• понеделник, 01 јули 2024
МИА Радио флеш

1 јули 2024

-Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека зголемениот временски период на чекање на ГП Табановце, за влез и излез од територијата на Република Северна Македонија е поради прогласеното црвено ниво на безбедносен ризик од тероризам во Република Србија. Како што стои во соопштението, граничните полиции на двете држави се во постојана комуникација со цел овозможување брз и непречен проток на патници и возила, но и соодветна контрола поради новонастаната состојба. Авто - мото сојузот на Македонија (АМСМ) утрово информира дека по половина час се чека на граничните премини „Табановце“ за влез во земјава и на „Богородица“ за излез кон Грција.

-Елена Петрова денеска формално ја презеде функцијата директор на Управата за јавни приходи од заменик-директорот Мевљудин Синани. -Елена Петрова е професионалец со долгогодишно работно искуство во УЈП, која во моментот на назначувањето беше Раководител на Секторот за наплата и управување со долгови, соопштија денеска од УЈП. Директорката Елена Петрова изјавила дека нејзина долгорочна и стратешка агенда е трансформацијата на УЈП, создавање „нов лик” на УЈП, „нов амбиент” и за даночните обврзници, за даночните службеници и за соработниците на даночната администрација.

-Бобан Николовски денеска ја презел функцијата директор на Царинска управа од својот претходник Стефан Богоев, кој на оваа позиција беше од јуни минатата година. - Спроведување реформски мерки и политики за постигнување висок и одржлив економски раст, борба со криминалот и сузбивање на корупцијата и сивата економија, предвидливо даночно и регулаторно опкружување и намалување на парафискалните давачки за компаниите како и целосна дигитализација и СМАРТ Царина како дел од владините приоритети за смарт Македонија, се само дел од нашите цели, порачал Николовски, се наведува во соопштението од Царинската управа.

-Северна Македонија, како и останатите земји од Западен Балкан, се соочува со сѐ поголеми предизвици од природни опасности што влијаат на животите, го попречуваат растот и ги оптоваруваат јавните финансии. За да се подготви за овие закани поврзани со климатските промени и да продолжи со пристапувањето во Европската унија, земјата треба да преземе низа реформи, се вели во новиот извештај на Светска банка насловен „Преглед за климатски јавни финансии на Северна Македонија“. - Според Прегледот за климатски јавни финансии на Северна Македонија подготвен од Светска банка, во изминатите 50 години, Северна Македонија забележа значителен пораст на бројот на поплави, екстремни топлотни бранови, пожари и обилни врнежи. Само во последните две децении, земјата се соочи со 12 катастрофи поврзани со климатските промени кои погодија 1,3 милиони луѓе. Со раст на глобалното затоплување, се очекува ситуацијата да се влоши во наредните години, се вели во денешното соопштение од Светска банка.

-Повеќе недостатоци и системски слабости констатирал Државниот завод за ревизија во Општина Росоман. ДРЗ укажува дека не била утврдена старосна структура за побарувањата по основ на данок на имот од физички и правни лица и комунална такса за назив на деловна просторија, законската можност за нивна наплата, како и дека не се преземаат активности за присилна наплата и не се пресметува и наплатува камата за данокот кој не е платен во пропишаниот рок. 

-Македонските граѓани поддржуваат членство во ЕУ но не по цена на внесување на Бугарите во Уставот, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања, Скопје. Според него, доколку утре има референдум 60,2 отсто од граѓаните ќе гласаат за членство во ЕУ додека 28,7 отсто  би гласале против. Интересно е што анкетата оваа година покажува најголем број на граѓани кои би гласале против. Ова прашање го поставуваме веќе четврти пат во последните пет години. Ако во 2019 против биле само 17,3 отсто, денеска таа бројка порасна до 28,7 отсто.

-Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека црногорската полиција извршила разговор со сопругата на мажот кој во саботата рани жандарм пред израелската амбасада во Белград, а телефонот и е одземен и ќе биде испратен на вештачење во Србија. Дачиќ во изјава за белградски медиуми нагласи дека нејзиното сведочење потврдило дека се работи за терористички чин, пренесе Бета. „Таа вели дека... добила видео порака. Нејзиниот сопруг бил во јавен превоз и рекол дека автобусот го носи во рај. Спомнал Израелци кои убиваат муслимани“, рече Дачиќ. Припадникот на Жандармеријата М.Ј. во саботата беше застрелан со самострел во вратот пред израелската амбасада во Белград. Тој пукал во напаѓачот, кој починал од здобиените рани.

- Локализирани се двата големи пожари во источниот и северниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, што беа активни вчера, а противпожарни сили од копно и воздух превентивно патролираа и рано утрово за да се спречи евентуално разгорување, јави дописничката на МИА од Атина. Пожарите предизвикаа материјална штета што дополнително ќе се проценува, а според првичните информации изгорени се куќи во местата зафатени од огнените јазици, иако не станува збор за густонаселени. Едниот пожар беше во областа Кератеа во источниот дел на Атика, другиот во Стамата во северниот дел, а и во двата случаи, до жителите беа испратени пораки од бројот 112 за итни случаи за евакуација.

-Познатиот албански писател Исмаил Кадаре почина денеска во болница во Тирана од срцев удар на 88-годишна возраст, јавија албанските медиуми. Кадаре е роден во Ѓирокастро, на 28 јануари 1936 година. Бил академик, политичар, поранешен пратеник на Народното собрание (1970-'82), потпретседател на Демократскиот фронт и еден од најголемите современи писатели. Пишуваше главно по проза, но неговиот придонес се прошири и на драматургијата, поезијата и преводите. 

-Италијанската царина денеска соопшти дека запленила повеќе од шест тони хемиска дрога „прекурсори“ од Кина во вредност од 630 милиони евра (678 милиони долари). Италијански претприемач од Милано е ставен под истрага, а двајца кинески државјани се уапсени во Холандија како дел од истрагата спроведена со европската агенција за судска соработка Евроџаст, соопшти италијанската царина. 

-Почина маж, кој вчера со нож нападна тројца полицајци во град во близина на Нирнберг, во Германија, откако беше застрелан од полицијата на железничка станица во градот, изјави портпаролот на полицијата. -Тој починал на самото место на нападот, во јужниот град Лауф ан дер Пегниц, и покрај итните мерки за прва помош, изјави портпаролот. Според полицијата, напаѓачот најпрвин нападнал полициска патрола. Кога полицајците излегле од возилото, тој тргнал кон нив со оружјето. -Во нападот вклучен беше и нож, рече портпаролот.

-Русија денеска го презеде едномесечното претседавање со Советот за безбедност на Обединетите нации. Постојаниот претставник на Русија во ОН Василиј Небензја претходно изјави дека за овој месец се планирани три клучни настани. Првата седница на Советот за безбедност под раководство на Русија ќе се одржи денеска во првата половина од денот по њујоршко време, а на неа ќе биде одобрена и работната програма за наредниот месец.

-Светската банка објави дека нејзиниот Одбор на гувернери одобрил финансирање од 600 милиони долари за поддршка на напорите на Турција да го заштити своето население во борбата против поплавите и сушите кои стануваат се почести и интензивни поради климатските промени. Проектот за справување со управување со поплави и суша во Турција ќе помогне да се зголеми контролата на опасностите од поплави за луѓето кои живеат во области подложни на поплави, се вели во соопштението на банката.

-Речиси половина од жителите на Швајцарија имаат негативно мислење за одржувањето на „Евровизија“ вгодина, покажува анкетата објавена во весникот „Блик“ (Blick). Испитувањето опфатило околу 25.000 луѓе. Од нив, 49 отсто се јасно или донекаде против одржувањето на музичкиот натпревар, додека 46 отсто се јасно или донекаде за. Околу пет насто сѐ уште немаат став. Според „Блик“, ова можеби има врска и со тоа што Немо се идентификува како небинарно лице и ги претпочита заменките „they / them" во англискиот јазик. Но, Швајцарија секако ќе биде домаќин на музичкиот настан во 2025 година, благодарение на пејачот кој ја освои главната награда на овогодишниот натпревар во Малме, Шведска, со песната „The Code“ за родовите идентитети и нивната променливост.

-Неименуван функционер на палестинското Министерство за здравство во Појасот Газа потврди дека Израел денеска ослободил 55 Палестинци од заробеништво, меѓу кои и Мохамед Абу Селмија, директор на главната болница Ал-Шифа во Газа, јавија американските медиуми. Абу Селмија беше уапсен во ноември 2023 година кога израелските сили извршија рација во болницата Ал-Шифа. Во видео изјава емитувана на палестинските медиуми по неговото ослободување, Абу Селмија ги обвини израелските власти дека ги подложуваат палестинските затвореници на „секојдневно физичко и психичко понижување“. Израел, меѓутоа, веднаш ги отфрли таквите обвинувања.

 

Остани поврзан