• петок, 28 јуни 2024
МИА Радио флеш

28 јуни 2024

 

- Владата денеска на првата седница ќе ја разгледува информацијата за повисоки пензии. Станува збор за проект, ветен од новата власт пред изборите, со кој повеќе од 300 илјади пензионери треба да добијат повисоки пензии од септември. Конструкцијата на проектот за зголемување на пензиите е финализирана на вчерашната средба на премиерот Христијан Мицкоски со министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска и со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани. Мицкоски на Фејсбук објави дека станува збор за реализација на изборно ветување кон пензионерите. На седницата, како што соопшти владината прес-служба, ќе се дискутира и за именувања на раководни кадри во неколку државни институции.

 

- Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска ќе ја посети командата на НАТО корпусот за брзо распоредување со седиште во Солун. За време на престојот, Ѓурчиновски ќе оствари средба со командантот на НАТО корпусот, генерал-потполковник Атанасиос Гаринис, по што делегацијата ќе има работен состанок со клучниот штабен персонал на НАТО корпусот. На состанокот меѓу генералите Ѓурчиновски и Гаринис, како што е најавено, ќе се разговара за досегашната воена соработка и можностите и облиците за понатамошни заеднички активности со НАТО корпусот.

 

- Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство од Скопје и Здружението за помош и поддршка на пациенти со гинеколошки заболувања Фемина М I Femina M , во рамки на одбележувањето на месецот за подигнување на свеста за ендометријален карцином (рак на ендометриум на матката), денеска на прес - конференција ќе ја промовираат првата европска брошура за ендометријален карцином. Брошурата е наменета за жени со ендометријален карцином, базирана на најновите научни сознанија и добрата клиничка пракса. Изработена е од страна на Европската мрежа на претставници на пациенти со гинеколошки малигни заболувања ESGO ENGAGE Homepage - ENGAGeO ENGAGeO ENGAGeO (esgo.org), преведена на македонски јазик и ревидирана од страна на проф. д-р Игор Алулоски. Брошурата во печатена форма ќе биде достапна од 1 јули годинава за пациентите на ЈЗУ УК за Гинекологија и акушерство и на ЈЗУ УК за Радиотерапија и Онкологија во Скопје.

 

 - Центарот за управување со кризи утринава информира дека се уште пристигнуваат пријави за оштетени автомобили и поплавени објекти од синоќешното невреме.  На Единствениот број за итни случаи 112 во 03:22 часот е добиена пријава за паднато дрво врз три возила и на коловоз на улицата „Разловечко востание“ бр.16  во општина Карпош, а утринава во 06:09 часот е добиена уште една пријава за оштетен автомобил на истата улица бр. 12. Од Регионалниот ЦУК Скопје е информирано за интервенција до надлежните служби. Добиена е и пријава за причинета материјална штета во погонот на  компанијата „Ла пласт“. 

 

- Прославата на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје вечер ќе биде затворена со улично дефиле и претстава, насловени „Сонот на Ерберт“. Претставата е во изведбата на француската театарска трупа „Кидам“ (La Compagnie des Quidams), која има од 100 до 150 настапи годишно низ целиот свет. Настанот што го организираат Францускиот институт и фестивалот „Скопско лето“ ќе започне во 21:00 часот, од пред Музејот на град Скопје. Дефилето потоа ќе помине низ улица „Македонија“, преку Камениот мост до плоштадот „Карпошово востание“, каде што ќе се одржи финалето на претставата.

 

 – Задоволство ми е да објавам дека Европскиот совет донесе одлука поранешниот португалски премиер Антонио Кошта да биде избран за нов претседател на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен да биде предложена за претседателка на Европската комисија и во следниот мандат, а естонската премиерка Каја Калас да биде кандидат за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, изјави актуелниот претседател на Европскиот совет Шарл Мишел.  - Мисијата е завршена. Европскиот совет испорача. Имавме важна тема што требаше да ја завршиме и ние го направивме тоа, нагласи Мишел на прес-конференција по завршување на Самитот на ЕУ. Според него, Европскиот совет ја манифестирал својата одговорност со тоа што ја донесе ваквата важна, есенцијална и тешка одлука и успеа да го заврши Самитот во еден ден, минувајќи ги сите точки од дневниот ред, иако беше планирано тој да трае два дена.  - Со номинациите е испратен моќен сигнал, моќен европски демократски сигнал, бидејќи ги земавме предвид изборните резултатите, порача Мишел. 

 

 – ЕУ мора да ја заврши својата домашна задача во процесот на внатрешни реформи, но исто така бара и од оние земји што сакаат да и се придружат да го спроведат нивниот дел во реформите за да постигнат напредок на полето на проширувањето, изјави претседателот на Европскиот совет.  Ова како што посочи претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел е дел од Стратешката агенда на блокот за периодот 2024-2029 година, која заедно со одлуката за носителите на врвните позиции на ЕУ, е усвоена од страна лидерите на земјите членки на Унијата на вчерашниот Самит на блокот.  - Одговорност на Европскиот совет е да ја утврди ориентацијата на ЕУ за следните пет години. Овој стратешки документ почнавме да го подготвуваме пред многу месеци, уште на Самитот во Гренада за време на шпанското претседателство, а сега решивме да го завршиме овој процес, истакна Мишел на заедничка прес-конференција  со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и белгискиот премиер и претседавач со Унијата, Александер де Кро по завршувањето на Самитот на ЕУ. 

 

 - Украинската армија соопшти дека нејзините сили ги избркале руските војници од областа во градот Часив Јар на источниот фронт, додека московските сили јавуваат за уништување на комуникациска кула и напредок. Часив Јар се наоѓа на висина на околу 20 километри западно од Бахмут, град кој го зазедоа руските сили пред една година, а двете страни го гледаат како потенцијална почетна точка за рускиот напредок во клучните градови во источниот регион Доњецк, вклучувајќи ги Краматорск и Славјанск. Портпаролот на армијата Назар Волошин изјави дека украинските бранители ги потиснале руските сили од областа Канал во Часив Јар. „Непријателската војска ја нема“, рече тој. Волошин додаде дека руските војници ги гранатирале украинските сили повеќе од 200 пати во изминатите 24 часа, главно на јужните приоди кон градот.

 

- Францускиот премиер Габриел Атал за време на дебатата го обвини својот главен противник на претстојните парламентарни избори Жордан Бардела дека толерира расистички говор во редовите на неговата крајнодесничарска партија Национален собир (РН). Дебатата меѓу Атал, Бардела и лидерот на социјалистите Оливие Фор беше последната директна дискусија меѓу лидерите на трите спротивставени движења за иднината на Франција пред да се отворат избирачките места за првиот круг гласање во недела. „Не можете да изградите мир и единство кога претставувате повеќе од стотина кандидати кои се обвинети за расистички изјави“, рече Атал Бардела. Бардела, чија партија води на анкетите и првпат може да стане доминантна политичка сила во земјата, ги отфрли обвинувањата, извикувајќи дека Атал лаже.

 

-Судот во Кенија вчера ја одобри одлуката за испраќање војска за поддршка на полицијата, додека продолжуваат протестите против контроверзното зголемување на даноците што владата вети дека ќе го повлече. Додека вчера можеа да се видат оклопни воени возила во Најроби, судот во вечерните часови одлучи дека распоредувањето на армијата одобрено од парламентот е легално со оглед на избувнувањето на насилството за време на протестите кои полицијата не успеа да ги стави под контрола. Судот ја одби жалбата на здружението на адвокати. Сепак, судијата Лоренс Мугамби предупреди на „опасен тренд“ што може да доведе до милитаризација на земјата. Тој рече и дека распоредувањето на војската може да го заплаши населението.Затоа, тој побара од владата во рок од два дена прецизни информации за обемот и времетраењето на акцијата.

 

 - Боливискиот левичарски претседател Луис Арсе синоќа ги отфрли обвинувањата дека бил во спрега со војската во спречениот обид за државен удар, јави ДПА. „Пучистите дејствуваа сами“, рече Арсе, на неговата прва прес-конференција по обидот за пуч. -Јас не сум политичар кој сака да стекне популарност преку крвта на народот, рече Арсе. Боливиската војска пред два дена со оклопни возила го зазеде плоштадот пред владината палата во Ла Паз и се обиде да ги пробие неговите врати, потсетува германската агенција. Потоа следеше жестока вербална размена во ходниците на зградата помеѓу водачот на пучот, генералот Хуан Хозе Зунига, кој беше опколен од тешко вооружени војници, и Арсе. На крајот, Арсе ги уапси пучистите, назначи нови воени лидери и нареди повлекување на војниците од околината на владината палата.

 

-Земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала го погоди јужниот брег на Перу во 5:36 часот по средноевропско време, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC). Епицентарот на земјотресот е регистриран на 30 километри југо-југозападно од Атикуипа, а  бил на длабочина од 60 километри. Засега нема информации за штети и повредени, иако локалните власти издадоа предупредување за цунами, пренесува breakingthenews.net.

 

 – По завршувањето на првата, најавена како историска, дебата меѓу двајцата претседателски кандидати за изборите во САД, актуелниот претседател, демократот, Џо Бајден и неговиот противкандидат, републиканецот, Доналд Трамп, домаќинот на настанот телевизијата Си-Ен-Ен, спроведе анкета која покажа дека подобар настап имал поранешниот американски претседател. Според Си-Ен-Ен, регистрираните гласачи кои ја гледаа рано утринската дебата меѓу Бајден и Трамп предност му дадоа на противкандидатот Трамп за кого се определија 67 отсто, наспроти  33 отсто за Бајден. Пред самата дебата, истите гласачи, исто така, очекуваа подобар настап на Трамп, но соодност беше  55 наспроти 45 отсто.

 

- Американската потпретседателка, Камала Харис, по синоќешната прва дебата меѓу претседателските кандидати Џо Бајден и Доналд Трамп, изјави за Си-Ен-Ен дека Американците треба да се фокусираат на она што го постигна претседателот Џо Бајден за земјата во неговиот мандат, а не на неговиот ноќешен настап. - Зборувам за три и пол години работа кои беа исклучително важни, историски, изјави Харис за Си-Ен-Ен. “Дали претседателот што го видовме вечерва е на таа сцена, дали е таков секој ден?“, ја праша водителот. Харис изјави дека Бајден е личност со која соработува секој ден, дека тој е некој кој работи на начин да ги доведе луѓето во Овалната соба - републиканците и демократите - без разлика на нивната политичка припадност и дека успева да ги доведе до компромис.

 

- Во Иран денеска се отворени избирачките места за претседателските избори, соопшти министерот за внатрешни работи на земјата Ахмад Вахиди. Британскитре меидуми јавуваат дека претходно врховниот ирански лидер, ајатолахот Али Хамнеи, ги повика гласачите да излезат на гласање во што поголем број бидејќи тоа е неопходно за да се „победи непријателот“. -Било кој, кој е дури и малку против револуцијата... или исламскиот систем, не ви е од корист, рече Хамнеи. Овие вонредни претседателски избори се организираат бидејќи иранскиот претседател Ебрахим Раиси загина минатиот месец во хеликоптерска несреќа, заедно со шефот на дипломатијата.

Остани поврзан