• петок, 28 јуни 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

28 јуни 2024

Скопје – Министерството за дигитална трансформација во наредниот период ќе дигитализира 20 нови услуги што им се потребни на граѓаните и компаниите, a кои ќе бидат достапни на порталот uslugi.gov.mk во првите 100 дена од работата на новата Влада. Од нив 10 ќе бидат за бизнисите, а 10 за граѓаните.

Како што најави ресорниот министер Стефан Андоновски на денешната средба со новинарите, ќе следи и редизајн и надградба на порталот за лесна и брза употреба.

- Кажуваме збогум на чекањето во редици, преполни шалтери или вртење на погрешни телефонски броеви. Дополнителните електронски услуги ќе овозможат многу лесно и едноставно  да се завршат сите административни обврски од домот, канцеларијата или во движење. Во наредниот четиригодишен мандат се надевам дека ќе обезбедиме тоа да се прави преку мобилните уреди, рече Андоновски.  

Порача дека во минатото ќе остане концептот на „многу глави, многу функции и многу преклопувања“ и додаде дека на врвот на обврските на Министерството и приоритетна инвестиција ќе биде сајбер безбедноста зашто е основата на која се гради доверба во системите и ја штити приватноста на граѓаните.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствари средба со директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) Kристина Николовска. Сиљановска-Давкова, како што информираат од Кабинетот,  посочила дека имињата на предавачите и слушателите на претстојната 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, се од голем придонес за македонската наука.

На средбата, Сиљановска Давкова била информирана за подготвителните активности на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, што ќе се одржи под нејзино покровителство.

-Претседателката Сиљановска Давкова, посочувајќи го значењето на оваа престижна манифестација, како и реномето на Летната школа, истакна дека со актуелностa, имињата на предавачите, како и слушателите коишто присуствуваат дава голем придонес за македонската наука и култура, соопштија од претседателскиот Кабинет.

Скопје - Членството на нашата земја во Европската унија е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на регионот и на Европа во целина, со очекување дека земјава ќе продолжи посветено да ги реализира зацртаните реформи во овој контекст. Ова е констатирано на денешната срдба меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри.

Како што информираат од МНР, на средбата биле поздравени традиционално блиските пријателски и партнерски односи што во изминатите три децении успешно се развиваат, а била искажана и натамошна посветеност за интензивирање на билатералната соработка и меѓусебниот политички дијалог.  

- Министерот Муцунски упати голема благодарност за силната поддршка од Италија за што поскоро заокружување на европската интеграција на земјава, како и поддршката за реформските процеси, соопштуваат од МНР.

Дебар – Според резултатите од пописот што денеска ги објави албанскиот институт за статистика ИНСТАТ, во оваа земја живеат 2.281 Македонец.

Во прегледот ја пишува припадноста за сите етнички заедници, освен за Македонците. Кај нив стои Северна Македонија.

Гледано одделно од вкупната бројка Македонци 1.136 се од машки, додека 1145 од женски пол.

Според резултатите од пописот, 7957 се попишани како Бугари. Првпат се случува на попис во Албанија да се попишат лица од оваа националност. Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин.

Од вкупно попишаните 2.402.113 жители, 2.186.917 се Албанци, 23.485 Грци, 12.375 Египќаните, 9.813 Роми, 2.963 Бошњаци, 2.459 Власи, 584 Србија, 511 Црногорци. Останатите се на друга етничка група или одбиле да се изјаснат.

Брисел – Експерти задолжени за проверка на регуларноста на изборите за членови на Европскиот, Федералниот и регионалните парламенти во Белгија, што се одржаа на 9 јуни, проценија дека како резултат на „човечка грешка“ на некои млади на возраст од 16 и 17 години им било овозможено покрај на европските, да гласаат и на федералните и регионалните избори. 

На овие избори за членови на Европскиот парламент во Белгија, старосната граница за стекнување на право на глас беше намалена од 18 на 16 години. Но, експертите утврдиле дека на дел од гласачите на возраст од 16 и 17 години им биле издадени „погрешни“ електронски картички, што им овозможило да гласаат и за избор на федерални и регионални пратеници, иако имаа право на глас само на европските избори.  

Киев - Украинскиот премиер Денис Шмигал денеска изјави дека воените обврски наведени во 20 безбедносни договори што Киев ги потпиша со своите партнери изнесуваат 60 милијарди долари годишно во следните четири години.

„Според овие договори, во следните четири години нашите партнери планираат да и обезбедат на Украина вкупна воена поддршка вредна 60 милијарди долари годишно“, рече Денис Шмигал на владиниот состанок.

Варшава – Полска речиси сигурно ќе потпише билатерален договор за безбедност со Украина пред самитот на НАТО во Вашингтон во јули, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.

Пред самитот на НАТО во Вашингтон, кој започнува на 9 јули, Туск во Варшава ќе разговара со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

„Морам да одредам заедно со министерот за одбрана како можеме да продолжиме да и помагаме на Украина, но не можеме истовремено да ги ослабиме одбранбените капацитети на Полска“, изјави Туск за новинарите.

Тој рече дека има 99 отсто шанси да потпише договор за безбедност со Зеленски пред самитот на НАТО. Додаде дека договорот е практично „завршен“ и дека треба да се разјаснат само уште неколку детали и формулации.

Хелсинки - Финска денеска го објави својот 24-ти пакет воена помош за Украина, кој се состои од одбранбен материјал во вредност од околу 159 милиони евра (170 милиони долари).

Вкупниот износ на воена помош што Финска и ја дава на Украина сега изнесува 2,2 милијарди евра (2,3 милијарди долари), објави финското Министерство за одбрана.

Според Институтот за светска економија Кил (IfV Kiel), кој ја следи меѓународната помош за Украина, Финска обезбедила и 239 милиони евра (255 милиони американски долари) хуманитарна и финансиска поддршка до крајот на април 2024 година.

Aнкара - Турција ги зголемува тарифите за електрична енергија за 38 отсто од 1 јули, објави турската телевизија НТВ, повикувајќи се на одлуката на Турскиот регулатор за енергетика.

Со ова зголемување, сумата што ќе треба да се плати за потрошувачка од 100 kWh електрична енергија за домаќинствата станува 207,23 турски лири (5,9 евра).

Регулаторот за енергетика во своето соопштение поскапувањето на струјата го припишува на растот на трошоците за производство на енергија.

Њујорк - Активистите кои се борат против климатските промени денеска во Њујорк планираат протест против инвестициската банка „Ситигруп“, како дел од нивната кампања „Лето на горештините“.

„Лето на горештините“ е насочено кон брокери од Волстрит во кампањата против фосилните горива.

Се очекува повеќе од 1.000 климатски активисти да учествуваат на протестот, кој ќе заврши со „акција на масовна граѓанска непослушност“ во канцелариите на Ситигруп, се вели во соопштението на групата што ги организира протестите.

Ерусалим - Висок претставник на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) Васел Абу Јусеф ја осуди денеска изјавата на израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич во која тој се залага за изградба на нови еврејски населби на окупираниот Западен Брег.

Јусеф, член на Извршниот комитет на ПЛО, оцени дека целта на ваквите изјави е продолжување на „геноцидот“ врз Палестинците.

Смотрич, исто така, вчера рече дека израелската Влада ќе преземе казнени мерки против палестинската управа како одговор на меѓународните потези на палестинските власти против Израел.

Тбилиси– Основачот на грузиската владејачка партија, милијардерот и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, најави дека ќе донира 10,7 милиони долари за националниот фудбалски тим како награда за победата над Португалија и пласманот во осминафиналето на ЕВРО2024.
Во соопштението за печатот, неговата грузиска партија соопшти дека Иванишвили му честитал на националниот тим и ветил пари од неговиот хуманитарен фонд како признание за, како што рече, „победа од соништата“.
Иванишвили, чие богатство се проценува на 4,9 милијарди долари, вети дополнителни 10.7 милиони долари доколку Грузија ја победи Шпанија во осминафиналето.

Остани поврзан