• петок, 05 јули 2024
МИА Радио флеш

4 јули 2024

 

- Нa граничните премини Табановце и Богородица има зголемена фреквенција на возила за излез од земјава. Времето на чекање е околу 30 минути, информира утрово Авто мото сојузот на Македонија.  На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. 

 

- На територијата на град Скопје во текот на вчерашниот ден изречени се вкупно 117 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 10 санкции, осум мерки за користење на мобилен телефон при управување, десет мерки за некористење на сигурносен појас, шест санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло. Од МВР денеска соопштуваат дека се изречени и шест санкции за прекршоци за возачи на мотоцикли, како и четири мерки за возачи почетници.

 

- Изминатото деноноќие, Центарот за управување со кризи (ЦУК) евидентирал два пожара на отворено, кои биле изгаснати од страна на противпожарните екипи. На запалена ниска вегетација на влезот во Гевгелија било интервенирано синоќа од 18 до 18.50 часот од тим од тројца пожарникари со едно противпожарно возило. Запалена ниска вегетација горела и во штипското село Караорман. Од 17.45 до 19 часот, огнот го гаснеле седуммина пожарникари со три противпожарни возила. ЦУК регистрирал вкупно 2.053 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112, изминатите 24 часа. Како реални биле категоризирани 53,29 проценти од повиците.

 

- Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска ќе одржи седница на која на дневен ред, меѓу другите точки, се утврдување на предлог-одлуки за именување на генерален секретар и заменик на генералниот секретар на Собранието на Република Северна Македонија.  Генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова и нејзиниот заменик Бојан Василевски поднеле оставки на своите функции на 1 јули. Пратениците ќе разгледуваат и барања за остварување на плата по престанок на функцијата министер во Влада на Република Северна Македонија. 

 

 - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска ќе ја посети општина Гевгелија каде ќе присуствува на пуштање во употреба на новиот булевар до Граничниот премин Богородица. Булеварското решение со кое Гевгелија се поврзува со автопатот, како што соопштија од владината прес-служба, чини 19 милиони денари и се реализираше во две фази. Вториот проект на кој ќе присуствува премиеротМицкоски е означување на почеток на реконструкција на спортската сала ДТВ „Партизан" во општина Гевгелија, проект во вредност од над 16 милиони денари. 

 

- Претседателката на државата и врховен командант на Армијата на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе го посети Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана. Како што најавија од Генералштабот, за време на посетата на Министерството и на Генералштабот, претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари средби со министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, генералите во Армијата и со високите раководни лица во Министерството. 

 

- Генералното собрание на ОН ќе продолжи да се залага за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина без оглед на исходот од националните избори одржани ширум светот оваа година, изјави вчера претседателот на ова тело на светската организација, Денис Френсис, забележувајќи дека „ниту една земја нема право да нападне друга земја“. Овој став „не може да се промени, бидејќи ова е прашање на правото“, изјави Френсис за американските медиуми за време на неговата прва посета на Украина, која трета година се бори против руската инвазија. Главното тело за креирање политики на светската организација даде широка поддршка на напорите за поддршка на суверенитетот на Украина, рече Френсис.

 

- Лидерката на француската десничарска партија „Национален собир“ (РН), Марин Ле Пен, изјави дека е „многу уверена“ во способноста на партијата да освои апсолутно мнозинство во вториот круг на парламентарни избори, и дека тоа е услов за РН да формира влада. -Не можеме да владееме ако немаме апсолутно мнозинство. РН нема да преговара за формирање коалиции. Единствената партија која може да има апсолутно мнозинство е РН. Ние сме единствените кои можеме да понудиме перспектива за Франција, изјави таа за TF1. Во врска со најавеното повлекување на околу 200 кандидати од левиот и десниот центар од вториот круг за да се спречи формирањето влада на „Националниот собир“, Ле Пен рече дека е „одвратно да се мисли дека гласачите може да се манипулираат како да се деца“.

 

 - Во Велика Британија денеска се одржуваат општи избори на кои гласачите ќе изберат 650 членови на Долниот дом на парламентот, по што лидерот на партијата со најмногу гласови прво ќе стане мандатар за формирање нова влада и потоа и премиер. Велика Британија е поделена на 650 области, наречени изборни единици. Гласачите во секоја од овие изборни единици избираат по еден пратеник во Долниот дом, долниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство. Американските медиуми анализираат дека кој и да победи на овие први национални избори во Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска во последните пет години, ќе наследи голем број проблеми препознатливи во сите западни демократии - слаб економски развој, ослабени јавни услуги и проблем со мигрантите. Конзервативната партија на Риши Сунак доживува пад на популарноста во анкетите од 2021 година.

 

– Демократските гувернери на Њујорк, Минесота и Мериленд вчера изјавија дека ќе ја поддржат кандидатурата за реизбор на претседателот Џо Бајден по искрената дискусија со него за неговиот лош настап на минатонеделната ТВ дебата со Доналд Трамп. - Претседателот отсекогаш ни го чувал грбот. И ние ќе му го чуваме грбот, им рече на новинарите гувернерот на Мериленд, Вес Мур по состанокот со Бајден и потпретседателката Камала Харис во Белата куќа, на кој присуствуваа 24 демократски гувернери и градоначалникот на Вашингтон Д.Ц., вклучително и некои кои се приклучија преку Интернет. Мур рече дека гувернерите биле искрени во пренесувањето негативни повратни информации од гласачите за лошиот настап на Бајден за време на дебатата со републиканскиот ривал Доналд Трамп. Тој рече дека јасно е дека имаат работа пред изборите на 5 ноември, но оти Бајден јасно ставил до знаење дека ќе остане во трката.

 

– САД и доделија на Украина значаен нов пакет оружје и опрема за поддршка на украинската армија, вреден 150 милиони долари, соопшти денеска Стејт департментот. Новиот пакет, обезбеден врз основа на овластувањето на претседателот за повлекување, вклучува ракети хок (Hawk), муниција за артилериски ракетни системи со висока мобилност (HIMARS), артилериски куршуми од 155 mm и 105 mm, минофрлачки куршуми од 81 mm, проектили TOW, противоклопни системи „џавелин“ и АТ-4, муниција и гранати за мало оружје и друго оружје и опрема. Поддршката, исто така, ќе помогне да се зајакне воздушната одбрана на Украина од руските напади и да се зајакнат капацитетите на Украина преку линијата на фронтот, според Стејт департментот. Ова е седми пакет безбедносна помош што ќе биде испратена во Украина по овластување на американскиот претседател откако беше потпишан Амандманот за национална безбедност пред два месеци.

 

 – Силниот ураган Берил ја погоди Јамајка со силни ветришта и дожд, оштетувајќи згради и корнејќи дрвја на овој остров на Карибите. Берил, во моментов е ураган од четврта категорија, со ветрови до 215 километри на час, го погоди јужниот брег на островот. Фотографиите на социјалните мрежи покажуваат поплавени улици и разнесени покриви. Си-ен-ен пренесе дека една жена загина на Јамајка откако дрво паднало врз нејзиниот дом. Ураганот уби најмалку осум лица пред да падне на копно во Јамајка, тројца во Венецуела, тројца во Гренада и еден во Сент Винсент и Гренадини.

 

- Полицијата во Франкфурт отвори истрага по објавувањето на видеото на кое се гледа како стјуардите тепаат навивач на натпреварот Португалија - Словенија во осминафиналето на Евро 2024 година. - Свесни сме за видеото и истражуваме случај на нанесена телесна повреда, изјави за „Ројтерс“ портпаролот на полицијата во Франкфурт, Бинто Лонда. Претходно УЕФА ги осуди стјуардите кои го претепаа навивачот. Инцидентот се случи откако беше досуден пенал против Словенија во судиското продолжение. Неколку службеници за спроведување на законот го држеа мажот и го удирале со клоци и тупаници во близина на влезот на трибината.

Остани поврзан