и Сатеска.

Кај водостоите на езерата во земјава нема поголеми отстапувања од просекот за јули.

Според податоците од УХМР, температурата на Охридското Езеро измерена утрово е 23,5 степени Целзиусови, на Дојранското 28,6 и на Преспанското 24 степени. 

Белград – Во Брисел денеска ќе се одржи нова рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина на ниво на главни преговарачи.

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека ќе свика средба на главните преговарачи на двете страни со цел да се разработат конкретни чекори за деблокирање на имплементацијата на Договорот за патот кон нормализирање на односите.

Лајчак на Фејсбук потсети дека тој и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, минатата недела беа домаќини на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, на средба во рамките на дијалогот Белград-Приштина.

Брисел - Европската комисија соопшти дека од денеска повеќе на важи одлуката со која увозот на шеќер и јајца од Украина во ЕУ беше ослободен од давачки и квоти, од причина што увезените количества на овие две стоки ги надминаа нивоата утврдени со Регулативата за трговските повластици за Киев. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со цел да ја поддржи Украина во нејзините напори за справување со руската воена инвазија, Унијата во 2022 година воведе посебни трговски мерки за либерализација на увозот на одредени украински стоки во земјите членки на Унијата. Но, приливот на евтини украински прехранбени производи, пред се во источните земји на блокот - Романија, Полска, Словачка, Унгарија и Бугарија, предизвика реакции, пред се на земјоделците, поради што Унијата мораше да воведе квоти за слободниот увоз на некои стоки. 

Согласно оваа одлука, повторно ќе се воведат тарифи и квоти за украинските јајца, живина, шеќер, овес, пченка, житарки и мед согласно Договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Украина од 2016 година, доколку нивниот увоз го надмине просечниот обем од периодот меѓу 1 јули 2021 и 31 декември 2023 година. 

Брисел – Единствен начин Урсула фон дер Лајен да биде реизбрана за претседателка на Европската комисија во Европарламентот, е коалицијата што застана зад нејзината кандидатура да се договори за поддршка со групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), смета италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани.  

- Несомнено е дека Фон дер Лајен ќе го помине гласањето, но ќе биде принудена да побара поддршка од конзервативците и верувам дека ќе го стори тоа, изјави Тајани во интервју за весникот „Кориере дела Сера“. 

Тајани е лидер на партијата Форца Италија (ФИ), која е дел од Европската народна партија (ЕПП) на Фон дер Лајен. Форца Италија е дел од италијанската владина коалиција предводена од премиерката Џорџа Мелони, која е лидерка на Браќата на Италија (ФДИ), најбројната партија во десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР). 

Москва - Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека нивните ракети „Искендер –М“ уништиле пет украински борбени авиони СУ-27 и оштетило уште два на аеродромот Мирхород, во Полтавската област во Украина.

Министерството објави и видео од нападот, на кое се гледа како чад и оган се креваат од украинскиот аеродром.

„Како резултат на рускиот напад, уништени се пет активни повеќенаменски борбени авиони СУ-27, а два се оштетени“, соопшти Министерството.

Одеса - Службата за безбедност на Украина (СБУ) уапси група руски агенти во Одеса, меѓу кои имало двајца војници и локална жителка, а им се заканува доживотен затвор поради шпионирање на локациите на украинскиот систем за противвоздушна одбрана, соопшти прес-центарот на СБУ.

Во соопштението се наведува дека руски агенти по наредба на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) ги извидувале локациите на системите за противвоздушна одбрана во Одеса, ги фотографирале и ги означиле на мапите на Гугл, објави Укринформ. Се нагласува дека втора задача на руските агенти била прикриеното поставување на безжични магнетни камери на територијата на пристаништето Одеса.

Париз - Лидерката на екстремно десничарската партија Национален собир Марин Ле Пен денеска изјави дека нејзината партија нема да формира влада доколку не добие апсолутно мнозинство.

Партијата на Ле Пен е големиот победник во првиот круг од парламентарните избори што се одржа во неделата во Франција.

„Не можеме да прифатиме влез во владата ако не можеме да дејствуваме“, потврди Марин Ле Пен за француското радио Ентер.

Таа најави и дека нема да биде дел од владата и шеф на Националниот собир, туку дека ќе го води пратеничкиот клуб.

И претседателот на нејзината партија Жордан Бардела пред првиот круг изјави дека нема да влезе во владата без апсолутно мнозинство во Националното собрание.

Атина – Бугарскиот претседател Румен Радев денеска е во посета на Атина за да учествува на конференција на Економист, а планирана е и средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Радев утрово учествуваше на отворањето на „28-та годишна тркалезна маса со грчката Влада“, а во неговиот говор се осврна на војната во Украина, истакнувајќи ја важноста на поддршката за Киев и потребата да се активира дипломатијата и дијалогот.

Бугарскиот претседател нагласи дека треба да биде јасно дека „НАТО не би требало да се вклучи во оваа војна, особено со трупи на терен“, бидејќи како што посочи „директен судир меѓу НАТО и Русија би можело да доведе до глобален судир со нуклеарно оружје“, нешто што според него е „сценарио што не е во корист на Европа и на Украина“.

Њујорк - Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција предложена од Кина, поддржана од САД, со која се повикуваат богатите развиени земји да го премостат се поголемиот јаз со сиромашните земји во развој и да обезбедат да имаат еднакви можности да користат вештачка интелигенција.

Резолуцијата беше усвоена вчера по усвојувањето на првата резолуција на ОН за вештачка интелигенција на 21 март, предложена од САД. Усвојувањето на двете необврзувачки резолуции покажува дека САД и Кина, ривали на многу полиња, се решени да бидат клучни играчи во обликувањето на иднината на вештачката интелигенција и да соработуваат во првите големи меѓународни чекори на ова поле.

Техеран - Двајцата преостанати кандидати во трката за претседател на Иран вчера се обвинија меѓусебно дека немаат решение за проблемите на Исламската Република.

Меѓусебните обвинувања беа упатени за време на телевизиската дебата што траеше повеќе од два часа и се одржа пред вториот круг од претседателските избори во Иран во петок. Изборите се закажаа откако претседателот Ебрахим Раиси загина минатиот месец во хеликоптерска несреќа.

Реформистичкиот кандидат Масуд Пезешкијан и тврдокорниот Саид Џалили се впуштија во остра вербална пресметка.

Џалили го обвини Пезешкијан дека нема план за управување со земјата и рече дека евентуалното владеење на Пезешкијан ќе го стави Иран во неповолна положба.

Остани поврзан