• сабота, 06 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

28 јуни 2024

Скопје - Државниот завод за ревизија ги објави ревизорските извештаи за Министерството за транспорт и врски. 

Како клучни утврдени состојби се посочува дека во финансиските извештаи за нематеријални средства се евидентирани идејни решенија и физибилити студија за кои не е обезбедена документација, а во рамки на материјалните средства во подготовка евидентирани се градежни објекти кои завршени минатите години и кои 
со години се во употреба, без да се изврши нивно примопредавање на општините.

- Кај пописот на нематеријалните средства и дел од материјалните средства – градежни објекти не е направено усогласување на сметководствената состојба со фактичката состојба утврдена со пописот, се посочува во извештајот.

Како системски слабости се посочува дека со одлука на Владата во август 2018 година за пренос на акции, МТВ станува сопственик на операторот на електро-преносниот систем (АД МЕПСО) како резултат на сопственичко раздвојување на операторот од Владата, како и тоа дека има помалку издвоени средства од предвиденото законско право за железничка инфраструктура.   

Атина – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на вчерашниот Европски совет ги информирал неговите колеги за, како што рече, „фактот што и претседателката и премиерот на Северна Македонија директно го прекршуваат Договорот од Преспа“ и посочил дека е неопходно сите да разберат дека „почитувањето на европското законодавство, очигледно поминува преку верното почитување на меѓународните договори“, јави дописничката на МИА од Атина.

На прес-конференцијата во Брисел по Самитот на Унијата, Мицотакис, освен за тековните европски случувања, одговарајќи на новинарско прашање, говореше и за односите со нашата земја.

- Со оглед на тоа што имаше дел за прашањата за проширувањето, презедов иницијатива и ги информирав моите колега во Европскиот совет за случувањата во Северна Македонија, за фактот што и претседателката и мандатарот за премиер всушност директно го прекршуваат Договорот од Преспа, игнорирајќи го во пракса ерга омнес и избирајќи да користат друго име, а не уставно дефинираното име на земјата, за внатрешна употреба, што е целосно спротивно на духот на Договорот од Преспа, рече Мицотакис

Дебар -  Македонското друштво „Илинден"- Тирана упати честитка до Христијан Мицкоски за изборот за премиер на новата македонска влада.

-Дозволете, во мое лично име,  како претставник на Македонците во Република Албанија, и во име на македонското друштво „Илинден"-Тирана, да Ви упатиме најискрени честитки по повод вашиот избор за претседател на Владата на Република Македонија, стои во честитката потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Се додава дека македонските граѓани  дадоа огромна поддршка и избраа кој ќе ги води во наредните четири години.

Скопје - Под мотото „E-commerce: Untangling Potential“ ќе се одржи седмата по ред годишна конференција за е-трговија што ја организира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија - АЕТМ.

Конференција трета година по ред има регионален карактер, а годинава, според најавата на организаторите, треба да се одржи на 12 ноември.

- Оваа година, конференцијата ќе се фокусира на аспектите во е-трговијата каде е достигнат потенцијалот, но и на оние каде сè уште треба да се работи за да може да се искористат во целост. Ќе бидат опфатени теми како испорака и логистика, нови можности за е-плаќање, маркетинг за е-трговија со користење на податоци и вештачка интелигенција, како и прекуграничен и меѓународен раст на бизнисите со е-трговија, се наведува во денешното соопштение од АЕТМ.

Организаторите, како и претходните години, најавуваат присуство на меѓународни и домашни говорници, а за време на регионалната конференција ќе се презентираат клучните сознанија од анализата на е-трговијата во Западен Балкан.

 

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден мисли дека бил добар во ноќешната предизборна дебата со Доналд Трамп, во која, според општиот суд на јавноста остави многу лош и несигурен впечаток.

Така, меѓутоа, не мислат и анкетираните набљудувачи, од кои две третини сметаат дека победата во соочувањето ја извојува поранешниот претседател Трамп.

Новинарите го прашаа Бајден дали е загрижен за неговиот настап.

-Тешко е да се дебатира со лажго. Само „Њујорк Тајмс“ забележа дека дури 26 пати тој изговори крупни лаги, одговори Бајден.

Штутгарт – Дваесет и петгодишен маж е приведен откако нападнал со нож навивачи во фан зоната во Штутгарт за време на натпреварот од Европското фудбалско првенство меѓу Чешка и Турција, јави денеска агенцијата ДПА.

Три лица се повредени во инцидентот што се случил во средата вечер додека навивачите на голем екран во фан зоната го следеле натпреварот од групната фаза меѓу Турција и Чешка.

Напаѓачот е обвинет за обид за убиство, соопшти обвинителството.

Тројцата повредени мажи се 19-годишен Германец и двајца турски државјани, на возраст од 38 и 60 години.

Москва - Напад од украинско беспилотно летало предизвика пожар во складиште за нафта во Русија, на неколку стотици километри од границата со Украина, изјави утринава регионалниот гувернер Максим Јегоров, јави Бета.

-Во областа Мичурински во регионот Тамбов, регистриран е лет со дрон до складиште за нафта, рече гувернерот на Телеграм.

Тој додаде дека тогаш избувнал помал пожар кој бил локализиран.

Брисел - Лидерите на ЕУ одлучија да ја запрат Грузија на патот кон Европската унија поради новиот закон за невладини организации (НВО) кои добиваат странски средства.

Според законот, независните медиуми и другите граѓански организации мора да се регистрираат како „странски агенти“ и да доставуваат податоци до државата доколку добиваат повеќе од 20 проценти од финансирањето од странство.

-Законот за невладини организации претставува назадување во однос на условите поставени за членство на Грузија во блокот, се вели во изјавата на лидерот на ЕУ, пренесува ДПА.

Во соопштението се повикуваат грузиските власти да ги поништат „тековните дејствија кои го загрозуваат патот на Грузија кон ЕУ, де факто доведувајќи го пристапниот процес до застој“.

Грузија е официјален кандидат за членство во ЕУ од декември 2023 година.

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на изградба на „мостови“ на соработка во светската економија додека Пекинг се бори со економски и безбедносни спорови со своите соседи и трговски партнери ширум светот.

-Кина никогаш нема да го напушти патот на мирен развој. Соочувајќи се со историјата на мирот или војната, единството или конфронтацијата, мораме да го пренесеме духот и конотацијата на „петте принципи“ на мирен соживот, рече Си на конференцијата по повод Водечките принципи на Кина во надворешните работи, што првпат беа формулирани пред 70 години , пренесуваат британските медиуми.

„Петте принципи“ првпат се појавија во пактот од 1952 година постигнат со регионалниот ривал Индија за нивната хималајска граница.

Њу Делхи - Покривот на меѓународниот аеродром „Индира Ганди“ во индиската престолнина Њу Делхи се урна во петокот под силен дожд и ветрови. Едно лице загина, а летовите се откажани, објавија официјални лица.

- Целиот терминал, еден од трите на најпрометниот аеродром во земјата, е евакуиран и наредена е истрага за колапсот. Неколку лица се повредени, изјави индискиот министер за авијација Кинјарапу Рамохан Наиду.

Педесет домашни летови се откажани или одложени, според платформата за следење летови Flightradar24.

Остани поврзан