• четврток, 04 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  4 јули 2024

 

Кавадарци - Дваесет и три жени жртви на семејно насилство побарале помош од регионалниот Центар за поддршка во Кавадарци за период од шест месеци годинава, потврди за МИА, Благица Коцева - Тодорова, претседателка на Здружението за родова еднаквост „Визија", во чии рамки функционира и Центарот. 

- Се работи за 23 жртви на семејно насилство од женскиот пол, од кои десет за прв пат се обратија за помош. Во Центарот, бесплатно, на располагање им се социјална работничка, правна советничка и психотерапевтка. Со три од нив се уште немаме остварено директен контакт, тие првично побараа советодавна помош и информации. Даваме помош на жени жртви на семејно насилство од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман, околу две ипол години. Доколку ни се обрати жена која живее надвор од овие општини, преку совети и потребни контакти ја упатуваме и изнаоѓаме начин за помош и поддршка во кризни ситуции.Таков случај имавме со јавување на жителка од општина Гевгелија, која бараше помош за нејзината сестра, жртва на тежок облик на семејно насилство, рече таа.

Притоа појасни дека теренската работа подразбира придружба на една жена жртва на семејно насилство до надлежните институции со цел за запазување на нејзините права, надминување на чувството на осаменост и беспомошност пред надлежните институции, инсистирање за навремено реагирање и преземање на мерки кога се проценува ризик од повисок степен.

- Охрабрувачки е фактот што во периодот од последното тромесечје, зголемен е бројот на жени кои се охрабриле и побараа помош од наша страна.Посебно ги охрабрува фактот од заштитата која им ја овозможуваме во врска со пријавувањето на сторителите на насилство. Имено, повеќето од нив со години го прикривале насилството, било да се работи за брачен или вонбрачен партнер, од срам и несигурност како и од повеќекратното испитување и изложување на проблемот кај повеќе службени лица во текот на постапката, додаде таа.

Споделувајќи дел од покарактеристичните постапки, таа откри дека во еден случај жена собрала храброст за развод после 30 години живот во брак со насилник зависник од алкохол. Во друг случај, жена била жртва на сопругот насилник, но и на синовите долгогодишни зависници од алкохол и психотропни супстанци. 

„Визија" раководи и со интервентниот центар од шест апартмани, што функционира шест месеци и во него може интервентно да бидат сместени лица жртви на семејно насилство и други лица во ризик. 

За сите активности во советувалишниот центар за поддршка на жртви на семејно насилство, финансиска поддршка се обезбедува од четирите општини од регионот.

Куманово - Одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита при Општина Куманово, денеска ги информираше граѓаните дека продолжуваат мерките за субвенционирање предвидени со програмата за социјална заштита за 2024 година. Проширена е и категорија на опфат на лица кои можат да користат субвенции, кажа раководителот на секторот за социјална заштита, Александар Крстевски на денешната прес-конференција.

Поради изборите, кумановци од социјални ранливи категории не можеа да ги користат субвенциите.

- Општина Куманово ќе продолжи да им излегува во пресрет на ранливите со низа мерки согласно потребите на граѓаните и финансиските можности на општината. Сите граѓани имаат право на пристоен живот. Најранливите треба да имаат посебна грижа и внимание. Од Државната комисија за спречување на корупција имавме известување дека доколку се почне со мерките пред изборите ќе се сметаат за изборен маркетинг. Овој временски период го надополнивме со нов број корисници, рече Крстевски.

Кумановци можат да аплицираат за субвенционирање на трошоци за комунални услуги (вода и депонирање на смет) каде се опфатени стечајни работници, самохрани родители, згрижувачки семејства, лица кои до 18 годишна возраст имале статус на дете без родители и родителска грижа, лица со попреченост над 26 годишна возраст и приматели на право на посебен додаток.

- Со завршување на изборниот процес и формирање на Владата, продолжува субвенционирањето на комунални трошоци за 2024 година. Засегнатите граѓани кои до сега не поднеле барање, а ги исполнуваат условите, ќе можат да поднесат барање за категоријата во која припаѓаат и истото ќе можат да го сторат до крајот на 2024 година. Бројот на опфатени корисници ќе биде сè до искористување на финансиските средства кои се предвидени за оваа мерка согласно програмата е 6.480 000, појасни Крстевски.

Граѓаните, можат детално да се информираат од официјална страна на Општина Куманово или лично во Одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, општинска зграда-поранешен Козјак.

-Важно за напомена е, дека сите претходно усвоени барања на подносителите на кои им е одобрено користење на субвенцијата, имаат прекин во истата, поради изборниот процес, за што сите се уредни информирани. Од овие реални причини, Општина Куманово одлучи да го продолжи рокот за прибирање на барања за субвенционирање на комунални трошоци, за да се искористат целосно финансиските средства предвидени за оваа намена, додава Крстевски

По извршена анализа, одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита при Општина Куманово утврдило дека има потреба за проширување на категориите на лица кои се наоѓаат под најголем социјален ризик, покрај постоечките лица корисници на гарантирана минимална помош во Центар за социјална работа, Куманов, многудетни семејства, лица корисници на право на социјална сигурност на стари лица, се додава и категоријата, лица со интелектуална попреченост, лица со телесна попреченост, потполно слепо и потполно глуво лице. Предвидени се 5, 4 милиони денари.

Куманово - Кумановци ќе имаат можност да проследат богата културна програма за јули, најавија денеска надлежните од НУЦК „Трајко Прокопиев“ и на прес-конференција ги поканија граѓаните да ја проследат. Концерти, креативни работилници наменети за најмладите, изложби, промоции на филм.

- Би сакал да го најавам концертот на нашето матично фолклорно друштво „Срма“ кое ќе се одржи утре во 20 часот. Очекуваме и да дојдат гости од Србија. Влезот е слободен и ги поканувам сите да уживаат во концертот. Следува изложбата „Хералдика“ на Иван Ацевски на 11 јули во 20 часот, наредниот ден има промоција на филм на Емил Солевски, изјави директорот на НУЦК, Сашо Тодоровски.

Центарот за култура неколку години наназад организира детска креативна работилница за најмладите кои во летото се во градот и имаат можност креативно да се изразат.

- Ги повикуваме сите деца да дојдат на 15 јули во 11 часот. Ќе организираме и книжевна работилница со Јулијана Величковска за најмалите каде ќе доживеат ново искуство, додава Тодорвски.

За јули е предвидена и премиерата на албанската драма на 16 јули, претставата „Писмо“, дел од годишната програма и е втора претстава на НУЦК на албански јазик за годинава. Кумановскиот театар со „Волшебникот од Оз“ ќе настапи и пред најмалите од Крива Паланка на 17 јули во 20 часот на летната сцена.

- Поради реконструкцијата на малиот градски плоштад работилниците ќе се организираат внатре во фоајето. Имаме голем интерес од најмладите, ние обезбедуваме целокупен материјал за цртање, сликање, рече Тодоровски.

Во однос на изградбата на театарот во моментов тече јавната набавка за избор на компанија за четвртата фаза од реконструкцијата. Градежните активности се очекува да почнат на крајот од јули. Во оваа фаза ќе се уредува дел од внатрешната архитектура во објектот и треба да заврши до ноември, годинава. За идната година се очекува старт на покривот и финиширање на реконструкцијата.

Дебар – Корисниците од Дебар, селата Селокуќи, Спас, Баниште и Крифци, како и граничниот премин „Блато“, утре (5 јули) од 9:40 до 15 часот ќе останат без електрична енергија, информираше Регионалниот центар за управување со кризи - Дебар.

Оттаму додаваат дека прекинот во напојувањето со електрична енергија, според ЕВН, е поради планирани зафати во електродистрибутивната мрежа.

Струга - Поради дефект водата во село Радожда не е за пиење, соопшти јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Струга.

Центарот за јавно здравје Охрид, според директорот Сашо Точков, констатирал дека водата во водоводот во Радожда, со кој стопанисува ЈП „Водовод и канализација“ Струга нема дезинфекционо средство, што претставува потенцијална опасност за корисниците.

- Првичните резултати од микробиолошката анализа од земените примероци утрово од две места од водоводот во селото се очекуваат во наредните два дена, изјави Точков за МИА.
ЈП  „Водовод и канализација“ апелира до населението да не ја користи водата за пиење до следното известување, посочувајќи дека превземаат мерки за нормализирање на состојбата. 

Дебар - По двете пријавувања, во рамки на првиот уписен рок, во гимназиите „28 ноември“ во Дебар и „АТА“ во Центар Жупа, во прва година, пополнети се само 66 ученички места, што е 19,4 отсто од предвидената квота од 340 ученици.

Во дебарската гимназија, каде според конкурсот на МОН, предвиден е упис на 272 ученика, запишани се 46 ученици.

- Во прва година, за учебната 2024/25 година, во прва година запишани се 46 завршени основци, од кои 33 за паралелките на албански и 13 на македонски наставен јазик. Тоа значи дека за вториот, августовски уписен рок, слободни се 226 ученички места. Гледано одделно за настава на албански 137 и 89 на македонски наставен јазик, изјави за МИА, Афрона Леши, претседателка на Комисијата за спроведување на уписот.

Споредено со првиот уписен рок за минатата учебна година бројот на сега запишаните бележи благ пад. Тогаш биле запишани 71 ученик, односно 65 за настава на албански и шест на македонски наставен јазик.

Според директорот на гимназијата АТА, Сабри Асан, во оваа образовна институција во прва година запишани се 20 ученици.

-Гледано одделно по наставен јазик, 16 се за паралелката на турски, од кои 11 во првото и 5 во второто пријавува, додека на македонски наставен јазик четворицата ученици се во првото пријавување, додека во второто ниту еден. Право на упис имаат 68 ученици, во две паралелки, односно по 34 на двата јазика, рече за МИА, директорот Асан.

Во оваа гимназија годинава бројот на запишаните е за пет ученика повеќе. Тогаш биле запишани 15 од кои 10 на труски и пет на македонски наставен јазик.

Второто пријавување ќе се врши на 21 август, кога се очекува борјот на запишани да биде поголем, но повеќе од јасно е дека предидената квота и оваа година нема да биде пополнета.

Пробиштип - Општина Пробиштип се најде меѓу трите надобро оценети општини врз основа на истражувањето кое го спроведе Центарот за граѓански комуникации, во однос на антикорупциските перформанси во спроведување на јавните набавки. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов денеска  во изјава за МИА вели дека истражувањето и оценката се особено значајни за нив како општина и воедно е потврда дека правилно ги инвестираат парите на граѓаните.

-Ова истражување е од големо значење за нашата општини, особено што доаѓа во еден ваков период, кога имаме нова влада, се докажува она што јас како градоначалник го работам изминативе години, и кон што се стремиме како општина, а тоа секако е правилно и законско работење, кое подразбира добро управување со јавните средства, односно правилно искористување на парите од граѓаните, вели Анастасов.

Забележува дека  за него е од особена важност ова истражување и се надева оти ќе биде земено како добар репер, за општините кои успешно и правилно управуваат со јавните средства, како што е Општина Пробиштип, а се со цел да продолжат и во иднина, но и за оние инстутуции и општини кои се со помала оценка да ги корегираат своите недостатоци и да го подобрат своето работење.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации кое е спроведено врз основа на 32 индикатори, и тоа за Владата, министерствата и општините ја вброи Општина Пробиштип, заедно со општините Кавадарци и Велес како општини со најдобри антикорупциски перформанси.

Ресен - Комплетен болнички инвентар, мебел, медицинска опрема и лекови се само дел од донациите на хуманитарната организација  LetzCare a.s.b.l. од Луксембург и фондацијата „Воздух за Преспа" од Холандија за Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација - Отешево.

Директорката на установата Билјана Гошаревска за МИА информира дека преку донациите обезбеден е комплетно нов инвентар за реновираниот болнички објект.

- После 42 години од основањето, Болницата е реновирана прв пат и доби нов, современ лик и пристојни услови за лекување на пациентите. Благодарение на наште долгогодишни пријатели од Луксембург и Холандија преку донации целосно ја опремивме со нови кревети, плакари, шкафчиња и апарати за потребите во работењето, изјави Гошаревска.

Покрај донацијата од хуманитарната организација  LetzCare a.s.b.l., Болницата примила и дел од 33-тата донација од лекови и медицинска опрема од фондацијата „Воздух за Преспа“ од Холандија.

- Стигна и првиот дел од 33-тата донација од нашите верни пријатели Јохана и Кеес Барс од Холандија, кои повеќе од 30 години донираат лекови и медицински апарати за потребите на Болницата. Последната донација покрај лекови, содржи и медицински апарати, дигитална центрифуга за потребите на биохемиската лабораторија и спирометар, појасни Гошаревска.Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација - Отешево, е единствена од ваков вид во државата, а здравствените услуги ги користат пациентите од регионот и пошироко. По повеќе од четири децении беше целосно реновиран еден болнички објект преку проект на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, финансиран од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој.

Скопје - Инспекциската служба на Општина Аеродром го интензивира своето присуство на терен, а најавени се и почести казни за несовесните граѓани и правни субјекти што ја нарушуваат хигиената на јавните површини, се паркираат на плочници и тревници и фрлаат отпад на места што не се предвидени за таа намена.

Ова беше потенцирано за време на обиколката што утрово ја спроведе заменик-градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески на неколку критични локации заедно со инспекторите, при што на самото место беа затекнати несовесно паркирани возила, чии сопственици ќе добијат соодветни казни.

Митески беше информиран за реонската распореденост на инспекторите и редарите, како и за нивните дежурства за време на викендите. Тој најави зајакнување на соработката со полицијата, особено во делот на добивање информации за лицата што вршат прекршоци, а со цел навремена реакција на терен.

Исто така, активно се работи на пуштање во функција на општинско товарно возило што ќе се вклучи во собирање и транспорт на кабастиот отпад од одредени локации. За сето ова, граѓаните ќе бидат навремено известени, по што ќе можат за симболична сума да ја добиваат и оваа услуга.

Митески најави и изнаоѓање начин за справување со запуштените приватни имоти кои со години не се одржувани од сопствениците, со што би се ставил ред на голем број локации што сега се обраснати со висока трева или претставуваат мини депонии.

Општината и натаму останува во служба на граѓаните, затоа што само на тој начин можеме да имаме здрава и чиста животна средина.

Скопје - Поради изведување водоводен приклучок на улицата „Дебарца“ број 63 во општина Центар, дел од општината утре ќе биде без вода, информираат попладнево од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Од девет часот до завршување на активностите, вода ќе немаат дел од корисниците од улиците „Дебарца“, „Дане Крапчев“, „Славка Недиќ“. 

Остани поврзан