• вторник, 02 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 1 јули 2024

Куманово - Зголемен е временскиот период на чекање на ГП Табановце и за влез и излез, поради прогласеното црвено ниво на безбедносен ризик од тероризам во соседна Србија, соопштија денеска од МВР.

И податоците за влез и излез покажуваат дека се чека на преминот. Незначителен број патници за овој период од годината во ек на летна сезона и годишни одмори, поминале низ преминот.

- Денеска во периодот од полноќ до 10.00 часот на ГП Табановце, влез оствариле 416 државјани, а излез 544 македонски државјани. Влез оствариле 3.611 странски државјани, а излез 942 државјани.Граничните полиции на двете држави се во постојана комуникација, со цел овозможување брз и непречен проток на патници и возила, но и соодветна контрола поради новонастаната состојба, велат од МВР.

Охрид – Меѓународната уметничка колонија „Дебрца“ ја надополна својата богата збирка, со триесетина нови уметники дела создадени во рамки на годинешното 39-то издание.

Оваа година на Колонијата учествуваа  11 ликовни уметници од земјава, како и претставници на уметничките школи на Монголија, Србија и Црна Гора.

„Интернационалната уметничка колонија ‘Дебрца’ располага со најбогат фонд уметнички дела во земјава, над 700 ликовни дела од врвни уметници од Македонија и светот што претставува, непроценлив македонски придонес кон  светското културно наследство. Кон нив, во пресрет на четиридеценискиот јубилеј – догодина,  придодадени се уште триесетина, изработени оваа година“, вели Мартина целеска, претседателката на Здружението „Ликовна колонија – Дебрца”. 

Охрид – Отворениот градски базен „Атина Бојаџи“ во Охрид од денеска е отворен за користење, како за пливачките школи, така и за забава и рекреација.

Рекреативците ќе можат да ги користат услугите во периодот од 13 до 19 часот за големиот базен и од 13 до 17:30 часот за малиот базен.

-Утринските и дел од попладневните часови во големиот и малиот базен се резервирани за пливачките школи. Дневниот билет за рекреативно користење, согласно правилникот за цени на претпријатието, е сто денари, информираат од ЈП „Билјанини Извори“.

Кавадарци - Општина Кавадарци ги повика земјоделците да пријават штети од град, предизвикани при невремето што го зафати подрачјето на кавадаречко на 27 јуни оваа година.  

Преку јавниот повик објавен од кавадаречката локална самоуправа денеска, се повикуваат сите земјоделци погодени од природната елементарна непогода, да се пријават во просториите на Општината. 

Пријавувањето на штетите ќе трае од трети до десетти јули, во Граѓански услужен центар.

- Покрај барањето, пријавите да бидат дополнети со фотокопија од лична карта, трансакциска сметка и доказ за сопственост на имот,  имотен лист или договор за закуп, пишува во јавниот повик.

Свети Николе - Надминат е проблемот со водата за наводнување во атарите на општините Свети Николе и Лозово. Земјоделците од селата Црнилиште во Општина Свети Николе и Милино во Општина Лозово велат дека вода имаат во каналот за наводнување од Хидросистемот „Брегалница“, а според нив водата пристигнува во вистински момент за лозовите насади, а очекуваат помали приноси на пченката.

Бранко Вучевски од селото Сарамзалино вели дека вода има во каналот, но тешко пристигнува, бидејќи не е исчистен од треви и ѓубре. Забележува дека денеска на терен е механизација на Водостопанство „Брегалница“ за да се чисти каналот.

Гевгелија - Во рамки на „Гевгелиско културно лето 2024“ изминатите два дена имаше проекција на филмови под отворено небо од Европското патувачко кино.

Како што соопштија од Општината, биле прикажани краткиот филм „Кутии“ во режија на Ангела Димеска, музичкиот документарен филм „Ефтеркланд: Македониум бенд“, „Паднати Лисја“ во режија на Аки Каурисмаки и „Имиња“ во режија на Јане Спасиќ. Европското патувачко кино беше збогатено и со концерт на бендот „Дактили“ од Струмица, како и разговор со филмскиот критичар Златко Ѓелески и Ана Алексовска, продуцентка и режисерка.

Повеќе од прикажаните филмови се добитници на престижни филмски награди ширум светот и се израз на европската креативност и разноликост .

Инаку, „Гевгелиско културно лето 2024“ продолжува со голем број интересни и разновидни содржини во организација на Домот на културата „Македонија“- Гевгелија. Задутре на програмата е кoнцертот на Школата за гитара, под менторство на Костадин Динев.

Радовиш - Со 8.000 и до 6.000 денари Општина Радовиш ќе субенционира полагање возачки испит од „Б“ категорија и купување нов велосипед, објави локалната самоуправа на официјалната веб страница.

Според објавеното, на барателот што ги исполнува критериумите на овој јавен повик ќе му се надоместат дел од трошоците направени за полагањето на возачки испит при стекнување на возачка дозвола од „Б“ категорија во висина од 8.000 денари.

Средствата по барањето ќе се исплатат по доставување на доказ за положен возачки испит-добиена возачка дозвола од „Б“ категорија до комисијата во Општина Радовиш. Доколку барателот не го положи возачкиот испит во тековната година по поднесеното барање најдоцна до 1 декември и не поднесе доказ за положен возачки испит најдоцна до 1 декември во тековната година, го губи правото на субвенционирање и предвидените средства нема да му бидат исплатени.

Право на користење на финансиски средства имаат редовни и вонредни ученици во трета или четврта година во СОУ „Коста Сусинов“- Радовиш и невработени млади лица до 26 годишна возраст кои ќе поднесат барање со потребната документација од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на завршување на повикот.

Струга - Денеска почна пријавувањето за учество на третото издание на Спортскиот фестивал Илинден што на 2 август ќе се одржи во Струга, во организација на спортско-рекреативниот клуб „Соларис“, информира претседателот Коста Хиохи.

Натпреварувачите, според него, може да се пријават во две од четирите натпреварувачки дисциплини: пливање, кајак, суп и такла.

- Пријавувањето ќе се врши до 20 јули или до поплнување на бројот по натпреварувачка дисцилина. Согласно овогодинашните правила тоа може да го направите во две од четирите натпреварувачки дисциплини: пливање, кајак, суп и такла. Апликацијата за пријавување е објавена на официјалната фејсбук страна на Фестивалот, изјави Хиохи.

Ревијалниот дел, додаде, е традиционално резервиран за Ватерполо турнирот, кој и годинава ќе биде организиран во соработка со Ватерполо репрезентацијата на Македонија.

- Ги покануваме сите намерници, туристи, спортисти и рекреативци да дојдат на 2 август, на десниот брег после Чаршискиот мост, да го прославиме овој голем празник на еден поинаков начин, рече Хиохи.

Право на учество на спортскиот фестивал „Илинден“ имаат сите заинтересирани граѓани со претходна пријава.

Куманово - Продолжува реконструкцијата на спортската сала во Куманово, информираа денеска од општината. Партерно се уредува спортстката сала во Куманово, како и трибините во овој спортски објект соопштија денеска надежните.

Предвидено е да се работи на борилиштето, боксерската сала е завршена, ќе следува реконструкција на санитариите одводот, водовод, санитарни јазли. Проблемите со кровната конструкција се надминати, се работи на осветлување и целосна замена на електриката во салата.

- Согласно проектната документација целосната реконструкција на спортската сала според проектот којшто е направен пред некаде четири години изнесува 6, 5 милиони евра. Се надевам дека освен греење и ладење, успеваме со квалитетен избор на изведувачи по пат на јавни набавки нема да потрошиме ниту два милиони евра, потоа ќе бараме дополнително да се реши затоплувањето и ладењето, изјави кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Спортската сала во Куманово веќе извесен период етапно се реконструира. Изминативе години почна делумна реконструкцијата на трибините, следуваше реконструкција на салата наменета за бокс, претходно се санираше кровната конструкција. Спортската сала е еден од четирите големи спортски објекти, Соколана, градски стадион и стрелиште кои Владата ѝ ги врати во владение на општина Куманово, откако претходно со нив менаџираа приватни стопанственици.

 

Остани поврзан