• четврток, 04 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  4 јули 2024

 

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во честитка до претседателот на САД, Џо Бајден, по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, во име на македонските граѓани и во лично име упати желби за просперитет и за сестран развој на САД и, како што напиша, „за благосостојба на пријателскиот американски народ“.

Скопје - Одржувањето на магистралните и регионалните патишта е во опасност поради сериозните финансиски предизвици на Јавното претпријатие, покажува конечниот ревизорски извештај на „Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта“ што денеска го објави Државниот завод за ревизија, по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – Скопје, за 2022 година.

Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши остварил средба со посебниот советник за Западен Балкан Анжеј Франгеш, на која, како што соопшти собраниската прес-служба, изразил благодарност за заложбите на Словенија да назначи специјален претставник за Западен Балкан, со што ја потврдува својата посветеност на европската перспектива на земјите од Регионот, вклучително и нашата земја.

Скопје - Пензионерите може да отворат платежна сметка со основни функции којашто нуди повеќе придобивки, како што се ниски трошоци за одржување, можност за користење релативно широк сет платежни услуги од банките и надоместок којшто во моментов не може да надмине 38 денари. Од Народната банка денеска информираа дека ова било посочено при средбата на претставници од Народната банка, предводени од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија Станка Трајкова и претставници на Сојузот.

Скопје - Врз основа на судска наредба, полициски службеници од СВР Тетово вчера во 18 часот во Тетово го привеле дваесет и осумгодишниот В.С. од тетовското село Стримница. -Тој бил баран со централна потерница за издржување казна затвор во времетраење од две години за сторено кривично дело „нелегално производство и пуштање во промет наркотични средства, психотропни супстанции и прекурзори“, казниво по член 215 ст.1 од Кривичниот законик, информира денеска Министерството за внатрешни работи. 

Скопје - Граѓаните наплатиле 443 милиони денари или над 7,2 милиони евра од осигурување живот во првите пет месеци од годинава, покажуваат официјалните податоци кои шесте компании за осигурување живот ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Во овој период над 2.500 граѓани добиле надомест за штетите кои биле покриени со полиси за осигурување живот издадени од пет компании за осигурување живот.

Белград - Во врска со видеото што беше објавено на социјалната мрежа Фејсбук на налогот именуван „Corvus01“, во кој со употреба на „вештачка интелигенција“ е креирана изјава на премиерот на Република Србија Милош Вучевиќ, се огласи специјалното одделение за високотехнолошки криминал на Вишото јавно обвинителство во Белград за собирање на потребните известувања на полициските службеници на Службата за борба против високотехнолошкиот криминал, јави дописникот на МИА од Белград.

Атина – Обилни врнежи од дожд и невреме придружени со голема фреквенција на молњи и град, се очекуваат во текот на денешниот ден во повеќе области на Грција, а од бројот 112 за итни случаи вчера, во северниот дел на земјата беше испратена предупредувачка порака, јави дописничката на МИА од Атина. - Предупредувачка порака за интензивни временски појави (град, молњи, невреме) од раните утрински часови до пладне на 4 јули 2024 година. Ограничете ги вашите движења за време на појавите и следете ги упатствата на надлежните, беше пораката испратена до сите оние кои се наоѓаат во Солун, Халкидики, Катерини, Кавала и сл.

Женева – Од почетокот на војната во Газа меѓу Израел и Хамас околу 90 отсто од населението било раселено барем еднаш, наведува Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања на ОН. Андреа Де Доменико, шеф на Канцеларијата на палестинските територии, синоќа изјави дека се верува дека околу 1,9 милиони лица се раселени во Газа. -Проценуваме дека од октомври досега, за жал, девет од секои десет жители на Појасот Газа биле внатрешно раселени барем еднаш, ако не и до десет пати, изјави Де Доменико.

Сакраменто - Најмалку 26.000 луѓе се принудени да се евакуираат поради ширење на шумски пожари низ Северна Калифорнија. Во вторникот, на околу 110 километри северно од Сакраменто, во близина на градот Оровил, избувна голем пожар поради што беше прогласена вонредна состојба, а беа воспоставени и центри за евакуација. Пожарот бил локализиран долж јужниот дел на градот, а пожарникарите се обидувале да изградат линии за задржување на северната страна на градот.

Њу Делхи – Поројните монсунски дождови предизвикаа големи поплави, лизгање на земјиштето и уривања на куќи низ североисточна Индија кои погодија речиси 1,5 милиони луѓе. Како што пренесе ДПА, повикувајќи се на локалните власти за управување со катастрофи, досега загинале повеќе од 50 луѓе. Во Асам, најголемата држава во регионот, пријавени се 46 смртни случаи од почетокот на сезоната на монсуните во јуни, а 1,2 милиони луѓе се погодени од настани поврзани со дождовите.

Токио - Јапонскиот Врховен суд и нареди на Владата да плати соодветна отштета на десетина инвалиди кои беа насилно стерилизирани според сега веќе непостоечкиот Закон за заштита на евгениката, кој беше донесен за да ги спречи тие луѓе да имаат деца. Судот рече дека Законот за евгеника од 1948 година е неуставен и го отфрли тврдењето на Владата дека 20-годишниот рок на застареност треба да ја спречи исплатата. Судијата Сабуро Токура пресуди дека обвинетите биле дискриминирани поради нивната попреченост.

Ласа - Во Тибет се снимени две двојки како се караат и се тепаат за „подобро место“ за слика со поглед на Монт Еверест. Видеоснимката е хит на интернет-просторот. Тепачката се случила минатата седмица, откако туристичкиот водич побарал од групата да позира заедно до споменикот на Еверест. Во тој миг избувнале судири меѓу двајца мажи и две жени од Кина за тоа - кој каде ќе застане, па вербалната расправија прераснала во тепачка, пренесува „Њујорк пост“.

Лондон - Оваа недела во Лондон се отвора нова изложба со поглед на развојот на брендот „Барби“. Повод: Познатата кукла на компанијата „Мател“ оваа година го слави својот 65. роденден. Изложбата што ќе биде отворена во Музејот за дизајн во британската престолнина, ќе трае од утре - 5 јули до 23 февруари вгодина. Таа содржи повеќе од 250 предмети од светот на „Барби“, вклучувајќи и низа кукли кои ја прикажуваат нејзината еволуција во изгледот, дизајнерски скици и домови како „од соништата“. Ќе биде изложена и првата „Барбика“ од 1959 година со руса коса, фризура типична за 50-тите и во црно-бел костим за капење, заедно со подоцнежните модели во разни стилови, раси, трендови и со различни професии, фризури итн.

Остани поврзан