• петок, 05 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

4 јули 2024

Охрид – Поради градежни работи на улицата „7 Ноември“ во Охрид од денеска до сабота ќе биде воведен времен режим на сообраќајот во тој дел од градот.

Според предвидените активности на терен, во првата фаза работите на сообраќајницата ќе се одвиваат на потегот од кружниот тек пред ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ до крстосницата со улицата „Питу Гули“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“. Во втората фаза ќе се работи на потегот од крстосницата со улицата „Питу Гули“ до крстосницата со улицата „Васил Главинов“, додека во третата фаза работите на терен ќе се спроведуваат од крстосницата со улицата „Васил Главинов“ до крстосницата со улицата „Егејска“.

Од Општина Охрид информираат дека за време на теренските активности сообраќајот ќе се пренасочува по алтернативни улици и насоки.

Се апелира со учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и доколку имаат можност да го избегнуваат движењето со моторни возила во тој дел на градот. 

Крива Паланка - На сцената во Националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа блеснаа младите музички ѕвезди, талентирани музичари од класата на професорката Лариса Жулина-Митовски што раководи со музичкото студио на НУЦК, чиишто членови вечерва се претставија пред публиката во Градот на културата.

Концертот беше дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето" и манифестацијата „Крива Паланка -Град на културата".

-Сцената беше преполна со млади музичари, а салата со бројна публика: родители, роднини и пријатели на учесниците и љубители на класичната музика. Презадоволна сум од сите мои ученици кои настапија со инструментална и вокално - инструментална музика, во соло, камерни состави и оркестарот. Сите заедно работат при музичкото студио на НУЦК, а публиката што дојде во голем број ја проследи виртуозноста на младите таленти уживајќи во  композиции од барок, класика, романтизам, класицизам, филмска и македонска народна музика, изјави наставник - ментор Лариса Жулина- Митовски.

Настанот го збогатија настапите на балетските студија „Фјужн" и „Ултра" од Куманово, како и музичарите Душан Ангеловски - ударни инструменти и Млаѓан Митовски - гитара. 

Остани поврзан